Ивона Талевска ги вратила парите за затаен данок, судот ѝ го вратил пасошот


Скопје, 18 септември, 2018 - 15:59 (META) 

Новинарката на „Сител“ , Ивона Талевска, на државна сметка ја уплатила целата сума од пресудата која ѝ ја изрече судот во предметот за даночно затајување „Тифани“, потврдиле од кривичниот суд за „Макфакс“.

Талевска, според пресудата, како физичко лице вратила над 27 илјади евра за затаен данок од 6 години, уплатила 76 илјади денари за вештачењето на СЈО, 1.000 евра како споредна штета и 2.000 денари судски трошоци.

„Обвинетото физичко лице во предметот за кој се интересирате во целост ги има платено сите трошоци и утврдената сума во пресудата. Што се однесува до правното лице, извршувањето ќе се спроведе штом тоа ќе ја прими второстепената пресуда“, велат од судот.

На осудената Талевска, судот ѝ го вратил пасошот, кој ѝ беше одземен како дел од мерките за претпазливост кои ги побара специјалното јавно обвинителство.

Талевска беше условно осудена. Таа нема да помине две години во затвор доколку во наредните четири не стори ново кривично дело.


На Вранишковски пасошот му бил одземен поради судска забрана да излезе од Македонија


Скопје, 12 јули, 2018 - 13:11 (META) 

Православната Охридска Архиепископија (ПОА) завчера обвини дека во понеделникот на граничниот премин „Меџитлија“ кај Битола, полицијата без никакво образложение му го одземала пасошот на нејзиниот поглавар Јован Вранишковски. Но од Министерството за внатрешни работи (МВР) за „Мета“ објаснија дека пасошот е одземен поради судска забрана Вранишковски да ја напушта Македонија.

„На 09 Јули, оваа година, на граничниот премин Меџитлија кај Битола, без никакво образложение, од страна на Министерството за внатрешни работи одземена му е патната исправа на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован. Таква дискриминација со одземање на патни исправи без никакво образложение, својствено е за правно неуредени држави, држави во кои нема никакво владеење на правото“, обвини ПОА со соопштение завчера.

На прашање од „Мета“, од МВР објаснија дека имало сериозна причина за тој чекор, односно Вранишковски има судска забрана да ја напушти Македонија.

„Во врска со Вашето барање, Ве информираме дека на 09.07.2018 година во 18,30 часот на Граничен премин „Меџитлија“ за излез од РМ на лицето Ј.В.(52) од Битола му била привремено одземена патната исправа бидејќи е констатирано дека во електронските евиденции фигурира со мерка „судска забрана“ при што на истиот не му е дозволен излез од РМ“, велат од МВР.


Од 2012 година 26.100 Македонци добиле бугарско државјанство


Софија, 26 јуни, 2018 - 13:36 (META) 

Во периодот од почетокот на 2012 година до средината на месецов, 26.108 Македонци добиле бугарско државјанство, со образложение дека имаат барем еден родител со бугарско потекло, јавува бугарскиот „ЕУскуп“.

Со тоа, од вкупно над 60.000 нови бугарски државјани во тој период, Македонците се најголемата група, јавува веб-страница повикувајќи се на податоците од Комисијата за бугарско државјанство.

Во наведениот период, биле одбиени 4.458 барања од Македонци, и тоа поради неисполнување на условите или немање доволно докази за потеклото.

Од подрачјата на Македонија, Албанија и Косово, од почетокот на 2012 година до средината на јули годинава биле доделени државјанства на 37.133 луѓе.


Груевски останува без пасош, одлучил Апелацискиот суд


Скопје, 31 октомври, 2017 - 12:51 (META) 

Апелацискиот суд Скопје ја отфрлил жалбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со која тој бараше да му биде вратен пасошот, потврдила за „Телевизија 24“ судијката Лилјана Ивановска-Шопова, која претседаваше со тричлениот совет на судии што одлучуваше по жалбата на јавна седница.

Инаку, Груевски, кој е првообвинет во случајот „Титаник“ на СЈО, четврти месец е без пасош, кој му беше одземен од Кривичниот суд, како една од мерките на претпазливост што му беа оредени заради обезбедување присуство.

На вчерашната јавна седница адвокатите на Груевски рекоа дека на лидерот на најголемата опозициска партија во државата му е потребен пасошот заради извршување на политичките активности, од кои дел се во странски држави.

Како потврда на своите тврдења, тие до судот и до обвинителите на СЈО доставија покана од премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, испратена до Груевски.

Обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова, рече дека одењето во странство за присуство на политички семинари или состаноци е причина на Груевски да не му биде вратен пасошот, бидејќи, како што рече, во текот на истрагата за случајот тој неколкупати го оправдувал своето недоаѓање на распит во СЈО со политички активности во земјава и во странство.

Таа нагласи дека СЈО останува на ставот дека двете мерки – одзмање на пасошот и обврската Груевски да се јавува еднаш неделно во суд – се неопходни заради непречено и ефикасно водење на кривичната постапка.


Груевски бара да му го вратат пасошот за да се сретне со Орбан


Скопје, 30 октомври, 2017 - 16:16 (META) 

Со одземениот пасош на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не се попречуваат правата само на едно лице, туку се одземаат правата на стотици илјади лица – членови, гласачи и поддржувачи на најголемата опозициска партија во државата. Ова беше дел од аргументацијата на адвокатите на Груевски на денешната јавна седница во Апелацискиот суд, по повод жалбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој е првообвинетиот во случајот „Титаник“ на СЈО, на последната одлука на Кривичниот суд да му будат укинати мерките на претпазливост, односно да му биде вратен пасошот и да се укине обврската еднаш неделно да се јавува во суд.

Инаку, Груевски денеска не беше присутен на јавната седница во Апелацискиот суд.

– Денеска одлучувате за нормалното функционирање на најголемата опозициска партија, кое е важно за демократијата во една држава. Одлучувате дали во оваа држава ќе се дозволи нормално артикулирање на политичките права и интереси на илјадници граѓани. Маргинализирањето на опозицијата и државата без опозиција е многу лошо – рече адвокатот Боро Тасевски.

Тој и неговиот колега од одбраната на Груевски, Димитар Дангов, истакнаа дека на Груевски му е потребен пасошот заради извршување на политичките активности, од кои дел се во странски држави.

Како потврда на своите твредења, тие до судот и до обвинителите на СЈО доставија покана од премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, испратена до Груевски.

Тие се повикаа и на практиката на Кривичниот суд во случајот „Пуч“ пред две години, кога, како што рекоа, на сегашниот премиер, Зоран Заев, му бил вратен пасошот со образложение дека истрагата за случајот е завршена и има поднесено обвинение.

Обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова, рече дека одењето во странство за присуство на политички семинари или состаноци е причина на Груевски да не му биде вратен пасошот, бидејќи, како што рече, во текот на истрагата за случајот тој неколкупати го оправдувал своето недоаѓање на распит во СЈО со политички активности во странство.

Таа нагласи дека СЈО останува на ставот дека двете мерки – одзмање на пасошот и обврската Груевски да се јавува еднаш неделно во суд – се неопходни заради непречено и ефикасно водење на кривичната постапка.

– Недоаѓањето на Груевски на главната расправа во суд поради вакви причини ќе значи одложување на рочиштата за сите други 20 обвинети и одолжување на постапката – рече Стефанова.

Кога станува збор за практиката на судот, Стефанова рече оти ќе се повика на случајот „Кампања“, кога на лидер на политичка партија (Љубе Бошкоски) му беше одреден притвор.

Апелцискиот суд Скопје треба да донесе одлука по жалбата на Груевски во рок од 48 часа.


Судот одлучи и на Мијалков да не му го врати пасошот


Скопје, 28 септември, 2017 - 13:40 (META) 

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков кој е обвинет во случајот „Таргет“, останува без пасош, откако судот го одбил како неосновано неговото барање да му биде вратена патната исправа што му беше одземена како мерка за обезбедување на присуство.

„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлог на обвинетиот С.М. поднесено преку неговите бранители за укинување на мерките за претпазливост, на нејавна седница, донесе решение со кое барањето се одбива како неосновано. Мерката на претпазливост, привремено одземање на патната исправа за преминување на државната граница и забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државната граница, и мерката – обврска на обвинетиот еднаш неделно да се јавува кај надлежно службено лице во судот остануваат на сила“, соопштија денеска од Кривичниот суд во Скопје.

Адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски, претходно неделава изјави дека за враќањето на пасошот се повикале на судската практика, односно на одлуката на судот да му биде вратен пасошот на лидерот на СДСМ и актуелен премиер, Зоран Заев, во еден од предметите во кои тој беше обвинет.

Вчера судот соопшти дека е одбиено барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски да му биде вратен пасошот.

Инаку, покрај Мијалков и Груевски уште тројца обвинети во случаите на СЈО барале судот да им ги врати патните исправи што им беа одземени како дел од мерките на претпазливост што им беа одредени.


Никола Груевски останува без пасош, „бомбите“ отфрлени како докази во три случаи


Скопје, 27 септември, 2017 - 12:00 (META) 

Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, не го прифатил барањето на Никола Груевски да му биде вратен пасошот, објави судот на својaта веб-страница. Истовремено, прислушуваните разговори се отстранети од доказниот материјал во три случаи, со образложение дека се незаконски прибавени.

Освен Груевски, пасошите си ги бараа и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, и неговиот шеф на кабинет, Тони Јакимовски. СЈО бараше притвор за Груевски за случајот „Титаник“, но судот му одреди мерки за претпазливост.

Во одлуката се вели дека обвинетиот Груевски, односно неговите адвокати, кои го поднеле барањето за враќање на пасошот, имаат право на жалба до Апелацискиот суд во рок од три дена.

Истовремено, Советот за оценка на обвинителен акт на Основниот суд Скопје 1 решил да ги издвои „бомбите“ од случајот „Тендери“, по обвинението од СЈО. Советот проценил дека телефонските разговори се доказ прибавен на незаконит начин и со кршење на правата и слободите утврдени со Уставот на Република Македонија. Идентична одлука е донесена и за случаите „Топлик“ и „Тортура“.

Случајот „Тендери“ е за малверзации со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, „Топлик“ – за елитната населба „Сончев град“, а „Тортура“ се однесува на апсењето на Љубе Бошкоски.

Деталната одлука ќе биде деновиве објавена на веб-страницата на судот, но без податоци за идентитетот на судиите што ги донеле одлуките.


Мијалков се повикува на судска одлука за Заев за и нему да му биде вратен пасошот


Скопје, 26 септември, 2017 - 11:09 (META) 

Одбраната на Сашо Мијалков, обвинет во случајот на СЈО „Таргет“, сè уште чека одговор од Кривичниот суд во врска со барањето за враќање на пасошот што му беше одземен.

Адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски, изјави дека за враќањето на пасошот се повикале на судската практика, односно на одлуката на судот да му биде вратен пасошот на лидерот на СДСМ и актуелен премиер, Зоран Заев, во еден од предметите во кои тој беше обвинет.

– Веќе 25 дена немаме одговор од судот, што малку ме зачудува. Ние очекуваме судот да донесе идентична одлука како во случајот кога му беше вратен пасошот на Зоран Заев бидејќи околностите и во тој и во овој случај се исти. Ние се повикуваме на судската практика – рече Шврговски.

Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, потврди дека за пет обвинети во нивните случаи било побарано да им бидат вратени пасошите, но од СЈО дале негативен одговор на ваквиот предлог.

– Сметаме дека нема никаква промена во околностите поради кои на овие осомничени им е одредена мерката на претпазливост одземање на патна исправа, поради што нашиот одговор на предлогот е негативен – рече Ристоска.

Освен Мијалков, враќање на патната исправа бара и поранешниот премиер и сегашен лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.


Одбиени жалбите во случајот „Тендери“, Канческа-Милевска останува без пасош


Скопје, 25 јули, 2017 - 13:14 (META) 

Апелацискиот суд ги одби жалбите на поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска, и на уште две лица, како и на Специјалното јавно обвинителство во случајот „Тендери“.

Апелацискиот суд ја потврди одлуката на Кривичниот суд за Канческа-Милевска и за другите обвинети да им бидат одземени патните исправи и да се јавуваат во судот еднаш неделно.

СЈО во жалбата бараше на Канческа-Милеска и на уште едно лице да им се определи мерка притвор, а обвинетите си ги бараа назад патните исправи, тврдејќи дека нема да избегаат надвор од државата.

Ексминистерката вчера изјави дека е изненадена од мерките што ги бара СЈО бидејќи, според неа, не постои причина за такво нешто затоа што таа секогаш уредно се јавувала на поканите на ова обвинителство.

Канческа-Милевска е обвинета во предметот „Тендери“ за малверзации со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, со што буџетот, според СЈО, бил оштетен за речиси 54 милиони денари.


Апелација одлучува за „Тендери“, Канческа-Милеска изненадена од барањето за притвор


Скопје, 24 јули, 2017 - 14:37 (META) 

Навистина сум многу изненадена од мерките што ги бара СЈО бидејќи не постои причина, ниту најмала, што оди во насока на попречување на самата постапка, бидејќи секогаш уредно сум се јавувала на поканите на СЈО, изјави денеска поранешната министерка за култура и сегашна пратеничка, Елизабета Канческа-Милеска, по јавната седница во Апелацискиот суд.

Ексминистерката е обвинета во предметот „Тендери“ за малверзации со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, со што буџетот, според СЈО, бил оштетен за речиси 54 милиони денари.

Таа во Апелацискиот суд денеска побара да ѝ биде вратен пасошот, кој ѝ беше одземен како мерка за претпазливост по одлуката на Кривичниот совет.

– Никогаш не се случило некоја покана да биде оправдана со некое мое патување. Секогаш претставниците на СЈО биле примени лично од мене во мојот кабинет додека сум ја вршела фукнцијата министер за култура. Уредно била доставувана целокупната документација. Како што кажав и во самата жалба, приложив и дадов целокупен материјал од сите моите патувања што сум ги вршела како министер. Се надевам дека судот правилно ќе одлучи, сепак верувам во правниот систем на нашата држава и се надевам дека сето тоа ќе биде во моја корист – рече Канческа-Милеска, која истакна дека е горда на сето она што успеала да го направи за унапредувањето на културата во Македонија.

Сашо Дуковски, адвокатот на Канческа-Милеска, рече дека обвинетата нема намера да бега и дека пасошот ѝ треба за полесно да ја извршува нејзината пратеничка функција.

Гаврил Бубески, обвинителот во СЈО, побара притвор бидејќи тоа бил единствен начин да се обезбеди присуство на обвинетата. Тој побара судиите да ја ценат и висината на предвидената казна за кривичното дело за кое е обвинета.

Апелацискиот суд денеска треба да расправа за жалбите на уште две лица обвинети во „Тендери“. За едното СЈО бара притвор, а за другото – мерки за претпазливост.