!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев: Парламентарното мнозинство ќе зајакнува со пратеници од опозицијата


Штип, 21 октомври, 2017 - 18:16 (META) 

Парламентатното мнозинство ќе зајакнува бидејќи има многу демократи и чесни луѓе од опозицијата, кои не се согласуваат со политиките на поделби, национализам и на антагонизам. Ова денеска го изјави лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, за време на посетата на Штип, во рамките на кампањата за вториот круг од локалните избори.

– Јас верувам дека неколку пратеници ќе се охрабрат да ги поддржат политиките што им се потребни на граѓаните на Република Македонија. Убеден сум во тоа, така што следува период на засукување на ракавите и работење во интерес на граѓаните – рече Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање за шпекулациите за излегување на Алијанса за Албанците на Зијадин Села од владината коалиција, Заев рече дека СДСМ ја потврдува својата коалција со ДУИ и дека има разбирање за коалицијата на Алијанса за Албанците со Беса за вториот круг од локалните избори, но и дека Села потврдил оти останува во Владата.

– Локалната власт е различна од централната власт и многу е легитимно што Зијадин Села со Алијанса за Албанците влегол во коалиција со Беса. Јас немам проблем со тоа. Видов дека е некаде со раководни структури и на ВМРО-ДПМНЕ, како што е во Гостивар и имам разбирање. Веројатно се согласиле за програмата на локално ниво и тоа е во ред. Ние сме со ДУИ во коалиција и ги поддржуваме кандидатите во тие општини и оттука не гледам дека тоа би можело да влијае, освен ако Зијадин Села и неговата партија не одлучат да напуштат. Мене ми е драго што тој потврди дека останува во Владата, така што апсолутно продолжуваме понатаму – рече Заев.


Тунтев: Нема да одиме на одмор додека Зврлевски не биде разрешен


Скопје, 3 август, 2017 - 14:59 (META) 

Пратеникот и координатор на СДСМ, Томислав Тунтев, денеска во прес-центарот во Собранието на Република Македонија рече дека пратениците од парламентарното мнозинство се договориле да не одат на годишен одмор сè додека не заврши расправата за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.

Тунтев најави дека Собранието ќе заседава и претстојниот викенд, за да се изгласа ребалансот и да се премине на точката за Зврлевски.

– Ние сме на ставот да не одиме на одмор сè додека Зврлевски не биде разрешен. Конзистентни сме и ветивме дека ќе расправаме и по предлог-законот на опозицијата за менување јавен обвинител. Се очекува ребалансот на буџетот да заврши до недела, по што се очекува претседателот Талат Џафери да ги распише локалните избори – рече Тунтев.


Законот за употреба на јазиците, Османи го очекува на владина седница следната недела


Скопје, 24 јули, 2017 - 14:56 (META) 

Законот за употреба на јазиците би требало набргу, во наредните денови, да биде подготвен од Владата, а по новите изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го ревидира својот став кон Албанците, изразуваме очекување таа партија да го ревидира својот став и со консензус да го донесеме законот за јазиците, рече вицепремиерот Бујар Османи.

Одговарајќи на новинарско прашање пред денешната заедничката работна средба на Секретаријатот за европски прашања и на Министерство за правда, која се одржува во Клубот на пратениците во Скопје, тој појасни дека работната верзија на предлог-законот за употреба на јазиците ќе се најде на владина седница многу набргу, во наредните денови.

– Во наредните денови Владата ќе го разгледа и се надеваме дека ќе го усвои Законот за употреба на јазиците. Ние сме задоволни дека има консензус меѓу политичките партии да се адресира овој закон и многу бргу, велам, можеби во наредните денови, можеби наредната седмица, на седница на Влада ќе биде ставен овој закон – рече Османи.

Прашан дали очекува опструкции од ВМРО-ДПМНЕ за изгласувањето на овој предлог-закон во Собранието, вицепремиерот се осврна на пораката од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе се ревидира ставот кон албанската заедница.

– Тие имаа јавен став дека ќе го сменат односот кон албанската заедница, затоа што констатирале во партијата дека имале погрешен пристап. Ние сметаме дека ова е идеална можност ВМРО-ДПМНЕ да го коригира ставот и заеднички со консензус да го донесеме законот за јазици. Мислам дека такво чувство имаме добиено од јавните ставови на ВМРО-ДПМНЕ – рече Османи.


Бејли им го честиташе изборот на Заев и на новата Влада


Скопје, 1 јуни, 2017 - 1:17 (META) 

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Македонија, Џес Бејли, на новиот премиер Зоран Заев и на парламентарното мнозинство, на „Твитер“, им го честиташе изборот на новата Влада.

„Честички до премиерот Зоран Заев и до парламентарното мнозинство за формирањето нова Влада во Македонија. Како пријател и партнер, со нетпрение очекуваме да работиме со новата влада на реформите за напредок кон членството во НАТО и во Европската Унија, вклучувајќи ги оние за владеењто на правото“, напиша Бејли на својот твитер-профил.


Ахмети замина од СДСМ без да даде изјава – најави соопштение


Скопје, 19 мај, 2017 - 15:12 (META) 

Повеќе од два часа траеше денешната средба помеѓу лидерот на СДСМ и мандатар, Зоран Заев, и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во седиштето на СДСМ, која е во рамките на преговорите помеѓу партиите за составување нова влада.

Ахмети во седиштето на СДСМ пристигна околу 12.30 часот, а го напушти околу 14.45 часот. Лидерот на ДУИ и на заминување не даде изјава за медиумите и само кратко најави дека партијата ќе објави соопштение за текот на денешните преговори за составот на владата.

По средбата со Ахмети, треба да следуваат и преговори со претставници на другите партии од новоформираното парламентарно мнозинство, односно со Алијансата за Албанците и со Беса.

Се очекува преговорите да течат и во текот на викендот.


Заев со Ахмети ги почнува преговорите за новата влада


Скопје, 19 мај, 2017 - 10:11 (META) 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска официјално ќе ги почне преговорите за составување на новата влада. Тој завчера го доби мандатот од претседателот Ѓорге Иванов.

Првата средба би требало да биде со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, но терминот уште не е договорен, појасни за „Мета“ портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Потоа ќе следуваат и преговори со другите претставници на партиите од новоформираното парламентарно мнозинство, Алијанса за Албанците и Беса, кои би требало да учествуваат во составот на новата влада заедно со партнерите на СДСМ од коалицијата.

Извесно е дека преговорите ќе течат и во текот на викендот.


СЈО исчезна од изјавите на партиите и на меѓународната заедница


Скопје, 18 мај, 2017 - 14:58 (META) 

Во еуфоријата што завладеа во земјава по формирањето на новото парламентарно мнозинство, изборот на нов спикер на Собранието и по вчерашното доделување на мандатот за формирање нова влада, од наративот на партиите од мнозинството целосно исчезна Специјалното јавно обвинителство и продолжувањето на неговиот мандат за подигнување обвиненија.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим имаат уште околу еден месец (значи до 4 јуни, односно до 30 јуни) за отворање истраги и за поднесување обвиненија за случаите што се поврзани и кои произлегуваат од „бомбите“ на СДСМ, односно од незаконското следење на комуникациите. Според актуелниот Закон, СЈО има 18 месеци „од преземањето на предметите“ за отворање или затворање на истраги и на обвиненија. Имено, СЈО предметите и материјалите од Јавното обвинителство и од СДСМ ги презеде на двапати, на 4 декември 2015 година и на 30 декември 2015 година.

Од СЈО, на почетокот на овој месец, за „Мета“ изјавија дека досега повеќепати јавно апелирале за „потребата од промена на рокот за поднесување обвиненија“ и дека очекуваат од „сите субјекти да ја увидат таа неопходност и да искажат конкретна поддршка“.

Сепак, во соопштенијата на СДСМ, но и во изјавите на лидерот на партијата, Зоран Заев, периодов воопшто не се споменува иницијативата за продолжување на мандатот на СЈО, туку доминираат најавите за целосен реизбор на судии и за реформи во судството.

Работата на СЈО и пораките за негова поддршка ја нема ниту во реакциите, честитките и во пораките од претставниците на Европската Унија и на Соединетите Американски Држави, по последните случувања во Македонија. Тие повикуваат на брзо формирање нова влада, на спроведување на реформските приоритети и на враќање на земјава на патот кон евро-атлантските интеграции –  но СЈО не го споменуваат.

Инаку, според експертите, постојат три можности за продолжување на мандатот на СЈО, но сите се помалку или повеќе тешко остварливи.

Собранието да го продолжи мандатот на СЈО: За ова потребно е двотретинско мнозиство, што значи дека треба да гласаат и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, партија чие раководство е категорично против продолжувањето и воопшто против работата на СЈО.

Уставниот суд да го укине членот 22 од Законо за СЈО, каде е пропишан рокот за поднесување обвиненија: Уставниот суд може да се повика на тоа што со овој рок СЈО е ставено во нерамноправна положба во однос на другите обвинителства, чии рокови за спроведување истраги и за поднесување обвиненија се регулирани со Законот за кривична постапка.

Распишување на референдум на кој граѓаните непосредно би гласале дали се за продолжување на мандатот на СЈО: Според последната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), СЈО во март годинава имало поддршка од 53 отсто, што е за 2 отсто повеќе во споредба со ноември минатата година, но 10 отсто помалку во однос на април 2016 година, кога поддршката изнесувала 63 отсто. Сепак, опцијата за референдум за продолжување на мандатот, со оглед на краткиот период, е веќе задоцнета варијанта бидејќи според Законот за реферндумите и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, „од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум на државно ниво во „Службен весник на Република Македонија“ до денот на одржувањето не можат да поминат помалку од 60 ниту повеќе од 90 дена“.


СДСМ: Несериозноста на ВМРО-ДПМНЕ ги остави граѓаните без градоначалници


Скопје, 15 мај, 2017 - 9:11 (META) 

Несериозноста на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и на Ѓорге Иванов ја оставија Македонија пет месеци без влада, а од денеска граѓаните се оставени и без градоначалници и без советници, се вели во редовното утринско соопштение на СДСМ.

Во него се додава дека се доведени во прашање егзистенциите на вработени во општинските администрации и сервиси, кои се под ризик да не добиваат плати и надоместоци, а граѓаните да не ги добиваат потребните општински услуги.

„Ова треба да биде последно предупредување до Ѓорге Иванов, кој итно треба да дејствува и да го додели мандатот за составување влада на претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Груевски и соработниците свесно создаваат хаос во државата, затоа што мислат дека преку дестабилизација ќе ги спречат промените и соочувањето со правдата“, се додава во соопштението.

Од СДСМ порачуваат дека парламентарното мнозинство нема да дозволи парализа на државата.


ЛП: Иванов да не се поставува како диктатор, туку неодложно да го даде мандатот на Заев


Скопје, 12 мај, 2017 - 12:33 (META) 

Либералната партија денеска го повика претседателот на државата, Ѓорге Иванов, неодложно да го даде мандатот на Зоран Заев, како утврден претставник на дефинирано парламентарно мнозинство.

Од партијата велат дека политичкиот процес мора да продолжи дури и ако Иванов и понатаму не го дава мандатот.

„Не давајќи го мандатот за формирање влада, Иванов овозможува владеење на влада која ниту има мандат ниту има парламентарно мнозинство. Не давајќи мандат на дефинираното парламентарно мнозинство, тој се поставува како диктатор кој лично владее наспроти Уставот и ја оневозможува парламентарната демократија. Токму затоа, ако во рокот од предвидените десет дена Иванов не го даде мандатот, парламентарното мнозинство треба да избере влада без понатамошна соработка со Иванов“, стои во соопштението на Либералната партија.


Иванов повторно го повика Заев да даде гаранции за унитарноста на државата


Скопје, 10 мај, 2017 - 14:08 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска го повика лидерот на СДСМ, Зоран Заев, заедно со коалициските партнери, да обезбеди гаранции за зајакнување на унитарноста на државата, а во однос на давањето на мандатот за составување нова влада „ќе постапи во согласност со Уставот и со досега воспоставената практика“.

„Писмото од Собранието на Република Македонија е пристигнато во кабинетот на претседателот на Република Македонија, вчера, на 9 мај 2017 година. Претседателот Иванов очекува од лидерот на СДСМ да го исполни јавно искажаниот збор дека заедно со коалициските партнери ќе обезбеди гаранции за зајакнување на унитарноста на државата и дека сè ќе биде во согласност со Уставот на Република Македонија. Претседателот Иванов останува на ставот дека такаречената платформа од Тирана, ниту кој било друг документ, акт или дејство спротивни на Уставот на Република Македонија, не може да биде услов ниту, пак, основа за формирање и за дејствување на влада во Република Македонија. Македонскиот претседател, во однос на определувањето мандат, ќе постапи во согласност со Уставот и со досега воспоставената практика“, соопштиле од кабинетот на Иванов за државната новинска агенција МИА.

Инаку, новоизбраниот претседател на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, вчера со писмо повторно го извести претседателот Иванов дека е оформено парламентарно мнозинство.