!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

„Еуровингс“ ќе почне да лета од Скопје до Минхен од октомври


Скопје, 17 март, 2017 - 13:46 (META) 

„ТАВ Македонија“ најави дека германската нискобуџетна авиокомпанија „Еуровингс“ ќе почне да лета на релација Скопје – Минхен од 31 октомври годинава.

Патниците од аеродромот „Александар Велики“ во Скопје ќе бидат поврзани со главниот аеродром во Минхен, „Франц Јозеф Штраус“.

Авиокомпанијата ќе оперира на оваа линија двапати неделно, во вторник и во петок, со воздухоплов „ербас A320-200“, со капацитет од 174 седишта.

Како што информираат од „Еуровингс“, продажбата на билети за дестинацијата Скопје – Минхен почна на 15 март и е отворена на веб-страницата на авиокомпанијата (www.eurowings.com).

– Оваа линија е директен доказ за успешното завршување на преговорите што ги имавме со авиокомпанијата во изминатиот период и се надеваме дека ова е само почеток на нашата успешна соработка, како и на инвестициите на „Еуровингс“ во Македонија – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алп Ер Тунга Ерсој.

„Еуровингс“ е со седиште во Келн и е дел од групацијата „Луфтханза“, а се смета за нискобуџетна авиокомпанија. Лета до повеќе од 150 дестинации во повеќе од 40 земји во Европа, а позната е по добрата мрежа на рути до атрактивни туристички локации.


Евакуиран аеродромот во Хамбург поради непозната супстанца


Хамбург, 12 февруари, 2017 - 15:04 (META) 

Аеродромот во Хамбург утрово бил затворен, а патниците и вработените евакуирани, откако педестина патници почувстувале силен мирис и почнале да се жалат на проблеми со дишењето, јавуваат светските агенции.

Патниците кои се пожалиле на проблеми со дишењето, според медиумите, немаат посериозни нарушувања на здравствената состојба. Засега нема официјални информации за што точно станува збор и која е причината за силниот мирис што предизвикал паника на аеродромот.

Дел од агенциите, повикувајќи се на информации од полицијата во Хамбург, јавуваат дека во просторот за проверка на безбедноста била пронајдена непозната супстанца која предизвикала иритација на очите кај дел од патниците и вработените на аеродромот.

Поради инцидентот, дел од летовите се откажани и префрлени на други аеродроми.


Алп Ер Тунга Ерсој е нов генерален директор на „ТАВ Македонија“


Скопје, 4 јануари, 2017 - 19:00 (META) 

Алп Ер Тунга Ерсој е нов генерален директор на „ТАВ Македонија“ и доаѓа на местото на Зоран Крстевски, кој, пак, е назначен за член на одборот на директори, информираат од компанијата.

Алп Ер Тунга Ерсој беше заменик генерален директор на „ТАВ Македонија“, од влегувањето на „ТАВ Аеродроми“ на македонскиот пазар.

„ТАВ Македонија“ ги заврши првите 11 месеци од 2016 година со 16 проценти зголемување на бројот на патниците, достигнувајќи вкупно 1.661.010 патници. Во истиот период, од јануари до ноември, бројот на летови се зголеми за 10 проценти.


Авион во Индија излетал од пистата, повредени 15 лица


Њу Делхи, 27 декември, 2016 - 10:11 (META) 

Авион на индиската авиокомпанија  „Џет ервејз“ се излизга од пистата на аеродромот во Гоа, на западот на Индија, а во инцидентот потешко се повредени 15 лица, соопштија индиските власти.

Сите патници биле евакуирани, јавуваат индиските медиуми.

Причината за несреќата сè уште не е позната, а во авионот кој во моментот на инцидентот се подготвувал да полета за Мумбај, се наоѓале 161 патник и членови на екипажот.

Авионот подоцна успешно полетал.

Гоа е позната по големите песочни плажи и секоја година за време на божиќните празници ја посетуваат неколку илјади туристи.


Руски воен авион принудно слетал при што се повредени 16 војници


Москва, 19 декември, 2016 - 11:20 (META) 

Во несреќа при принудно слетување на руски воен авион со 32 патника и седум членови на екипажот, повредени се 16 војници во областа Сибир.

„Сите патници и членови на екипажот се живи, а 16 лица се тешко повредени и се евакуирани во болница во Тикси“, соопшти руското министерство за одбрана.

Авионот полетал од аеродромот „Колцово“, а слетал 27 километри од селото Тикси.

Во спасувачката акција учествувале 100 војници и два хеликоптери, а во регионот каде што е пронајден авионот е прогласена вонредна состојба.

Комисија од министерството за одбрана се упатила кон Јакутиј за да ги испита деталите за присилното слетување на авионот.

 


Авион со 40 патници и членови на екипажот се урна во Пакистан


Исламабад, 7 декември, 2016 - 16:04 (META) 

Авион на пакистанската авиокомпанија „Пакистан интернешнл ерлајнс“ со 40 патници и членови на екипажот денеска се урнал кратко по полетувањето од аеродром во северозападниот дел на земјата, потврдиле од полицијата и од цивилната авијација, јавуваат светските агенции.

Од авиокомпанијата претходно соопштиле дека еден од нивните авиони од типот АРТ-4 исчезнал од радарските системи.

Авионот се урнал во село недалеку од градот Хавелијан, кој се наоѓа на околу 75 километри северозападно од главниот град на Пакистан, Исламабад.

Тим на министерството за внатрешни работи на Пакистан се упатил на местото на несреќата, а свои екипи испратила и војската.

Урнатиот авион летал на линијата Шитрал – Исламабад. Засега нема информации околу можните причини за уривањето на авионот.


Минимално намалување на трошоците за живот


Скопје, 7 декември, 2016 - 14:03 (META) 

Трошоците за живот во ноември се намалени за 0,2 отсто во однос на претходниот месец, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 0,2 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Намалувањето на трошоците за живот е резултат на пониските индекси на свежото и разладеното овошје за 17 проценти, оризот за 8 проценти, компирот за 1,2 отсто, месото за 0,6 отсто, маслото и маснотиите за 0,5 отсто и замрзнатото овошје за 0,2 отсто.

Во ноември, исто така, намалување на индексите на трошоците за животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 7,1 отсто, информатичката опрема за 1,7 отсто, книгите за 0,3 отсто, терапевтските помагала и услугите за култура за 0,2 отсто.

Зголемување на трошоците за живот во ноември, во споредба со претходниот месец, е
забележано кај свежиот и разладен зеленчук, освен компирот, за 3,2 проценти, јајцата за 0,9 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,8 отсто, полномасното млеко за 0,7 отсто и другите прехранбени производи за 0,3 отсто.

 


Авион на „Туркиш ерлајнс“ не полета од Скопје поради безбедносни причини


Скопје, 23 ноември, 2016 - 22:34 (META) 

Летот од Скопје за Истанбул со број ТК1006 на компанијата „Туркиш ерлајнс“ е одложен, пишува на веб-страницата на аеродромот „Александар Велики“.

Наводно, летот во 20 часот и 40 минути бил одложен поради безбедносни причини, бидејќи, според информации од патниците, во авионот бил пронајден телефон што никој не го пријавил за загубен, а во согласност со безбедносните правила, патниците биле евакуирани.

Во авионот била и делегација предводена од претседателот Ѓорге Иванов, која требало да патува за Истанбул, па оттаму за Мадагаскар.

Според сведочењето на новинарката на телевизија „Нова“, поради безбедносни причини, делегацијата со претседателот нема да го продолжи патувањето, а по извршената проверка, другите патниците ќе го продолжат летот.

Засега нема официјални информации за причините за одложувањето на летот од страна на МВР и „ТАВ аеродроми“.


Затворен бугарскиот граничен премин Лесово кон Турција, 30 цариници приведени


Бургас, 2 ноември, 2016 - 23:44 (META) 

Бугарската полиција спроведе акција на граничниот премин со Турција, Лесово, при што се приведени повеќе од 30 царински службеници, јави дописничката на „Мета“ од Софија.

Првиот човек на специјализираното јавно обвинителство Иван Гешев истакнал дека на граничниот премин била спроведена истрага поради основано сомневање за постоење на организирана криминална група која ја сочинувале царински инспектори.

Акцијата била спроведена од 300 специјалци на безбедносните сили, а уапсените биле осомничени дека земале поткуп во различен износ. Спред Гешев, тие биле следени неколку месеци и притоа биле користени различни разузнавачки методи.

Вечерва на пунктот Лесово, но и во градовите Бургас и Јамбол се вршеле претреси и имало заплена на службени простории и na станови.

Сведоците биле испрашувани од двајца судии од специјализиран kривичен суд. Истрагата ќе продолжи и во следните денови.

Бугарската гранична полиција препорачува патниците кои патуваат кон Турција да ги користат другите гранични премини, Капетан Андреево и Малко Трново.

Поради акцијата на граничниот премин Лесово, била создадена трикилометарска колона, а полицијата ги пренасочувала возилата на другите гранични премини.


„Виз ер“ воведува нова линија Скопје – Хановер


Скопје, 28 октомври, 2016 - 13:27 (META) 

„Виз ер“ ќе воведе нова авиолинија на релација Скопје – Хановер од 31 октомври. Летовите ќе се одвиваат во понеделник и во петок од аеродромот „Александар Велики“ кон Хановер и во вторник и во сабота до Скопје.

Хановер е 23. дестинација со која „Виз ер“ оперира од скопскиот аеродром „Александар Велики“, а истовремено деветта дестинација од Скопје и од Македонија до Германија.

– Очекуваме оваа авиолинија да се покаже како успешна и да ги поврзува нашите патници со Германија, од деловни и образовни причини или, пак, за одмор и за релаксација, а во исто време да донесе и германски туристи и бизнисмени во Македонија – истакна генералениот директор на „ТАВ Македонија“, Зоран Крстевски.

Скопскиот аеродром „Александар Велики“ нуди директни линии до 33 дестинации, а заедно со охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, Македонија во моментов има авионска врска со вкупно 35 дестинации.

Првите девет месеци имало 17 проценти повеќе патници превезени на двата македонски аеродрома „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, споредено со истиот период минатата година, достигнувајќи вкупно 1.382.714 патници.