!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Меркел и официјално кандидатка на конзервативците на изборите во Германија


Берлин, 6 февруари, 2017 - 13:20 (META) 

Германската конзервативна партија денеска постигна договор канцеларката Ангела Меркел да биде номинирана како нејзина кандидатка на изборите на 24 септември, без разлика на спорот за приливот на мигранти, соопштија денеска учесници на состанокот.

Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), сестринска партија на Христијанско-демократската унија на Ангела Меркел (ЦДУ), претходно ја критикуваше канцеларката затоа што дозволила повеќе од милион бегалци да влезат во Германија во последните две години.

ЦДУ и ЦСУ се сретнале во Минхен за да дискутираат за изборна стратегија против Социјалдемократската партија на сојузните избори во септември.

Меркел и лидерот на ЦСУ, Хорст Зехофер, во текот на денот ќе го претстават заедничкиот план за изборите.


Мандатари и број на пратеници во независна Македонија – историски и графички преглед


Скопје, 10 јануари, 2017 - 15:53 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вчера од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, го доби петтиот по ред мандат за составување влада со парламентарна бројност од 51 пратеник во законодавниот дом. Ова нема да е првпат мандатот за формирање влада да го добие кандидат на партија која на избори освоила најголем број пратенички места, а нема мнозинство од вкупниот број на пратеници во Собранието, односно минимум 61.

Груевски првиот премиерски мандат го доби по парламентарните избори во 2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ освои 45 пратенички места, а СДСМ  32 пратеника. Тогашниот претседател на државата, Бранко Црвенковски, му го довери мандатот на Груевски, кој формираше влада, коалицирајќи со ДПА, која имаше 11 пратеници, со НСДП на Тито Петковски (седум пратеници) и со ДОМ на Лилјана Поповска (еден пратеник). Иако не влегоа во владина коалиција, за тогашната влада на Груевски гласаа и шесттемина пратеници на ВМРО – Народна партија на претходниот лидер на ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски.

Вака изгледал распоредот на силите во Собранието на Република Македонија во секој од шесте изборни циклуси за пратеници во Собранието, од 2002 до 2016 година.

partii broj na mandati po godini

Избори 1990 година

На овие избори, кои беа спроведени според мнозински модел и во два круга, најмногу гласови освои ВМРО-ДПМНЕ – 38, Сојузот на комунисти на Македонија – Партија за демократска преобразба (СКМ-ПДП) или денешен СДСМ – 31, ПДП од албанскиот политички блок освои 17, Сојуз на реформски сили – 11 и Социјалистичката партија на Македонија – 4 пратеници.

Тогашниот претседател на државата, Киро Глигоров, мандатот за состав на влада прво му го даде на Љубчо Георгиевски, како лидер на најбројната партија во Собранието (со 38 пратеници), но тој го одби и го врати мандатот. Глигоров потоа мандатот за состав на влада му го  даде на Петар Гошев од СДСМ (со 31 пратеник), кој откако не успеа да формира влада, го врати мандатот, па претседателот, иако тоа не беше уредено со Уставот и со закон, му го даде на Црвековски, кој стана премиер на првата политичка влада на Македонија.

Избори 1994 година

Коалицијата Сојуз за Македонија предводена од СДСМ на овие избори освои досега недостигнати 87 пратеници, а ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија го бојкотираа вториот круг од изборите и не влегоа во Собранието, поради, како што тврдеа, сериозни нарушувања на изборниот процес. На изборите во 1994 година Партија за демократски просперитет во Македонија освои 10 пратенички места, Народна демократска партија – 4, Либерална партија – 5, а во собраниските клупи седнаа и 7 независни кандидати.

Претседателот Киро Глигоров мандатот за состав на влада му го даде на Бранко Црвенковски.

Избори 1998 година

ВМРО-ДПМНЕ на чело со тогашниот лидер Љубчо Георгиевски освои најголем број пратенички места во Собранието – 49, СДСМ (Бранко Црвенковски) – 27, Партија за демократски просперитет ПДП – 14, Демократска алтернатива на Васил Тупурковски – 13, ДПА (лидер Арбен Џафери) – 11, Либерално-демокрастка партија – 4, Социјалистичка партија на Македонија – 1, Сојуз на Ромите од Македонија – 1. Мандатот го доби Љубчо Георгиевски кој формираше влада во коалиција со Демократска алтернатива и ДПА.

Претседателот Киро Глигоров мандадот за формирање Влада му го даде на Љубчо Георгиевски.

Избори 2002 година*.

СДСМ со Бранко Црвековски како лидер освои 60 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ (со Љубчо Георгиевски) – 33, ДУИ (први избори) – 16 пратеници, ДПА (Арбен Џафери) – 7 пратеници, ПДП – 2, НДП – 1, СПМ – 1. Влада формираше СДСМ, со ЛДП (која беше дел од предизборната коалиција предводена од СДСМ) и со ДУИ.

Претседателот Борис Трајковски мандатот за состав на влада му го даде на Бранко Црвенковски.

*По трагичната авионска несреќа и смртта на претседателот Трајковски, нов шеф на државата стана
 лидерот на СДСМ - Бранко Црвенковски, кој премиерската функција му ја препушти на Хари Костов, 
кој пак по 5 месеци се повлече од функцијата и лидер на СДСМ и премиер стана Владо Бучковски.

Избори 2006 година

На овие избори ВМРО-ДПМНЕ на чело со новиот лидер, Никола Груевски, (Груевски стана лидер на партијата во 2003 година) освои 45 пратенички мандати, СДСМ со Владо Бучковски како претседател на партијата освои 32 пратенички места, ДУИ – 17, ДПА (со Арбен Џафери) – 11, НСДП (Тито Петковски) – 7, ВМРО-НП (на чело со Љубчо Георгиевски) – 6, Демократска обнова на Македонија (ДОМ) – 1, Партија за европска иднина (ПЕИ) – 1.

Претседателот Бранко Црвенковски мандадот за формирање влада му го даде на Никола Груевски.

Избори 2008 година (предвремени)

ВМРО-ДПМНЕ на овие избори освои 63 пратеници (досега нивен најдобар резултат), СДСМ предводен од Радмила Шекеринска како претседател на партијата доби 27 пратеници, ДУИ – 18, ДПА со Мендух Тачи како партиски лидер – 11, ПЕИ – 1. Груевски повторно стана премиер, а наместо ДПА, првпат во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ влезе ДУИ, по т.н. Мајски договор меѓу Груевски и Али Ахмети, според кој победничките партии од македонскиот и од албанскиот блок ја формираат владината коалиција.

Претседателот Бранко Црвенковски мандатот за состав на влада му го даде на Никола Груевски.

Избори 2011 година (предвремени) 

ВМРО-ДПМНЕ на изборите на 5 јуни 2011 година освои 56 пратеници, СДСМ повторно со Црвенковски како лидер – 42, ДУИ – 15, ДПА – 8, Национална демократска преродба (НДП) на Руфи Османи – 2 пратеника. Влада формираа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а мандатар, а потоа премиер по третпат стана Груевски.

Претседателот Ѓорге Иванов мандатот за состав на влада му го даде на Никола Груевски.

Избори 2014 година (предвремени) 

На овие избори ВМРО-ДПМНЕ освои 61 пратеник, СДСМ со Зоран Заев како лидер доби 34 пратеници, ДУИ – 19, ДПА – 7, ГРОМ – 1, НДП – 1. Влада формираа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а СДСМ и нивните коалициони партнери го бојкотираа новото Собрание и дејствуваа вонпарламентарно, поради, како што соопшти тогаш Заев, изборни манипулации и нерегуларности, односно кражба на изборите од страна на владејачката партија.

Претседателот Ѓорге Иванов мандатот за состав на влада му го даде на Груевски.

Избори 2016 година (предвремени) 

Најнеизвесните избори досега на кои ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, СДСМ – 49, ДУИ – 10, Движење Беса – 5, Алијанса за Албанците – 3, ДПА – 2.

Претседателот Ѓорге Иванов мандатот за состав на влада му го даде на Никола Груевски.


Социјалдемократите победија на изборите во Романија


Букурешт, 12 декември, 2016 - 10:22 (META) 

Социјалдемократската партија на Романија (ПСД) победила на парламентарните избори во земјата, покажуваат резултатите објавени утрово, по преброени 99 осто од гласовите, јавува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

На изборите што вчера се одржаа во Романија, социјадемократите освоиле 46 отсто од гласовите, а Националната либерална партија на десниот центар е на второ место со повеќе од 20 отсто освоени гласови.

Во парламентот ќе влезе и сојузот Да ја спасиме Романија, нова партија која својата кампања ја засноваше на борбата против корупцијата.

Излезноста на изборите во Романија била 39,5 отсто, што е за два отсто помалку во споредба со парламентарните избори во 2012 година.

Претседателот на ПСД, Ливиу Драгнеа, синоќа, по објавувањето на првите резултати за излезноста на изборите, изјавил дека „Романците сакаат да се чувствуваат како дома и како во своја земја“.

Драгнеа во април годинава беше осуден на двегодишна условна казна затвор поради кражба на гласови на референдумот за смена на поранешниот претседател Трајан Басеску, во јули 2012 година.


Нишани ги закажа парламентарните избори во Албанија за 18 јуни 2017 година


Тирана, 5 декември, 2016 - 16:12 (META) 

Албанскиот претседател Бујар Нишани денеска со указ ги закажа парламентарните избори во државата за 18 јуни 2017 година.

Граѓаните на изборите ќе треба да изберат 140 пратеници во новиот парламент, со мандат од четири години.

Досега меѓународната задница никогаш ги нема оквалификувано изборите во Албанија како целосно слободни или фер. Овие избори се сметаат за особено важни, имајќи предвид дека Албанија се надева да добие зелено светло од ЕУ за почнување преговори за членство.


Во Црна Гора денеска се одржуваат парламентарни избори


Подгорица, 16 октомври, 2016 - 18:08 (META) 

Во Црна Гора денеска се одржуваат редовни парламентарни избори, четврти од стекнувањето на независноста на земјата.

На изборите учествуваат 17 листи, од кои треба да биде избран 81 пратеник. Процените се дека ова ќе бидат едни од најнеизвесните избори.

Борба за продолжување на евроатланскиот пат или приближување кон Русија? Надворешната политика е во фокусот на изборните кампањи, како на власта така и на опозицијата.

По две ипол децении на власт, денешните избори може да се видат како едни од поголемите испити на премиерот Мило Ѓукановиќ и неговата Демократска партија на социјалистите.

Право на глас имаат 530.840 избирачи, кои гласаат на 1.206 избирачки места, а изборниот праг е три отсто.

Изборите ги следат 2.607 набљудувачи, од кои 500 се странски.

Покрај парламентарните, во четири црногорски општини, Будва, Котор, Андријевица и Гусиње, денеска се одржуваат и локални избори.


ВМРО-ДПМНЕ ги закажа изборите – на „Фејсбук“?


Скопје, 13 октомври, 2016 - 18:32 (META) 

На социјалната мрежа „Фејсбук“ денеска беше креирана посебна страница за настан закажан за 11 декември, наречена „Парламентарни избори 2016 година“.

Официјалното мото на настанот е „Ова е твоја земја, ти одлучуваш“.

Како организатор и домаќин на настанот се јавува ВМРО-ДПМНЕ, односно официјалната ФБ-страница на владејачката партија.

На ФБ-страницата која е запишана како домаќин на настанот, објавени се настани и текстови за владејачката партија.

Сите објави на страницата се споделени од интернет-страницата на ВМРО-ДПМНЕ и може да се видат најави и реализации на проекти, изјави кои членовите на ВМРО-ДПМНЕ ги давале во медиумите, галерии со фотогафии од членовите на владејачката партија и деманти кон опозицијата.

ОД ВМРО-ДПМНЕ за „Мета“ велат дека нивниот центар за комуникации не го креирал настанот, но не ја исклучуваат можноста тоа да го направил некој од нивните членови.


СДСМ: Ќе направиме темелна ревизија на буџетот за 2017 година на кадрите на Груевски


Скопје, 20 септември, 2016 - 10:43 (META) 

Опозицискиот СДСМ порачува дека буџетот за 2017 година што го одобрија кадрите на Никола Груевски во Владата, доколку биде усвоен од мнозинството во Собранието, ќе претрпи темелна ревизија и ќе биде проектиран исклучиво според потребите на граѓаните на Република Македонија.

„Нагласуваме дека владата што сега функционира е техничка и е формирана само за организирање и за спроведување на предвремените парламентарни избори. Оваа влада не смее да носи сериозни акти каков што е буџетот за 2017 година тежок 3 милијарди евра“, пишува во соопштението на СДСМ.

Од партијата велат дека СДСМ нема да дозволи исплатата на сите тековни трошоци, плати, пензии, субвенции, социјални трансфери, на ниеден начин да биде загрозена.


Партијата на Путин убедливо победи на парламентарните избори во Русија


Москва, 19 септември, 2016 - 10:22 (META) 

На парламентарните избори за 450 пратеници на Долниот дом на рускиот парламент убедливо победи партијата Единствена Русија на претседателот Владимир Путин.

Партијата освоила 54,3 отсто од гласовите, со што ќе добие апсолутно мнозинство во парламентот.

Комунистичката партија освои 14,9 отсто, а Либерално-демократската партија – 15,1 отсто од гласовите.
Фондот на јавно мислење соопшти дека другите партии што учествуваа со свои кандидати на изборите не го поминале цензусот од пет отсто.

Претседателката на руската Централна изборна комисија, Ела Панифилова, изјави дека вчерашните избори биле легитимни.

– Постои целосна увереност дека изборите поминаа сосема легитимно – рече Панифилова на првиот канал на руската државна телевизија.


Путин ги повика граѓаните на Русија в недела да гласаат на парламентарните избори


Москва, 15 септември, 2016 - 20:32 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ги повика граѓаните на својата земја в недела да гласаат на парламентарните избори, јавуваат светските агенции.

„Барам да одите да гласате и да го изразите својот став“, изјавил Путин во телевизиски говор, кој не бил најавен од Кремљ.

Тој изјавил дека учеството на гласањето е задача на секој граѓанин на земјата.

„Убеден сум дека без разлика на политичкото мислење што го имаме, учеството на гласањето е цивилна задача за секој од нас, манифестација на нашите чувства кон нашата земја и на нашата грижа за нејзината иднина… Направете го својот избор, гласајте за Русија“, рекол Путин.

Право на глас на изборите в недела имаат речиси 110 милиони гласачи, кои треба да го изберат новиот состав на руската Дума, во која сега доминира партијата на Путин, Обединета Русија.

Повеќе од 6.500 кандидати од 14 партии се борат за влез во Думата, но некакви значајни промени не се очекуваат на овие избори.


Вицепремиерот за европски прашања Адеми на средба со амбасадорот на ЕУ, Жбогар


Скопје, 13 септември, 2016 - 13:53 (META) 

Арбер Адеми, заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања, денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Европска Унија во Македонија, Самуел Жбогар.

Од кабинетот на Адеми информираа дека за време на средбата соговорниците разговарале за политичката состојба во земјата и за тоа колку е важно парламентарните избори во декември да бидат демократски. Исто така, посочено било и дека треба да се исполнат обврските што произлегуваат од итните реформски приоритети.

Соговорниците се согласиле и за важноста од продолжување на координативните состаноци за да се обезбеди поефикасно планирање и искористување на ЕУ-фондовите.