Папата Франциск на 7 мај ќе ја посети Македонија


Скопје, 13 декември, 2018 - 12:20 (META) 

Владата соопшти дека Папата Франциск ќе ја посети Македонија на 7 мај следната година, откако бил поканет од државната власт.

Засега со сигурност се знае дека римокатоличкиот поглавар ќе го посети Скопје, родниот град на света Мајка Тереза. За останатите детали од посетата, Владата ќе инфомира кога ќе се прецизираат деталите.

Папата Франциск во Македонија ќе стаса од Бугарија, каде ќе биде во дводневна посета, а ќе ги посети главниот град Софија и гратчето Раковски.


Захариева: Очекуваме посета на папата на Бугарија и Македонија в мај


Софија, 7 декември, 2018 - 12:17 (META) 

Очекуваме посета на папата Франциск во почетокот на мај, а според моите информации, тој ќе ги посети и Бугарија и Македонија, изјави бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во емисијата „Ова утро“ на телевизијата БТВ.

– Има покана. Очекуваме в година да дојде и се надеваме на тоа. Има многу сериозни подготовки и многу голема веројатност. Го очекуваме во почетокот на мај. Тоа навистина ќе биде значајна посета – рече Захариева.

Таа објасни дека папата никогаш на патува само во една држава и тоа е дел од протоколот на Ватикан, рече Захариева, повторувајќи го тврдењето за посета на папата и на Бугарија и на Македонија.


Заев и Борисов на 24 мај во Рим заеднички ќе се поклонат на гробот на Свети Кирил


Рим, 14 мај, 2018 - 16:35 (META) 

Премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, со владини делегации на 24 мај, четврток, во базиликата „Свети Климент“ во Рим заедно ќе положат венци свежо цвеќе на гробот на Свети Кирил, соопштија од Владата.

Потоа, македонската делегација ќе се упати кон базиликата „Санта Марија Маџоре“ каде ќе положат свежо цвеќе на спомен плочата од папата Адриан Втори, а истиот ден, македонската делегација ќе положи венци свежо цвеќе и на споменикот на Свети Кирил и Методиј во амбасадата на Република Бугарија, каде ќе има и заеднички ручек двајцата премиери.

В петок во 11 часот премиерот Заев и македонската владина делегација ќе бидат на аудиенција кај  папата Франциск во Апостолската Палата во Ватикан, а потоа Заев ќе се сретне со Државниот секретар на Светата Столица, кардинал Пјетро Паролин.

Во попладневните часови, македонската и бугарската владина делегација ќе присуствуваат на отворање на заедничка културно уметничка програма, организирана од министерствата за култура на двете земји.


Папата ги повика католиците на молитва за Македонија


Ватикан, 1 мај, 2017 - 12:35 (META) 

Поглaварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, за време на неделното обраќање пред десетици илјади луѓе на плоштадот Свети Петар во Ватикан, повика на молитва и за сериозната политичка состојба во Македонија, по насилните настани во македонскиот парламент.

Папата Франциск ја истакна важноста на демократските вредности во ова општество. Тој се помоли за поскоро смирување на состојбите во земјава.