!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Судија ја прошири листата на лица што можат да патуваат во САД


Вашингтон, 14 јули, 2017 - 10:48 (META) 

Американскиот окружен судија Дерел Вотсон наредил да се прошири листата на лица кои можат да влезат во САД од шесте земји со мнозинско муслиманско население, за кои Трамп донесе забрана за влез во државата.

Судијата дозволил баби, дедовци, внуци, зетови, балдзи, тетки, чичковци на луѓе кои живеат во САД да влезат во земјата.

Вотсон рекол дека тоа е „здрав разум“, затоа што „бабите и дедовците навистина се блиски членови на семејството“.
Врховниот суд на САД даде исклучок од забраната за влез во САД за апликантите за виза кои ќе достават докази дека во САД имаат некој кој е државјанин, а кој им е близок роднина. Тогаш беше донесена одлуката забраната да не важи за државјани на шесте земји кои во САД имаат родители, сопружници, свршеници, синови, ќерки итн.

Забраната за влез во САД е издадена за граѓани на Иран, Сирија, Јемен, Сомалија, Судан и на Либија.


Хуманитарен базар на ракотворби изработени од бегалци во Сули-ан


Скопје, 19 јуни, 2017 - 10:09 (META) 

По повод Светскиот ден на бегалците, 19 јуни, денеска во 18 часот, во дворот на Сули-ан во Старата скопска чаршија, ќе се одржи хуманитарен базар на повеќе од 100 ракотворби (накит, цртежи и слики) изработени од бегалци, под мотото „Создади надеж“.

Во февруари и во март оваа година се одржаа 15 работилници за терапија со уметност со 139 учесници, бегалци и мигранти, за да им се помогне во справувањето со траумите што ги преживеале во текот на нивното патување кон подобар живот и во подобрувањето на нивната емоционална, духовна, когнитивна и физичка благосостојба.

„Овие работилници ми беа безбедно место за дружење. Но, ми беа и повеќе од тоа, тие ми помогнаа да ги изразам своите чувства преку моите уметнички дела и ми ја дадоа потребната самодоверба да извршувам и други активности. Исто така, ми помогнаа да ги развијам вештините што ми се потребни за да станам вистински уметник“, изјави 17-годишно момче кое четири месеци престојува во Транзитен центер – Табановце, а учествуваше на работилниците.

Работилниците за терапија со уметност се организираа во рамки на проектот на УСАИД за заштита на правата на бегалците и на мигрантите, спроведуван од Македонското здружение на млади правници во соработка со „Отворена порта – Ла Страда“.

Собраните средства ќе бидат искористени за потребите на бегалците и на мигрантите што транзитираат или престојуваат во Македонија.


Груевски сè уште не ја примил поканата на СЈО за распитот за „Талир“


Скопје, 12 јуни, 2017 - 11:41 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, денеска најверојатно нема да дојде во Специјалното јавно обвинителство, каде треба да даде исказ како првоосомничен во случајот „Талир“, бидејќи, како што дознаваме, сè уште не ја примил поканата за распит.

Дел од порталите, пак, пишуваат дека Груевски од денеска, па до крајот на работната недела, односно до петок, заедно со семејството ќе биде на патување надвор од земјава.

Покрај Груевски, од СЈО покани им се испратени и исказ треба да дадат и пратеникот Илија Димовски, Кирил Божиновски и Мартин Протогер, кои се дел од единаесетте осомничени во случајот „Талир“, за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.

Во петокот минатата недела, во СЈО се појавија генералниот секретар на партијата и поранешен технички премиер, Емил Димитриев, пратеничката Даниела Рангелова и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Инаку, како што дознаваме, дел од осомничените до кои СЈО испратило покани да се појават на распит, не само за овој, туку и за други случаи, испратиле оправдувања дека не можат да дојдат бидејќи биле или на патувања или на боледување до 30 јуни.


МНР: Граѓаните добро да се информираат пред да патуваат во Катар


Скопје, 7 јуни, 2017 - 18:29 (META) 

Министерството за надворешни работи ги советува македонските граѓани, кои патуваат во Катар, добро да се информираат за можните промени и за начинот на нивното патување, поради дипломатската криза што настана помеѓу неколку арапски земји од регионот на Персискиот Залив и Катар.

„Иако забраните и рестрикциите во патувањата не се однесуваат на граѓани на други земји кои патуваат во Катар, Министерството за надворешни работи ги советува сите граѓани на Република Македонија, пред патување во Катар, да го контактираат авиопревозникот, да се информираат за можните промени во термините и начинот на нивното патување, a во случај на потреба, да се обратат до Амбасадата на Република Македонија во Доха или директно во Министерството за надворешни работи на Република Македонија“, стои во соопштението на МНР.

Од министерството потсетуваат дека прекинот на дипломатските односи на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Бахреин и уште неколку земји со Катар, на 4 јуни, резултираше со прекин на поголем број патни, поморски и воздушни правци помеѓу овие земји и Катар, како и со рестрикции за патување и за престој на граѓаните на Катар во овие земји.

Од МНР додаваат дека ќе го следат развојот на настаните во овој регион и навремено ќе ги известуваат македонските државјани за сите промени.


Охриѓани, за Нова година, ќе патуваат во Будва, Белград и во Милано


Охрид, 30 декември, 2016 - 12:27 (META) 

Повеќе илјади странски туристи, главно од соседните земји, ќе ги исполнат хотелските капацитети и дел од приватното сместување во Охрид, за време на новогодишните празници.

Резервации има и од гости од земјата, пред сè, од Скопје, Битола, Куманово, но и од други места.
Покрај за дочекот на Нова година, интерес за посета на Охрид од страна на туристите има и за празникот Богојавление – Водици.

Добар дел од охриѓани, покрај тоа што чекаат гости за Нова година, ќе патуваат надвор од својот град, главно во места од соседството и во земјите на поранешна Југославија.

– Најголем интерес за престојаните празници има за Будва. Исто така, доста голем интерес има и за Белград, но и за Милано, Италија. Што се однесува до божиќните празници, обично сите сакаат да бидат дома за празникот, па нема некои посебни барања за патувања за овој празник – вели директорката на туристичката агенција „Венус травел“, Драгана Ристевска.

Споредено со минатата година, годинава, зголемен е интересот кај охриѓани да отпатуваат надвор, дополнува Ристевска.


„Виз ер“ воведе нова авиолинија Скопје – Будимпешта


Скопје, 15 декември, 2016 - 15:52 (META) 

Нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“ ќе воведе нова линија од Скопје до Будимпешта од 2 април 2017 година.

Летовите ќе се одвиваат двапати неделно, во среда и во недела, а билетите веќе се ставени на продажба и можат да се резервираат.

Од „Виз ер“ велат дека Будимпешта е популарна дестинација како од бизнис-аспект, така и за туристите.

Притоа, македонските граѓани од таму ќе можат да летаат во други градови низ Европа.


Охриѓани не ги откажуваат туристичките аранжмани во Турција


Охрид, 30 јуни, 2016 - 11:25 (META) 

Меѓу охриѓани нема откажувања за туристичките патувања и пакет-аранжмани за Истанбул и за другите туристички дестинации во Турција, по последниот терористички напад на истанбулскиот аеродром „Ататурк“.

Од туристичката агенција „Венус травел“ информираат дека во моментов има туристи од Охрид кои се на летување во Турција, но се наоѓаат на други туристички локации, далеку од истанбулскиот аеродром.

– Засега нема откажувања на туристичките аранжмани за Турција. Вообичаено има интерес за оваа туристичка земја. Секако дека се грижиме за безбедноста на нашите сограѓани. Но, како што беше јавено, за среќа, на прометните и критични места во Турција каде би ескалирале инциденти, нема македонски државјани. Што се однесува до летовите, се прават напори да се направи промена на летот за граѓаните кои ќе се враќаат – информираат од „Венус травел“.

Граѓаните на Охрид, пак, се со поделени мислења за тоа дали треба да се летува во Турција и во земјите од Блискиот Исток.

– Би сакал да патувам во Турција, иако немав конкретно испланирано, но по стравотните вести што ги слушаме за терористички напади, сега не сум толку сигурен дали ќе летувам таму. Ќе следам што се случува, за подоцна да донесам одлука – е најчестиот одговор.


Одлуката за патување во Косово со лични карти стапи на сила


Скопје, 17 април, 2016 - 12:36 (META) 

Меѓудржавната спогодба на владите на Македонија и на Косово за условите за патување на државјаните на двете земји со лични карти, од денеска официјално стапи на сила.

Почетокот на одлуката денеска го означија македонскиот заменик-министер за внатрешни работи, Агим Нухиу, дополнителниот заменик-министер, Митко Чавков, кои на граничниот премин Блаце се сретнаа со заменик-министерот за внатрешни работи на Косово, Валдет Хоџа.

За граѓаните на Македонија и на Косово да ја поминуваат границата со биометриски лични карти, беше договорено од страна на министерот за надворешни работи, Никола Попоски, и поранешниот вицепремиер и министер за надворешни работи на Косово, Хашим Тачи, на средбата во Приштина на 8 февруари.


Царинска управа на Србија: Во Хрватска патувајте преку околните земји


Белград, 24 септември, 2015 - 19:53 (META) 

Царинската управа на Србија упати апел до патниците од Србија, поради затворањето на хрватските гранични премини, да патуваат преку некоја од околните земји.

Според нивните информации, возилата со српски регистарски таблички не се пропуштаат на хрватските гранични премини. Апелираат, патниците кои имаат српски пасош, или да одат пеш или да се превезат во возила со странски регистарски таблички. На тој начин, можат да влезат на територијата на Хрватска.

– Неколкудневната блокада на граничниот премин Батровци, предизвика создавање на 15 километри долга колона на товарни возила. Многу од нив не можат да го променат правецот на движење бидејќи се условени од меѓународни дозволи за транспорт, кои им налагаат да се движат во тој правец – се вели во соопштението на упрaвата.