Останките на Амелија Ерхарт идентификувани на мал пацифички остров


Вашингтон, 9 март, 2018 - 11:58 (META) 

Коските пронајдени во 1940 година на островот Никумароро во Тихиот Океан најверојатно се од познатата пилотка и авантуристка Амелија Ерхарт, се вели во нова форензичка студија објавена во едно од научните списанија во САД.

Ерхарт, нејзиниот навигатор и авионот во којшто биле, исчезнале без трага во 1937 година некаде над Тихиот Океан, а во новата студија објавена во списанието „Forensic Аnthropology“, со наслов „Амелија Ерхарт и коските од Никумароро“, која била спроведена од професорот Ричард Јанц од Универзитетот на Тенеси, се вели оти со 99 отсто може да се каже оти тие коски се од Ерхарт и се отфрла мислењето на еден истражувач од 1941 година дека коските се од маж.

Коските се пронајдени во 1940 година, три години од исчезнувањето на Ерхарт. Покрај нив биле пронајдени женски обувки, кутија за секстант каков што користел навигаторот Френ Нунан, кој во 1937 година исчезнал заедно со Ерхарт, како и шише слично на тоа што авијатичарката често го носела.

Кога остатоците биле првпат пронајдени, се сметало дека ѝ припаѓаат на Амелија. Но во 1941 година доктор Дејвид В. Хадлс од Фиџи заклучил дека коските му припаѓаат на маж и таа теорија важеше сè досега.

Островот Никумароро се наоѓа на околу 2.900 километри југозападно од Хаваи, а со голема сигурност може да се каже дека Ерхарт била многу блиску до островот пред да исчезне во текот на нејзиниот обид да го прелета светот.


Ќе ги зајакнеме нашите клучни сојузници на Пацификот, порача Белата куќа


Вашингтон, 12 февруари, 2017 - 18:32 (META) 

Ќе ги зајакнеме нашите клучни сојузници на Пацификот, одговори Белата куќа на лансирањето на балистичката ракета од страна на Северна Кореја.

„Нашата порака е дека ќе ги зајакнеме нашите клучни сојузници во пацифичкиот регион, што е дел од нашата стратегија за спречување на растечкото непријателство кое го видовме изминатите години од режимот на Северна Кореја“, изјави советникот во Белата куќа, Стивен Милер за „Фокс њуз“.

Северна Кореја истрела балистичка ракета од базата Бангјон кон Јапонското море. Проектилот поминал 500 километри пред да падне во морето.


Тајфун го погоди северот на Јапонија, 11 лица загинаа, а 17 исчезнаа


Токио, 1 септември, 2016 - 13:05 (META) 

Најмалку 11 лица загинаа, а 17 се водат како исчезнати откако тајфун го погоди северот на Јапонија, притоа отсекувајќи 1.600 лица во зафатените подрачја, соопштија денеска локалните власти.

Тајфунот бил со брзина поголема од 160 километри на час и го погодил северниот дел на јапонското крајбрежје на Пацификот.

Невремето блокирало патишта и мостови, а биле отсечени и одредени места, наведуваат локалните власти.


Америка со поголем број воени бродови на Пацификот


Вашингтон, 28 мај, 2015 - 11:11 (META) 

САД имаат намера голем дел од поморските сили да ги префрлат на Пацификот, за до 2020 година да имаат повеќе од 300 воени бродови.

Главниот секретар на американската морнарица, Реј Мебус, наведува дека морнарицата во 2011 година имала вкупно 316 бродови, но тој број до 2008 година се намалил на 278.

– Градиме флота и ќе бидеме готови до крајот на деценијата, а најмалку 60 проценти од тие бродови ќе ги префрлиме на Пацификот – изјави Мебус.

САД сакаат да ѝ парираат на кинеската морнарица, па Пентагон нарача повеќе од 70 бродови за наредните пет години.