!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев: На идните генерации треба да им дадеме причини за да го слават нашиот патриотизам


Скопје, 11 октомври, 2017 - 13:43 (META) 

Нашиот патриотизам идните генерации ќе го слават само ако им дадеме повеќе причини за тоа, истакна премиерот Зоран Заев во својот говор на централниот настан од одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание, кој се одржа пред Споменикот на ослободителите на Скопје, во дворот на Владата.

– Празнувањето на големите датуми и оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата на Македонија е само мал дел од нашата должност кон достојното минато – рече Заев, нагласувајќи дека патриотизмот не завршува тука.

Тој додаде дека патриотизмот идните генерации ќе го слават само ако им се дадат повеќе причини за тоа, како што тоа го направила генерацијата на партизаните од антифашистичката и народноослободителната борба.

– Пред 76 години нашите сограѓани во Прилеп и во Куманово се одважија и презедоа акции со кои го означија почетокот на востанието на македонскиот народ и на сите други граѓани во Македонија против фашистичкиот окупатор и почетокот на завршните процеси во впишувањето на македонската држава на мапата на народите во светот – рече Заев.

Покрај владина делегација, пред Споменикот на ослободителите на град Скопје, свежо цвеќе положија и делегација на
Собранието предводена од пратениците Јулиана Николова и Диме Велковски, на Армијата на Република Македонија, предводена од заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Мухамет Рацај, на Сојузот на борците предводена од Никола Стојановски и други делегации на државниот и на дипломатскиот кор.


СДСМ: Итно да престане тиранскиот однос на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 2 април, 2017 - 11:44 (META) 

„Единствен непријател на граѓаните на Македонија е криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кое во обид за сопствен спас сака да ја жртвува иднината на граѓаните и на државата“, се вели во реакцијата на СДСМ на редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека не е љубов и не е патриотизам да ги погазуваш и да ги уништуваш институциите на државата.

„Тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ 10 години, тоа го прават пратениците на Груевски и денес, блокирајќи ги демократските процеси преку блокадата на парламентот. Не е љубов кон народот, ни патриотизам кон државата да не ја почитуваш мнозинската волја на 700.000 граѓани кои избраа правда и промени. Тоа што го прави ВМРО-ДПМНЕ е насилство врз граѓаните и врз сопствената земја, саможивност и себичност“, велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека Никола Груевски не е народот, како што не е ни ВМРО-ДПМНЕ.

„Затоа итно мора да престане тиранското однесување на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните избраа. Има парламентарно мнозинство составено на демократски начин, има програма на новата влада на унитарна Македонија, ќе има и нова реформска влада на граѓаните на Македонија, предводена од претседателот Зоран Заев. Неопходен е мирен трансфер на власта. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се опозиција“, се вели во соопштението.


Путин: Идеалите за патриотизмот во Русија, никој не може да ги промени


Кремљ, 12 јуни, 2015 - 18:04 (META) 

Претседателот на Русија, Владимир Путин, изјави дека идеалите за патриотизмот, кои со успех и со гордост се сочувани, се толку длабоки и силни што никој никогаш нема да успее да ја потчини Русија и да ја обликува според сопствени мерки.

По повод 12 јуни, Денот на Русија, шефот на државата во Кремљ традиционално ги врачи државните награди за посебни псотигнувања во областа на науката, техниката, книжевноста, уметноста, како и во сферата на хуманитарната работа.

Рускиот претседател во оваа пригода истакна дека е сочувана самата суштина на руската државност, единствена национална разновидност на народите и нивното историско единство, вековната традиција, лојалноста кон татковината, како и храброста во зачувување на нејзината слобода и на независноста.