Центар за третирање на спортски повреди денеска се отвори во ГОБ „8 Септември“


Скопје, 23 мај, 2018 - 13:24 (META) 

Во Градската општа болница „8 Септември“ денеска се отвори Центар за спортски трауматизам кој првенствено е наменет за професионални спортисти како и останатите пациенти со спортски повреди. Овие пациенти би имале приоритет како по однос на ортопедски преглед така и во однос на радиолошките и лабораториски испитувања.

„ Во однос на просторот, за почеток, центарот ќе функционира во рамките на одделението за Ортопедија и трауматологија. Во моментов одделението располага со 32 болнички кревети распоредени во 8 болнички соби. Во подготвка е вселување во дополнителен простор кој се ослободи со преместување на Специјалната болница за кардиохирургија Филип втори, а Министерство за здравство ни го додели за користење“, рече директорот на ГОБ „8 Септември“, Христијан Костов.

Тој додаде дека од голема важност за целосно функционирање на центарот е комуникацијата со спортските федерации и клубовите.

Во однос на стручниот кадар, Центарот ќе функционира со постоечкиот лекарски кадар. За закажување на прегледи во овој Центар, ќе има специјално издвоени термини во „Мој термин“ со точно одредени дијагнози.


Министерството за здравство воведува вонболничка постоперативна грижа


Скопје, 4 мај, 2018 - 13:09 (META) 

Министерството за здравство почнува со нова системска мерка за развој на вонболничка, односно домашна постоперативна грижа, информираше денеска на прес-конференција државниот секретар во министерството, Владимир Милошев.

Тој рече дека сите јавни здравствени установи каде што се вршат хируршки интервенции се опфатени со овој проект.

– Целта на оваа мерка е грижа за пациентите во периодот до првата закажана постоперативна контрола во болничката установа, која најчесто се закажува еден месец после хируршката интервенција –  истакна Милошев.

Здравствени работници телефонски ќе контактираат со пациентот еднаш дневно, во првите три дена од отпуштањето од болницата, а потоа еднаш во неделата се до закажаната прва контрола.

– Во овој период пациентот ќе може да се јави за секоја промена на неговата здравствена состојба на определената медицинска сестра за добивање медицински совет на телефоните, кои ќе бидат јавно достапни на веб-страната на Министерството за здравство – додаде Милошев.


ФЗОМ ќе ги зголеми квотите на лекови во аптеките за овој месец


Скопје, 16 март, 2018 - 13:30 (META) 

Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) одлучи да ги зголеми квотите на лекови за овој месец во износ од 15 милиони денари кои ќе бидат линеарно распределени по аптеките, рече денеска на прес-конференција директорот на ФЗОМ, Ден Дончев.

Тој додаде дека вкупниот буџет за лекови за годинава ќе се зголеми во износ од 100 милиони денари годишно, ќе има ревизија на Правилникот и методологијата на распределба на финансиските средства, квотите и надоместоците на аптеките.

Дончев најави и нова поправична и поефикасна распределба на квотите на аптеките и поефикасен систем за нивни надоместоци.

Во долгорочните мерки рече дека се предвидува разгледување на можностите за воведување интегриран и ефикасен електронски систем преку вклучување на сите институции и здравствени установи и работници од здравствениот систем со воведување електронско здравствено досие по пациент.


Пуштен во употреба реновираниот оддел за интензивна нега на Клиника за детски болести


Скопје, 13 октомври, 2017 - 12:42 (META) 

Денеска е пуштен во употреба реновираниот оддел за интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести.

„Одделот за интензивна нега ќе работи со истиот капацитет како и досега, со можност да се зголеми со нови вработувања на медицински персонал, со што ќе се испочитуваат високите стандарди на згрижување на најтешко болните деца и ќе се гарантира безбедноста на пациентите“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.


Институтот за јавно здравје потврдил уште три случаи на мали сипаници


Скопје, 29 септември, 2017 - 16:40 (META) 

Институтот за јавно здравје информира дека во тек на денешниот ден лабораториски се потврдени уште три случаи на мали сипаници (морбили), со што вкупната бројка на заболени се зголеми на осум лица.

Од институтот информираат дека се работи за деца на возраст од три и пет години и за еден пациент на возраст од 27 години.

„Децата претходно не биле вакцинирани против морбили, вакцинирани се пред неколку дена во рамки на акцијата за вакцинирање на контакти и на невакцинирани лица, но сепак кај овие дечиња контактот со заболен бил неколку дена претходно, односно вирусот веќе бил во развојна фаза, додека за дадената вакцина против морбили потребни се повеќе денови за создавање имунитет. Возрасниот пациент не е претходно вакциниран, додека за време на акцијата за вакцинирање не бил присутен во областа. Сите се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести“, се вели во соопштението на институтот.

Пациентите, како што информираат, биле во непосредна роднинска врска со претходно заболените и живеат на територија на Општина Гази Баба, каде претходно беше прогласена и епидемија.


Таравари: Советот за јавни набавки е виновен за доцнење на испораката на лекови


Скопје, 23 септември, 2017 - 13:05 (META) 

Министерот за здравство, Арбен Таравари, вината за доцнење на испораката на некои лекови ја лоцира во Советот за јавни набавки, а не во Министерството за здравство.

Тој појасни дека кога пред шест месеци една фирма конкурирала за испорака на лекови, немало проблем, а сега, кога истата фирма конкурира со истите стандарди, има проблем пред Советот за јавни набавки.

– Има еден Совет за јавни набавки кој е комплетно политизиран. Фирми кои поминувале низ тој Совет пред шест месеци, сега, кога конкурираат, се спречени и затоа се јавуваат проблеми со лековите – рече Таравари.

Тој нагласи дека секаде каде што требало направиле интервентен увоз, но тоа чинело многу. Таравари информираше дека е побарано од премиерот да најде решение.

Министерот за здравство денеска информираше за сработеното во првите 100 дена и во оваа пригода исто така кажа дека до крајот на ноември ќе се знае дали во Клиничкиот центар ќе се гради новата зграда за интерни клиники за која претходната влада потпиша договор.

Тој рече дека експерти ќе спроведат анализа и ќе одговорат дали може да се изгради клиниката или нејзината изградба ќе го попречува функционирањето на Клиничкиот центар. Според него, доколку нивната одлука е дека може да се организира работата ќе се изгради, но доколку нивната одлука е дека ќе спречи функционирање на Клиничкиот центар тогаш ќе се бара ново решение.

Во однос на неговата кандидатура за градоначалник на Гостивар, додаде дека во Министерството за здравство работи екипа од 15 лица кои се компетентни и кои ја вратија довербата во ова министерство.

– Додека сум јас кандидат за градоначалник нема никакви законски пречки за мојот заменик министер да ја врши мојата функција. Инаку екипата си функционира беспрекорно – рече Таравари.


Таравари: Ако гостиварци не ми веруваат, се враќам на лекарската професија


Скопје, 10 септември, 2017 - 10:59 (META) 

Министерот за здравство во заминување, Арбен Таравари, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“ зборува за проблемите во ресорот што ги затекна и со кои се справуваше, како и за својата кандидатура за градоначалник на Гостивар.

– Сега е моментот да видам колку тежам и вредам во мојот град. Ако тие ми веруваат и ми дадат гласови, ќе знам дека вредам во политиката. Ако не ми дадат гласови и мислат дека не треба да продолжам во политиката, јас си имам златен занает – вели министерот за здравство во заминување.

Арбен Таравари, кој важи за истакнат стручњак во својата професија, верува дека во Министерството за здравство ќе има континуитет по него.

– Точно е дека нема да стигнам да ги видам првите резултати од тримесечното работење на директорите, меѓутоа јас мислам дека во Министерството ќе има континуитет и за тоа гарантирам, и во здравствените политики и во идеите што јас ги почнав во првите 100 дена, така што, кој било да е мој наследник, јас се надевам дека тој ќе продолжи по истиот пат, ќе се трасираат и ќе се очекуваат истите резултати што јас ги почнав во првите 100 дена, така што граѓаните нема да почувствуваат дека има некаква промена, само личноста ќе биде друга – вели Таравари.

Запрашан за смртните случаи во текот на неговото министерување, вклучително и за мртвороденчињата, Таравари вели дека комисијата формирана уште пред неговиот мандат, а потоа преоформена во нов состав, треба да даде решенија, односно препораки.

– Пред јас да дојдам за министер, имаше комисија која требаше да ги разгледува овие случаи и да направи одреден акциски план, меѓутоа, за жал, таа комисија не се имаше сретнато речиси две години. Сега направивме нова комисија која ќе се занимава само со смртта на доенчиња. Комисијата ќе даде одреден акциски план, кој Министерството ќе треба да го спроведе, сè со цел до 2021 година да имаме како предизвик да ја намалиме смртта на доенчињата до 20 отсто. Не само Министерството, туку и повеќе невладини организации во Македонија ни стојат на располагање за ова, бидејќи еден од индикаторите кој кажува колку е добра и стабилна здравствената политика во една држава е смртноста на доенчињата. Комисијата веќе е назначена, тие што поскоро треба да дадат одредени чекори и мерки што треба да ги преземеме ние како администрација за да ја достигнеме таа цел, да ја намалиме смртта на доенчињата за 20 отсто за четири години – вели министерот за здравство во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“.


Во болница остануваат уште 12 патници повредени во автобуската несреќа


Скопје, 22 август, 2017 - 15:22 (META) 

Се очекува денеска дома да бидат пуштени уште тројца пациенти од автобуската несреќа што се случи во неделата на автопатот Велес – Скопје, кои беа хоспитализирани во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, соопшти Министерството за здравство.

Од Клиниката за oртопедија информираат дека петмина пациенти се веќе пуштени дома и во моментов кај нив се хоспитализирани уште осум повредени лица од сообраќајната несреќа. Исто така на Клиниката за неврохирургија има еден хоспитализиран пациент, како и уште еден на Клиниката за торакална хирургија.

Во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ остануваат уште двајца од повредените, а од Општа болница Велес информираат дека сите повредени се во добра општа состојба и се пуштени на домашно лекување.

Сообраќајната несреќа се случи во неделата околу 18.50 часот на 250 метри пред зимскиот пункт на „Македонија пат“. Автобусот „неоплан“ со скопски таблички, сопственост на „Бус Травел“ ДПУ ДООЕЛ Скопје, кој бил управуван од возачот А.Н. (48) од Скопје, излетал од коловозот и слетал во провалија. Во несреќата 68-годишна патничка го загуби животот, а 26 беа повредени.


Таравари: Пациентите се во добра здравствена состојба, ситуацијата со вирусот е под контрола


Скопје, 27 јули, 2017 - 18:07 (META) 

Министерот за здравство, Арбен Таравари, потврди дека двајцата пациенти што починаа на Клиниката за инфективни болести, биле жртви на вирусот хантаан, односно корејска хеморагиска треска, како што претходно објави „Мета“.

Тој додаде дека се шпекулација информациите за уште еден починат и дека ситуацијата е под контрола. Таравари информираше дека седумте пациенти од Гостивар кои биле во контакт со веќе починатите лица се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје и се во добра здравствена состојба, без никаков ризик по нивните животи.

– Стигнати се резултатите од лабораториските испитувања и се работи за подобрата варијанта на хантаан-вирусот, кој, за среќа, не се пренесува од човек на човек, туку од глодари. Веројатно, од нивната храна е пренесен овој вирус, кој спаѓа во групата на хеморагични трески, но во најлесната варијанта, бидејќи не може да се пренесе од човек на човек – изјави Таравари во своето видеообраќање од Соединетите Американски Држави, каде што престојува службено.

Тој додаде дека екипите од епидемиолошката служба од Институтот за јавно здравје биле на терен во Симница, Гостиварско, и дека е направена комплетна дезинсекција, дератизација и дезинфекција на теренот каде што се движеле двајцата починати пациенти.

Министерот информираше дека од почетокот на годината досега, на Клиниката за инфективни болести имало и други четири пациенти инфицирани од овој вирус, но немале никакви последици.


Еден од починатите на Инфективна најверојатно имал корејска хеморагиска треска


Скопје, 27 јули, 2017 - 15:09 (META) 

Постариот од двајцата пациенти од Гостиварско кои починаа на Клиниката за инфективни болести во Скопје, за што вчера информираше Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, е жртва на вирусот хантаан, односно корејска хеморагиска треска, дознава неофицијално „Мета“ од извори во здравствените институции.

Во очекување на резултатите од анализите, односно официјална потврда за причините за смртта на двајцата пациенти, кои најверојатно се татко и син, во „Журнал за вирусологија“ – научно списание, се вели дека дека хантаан-вирусот е предизвикувач на корејска хеморагиска треска.

Вирусот на луѓето го пренесуваат глувци, претежно домашниот глушец, и тој се наоѓа во нивниот измет и урина. Луѓето со овој вирус се заразуваат при вдишување на тие честички. Самиот вирус е припадник на опасната група ханта-вируси.

На Клиниката за инфективни болести моментално со истите симптоми, односно со системски напад на повеќе органи, со треска и со проблеми со засирувањто на крвта, се хоспитализирани уште седум пациенти.

Заменик-министерот за здравство, Гоце Чакаровски, денеска изјави дека најдоцна до утре ќе бидат објавени официјално причините за смртта на двајцата гостиварци.

– Екипите вчера не успеаја да се качат до бачилото, бидејќи тоа е на непристапен терен. Денеска обезбедивме теренско возило. Нашите екипи се на терен. Комисијата за заразни болести заседава постојано. Се надевам дека до крајот на денот, најдоцна до утре, јавноста ќе добие конкретна информација за сите настани со дефинирани резултати за причинителите – изјави Чакаровски.