!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ДИК ги распредели рекламните паноа и билборди на партиите за локалните избори


Скопје, 16 септември, 2017 - 18:47 (META) 

Државната изборна комисија (ДИК) денеска со жрепка ги распредели локациите на паноата и на билбордите за политичко рекламирање понудени од фирмите што стопанисуваат со нив, за потребите на партиите за претстојните локални избори.

Распределбата на локациите на рекламните паноа и на билбордите беше извршена според принципот – 40 отсто за партиите од власта, 40 отсто за партиите во опозиција во Собранието, 10 отсто за парламентарните партии кои немаат пратеничка група и 10 отсто за вонпарламентарните партии.

Независните кандидати за градоначалници ќе можат да се рекламираат на билбордите и на паноата кои бесплатно ги огласуваат општините.

Партијата која нема да го искористи вкупниот добиен процент за реклама е должна во рок од 48 часа да ја извести ДИК за просторот да се понуди на другите партии.

Државната изборна комисија денеска одржа и седница на која донесе одлука за објавување на описите на избирачките места, а го усвои и извештајот за избирачкиот список по завршениот јавен увид.


Саша Богдановиќ е кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Центар


Скопје, 13 септември, 2017 - 21:17 (META) 

Саша Богдановиќ, директорот на Јавното претпријатие „Паркинзи – Општина Центар“, ќе биде кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Центар, потврди лидерот на партијата и премиер, Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на договорот со лидерите на 21 партија за предизборна коалиција.

Заев ја потврди кандидатурата на Богдановиќ откако актуелниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, се повлече од трката за втор градоначалнички мандат и, како што се договорил со премиерот и лидер на СДСМ, ќе добие функција во централната власт.

Инаку, Заев и лидерите на 21 партија вечерва потпишаа договор за заеднички настап на локалните избори под мотото „Живот во Македонија за сите“.

– Формиравме предизборна коaлиција предводена од СДСМ за следните локални избори. Настапуваме отворено, го слушнавме гласот на граѓаните кои избраа заедништво, наспроти поделби. Граѓаните од целото општество имаат шанса да учествуваат во промените и тоа го прават. Затоа сум убеден дека оваа коалиција по промената на централно ниво ќе донесе и промени на локално ниво на изборите на 15 октовмри – рече Заев.


Трет ден ќе се расправа за ребалансот на буџетот, седницата закажана во 11 часот


Скопје, 4 август, 2017 - 9:46 (META) 

Денеска пратениците во Собранието трет ден ќе расправаат за ребалансот на буџетот, а пленарната седница ќе почне во 11 часот.

Опозицијата ја обвинува власта дека со ребалансот на буџетот прави најголеми кратења во образованието и во здравството, дека се кратат капитални инвестиции и дека до крајот на годината не е предвидена реализација на ниту еден проект.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, пак, вели дека ребалансот на буџетот е реален бидејќи секој буџет досега бил лажно проектиран за да се „продава приказната дека има развој“.

Пленарната расправа за буџетот треба да трае пет дена. „Мета“ од извори од партиите дознава дека гласањето за ребалансот на буџетот ќе биде в понеделник. Во текот на викендот, само в сабота се очекува да има собраниска расправа.


Рамуш Харадинај прогласи победа на изборите во Косово


Приштина, 11 јуни, 2017 - 21:31 (META) 

Рамуш Харадинај вечерва прогласи победа на коалицијата на Демократска партија на Косово, на предвремените парламентарни избори.

По затворањето на избирачките места, Харадинај изјави дека оваа коалиција убедливо победила со освоени 40 проценти од гласовите.

На второ место е движењето Самоопределување, кое добило 30 проценти од гласовите. На трето место е коалицијата на Демократскиот сојуз на Косово, Алијансата на ново Косово и иницијативата Алтернатива со 27 отсто од гласовите.

Поради изборни неправилности, обвинителството во Приштина поднесе седум обвиненија, а неколку лица се приведени. Изборите ги следеа 5.000 набљудувачи.

Околу 1,8 милиони запишани избирачи имаа можност да избираат 120 пратеници во собранието.


Прв круг на парламентарни избори се одржува денеска во Франција


Париз, 11 јуни, 2017 - 14:24 (META) 

Прв круг на парламентарни избори денеска се одржува во Франција, каде што 47 милиони Французи ќе излезат на гласање на 66.546 избирачки места. Аналитичарите предвидуваат дека првпат по 60 години може да бидат поразени и левицата и десницата, кои досега беа традиционални партии во оваа држава.

Според досегашните анкети, центристичката партија на новиот претседател на Франција, Емануел Макрон, може да освои 30 отсто од гласовите, десничарските републиканци 22 отсто, а екстремно десничарскиот Национален фронт околу 18 отсто.

За апсолутно мнозинство во парламентот потребно е да се освојат 289 од 577 места во парламентот. Вториот круг на парламентарните избори е закажан за 18 јуни.


Села: Јасно е кои се нарачателите на насилствата, треба да одговараат пред правдата


Скопје, 25 мај, 2017 - 17:26 (META) 

„Мислам дека нема потреба од многу докази, се беше јасно и се случуваше пред очите на јавноста. Сите тие кои си земаа за право и влегоа во Собранието, треба да одговараат пред органите на правдата ако сакаме да имаме правна држава,“ изјави претседателот на Движење за реформи на ДПА (ДР-ДПА), Зијадин Села, откако даде исказ во Основно јавно обвинителство за настаните на 27 април во Собранието, кога тој, најтешко беше повреден од сите пратеници.

Села додаде дека „уште еднаш е јасно кои се нарачателите, бидејќи не се срамат и уште ги поддржуваат таквите односи и дејствија кои сите ги видовме во Собранието.“

„Тие се претседатели на партии и луѓе кои треба да одговараат пред органите на правдата и кои се подготвени на се, за да избегнат да не одговараат пред правдата за злоделата, за криминалот, за корупцијата која ја направиле овие десет години. Уште еднаш покажаа дека институцијата пратеник за нив не е ни малку важна, со наредбата која ја дадоа и одлуката на судот за условно казнување на неколку лица кои беа вклучени во случувањата на 27 април,“ додаде Села.


Локални избори во октомври, договорија партиите на координација без ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 15 мај, 2017 - 14:00 (META) 

На денешната координација со претседателот на Собранието, Талат Џафери, претставниците на парламентарните партии се договориле дека е потребно да се донесе предлог-закон за изменување и за дополнување на Изборниот законик, со кој одржувањето на локалните избори ќе биде предвидено за првата половина од октомври, а мандатот на сегашните градоначалници и советници ќе биде продолжен до изборот на новите членови на советите и на градоначалниците.

„Претседателот Џафери беше известен и дека партиите се согласуваат расправата по предлог-законот да биде ефикасна и да се исклучи секаква можност за нејзино непотребно одолжување“, информираат од кабинетот на Џафери.

Џафери ги повикал партиите да формираат пратенички групи за да се овозможат услови за редовно работење на Собранието, како и дека од нив очекува да постигнат договор за формирање работни тела за измени на Изборниот законик.

„Претседателот Џафери и претставниците на политичките партии се согласија дека политичкиот дијалог мора да продолжи во Собранието на Република Македонија и дека сите политички субјекти треба да бидат одговорни пред граѓаните и да придонесат за продолжување на демократските процеси во Република Македонија“, се додава во соопштението.

На координацијата во Собранието присутни биле претставници на СДСМ и на коалицијата, на ДУИ, Беса, Алијанса за Албанците и на ДПА, а не бил присутен претставник на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзината коалиција.


ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на најавената координација во Собранието


Скопје, 15 мај, 2017 - 9:30 (META) 

Талат Џафери не е избран за претседател на Собранието на Република Македонија во законска процедура и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не гледа причина зошто би одговарала на покана која пратеникот Талат Џафери ја испраќа во својство на претседател, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека партијата нема да учествува на најавената координација во Собранието.

„Покрај тоа што прифатија платформа од туѓа држава, се обидоа незаконски да изберат претседател на Собранието, сега бараат изговори само да не се одржат локалните избори, кои се редовни и во овој момент неопходни. Криминалецот Зоран Заев треба да знае дека одржувањето локални избори нема никаква поврзаност со формирањето на владата“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека СДСМ се обидува да го одложи одржувањето на локалните избори, бидејќи партиските кадри „немале смелост да се соочат со македонскиот народ, по сето она што сторија“.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска треба да се сретне со претставниците на политичките партии во Собранието. На координативната средба треба да се реши кога ќе се продолжи конститутивната седница и по кој тек ќе се одвива таа.

Се очекува на координативниот состанок да се зборува и за можните решенија по истекот на мандатите на локалните власти, како и да се дефинираат чекорите за распишување локални избори.


СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со забетонирани ставови за изборот на собранискиот спикер


Скопје, 3 мај, 2017 - 10:08 (META) 

По изборот на Талат Џафери за собраниски спикер и по нередите и инцидентите во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во своите редовни утрински соопштенија остануваат на своите партиски ставови за начинот на избор на претседателот на Собранието и за настаните што следуваа потоа.

„На парламентарното мнозинство треба да му биде овозможено да формира влада без понатамошно одложување. Тоа го очекува целата домашна јавност, а по ставот на САД, на тоа вчера повикаа и евроамбасадорот во земјава, Самуел Жбогар, и европратениците Вајгел, Флекенштајн и Кукан, олеснувачи на политичката криза во Македонија“, велат од СДСМ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, пак, „СДС ја втурна Македонија во длабока политичка и правна криза“.

„СДС со обидот на нелегален начин да избере претседател на Собранието прави опасен правен преседан кој може да прерасне во практика. Брзајќи да ја реализира тиранската платформа, СДС изврши пуч во Собранието, ги разгневи граѓаните, директно предизвикувајќи го немилиот настан од четвртокот вечерта, со што ги стави своите и пратениците од другите партии, вклучително и на ВМРО-ДПМНЕ, во голема опасност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


Партиите во Албанија бараат продложување на рокот за регистрација на коалиции


Тирана, 19 април, 2017 - 16:04 (META) 

Денеска е краен рок за регистрирање на коалиции за претстојните парламентарни избори во Албанија, но ниту една коалиција помеѓу партиите не е регистрирана во Државната изборна комисија на Албанија, јавува дописничката на „Мета“ од Тирана.

Според албанскиот изборен законик, политичките партии требаше да се пријават за учество на изборите до 10 април, но тоа не го сторила ниту една опозициска партија.

Социјалистичката партија и Социјалистичкото движење за интеграција барале да се продолжи рокот за пријавување на политичките партии и на коалициите.

Либра, која е една од подоцна регистрираните партии, ја отфрлила оваа идеја на големите политички партии.