Папата и Ердоган сметаат дека не треба да се менува статусот на Ерусалим


Ватикан, 5 февруари, 2018 - 19:28 (META) 

Тероризмот не може да се доведува во врска со религиите, а борбата против ксенофобијата и исламофобијата треба да продолжи со заеднички сили, оцениле папата Франциск и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на нивната денешна средба во Ватикан, јави турската новинска агенција „Анадолија“.

Неименуван извор од канцеларијата на Ердоган за агенцијата изјавил дека папата и турскиот претседател разговарале за повеќе важни прашања, вклучувајќи ја и ситуацијата околу Ерусалим.

Папата Франциск и Ердоган ја нагласиле важноста од задржување на статусот на Ерусалим во согласност со резолуцијата на Обединетите нации и почитувањето на меѓународното право.

Ердоган е првиот турски претседател кој по 59 години е во посета на Ватикан.


Папата предупредува дека нуклеарниот пожар може случајно да почне


Ватикан, 8 јануари, 2018 - 17:17 (META) 

Папата Франциск во обраќањето познато како „Состојба во светот“ апелираше до сите нации да го поддржат дијалогот со цел да се намалат тензиите на Корејскиот Полуостров и да се работи на правно обврзувачката забрана на нуклеарното оружје.

– Нуклеарното оружје мора да биде забрането – изјави поглаварот на Римокатоличката црква, цитирајќи документ објавен од папата Јован Дваесет и трети за време на Студената војна.

Папата Франциск потенцираше дека „не може да се негира дека пожарот може да почне случајно или во непредвидени услови“.

Апелот на папата до дипломатите е еден ден пред разговорите помеѓу Северна и Јужна Кореја, кои ќе бидат насочени на учеството на севернокорејските спортисти на Зимските олимписки игри во Јужна Кореја.

Папата упати повик и за зачувување на статус кво на Ерусалим, откако претседателот на САД, Доналд Трамп кон крајот на минатата година донесе одлука за признавање за главен град на Израел.

Тој се осврна и на климатските промени, повикувајќи ги државите да го почитуваат Парискиот договор за намалување на емисиите на јаглерод диоксид.


Папата се моли за жителите на филипинскиот остров Минданао


Ватикан, 24 декември, 2017 - 18:04 (META) 

Папата Франциск изјави дека се моли за населението на Минданао, филипинскиот остров кој најмногу настрада од тропската бура и од поплавите.

Во денешното обраќање кон присутните на плоштадот „Свети Петар”, неколку часа пред литургијата за Бадник, папата рече дека бурата предизвикала бројни жртви и големи разурнувања.

Светиот отец истакна дека сака да го увери населението на Минданао дека се моли за него, дека се моли „милостив Бог да ги прифати душите на загинатите и да ги утеши сите, кои страдаат од оваа катастрофа”.

-Да се помолиме за овие луѓе – ги повика тој насобраните на плоштадот.

Во невремето кое го зафати овој филипински остров, загинаа повеќе од 200 луѓе, а околу 160 се водат за исчезнати.


Папата повика на дијалог поради насилство во Ерусалим


Ватикан, 23 јули, 2017 - 15:47 (META) 

Папата Франциск изјави дека е вознемирен поради неодамнешните насилства во Ерусалим и повика на дијалог и на умереност за да се воспостави мир.

– Вознемирен ги следам тешките тензии и насилството во последните денови во Ерусалим. Чувствувам потреба да изразам повик на умереност и на дијалог – изјави папата, обраќајќи им се на верниците собрани на плоштадот Свети Петар.

Тој повика на молитва и надеж дека двете страни ќе излезат во пресрет со предлог за помирување.

Во судирот помеѓу Палестинците и израелската полиција во петокот во Ерусалим загинаа тројца Палестинци, а на Западното крајбрежје 19-годишен Палестинец со нож избодел тројца Израелци, по што бил убиен.

Израелската војска соопшти дека извршила големо апсење на Западниот Брег при што биле уапсени 29 лица, вклучувајќи и девет членови на екстремистичката група Хамас.


Папата загрижен поради опасните сојузи формирани на самитот Г20


Ватикан, 8 јули, 2017 - 17:03 (META) 

Папата Франциск изјави дека самитот Г20 во Хамбург загрижува поради потенцијалните „многу опасни сојузи“ помеѓу светските лидери.

-Загрижен сум поради многу опасните сојузи помеѓу силите кои имаат искривена верзија на светот: САД и Русија, Кина и Северна Кореја, Путин и Асад – рече папата во интервју за италијанскиот весник „Република“.

Тој наведе дека миграцијата е голем проблем и дека самитот Г20 посебно го загрижува затоа што најмногу ги погодува мигрантите.

-Опасноста се однесува на имиграцијата. Наш главен и за жал се поголем проблем во светот денеска се сиромашните, слабите, исклучените, меѓу кои се и мигрантите. Затоа ме загрижува Г20 – додаде папата.

Говорејќи за Европа, која се соочи со прилив на стотици илјади мигранти и бегалци од 2015 година, папата ги предупреди нејзините лидери да не паднат на илузијата дека е можно да ги затворат нивните граници.


Трамп се сретна со папата Франциск


Рим, 24 мај, 2017 - 13:25 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп и Папата Франциск денеска се сретнаа во Ватикан каде што поразговарале половина час и си размениле подароци.

Папата Франциск на американскиот претседател му подарил три свои главни учења кои генерално ги подарува на шефовите на државите кои го посетуваат.

Дел од главните теми содржани во тие учења жестоко се спротивставуваат на политиките на Трамп и неговите ветувања дадени во предизборната кампања, посебно на полето на заштита на животната средина.

Трамп на папата му подарил книга на Мартин Лутер Кинг и му рекол дека се надева дека ќе ужива во неа. Состанокот помеѓу Трамп и папата е одржан зад затворени врати во Апостолксата палата во Ватикан.

Трамп во Ватикан пристигнал во придружба на сопругата Меланија која за разлика од посетата на Саудиска Арабија носела марама на главата, што е во склад со протоколот на Ватикан.

Во Италија Трамп допатувал со авион веднаш по посетата на Израел и ќе помине помалку од 24 часа, пред да замине во Брисел каде што ќе разговара со лидерите на Европската Унија и НАТО.

Трамп во Италија ќе се врати во четврток за да присуствува на самитот на Г-7.


Папата замоли за прошка поради улогата на Црквата во геноцидот во Руанда


Ватикан, 20 март, 2017 - 20:47 (META) 

Папата Франциск замоли за прошка поради „гревовите и грешките на Црквата и на нејзините членови“ за време на геноцидот во Руанда во 1994 година.

Тој на претседателот на Руанда, Пол Кагаме, му рече дека се надева дека неговото извинување ќе ѝ помогне на земјата да ги залечи раните.

Во изјава по нивниот состанок, Ватикан призна дека некои католички свештеници и чесни сестри „подлегнале на омразата и на насилството, издавајќи ја нивната мисија“ со тоа што учествувале во геноцидот.

За време на геноцидот, кој траел 100 дена, екстремистите Хуту убиле повеќе од 800.000 Тутси.

Според зборовите на преживеаните, многу жртви биле убиени од свештени лица и чесни сестри, а владата на Руанда соопшти дека многумина умреле во црквите во кои барале засолниште.

Ватикан соопшти дека папата ја пренел тагата на Светиот престол и на Црквата поради геноцидот и изразил солидарност со жртвите.


Папата Франциск замрзна 2 милиони евра со сомнително потекло


Ватикан, 19 февруари, 2017 - 12:55 (META) 

Ватикан замрзна повеќе од два милиони евра со сомнително потекло минатата година, во склоп со борбата која папата Франциск ја врши против перењето пари во Светата столица.

Ова го соопшти ватиканскиот главен обвинител Џан Пјеро Милано.

Милано, чија титула гласи „промотер на правдата“ рече дека замрзнатите пари – околу 2,1 милион евра се дел од вкупната сума од околу 13 милиони евра колку што се замрзнати од 2013 до 2016 година.

Според неговите зборови, истрагата се води во 17 случаи за кои има сомневање дека биле финансиски малверзации.

Минатата година, Агенцијата за финансиско информирање на Ватикан соопшти дека затворила скоро 5.000 сомнителни сметки во склоп на тригодишната истрага за работењето на Ватиканската банка.


Папа Франциск: Уште е рано да го оценам Трамп, прво да видам како работи


Рим, 22 јануари, 2017 - 11:31 (META) 

Папата Франциск вели дека првин ќе почека да види како работи новиот претседател на САД, Доналд Трамп, пред да каже што мисли за него, јавуваат светските агенции.

Поглаварот на Римокатоличката црква во интервју за неделното издание на шпанскиот весник „Паис“, рекол дека не сака прерано да суди за луѓето.

„Мораме да почекаме. Ќе видиме како ќе се однесува, што ќе преземе и дури тогаш ќе стекнам мислење за него. Но, човек да се плаши или да се радува за нешто што допрва би можело да се случи, не е мудро“, вели папата Франциск.

Прашан како ја коментира појавата на популистички лидери во САД и во Европа, папата рекол дека во кризни времиња луѓето бараат спасители кои ќе го вратат индентитетот и се бранат со подигнување ѕидови и бодливи жици кон другите луѓе.

Според него, и Адолф Хитлер во 1930-тите години бил избран од страна на луѓе кои барале спасител во време на економска и на политичка криза, а подоцна тој ги уништил.

„Кризите предизвикуваат страв, а мислам дека најочигледниот пример за тоа е популизмот во Германија во 1933 година. Луѓето кои беа во криза бараа идентитет, сè додека не се појави харизматичен лидер (Адолф Хитлер, н.з.) и им вети дека ќе им го врати идентитетот. Сите знаеме што се случи потоа“, вели папата Франциск.


Папа Франциск: Божиќ е заложник на заслепувачкиот материјализам


Рим, 25 декември, 2016 - 11:31 (META) 

Божиќ стана заложник на заслепувачкиот материјализам кој го засени Бога и ги засени потребите на гладните, мигрантите и на загрозените од војна, вели папата Франциск.

Тој за време на мисата за Бадник, кој вчера се славеше според Грегоријанскиот календар, рече дека на светот, кој е опседнат со подароци, прослави и со егоцентризам, му е потребена понизност.

На мисата на која присуствуваа околу 10.000 верници и десетици кардинали и бискупи, папата рече дека многумина богати треба да се потсетат дека пораката на Божиќ е понизност и едноставност.

Папата Франциск рече дека малиот Исус треба да биде потсетник за сите оние кои денеска страдаат, особено малите деца кои се кријат под земја бегајќи од бомби или се наоѓаат на дно на чамец полн со мигранти.

– Дозволете предизвик да ни бидат децата, оние на кои им е оневозможено да се родат, оние кои плачат затоа што немаат кој да им го задоволи нивниот глад, оние кои имаат оружје наместо играчки во рацете – рече папата.