!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Непознати лица пукале во полициската стража пред седиштето на ПАСОК


Атина, 10 јануари, 2017 - 11:01 (META) 

Вооружени лица утрово го нападнаа седиштето на грчката политичка партија ПАСОК и полициската патрола пред зградата. Во 6.20 часот по локално време, непознати напаѓачи пукаа кон полицискиот автобус кој редовно стои и патролира пред седиштето на ПАСОК во атинскиот анархистички кварт Ексархија.

Во нападот е повреден еден специјалец, кој е пренесен на лекување во една од атинските болници. Пред седиштето се најдени три фишеци од куршуми, а полицијата и антитерористичката единица вршат истрага на местото на настанот за да се најдат и да се уапсат сторителите.

Според изјави на очевидци, нападот се случил кратко по смената на полициската патрола.

Грчките политички партии го осудија настанот и испратија пораки за поддршка за повредениот полицаец.

Седиштето на ПАСОК, кое се наоѓа во срцето на Ексархија, населба позната по својот бунтовен дух и место кое е дом на грчките анархисти, многу често е мета на напади на анархистите, најчесто со молотови коктели.


Грција го смени изборниот закон: Ќе гласаат и малолетници со 17 години


Атина, 22 јули, 2016 - 10:23 (META) 

Грција ќе има поголемо гласачко тело, зајакнато со малолетни гласачи на 17 години, а победникот на изборите ќе влезе во парламент без досегашниот бонус од 50 пратеници. Ова се измените што ги направи грчкото собрание со новиот изборен закон, но тие ќе важат по следните парламентарни избори.

Законот го поддржаа СИРИЗА, Независни Грци и партијата Унија на центристи, а против гласаа Нова демократија, ПАСОК и Река. Комунистичката партија и Златна зора беа воздржани од гласањето. Вкупно 179 пратеници гласаа „за“ и 83 „против“ новиот закон, кој предлага укинување на бонусот од 50 пратеници за победничката партија на изборите.

Со новиот закон, освен што се укинува бонусот од 50 пратеници, им се дава глас на малолетниците од 17 години и останува границата за една партија да може да влезе во собранието само со освоени повеќе од три отсто од вкупните гласови.

При дискусијата за новиот закон дојде до жестока кавга меѓу владата и опозициските партии. Особено жестока беше кавгата меѓу премиерот Алексис Ципрас и лидерката на ПАСОК, Фофи Генимата. Грчкиот премиер ја обвини Генимата дека наместо да направи клучна разлика во државата, одбира да биде поддршка на десничарска партија. Лидерката на ПАСОК, пак, одговори дека Ципрас нема простор да го обвинува ПАСОК за коалиција со десницата од момент кога тој двапати по ред соработува со ултрадесничарската Независни Грци.

Следниот период се очекува Ципрас да предложи нови уставни промени со кои претседателот ќе се избира на избори, а не со мнозинство гласови во парламентот.


Грчките европратеници лути на Хрватите кои сакаат да формираат група „Пријатели на Македонија“


Стразбур, 17 јануари, 2016 - 12:08 (META) 

Обидот на хрватската европратеничка Маријана Петир да формира неформална група „Пријатели на Македонија“ во Европарламентот предизвика лавина реакции од грчките европратеници. Остро протестираа европратениците од СИРИЗА и од ПАСОК, реагирајќи бурно против користењето на името Македонија, со барање да се употребува меѓународно договореното привремено име поранешна југословенска Република Македонија.

Според европратениците, чекорот на хрватската пратеничка оди против сите одлуки на Европската унија и на Обединетите Нации за тоа како треба да се именува Македонија. Во своето писмо европратениците на СИРИЗА, Димитрис Пападимулис, Стелиос Кулоглу, Константина Кунева и Костас Хрисогонос, коментираат дека иницијативата за група со името „Пријатели на Македонија“ ги поткопува преговорите за спорот за името во ОН и им штети на актуелните разговори меѓу Македонија и Грција за спроведување мерки за градење доверба.

„Обидите на европратениците во Европарламентот треба да се фокусираат на иницијативи да се поттикне забрзување на неопходните реформи во оваа држава, како што постојано истакнуваат европските органи, со почит кон одлуките на ОН и на ЕУ“, посочуваат европратеници и бараат Европарламентот кој ниту го признава ниту користи името на Македонија внимателно да се справи со оваа иницијатива на хрватската пратеничка.

Пападимулис испрати директна реакција и до претседателот на Европарламентот, Мартин Шулц, во која отворено говори за несогласувањето на Петир, европратеничката која припаѓа на Европската народна партија, оценувајќи го нејзиниот потег како провокација кон Грција.

„Името на оваа неформална група не само што нема правна основа, туку ги става под знак прашалник одлуките на ЕУ и на ОН. Формирањето на оваа група треба да се запре за да се избегнат недоразбирања“, пишува Пападимулис, забележувајќи дека Европарламентот треба да се фокусира и да поттикнува Македонија да ги спроведува реформите и забелешките од Европската комисија како Договорот од Пржино, враќање на слободата на печатот, владеење на правото и развивање на добрососедски врски со соседи.

Шулц слична реакција доби и од европратениците на ПАСОК, Ева Каили и Никос Андрулакис, кои, исто така, го потсетуваат дека ЕУ официјално го користи привременото име ПЈРМ, а не уставното име Македонија.

Според Каили и Андрулакис, креирањето ваква група се коси со сè што ЕУ го има кажано и поставено како услов за Македонија.

Според нив, спорно е воопшто дали треба да се даде простор на оваа група во рамки на Европарламентот за средби, од моментот кога користи име кое не е признаено од ЕУ.

„Ваквите чекори испраќаат погрешна порака, особено кога се потегнати од европски функционери. Обврзани сме да го зачуваме интегритетот на европските правила и принципи кои треба да важат за сите“, му посочуваат Каили и Андрулакис на Шулц.


Ципрас отворено призна дека подготвувале „план Б“ со Варуфакис


Атина, 31 јули, 2015 - 12:49 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас отворено призна дека имал дадено наредба до Јанис Варуфакис да се подготвува „план Б“ за можен грчки излез од еврозоната. Одговарајќи на прашање на лидерката на ПАСОК, Фофи Генимата, околу целата контроверзија што се создаде со информацијата дека Варуфакис подготвувал алтернативен план за паралелен банкарски систем и за хакирање даночни податоци, Ципрас застана во одбрана на поранешниот министер за финансии, признавајќи дека било неопходно да бидат подготвени за секое сценарио.

Според Ципрас, владата морала да има алтернативен план бидејќи самите европски кредитори се подготвувале и подгревале сценарија за можно исклучување на Грција од еврозоната. Забележа дека неподготвеноста за справување со такво сценарио би била целосно неодговорна од грчка страна и оваа подготовка, во суштина, била одбранбен план во случај на вонредна итна ситуација.

„Секако дека му дадов наредба на Варуфакис да состави тим за план за вонредна ситуација. Да состави план за одбрана. Би бил политички наивен ако не го направив тоа“, истакна Ципрас во одговор до Генимата, посочувајќи дека би требало да го обвинуваат само ако не биле подготвени за итни ситуации, а не бидејќи биле подготвени за сè.

Ципрас подвлече дека Генимата наместо да ја обвинува владата со обид да се создаде скандал, треба да го упати прашањето до Европската комисија која имала план од илјадници страници за сценарио за грчки излез од еврозоната. Грчкиот „план Б“, дециден беше Ципрас, бил само план за одбрана и за спас на државата во случај Европа да го спроведе нејзиното сценарио за грчко исклучување од еврото.

Тој истакна дека СИРИЗА немала план ниту намера да ја извади Грција од еврозоната, но имала јасна обврска кон народот да биде подготвена за сè што Европа може да ѝ испорача.

„Нè обвинувате за тајни планови кои сме ги ковале по подруми. Зошто тогаш не го спроведовме тој план? Ако нашата цел беше напуштање на еврото, зошто тогаш не ги искористивме 63-те отсто од гласовите „не“ на референдумот за да го сториме тоа? Зборувате глупости“, посочи Ципрас.

Грчкиот премиер ги нападна Генимата и ПАСОК, истакнувајќи дека една партија како ПАСОК која не се ни обидувала да преговара за подобри услови со кредиторите туку прифаќала сè, сега сака да ги поткопа преговарачките обиди на СИРИЗА. Со остар тон, тој посочи дека ако ПАСОК сака да разоткрива скандали, подобро ќе биде да се сврти внатре, кон сопствената партија. Во напад, Ципрас посочи дека неговиот поранешен министер за финансии, Варуфакис, за разлика од претходниците, ниту криел листи со даночни затајувачи, ниту, како некои, си ги извадил веднаш парите во странство.

М.П.


Ципрас пред нов избор за иднината на владата и на СИРИЗА


Атина, 13 јули, 2015 - 14:53 (META) 

Од Брисел тензијата се префрла во Атина, каде грчкиот премиер Алексис Ципрас мора да осигури изгласување на целосниот пакет мерки и конкретни реформи до среда.

Пред него се големи дилеми, односно колку од неговите министри и сопартијци ќе застанат до него, а кои ќе го напуштат, колку Собранието ќе ги одобри мерките и што ќе се случува со владата чие единство, поради строгите мерки, веќе неколку дена јасно е разнишано.

Мерките се очекува целосно да ги поддржат трите опозициски партии, ПАСОК, Река и Нова демократија, кои потпишаа заедничка декларација со Ципрас за да се донесе договор што ќе ја одржи Грција во еврозоната и нема да ја загрози нејзината европска перспектива.

Претседателката на ПАСОК, Фофи Генимата, порача дека владата мора да прави брзи чекори и нема простор за нови грешки.

– Избегнавме излез од еврозоната, има договор кој ќе го процениме – истакна Генимата по завршувањето на Самитот на ЕУ.

Привремениот лидер на Нова демократија, Евангелос Меимаракис, забележа дека иако предоцна, Грција успеала да постигне договор и да земе мала оддишка од целата ситуација за да може сериозно и одговорно повторно да се врати на вистинскиот колосек кон Европа.

Првиот човек на партијата Река, Ставрос Теодоракисм забележа дека целта е остварена, Грција останува во еврозоната и во ЕУ и дека Ципрас го одржал ветувањето.

– Договорот задоцни многу и ќе бара, за жал, нови жртви од грчкиот народ. Но овојпат тоа да го направиме со план, со одлучност и праведно – истакна Теодоракис.

Ципрас ќе наиде на проблеми во својата партија, во која владее целосен раздор и чија иднина и опстанок во сегашен состав е целосно неизвесна. Радикалното левичарско крило во СИРИЗА, предводено од министерот за енергија, Панајотис Лафазанис, јасно истакна дека нема да го одобри пакетот мерки, оценувајќи го како понижувачки пакет кој сака да ја држи Грција во заложништво и под старателство на Германија и на ЕУ.

Под знак прашалник е колку пратеници ќе застанат на иста линија со Лафазанис и што ќе се случи со нивните места во парламентот, дали ќе бидат исклучени или заменети. Втора дилема е што ќе се случува и со претседателката на Собранието, Зои Константопулу, која не гласаше за мерките и се противи на нив.

Следните два дена ќе покажат и во која насока ќе се движи коалицијата со Независни Грци. Панос Каменос вчера преку „Твитер“ изјави дека мора да престанат европските притисоци и барања за мерки повеќе од оние кои се договорени во заедничката декларација на политичките лидери.

Додека не проговори Ципрас, остануваат отворени две сценарија. Прво, за можна брза реконструкција на владата и за освежување на парламентарната група, спроведување на мерките и за можни избори на есен или, пак, доколку Ципрас не сака веќе да ја предводи државата поради мерките кои целосно се косат со сите негови убедувања и ветувања, можно формирање влада за национален спас, која би ги спроведувала мерките до есен, а потоа да одведе до распишување предвремени избори.


Од ПАСОК го опоменаа Самарас да не звучи како Златна зора


Атина, 6 јануари, 2015 - 10:49 (META) 

Од ПАСОК го опоменаа грчкиот премиер Андонис Самарас за ставови слични со Златна зора во врска со имиграциската политика на Нова демократија. Самарас вчера, при посетата на Еврос, место кое е на граница со Турција и од каде по воден пат влегуваат најмногу имигранти во Грција, поради што пред две години беше поставена посилна електрична жица, покажа строги, конзервативни ставови за да ја нападне полибералната миграциска политика на СИРИЗА.

„Оваа ограда, која е подолга од 10 километри, е границата која спречува влез на илјадници илегални имигранти кои неконтролирано влегуваа во Грција и кои со години создаваа проблеми за целиот грчки народ. Некои сакаат да ја срушат оваа ограда затоа што нивниот став е дека треба да влегуваат илегални имигранти и дури и да им даваме државјанство, осигурување и здравствена грижа. Грчкиот народ нема да го дозволи тоа“, изјави Самарас кај Еврос.

Изненадувачки, реакција за оваа жестока изјава на грчкиот премиер не дојде од СИРИЗА, туку од секторот за човекови права на ПАСОК. Оттаму, преку соопштение, истакнуваат дека миграциската политика и справувањето со миграцискиот бран не треба да е нешто за внатрешна употреба, туку политика која ќе биде заеднички договорена од сите политички партии со почит кон човековите права и кон европските вредности.

„Оживувањето на Балтакос (советникот на Самарас кој беше уловен во близок видеоразговор со Златна зора н.з.) во пресрет на предвремените избори не ѝ носи корист на државата. Овие политички ставови и политички простор веќе го имаат сфатено и освоено Златна зора и други групи“, велат од секторот за човекови права, опоменувајќи го Самарас индиректно да не се впушта во екстремно-десничарски изјави кои потсетуваат на изјавите на неонацистичката партија.

Тактички, од ПАСОК, го потсетија Самарас дека Грција е во средиштето на воени жаришта и треба да им укаже помош на воените бегалци.

„Не постојат илегални имигранти. Грција е правна држава и како таква треба да се постави кон сите што влегуваат на нејзината почва. Бегалците од Сирија и од други воени региони треба да имаат пристап до процедурата за азил“, се вели во соопштението од ПАСОК. Оттаму апелираат дека и Грција и ЕУ имаат обврска да им помогнат и да обезбедат безбедни услови за живот на бегалците, како и да им понудат азил на оние кои имаат право на него.


Грчкиот парламент го изгласа буџетот за 2015 година


Атина, 8 декември, 2014 - 10:56 (META) 

Доцна вчеравечер во грчкиот парламент беше изгласан буџетот за следната година. Буџетот е усвоен со гласовите на 155 пратеници од Нова демократија, ПАСОК и на еден независен пратеник, а 134 пратеници се изјасниле „против“. Со проекцијата за државната каса за следната година се предвидува намалување на невработеноста од 24,8 на 22,6 отсто и пораст на економијата од 2,9 отсто. Буџетскиот дефицит треба да се ограничи на 0,2 отсто од домашниот бруто-производ. Грчкиот премиер Андонис Самарас изјави дека Грција по долго време има избалансиран буџет иако беше критикуван од грчките синдикати и од меѓународните кредитори.


Нов раздор меѓу Папандреу и Венизелос


Атина, 22 ноември, 2014 - 12:03 (META) 

Нови внатрешни несогласувања ја тресат партијата на грчките социјалисти – ПАСОК, по предлогот на поранешниот премиер и лидер на партијата, Јоргос Папандреу, партијата да се рестартира и да се распише нов конгрес за да се избере нов претседател на социјалистите.
Предлогот на Папандреу дојде еден ден по средбата со актуелниот лидер на ПАСОК и министер за надворешни работи, Евангелос Венизелос. Причината е отвореното несогласување на поранешниот премиер со начинот на кој Венизелос ја води партијата и предлогот на актуелниот лидер на партијата да се формира нова широка коалиција на левиот центар, која би била предводена од ПАСОК.

Ваков обид имаше за евроизборите кога ПАСОК учествуваше во коалицијата на левиот центар „Маслинка“. Венизелос за овој предлог доби поддршка од претходникот на Папандреу, поранешниот премиер Костас Симитис.

ПАСОК преку соопштение целосно го отфрли барањето на Папандреу, индиректно обвинувајќи го за обид да создаде дестабилизација и во партијата и во владата во критичен период на преговори со „тројката“ и обид државата конечно посериозно да застане на нозе.

– Нема да дозволиме никој да го разниша патот на кој се движат партијата и државата – стои во соопштението од канцеларијата за односи со јавноста на ПАСОК.

Како што се вели во соопштението, од ПАСОК одбиваат да прифатат мизерни обиди за внатрешно затворање на партијата, посочувајќи дека сè уште се справуваат со последиците од раководење со партијата од страна на Папандреу во екот на финансиската криза и формирањето на трипартиската преодна влада со Нова демократија и со ЛАОС.

Ваквиот развој на настаните одново го истакна вечното ривалство меѓу Папандреу и Венизелос во ПАСОК, кое кулминираше во 2007 година кога Папандреу победи на внатршените избори во партијата. Двајцата политичари ги закопаа секирите само откако поранешниот премиер во 2011 го назначи Венизелос за министер за финансии, со што му ја даде најважната улога во државата во екот на финансиската криза. Помирувањето не траеше долго, особено по истиснувањето на Папандреу од премиерското и од лидерското столче во ПАСОК.

Грчкиот печат оценува дека предлогот на Папандреу ги претставува ставовите на дел од сегашните и поранешните функционери на партијата на грчките социјалисти кои не се согласуваат со начинот на кој Венизелос ја раководи партијата, сметајќи дека наместо да делува посамостојно станува марионета во рацете на коалицискиот партнер Нова демократија.

Внатрешните несогласувања се смета дека не и одат во корист на партијата која се обидува на секаков начин да го подобри разнишаниот имиџ и да успее на потенцијалните предвремени избори да обезбеди пристоен број пратеници за поголема моќ и влијание во новиот состав на грчкиот парламент.

М.П.