Захариева: Очекуваме посета на папата на Бугарија и Македонија в мај


Софија, 7 декември, 2018 - 12:17 (META) 

Очекуваме посета на папата Франциск во почетокот на мај, а според моите информации, тој ќе ги посети и Бугарија и Македонија, изјави бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во емисијата „Ова утро“ на телевизијата БТВ.

– Има покана. Очекуваме в година да дојде и се надеваме на тоа. Има многу сериозни подготовки и многу голема веројатност. Го очекуваме во почетокот на мај. Тоа навистина ќе биде значајна посета – рече Захариева.

Таа објасни дека папата никогаш на патува само во една држава и тоа е дел од протоколот на Ватикан, рече Захариева, повторувајќи го тврдењето за посета на папата и на Бугарија и на Македонија.


Заев и Борисов на 24 мај во Рим заеднички ќе се поклонат на гробот на Свети Кирил


Рим, 14 мај, 2018 - 16:35 (META) 

Премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, со владини делегации на 24 мај, четврток, во базиликата „Свети Климент“ во Рим заедно ќе положат венци свежо цвеќе на гробот на Свети Кирил, соопштија од Владата.

Потоа, македонската делегација ќе се упати кон базиликата „Санта Марија Маџоре“ каде ќе положат свежо цвеќе на спомен плочата од папата Адриан Втори, а истиот ден, македонската делегација ќе положи венци свежо цвеќе и на споменикот на Свети Кирил и Методиј во амбасадата на Република Бугарија, каде ќе има и заеднички ручек двајцата премиери.

В петок во 11 часот премиерот Заев и македонската владина делегација ќе бидат на аудиенција кај  папата Франциск во Апостолската Палата во Ватикан, а потоа Заев ќе се сретне со Државниот секретар на Светата Столица, кардинал Пјетро Паролин.

Во попладневните часови, македонската и бугарската владина делегација ќе присуствуваат на отворање на заедничка културно уметничка програма, организирана од министерствата за култура на двете земји.


Папата ги повика католиците на молитва за Македонија


Ватикан, 1 мај, 2017 - 12:35 (META) 

Поглaварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, за време на неделното обраќање пред десетици илјади луѓе на плоштадот Свети Петар во Ватикан, повика на молитва и за сериозната политичка состојба во Македонија, по насилните настани во македонскиот парламент.

Папата Франциск ја истакна важноста на демократските вредности во ова општество. Тој се помоли за поскоро смирување на состојбите во земјава.


Папата изрази сочувство за жртвите од поплавата


Ватикан, 10 август, 2016 - 12:51 (META) 

Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи соопшти дека Папата Франциск преку државниот секретар кардинал Пјетро Паролин испрати телеграма со сочувство до скопскиот бискуп Киро Стојанов за жртвите од поплавата во Скопје и околината.

„Информирани за драматичното невреме што го погоди градот и околните населени места, предизвикувајќи длабока болка на целата заедница во земјата. Папата моли да ги пренесете до тешко погодените семејства на починатите, неговите изрази на длабоко сочувство, искажувајќи ја својата духовна блискост со ожалостените. Неговата светост се моли за сите оние кои ги загубија своите животи и повикува на небесна утеха за оние кои пострадаа од последиците на невремето и до сите го испраќа свој апостолски благослов“, стои во телеграмата.


Папата Франциск: По Брексит, можна е балканизација на Европа


Ватикан, 27 јуни, 2016 - 10:13 (META) 

Поглаварот на римокатоличката црква, папата Франциск, денеска предупреди дека е можна „балканизација“ на Европа по одлуката на Велика Британија да ја напушти Европската Унија.

Пред да замине во посета на Ерменија, папата рече дека по Брексит, можно е Шкотска и Каталонија да побараат сецесија, што би можело да предизвика „балканизација на Европа“.

Според папата, ЕУ мора да најде креативни начини да остане целосна, а притоа да им даде поголема слобода на земјите членки.


Патријархот Кирил отпатува на средба со папата Франциск


Хавана, 11 февруари, 2016 - 13:48 (META) 

Поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил, денеска тргна кон Куба, каде утре е предвиден историски состанок со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.

Тоа ќе боде прв состанок на двете најголеми христијански цркви по речиси илјадагодишната поделба на источна и на западна црква.

Руската телевизија прикажала снимки на кои патријархот Кирил влегува во авион на аеродромот „Внуково“ во Москва.
Во неодамнешното заедничко соопштение, Ватикан и Руската православна црква наведоа дека средбата ќе биде „важна фаза во односите на двете цркви“. Двете страни се надеваат дека тоа истовремено ќе биде „знак на надеж за сите луѓе со добра волја“.

Предвидено е поглаварите на двете цркви да потпишат заедничка декларација.
По состанокот во Хавана, папата ќе го посети Мексико, каде ќе престојува до 18 февруари, а патријархот Кирил ќе биде во 11-дневна посета на Јужна Америка.


Папата го повика Иран да помогне во борбата против тероризмот


Ватикан, 26 јануари, 2016 - 16:59 (META) 

Папата Франциск се сретна со иранскиот претседател Хасан Рохани и ги повика Иран и другите блискоисточни земји да соработуваат во воспоставувањето мир и во запирањето на ширењето на тероризмот и на шверцот на оружје во регионот.

„Се разговараше за важната улога која Иран е повикан да ја одигра, заедно со другите земји во регионот, во наоѓање адекватно политичко решение за проблемите што го погодија Блискиот Исток и за борбата против ширењето на тероризмот и на шверцот на оружје“, соопштија од Ватикан.

Иран е најголем сојузник на сирискиот претседател Башар ал Асад, додека европските земји и САД ги поддржуваат сунитските бунтовници. Западот, исто така, го обвинува Техеран за давање поддршка на разни вооружени групации, кои на Запад се означени како терористички организации.

Рохани и папата разговарале 40 минути во приватните одаи на ватиканската Апостолска палата. Иранскиот претседател се сретнал и со високи ватикански дипломати.