Драстично поскапување на патарините во северна Грција од Нова година


Атина, 20 декември, 2018 - 15:47 (META) 

Од 1 јануари патарините во Грција ќе поскапат драстично, некаде и до 150 отсто по километар, известува грчкиот весник „ИЕфимерида“. Ќе поскапи и најкористената патарина од Македонците – онаа по граничниот премин „Богородица – Евзони“, на која наместо досегашните 1,8 евра, ќе се плаќа по 3 евра за автомобил.

На автопатот „Егнатија“, кој се протега од јонскиот брег сè до границата со Турција, како што се најавуваше уште летоска, патарините ќе поскапат драстично, според договорот на грчката влада со концесионерите.

Воведена е нова пресметка – по километар, и грубо кажано, од 3 центи, како што беше во најголем дел досега, новите патарини за автомобилите ќе поскапат меѓу 0,03 до 0,05 евра по километар, што е просечно зголемување за 66 отсто.

Но на некои патарини, зголемувањето достигнува и до 150 отсто. На пример за отсечка од 59,7 километри, за која до сега се плаќало од 1,2 евра патарината ќе се зголеми на 2,98 евра.

Дополнително, покрај сега познатите патарини, ќе се воведат уште 43 излезни наплатни рампи.

На излезот кај Аспровалта ќе се плаќаат 1,42 евра, а излезот за Кавала ќе се плаќаат 2,36 евра.

На наплатната рампа Тириа, меѓу Игуменица и Јанина, наместо досегашните 2,10 евра, отсега ќе се плаќаат 3,42 евра.

На вертикалните исклучоци кај Јеропиги ќе се плаќаат 2,36 евра, а на наплатната рампа што најмногу ги засега Македонците, онаа близу „Евзони“ патарината од  досегашните 1,8 евра е зголемена на 3 евра.

На наплатната рампа Промахона патарината е непроменета – 2,4 евра.


Од 1 јануари во Бугарија патарината ќе се плаќа електронски, цените на вињетите остануваат исти


Софија, 18 декември, 2018 - 14:33 (META) 

За помалку од 24 часа од почетокот на продажбата на електронските налепници за патарина во Бугарија, денеска до пладне биле продадени околу 300 такви вињети, јавуваат бугарските медиуми.

Бугарија ќе ги исфрли класичните вињети-налепници и воведува електронска наплата, која ќе се одвива од 1 јануари следната година. Цените на надоместокот остануваат истите, а новост што ќе ги интересира и македонските граѓани, со оглед на фактот дека голем дел патуваат за викенд во блиските зимски центри како Банско и Боровец, е воведувањето на викенд-вињета.

Со новиот систем со кој веќе нема потреба од лепење налепници на ветробранското стакло, туку електронски ќе се регистрира автомобилот според регистерската табличка, контролата за тоа кој платил за користење на патиштата ќе се одвива исто така електронски. Камери на патиштата и мобилни полициски екипи со камери ќе ги фотографиираат возилата и ќе ги внесуваат во системот. Ако се утврди дека некое фотографирано возило не платило патарина електронски, ќе биде сопрено од следната патрола на сообраќајната полиција или од полицијата во местото каде престојува или од полицијата или цариниците на граничен премин.

Целата постапка може да се направи преку соодветното веб-место, каде може да платите електронска вињета сега, а да ја активирате подоцна. Плаќањето е со дебитни или со кредитни картички. За постапката може да се информирате на осум јазици, меѓу кои се и српскиот и турскиот.

Исто така, на овој сајт или преку соодветната мобилна апликација, може постоечките хартиени вињети бесплатно да се претворат во електронски. Но нема да се казнуваат возилата со важечки вињети-налепници кои не се претворени во електронски сè до истекот на важноста на обичната вињета.

За да биде корисникот сигурен дека нема да има проблеми, треба да ги чува електронските писма со кои му се потврдува дека платил за патарина за определен период, односно еден викенд, една седмица, еден месец или подолго.

Електронскиот систем овозможува да се купат електронски вињети и преку веб-местото и преку терминали во некои трговски центри како и во сите центри на Агенцијата за патишта на Бугарија. Терминалите се на 8 јазици.

Цените се како и досегашните – за еден месец за автомобил и друго возило до 3,5 тони тежина се плаќа 30 лева, за една седмица 15 лева, а за цела година 97 лева.

Новост е викенд-вињетата, која ќе биде од најголем интерес на Македонците. Таа важи од пладне во петок до полноќ во недела и чини 10 лева.

Електронски вињети се воведуваат и за сите други возила, но тие ќе имаат различна цена. За товарните возила електронските вињети ќе важат до јули следната година, кога за нив ќе се воведе електронска наплата на патарина.


Автобус излета од коловозот на автопатот Велес – Скопје, повеќе од 20 патници се повредени


Велес, 20 август, 2017 - 20:18 (META) 

Автобус излета од патот после патарината кај Велес, а повеќе од 20 патници се повредени. Патниците со возила на Итната медицинска помош се превезуваат на клиниките во Велес и во Скопје.

Според првичните информации, возачот на автобусот изгубил контрола и излетал во близина на зимскиот пункт Кула кој се наоѓа на автопатот Велес – Скопје.

Сообраќајот во тој дел од автопатот е во застој, а граѓаните јавуваат дека колона автомобили има од Велес до патарината.


Во сообраќајка кај Групчин, загина 40-годишен тетовец


Тетово, 23 април, 2017 - 18:20 (META) 

Во тешка сообраќајна несреќа, која се случила околу 8 часот утрово близу патарината Групчин, загина еден тетовец. Како што потоа извести навивачката група „Војводи“ на својата fејсбук-страница, станува збор за Александар Димчевски – Трска, еден од нивните истакнати членови.

Според полицијата, од засега непознати причини автомобил „бe-eм-вe“, управуван од возачот А.Д. (40), на автопатот Тетово – Скопје излетал од патот, при што од силниот удар возачот го загубил животот.


Вработените во „Југохром“ утре ќе го блокираат патот Скопје – Тетово


Тетово, 30 јануари, 2017 - 10:12 (META) 

Утре, од 11 до 13 часот, вработените на „Југохром“ ќе го блокираат регионалниот пат Тетово – Скопјке, кај наплатната рампа во Желино, во двата правца, поради, како што велат, неоправдано исклучување на печките од погон.

Протестот ќе го организира синдикалната организација „Југохром Алзар“, известија оттаму.


Од утре Србија ја брише БЈРМ од патарините, велат за „Мета“ од „Путеви Србије“


Скопје, 20 јануари, 2017 - 16:51 (META) 

Македонија веќе цел месец фигурира со ознаката БЈРМ на сметките од патарините во Србија, соопштија за „Мета“ од српското јавно претпријатие „Путеви Србије“.

„Во однос на Вашето прашање, поврзано со натписот на признаницата за наплата на патарина на делница од автопатот кај Прешево, Ве известуваме дека системот за наплата на патарините на наведената делница е пуштен во употреба пред еден месец и сè уште е во фаза на тестирање. За Ваша информација, од утре, 21 јануари 2017 година, на признаницата ќе стои релација Левосоје – Прешево“, соопштија од „Путеви Србије“.

Министерството за надворешни работи на Македонија, откако во вторникот „Мета“ побара одговор дали имаат информација дека на српските патишта фигурираме како БЈРМ и од кога на српските патарини се користи скратената референца, денеска излегоа со соопштение во кое се наведува дека веднаш реагирале до властите во Белград и побарале итна корекција.

„Oваа недоследност треба веднаш да биде коригирана. Веруваме дека ваквата провокација која ги навредува чувствата на македонските граѓани не е одраз на добрососедство. Несоодветно и срамно е да се именуваме на навредлив начин како соседи“, велат од МНР, и додаваат дека користењето на референцата и на кратенката од референцата наместо уставното име на Република Македонија e во спротивност со воспоставените дипломатски односи меѓу Македонија и Србија.


Гостиварец киднапиран и малтертиран на наплатна рампа


Тетово, 20 јуни, 2015 - 14:46 (META) 

Гостиварец од село Форино бил киднапиран додека плаќал патарина на наплатната рампа Тетово. На патарината друго возило му го попречило патот и од него излегле три лица, две од Гостивар и едно од Тетово, и го внеле во нивното возило, по што се упатиле кон Тетово.

„Истите физички го нападнале и му се заканувале по неговиот живот и животот на неговото семејство доколку не го врати паричниот долг на едно од лицата. М.М. бил задржан и по некое време пуштен, по што случајот го пријавил во полиција. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, информираат од МВР.


Ахмети повреден во сообраќајна несреќа додека итал накај Мета


Тетово, 21 јануари, 2015 - 11:12 (META) 

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, утрово бил повреден во сообраќајна несреќа кога автомбилот со кој патувал, удрил во бетонски столб на патарината Тетово-Гостивар.

Артан Груби, портпаролот на ДУИ, за „Мета“ изјави дека Ахмети не бил сериозно повреден во несреќата и во текот на денот ќе биде пуштен на домашно лекувaње од Клиничката блница во Тетово, каде му била укажана лекарска помош.

– Несреќата се случила додека претседателот Ахмети патувал на релација Кичево – Скопје, на средба со претседателот на Собранието на Албанија, Илир Мета, кога возилото удрило во столб на патарината. Не станува збор за сериозни повреди. Претседателот Ахмети и возачот се добро и во текот на денот тој ќе биде пуштен на домашно лекување -изјави Груби.


Потпишан договор за изградба на електронски систем за наплата


Скопје, 13 ноември, 2014 - 11:35 (META) 

Договорот за изградба и за инсталација на електронскиот систем за наплата на патарина на Коридорот 10 – автопат Александар Македонски, денеска беше потпишан меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и компанијата „Аселсан“ од Турција.

Вицепремиерот Зоран Ставрески истакна дека станува збор за инвестиција во вредност од 18,7 милиони евра, од кои 15,8 милиони евра Владата на Република Македонија ги обезбеди со заем од ЕБОР, а останатите 2,9 милиони евра се буџетски средства.


Србија воведува вињети


Белград, 12 ноември, 2014 - 14:30 (META) 

За шест до осум месеци, Србија планира да воведе вињети за користење на патиштата и да ги тргне наплатните рампи на автопатиштата и на патиштата од прв ред, најави српската министерката за соообраќај и инфраструктура, Зорана Михајловиќ.

Србија очекува годишниот приход од патарини да се зголеми од 150 милиони евра на 300 милиони.

Се очекува, годишната вињета за автомобил во Србија да изнесува околу 65 евра, додека камионите ќе плаќаат за секој поминат километар.