!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Патот „Арбери” има за цел да создаде економски коридор со Македонија, вели Рама


Пешкопеа, 12 ноември, 2017 - 17:37 (META) 

Албанскиот премиер Еди Рама денеска во Пешкопеа соопшти дека на заедничката седница меѓу владите на Албанија и на Македонија што ќе се одржи во Поградец ќе побара од македонската Влада да го продолжи патот „Арбери“ и на нејзина територија.

Рама соопшти дека изградбата на патот „Aрбери“ во должина од 72 километра ќе почне следната година, ќе трае 44 месеци и ќе чини 33,6 милијарди. Тој додаде дека со овој пат за околу 100 километри ќе го скрати растојанието од Тирана до Дебар.

– На состанокот со македонскиот премиер во октомври, беше договорено да се одржи заедничка владина седница во Поградец на која ќе одлучиме дека е неопходно и македонската страна да го заврши патот „Арбери“ од другата страна. Ќе го приближиме Дебар со Тирана. Тоа е многу пократок пат кој ќе реши голем проблем, рече Рама.

Според албанскиот премиер, „Арбери“ не поврзува само една област со друга, туку е стратешки за развој на економијата, вработувањето и туризмот.

– Патот „Арбери” има за цел да создаде економски коридор со Македонија, преку Дебар и да го направи пристаништето во Драч подостапно, истакна Рама.


Жена загинала во сообраќајка на патот Гостивар – Кичево


Кичево, 29 септември, 2017 - 13:51 (META) 

Во сообраќајка што утрово се случила на патот Гостивар – Кичево, во близина на селото Трапчин Дол, животот го загубила 54-годишна жена од струшкото село Октиси.

Како што соопшти полицијата, несреќата се случила во 7.40 часот, кога автомобил „форд мондео“ со италијански регистарски таблички, управуван од И.И.(54), излетал од патот и удрил во бетонски мост.

Од повредите починала И.И. (54) од селото Октиси, Струшко, додека возачот И.И. и А.И. (33), двајцата од истото село, се пренесени во Ургентниот центар во Скопје.


Двајца загинати во две сообраќајки близу Македонска Каменица


Македонска Каменица, 26 септември, 2017 - 19:11 (META) 

Маж и жена загинале во две одвоени сообраќајки близу Македонска Каменица денеска.

Според СВР Штип, на магистралниот пат на потегот од селото Истибања до Македонска Каменица, на свиокот во близина на рибникот „Саваро“, загинал 51-годишен маж од селото Облешево. Возилото „махиндра“ со кое управувал, претпладнево излетало од коловозот и тој на местото на несреќата починал од добиените повреди.

Три часа подоцна на влезот од Македонска Каменица, на патот кој води до селото Цер, дошло до судир меѓу автомобил „форд“ со регистерски таблички од Македонска Каменица и автомобил „фолксваген“ со скопски таблички. Во судирот животот го загубила 75-годишна сопатничка во „фолксвагенот“, а нејзиниот 55-годишен син, кој управувал со автомобилот, е повреден.

Според СВР Штип, за неполни девет месеци на патиштата во Источна Македонија загинале 20 лица.


Старица прегазена на пат кај Крива Паланка


Крива Паланка, 4 август, 2017 - 15:50 (META) 

Во сообраќајна несреќа вчера претпладнето била усмртена 87-годишна жителка на Крива Паланка, извести СВР Куманово.

Според полицискиот билтен, вчера околу 10.30 часот на магистралниот пат А-2 во Крива Паланка, во близина Осички мост, автомобил „сеат кордоба“ со кривопаланечки регистерски ознаки удрил во 87-годишната С.В., која починала веднаш. Со автомобилот управувал Б.В. (53) од Крива Паланка.

Увид извршиле јавен обвинител и екипа од Полициската станица во Крива Паланка, а по наредба на обвинителот, телото на починатата е дадено за обдукција.


Автопатот Миладиновци – Штип ќе „изеде“ уште 20 милиони евра


Скопје, 27 јули, 2017 - 14:14 (META) 

Завршувањето на автопатот Миладиновци – Штип ќе значи трошок од уште 20 милиони евра, поради проблемите во изградбата. Претходниот министер за транспорт и врски, неколку дена пред заминувањето од власт на владата на ВМРО-ДПМНЕ, доставил информација до владата за тоа, но, како што рече министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, тоа досега се криело од јавноста.

Сугарески изјави дека тоа го утврдиле новите анализи на документацијата, кои покажале дека Владимир Мисајловски, во последните денови од мандатот, во април годинава, до владата доставил информација за склучување анекс на договорот за изградба на автопатот, со кој би продолжила изградбата.

Како што рече министерот за транспорт и врски, оваа влада ќе ги реши проблемите и автопатиштата што се почнати мора да бидат завршени.

– Покрај 206 милиони евра, колку што би требало да чини изградбата на овој автопат, проценките сега се дека ќе бидат потребни уште 20 милиони евра за негово завршување. Сепак, и овој и проблемите со автопатот Кичево – Охрид, каде 32 отсто од работите се незавршени, оваа Влада ќе ги реши – рече Сугарески.

Во однос на автопатот Кичево – Охрид, за чие завршување ќе бидат потребни дополнителни 100 милиони евра, министерот за транспорт и врски посочи дека компанијата што ги гради, кинеската „Синохидро“, побарала продолжување на рокот за уште една година, односно наместо на 1 мај годинава, да го заврши на 1 мај следната година.

– Се сомневам и дека на 1 мај 2018 година овој автопат ќе биде готов. Сепак, ќе продолжиме со нивната изградба, иако за тоа, бидејќи се градат според посебни закони, ќе мора да се направат посебни анекси – рече Сугарески на прес-конференцијата во Владата.

Во однос на изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, Сугарески посочи дека може да се очекува тој да биде пуштен во употреба до крајот на годинава.


Владата одлучи патот кај Порој да се исчисти, а земјоделците да се обесштетат


Скопје, 7 јуни, 2017 - 21:05 (META) 

На вечерашната трета владина седница на која се расправаше за штетите во поплавените подрачја во Порој, било истакнато дека Дирекцијата за заштита и спасување и Општината Тетово треба веднаш да почнат постапка за расчистување на наносот на регионалниот пат Тетово – Јажинце, а Владата препорачала да помогне и Армијата.

На патот имало нанос од песок и од земја од околу 70.000 кубни метри и било неопходно бргу да биде исчистен.

„Исто така, на седницата е информирано дека од поплавите во Тетовско, зафатени се 50 хектари земјоделски површини, пред сè овошни и градинарски насади и житни култури. Владата го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и за водостопанство да ја почне постапката на прибирање барања од земјоделците за надомест на штети, по што надлежни комисии ќе излезат на терен за увид на штетите и за утврдување на висината на средствата потребни за нивно обештетување“, се вели во соопштението на Владата.


Германското МНР очекува брзо формирање влада и спроведување на реформите


Берлин, 17 мај, 2017 - 20:08 (META) 

„Добро е што претседателот Иванов попушти и престана да го блокира формирањето на новата влада. Оваа одлука требаше одамна да се случи и конечно го рефлектира исходот од изборите во земјата во декември во 2016 година“, се вели во пишаната изјава на Министерството за надворешни работи на Германија, а по повод давањето на мандатот од страна на претседателот Ѓорге Иванов на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Во неа исто така се вели дека претседателот на СДСМ, Зоран Заев, сега го има мандатот за формирање влада и тоа може да биде важен прв чекор во насока на надминување на политичката криза во која земјата се наоѓа со месеци.

„Ги повикуваме сите учесници во политичкиот процес во Скопје сега конструктивно да соработуваат, а тоа важи и за претстојните преговори помеѓу коалициските партнери. Граѓаните не заслужуваат политички интриги да се водат врз нивниот грб. Тоа што ѝ е потребно на земјата и тоа што нејзините граѓани со право го очекуваат, е брзо формирање на нова влада, која бргу ќе се зафати со целосно спроведување на Договорот од Пржино и на реформските приоритети. Потребни се длабоки реформи за државата да продолжи по патот кон евроатлантските интеграции. Германија и понатаму ќе ја поддржува земјата на тој пат“, се вели во изјавата на германското МНР.


Дваесетгодишно момче загина во сообраќајна несреќа во Охрид


Охрид, 7 мај, 2017 - 12:35 (META) 

Едно лице го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што рано утрово, во пет часот, се случи на регионалниот пат Свети Наум – Охрид, во близина на Хидро-биолошкиот завод, информира СВР-Охрид.

„Од добиените повреди, на местото на настанот животот го загуби Дејан Т. (20), додека тешки телесни повреди добил Р.Д. (25), двајцата од Охрид. Поради тешките повреди и сериозната здравствена состојба, Р.Д. е префрлен на хируршкото оделение во Општата болница во Охрид каде е задржан на понатамошно лекување. На истото одделение, но со полесни повреди се наоѓа и Ж.П. (22) од Охрид“, велат од СВР-Охрид.

Сега починатиот, заедно со двете повредени лица, се наоѓал во автомобил „опел корса“ и по регионалниот пат се движел од Рача кон Охрид. Р.Д., кој го управувал автомобилот, изгубил контрола врз возилото, излетал на десната страна надвор од коловозот, удрил во ивичник од патот, а потоа и во електричен столб. Од ударот, возилото се извртело и повторно се вратило на коловозната лента.

На местото на сообраќајната несреќа, извршен е увид во присуство на јавен обвинител и полициски екипи од СВР Охрид и подигнати се траги за вештачење. За време на увидот, сообраќајот беше пренасочен и се одвиваше по една сообраќајна лента.


Голем одрон го затрупа патот кон тетовско Бањиче


Тетово, 28 април, 2017 - 13:26 (META) 

Вчера попладне на патот кој води кон рекреативното место Бањиче во Тетовско, наспроти објектот на хидроцентралата на реката Пена, паднал голем одрон од земја и од камења.

Според Секторот за сообраќај и патишта при Општина Тетово, одронот за неколку часа е отстранет, но оттаму апелираат овој патен правец да не се користи, освен во случај на голема потреба, затоа што сè уште постои ризик да се појават свлечишта.

Екипи постојано го контролираат овој патен правец сè додека состојбата не се стабилизира. Во меѓувреме, надлежните вршат проценки и утврдуваат на кој начин и со какви градежни активности би било најдобро и најбрзо да се сопрат ерозивните процеси на земјата над овој патен правец.

Патниот правец кон рекреативното место Бањиче почна да се реконструира како дел од проектот за реконструцкија на горниот тек на реката Пена.


Привремен сообраќаен режим на дел од улицата Никола Карев


Скопје, 13 април, 2017 - 15:09 (META) 

Градот Скопје ги информира граѓаните дека во деновите од претстојниот викенд (15 и 16 април), на дел од улицата Никола Карев, на крстосницата со булеварот Трета македонска бригада, ќе се изведува прекоп за поставување подземни инсталации.

„Поради тоа, во деновите од викендот, на оваа делница ќе се воведе привремен сообраќаен режим, во времетраење од 8 до 18 часот, а на коловозот ќе се постави соодветна сообраќајна сигнализација“, велат од Град Скопје.

Оттаму апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот.