!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

УСАИД почнува со инфо-сесии за компаниите, ќе се детектираат нивните проблеми


Скопје, 20 март, 2017 - 14:05 (META) 

Сивата економија и брзото менување на регулативите се најголеми проблеми за малите, средните и за микропретпријатија во Македонија, беше истакнато на прес-конференцијата во Стопанска комора.

За компаниите е особено тешко да се прилагодат на законите за работни односи и за безбедност и заштита при работа, како и на правата и обврските од законите за даночна и за царинска политика, животна средина и за урбанизам.

– За што подобро информирање на компаниите, но и за детектирање на нивните проблеми, почнуваме со т.н. инфо-сесии, вкупно 18, во десет градови низ Македонија. Почетокот е задутре, 22 март, со првиот информативен настан во Велес. Клучни сектори што ќе бидат опфатени со анализите се земјоделството, текстилот, градежништвото, ИКТ и туризмот – изјави Јадранка Аризанковска, виш советник во комората.

Инфо-сесиите, кои ќе се одржуваат до 7 јуни, се дел од проектот на УСАИД што го спроведува „Епицентар интернационал“ – Скопје во партнерство со Стопанската комора на Македонија, Комората за информатичка и телекомуникациска технологија МАСИТ и Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Целна група се сите иновативни, мали, средни и микропретпријатија, но не е исклучена можноста и за присуство на претставници од големите компании.


Албанскиот претседател Нишани му ја честиташе инаугурацијата на Трамп


Тирана, 20 јануари, 2017 - 20:43 (META) 

Претседателот на Албанија, Бујар Нишани, му ја честитал инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател на САД и му посакал успех во извршувањето на обврските, јавува дописничката на „Мета“ од Тирана.

Во својата изјава тој се заблагодарил за сето она што САД, повеќе од еден век, го направиле за Албанците и изразил убедување дека стратешкото партнерство меѓу двете земји уште повеќе ќе се зајакне.

Нишани нагласил дека за Албанија, САД остануваат едни од главните пријатели и стратешки партнери, уверувајќи го Трамп дека Албанците ќе продолжат да бидат на нивна страна во борбата против ИД и тероризмот.


Корупцијата во четири очи тешко се докажува


Тешко е да се докаже корупцијата во јавните набавки во Македонија, корупцијата на локално ново е недоволно истражена, а, во исто време, и јавната доверба во институциите надлежни за справување со корупција е ниска, покажа истражувањето на Ана Стојиловска, истражувач од „Аналитика“, автор на трудот „Ризици од корупција кај јавно-приватно партнерство во Македонија“.

Трудот денеска беше презентиран во општина Битола, а според авторката, државните органи чија работа е да се справат со корупцијата, не се доволно транспарентни во својата работа.

– Можам да го пофалам Државниот завод за ревизија, кој е отворен за соработка и ни даде информација дека тие немаат сознанија за корупција во јавно-приватно партнерство на локално ниво. Од друга страна, пак, Државната комисија за спречување корупција не беше толку кооперативна и нашите прашања ги сметаше за општо поставени и не ни даде одговор. Самите анкети, пак , покажуваат дека граѓаните немаат многу доверба во овој систем и верувам дека капацитетите на Комисијата не се доволни, во однос на човечкиот фактор и моќта во системот. И Европската комисија кажа дека за корупција и за перцепцијата на корупција се зборува, но, како заклучок, може да се каже дека доколку има корупција, таа е на суптилно ниво, во четири очи, нешто што многу тешко се докажува – рече Стојиловска.

Вратите за проверка на склучените договори за јавно-приватно партнерство за ова истражување ги отворија само три општини во државата – Ѓорче Петров, Свети Николе и Битола.

– Ова беше мало истражување на три општини. Изборот падна на оние кои имаат потпишано договор за јавно-приватно партнерство, а, од друга страна, се одеше на оние што се отворени за соработка. Јас контактирав со поголем број општини, но недостигот од соработка и од транспарентност упатува и на сомнеж за нивната работа –вели Стојиловска, напоменувајќи дека во Општина Битола има еден пример на јавно-приватно партнерство, тоа е зонското паркирање, каде не се утврдени неправилности во постапката.

Сепак, анализата покажува дека важно е поактивно вклучување на граѓанскиот сектор, особено во надгледување на трошењето на јавните пари, подобра имплементација на Законот за концесии и ЈПП и борбата против корупцијата на локално ниво.

Истржувањето е спроведено во рамки на проектот „Граѓанска мрежа за спречување на конфликт на интереси во јавната администрација“, спроведуван од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), Охридскиот институт за економски стратегии и меѓународни односи (ОИ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), а финансиран од Европска Унија.

А.Б,