!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Осумнаесет загинати во автобуска несреќа во Панама


Панама Сити, 6 март, 2017 - 10:48 (META) 

Најмалку 18 лица загинаа, а 37 се повредени откако автобус кој превезувал работници, излета од патот југозападно од Панама Сити.

Како што пренесуваат локалните медиуми, несреќата се случила на Панамериканскиот автопат во Антон, околу 170 километри од Панама Сити, при што еден од повредените е во критична состојба.

Засега не е позната причината за несреќата.


Данска ќе купи дел од панамските документи во борба против затајувањето данок


Копенхаген, 7 септември, 2016 - 12:40 (META) 

Данскиот министер за даноци, Карстен Лаурицен, изјави дека данските власти ќе ги купат податоците од панамската правна фирма „Мосак Фонсека“, која им помагала на своите клиенти да отворат офшор-компaнии за да избегнат плаќање даноци во своите држави.

Лаурицен изјави дека данската даночна и царинска управа добила анонимна понуда доколку сака да ги купи податоците од панамските документи кои би можеле да се однесуваат на околу 600 државјани на Данска.

Тој истакна дека се работи за корисни информации што би можеле да помогнат во борбата против затајувањето даноци, бидејќи државата тоа им го должи на даночните обврзници кои редовно ги плаќаат даноците.

Според Лаурицен, документите кои протекоа од панамската компанија „Мосак Фонсека“ се релевантни и содржат валидни информации за неколку стотини даночни обврзници и истакна дека тоа државата ќе ја чини 1,4 милиони долари.

 


Кабинетот на Иванов ги демантира тврдењата на Шилегов


Скопје, 24 април, 2016 - 16:56 (META) 

Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ги демантира тврдењата на портапорлот на СДСМ, Петре Шилегов, за кои велат дека тој ќе мора да ги докаже на суд.

„Сметаме дека обидот преку лаги и манипулации да се претстави семејството на претседателот Иванов како дел од криминална банда е крајно недолично и неодговорно однесување на една политичка партија. Ја повикуваме политичката партија СДСМ веднаш да го објави секој трансфер на пари преку таа фирма и да ги соопшти сите кои биле вклучени во што било на таа фирма, која, патем, е основана во Скопје и никогаш не проработела. Во спротивно, Шилегов ќе мора своите тврдења да ги докаже на суд. Фирмата „Делфино травел Балканс“ е основана во 2009 година во Скопје со сметка во ТТК Банка во Скопје и е избришана од Централен регистар во 2015 година, во согласност со Законот за трговски друштва“, се вели во реакцијата од кабинетот на претседателот Иванов.

Шилегов денеска изјави дека блиската фамилија на претседателот Ѓорге Иванов  е директно поврзана со бизниси и со фирми на Панама.


Шилегов: Семејството на Иванов има бизнис-релации со фирми од Панама


Скопје, 24 април, 2016 - 13:54 (META) 

Блиската фамилија на Ѓорге Иванов, човекот кој прогласи аболиција за криминалната банда на Никола Груевски, е директно поврзана со бизниси и со фирми на Панама, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

– Братот на Маја Иванова, Сашо Тоневски, има бизнис-релации со фирмата „ЛИП корп Панама Сити“ од Панама, која е основач и сопственик на фирмата „Делфино травел Балканс“. Сашо Тоневски, братот на Маја Иванова, е исто така еден од сопствениците и управител на оваа фирма, „Делфино травелс Балканс“. Пред само неколку дена, во време кога почна да се шири скандалот со перењето пари во панамски фирми, „Делфино травел Балканс“ згаснува и ја бришат од Централен регистар. Што крие семејството на Иванов? – праша Шилегов.

Шилегов вели дека правдата, слободата и демократијата се враќаат, а секој што го прекршил законот ќе одговара.


Панама ќе ги усвои меѓународните стандарди за пријавување данок


Панама Сити, 15 април, 2016 - 10:35 (META) 

Панама одлучи да усвои меѓународни стандарди за пријавување данок, соопшти денеска генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), Хозе Анхел Гурија.

– Штотуку добивме информација дека пред неколку минути Панама објави дека ќе се приклучи кон заедничките стандарди за пријавување данок – рече Гурија на прес-конференција, за време на паузата од состанокот на претставниците на ММФ и на Светската банка.

Тој оцени дека ако се случи тоа, ќе биде „многу добра вест“, а ОЕЦД ќе го подддржи таквиот чекор.
Неколку илјади доверливи документи, кои кон почетокот на месецов протекоа во јавноста од панамаската адвокатска канцеларија „Мосак Фонсека“, укажуваат на неуспехот на државата да соработува во меѓународните напори за спречување затајувањето данок меѓу богатите и моќните поединци.


Еден од основачите на „Мосак Фонсека“ си поднесе оставка од владиниот совет


Панама Сири, 8 април, 2016 - 15:30 (META) 

Германски адвокат и еден од основачите на компанијата „Мосак Фонсека“, Јирген Мосак, поднел оставка во советодавниот одбор на панамската влада за надворешна политика.

Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека Мосак неделава поднел оставка на почесното, неплатено место во Националниот совет за надворешна политика, неформален советодавен одбор.

Мосак и неговиот партнер Рамон Фонсека имале големо политичко влијание во Панама пред аферата во која од нивната адвокатска фирма протекоа досиеја за офшор-работењето на светската елита.

Другиот основач на компанијата, Рамон Фонсека, до февруари бил член на кабинетот на панамскиот претседател, Хуан Карлос Варела.

Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари објави 11,5 милиони документи во кои се опишува како политичките лидери, бизнисмени и други јавни личности основале офшор-компании, а многумина од нив така переле пари и затајувале данок.


Кина чека објаснување од Панама за „Панама пејперс“


Пекинг, 8 април, 2016 - 14:11 (META) 

Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ју, на заедничка прес-конференција со германскиот колега, Франк Валтер Штајмајер, во Пекинг, се задржа и на аферата „Панама пејперс“, во врска со перење пари и со затајување данок, во која се вмешани и кинески владини претставници.

– Кина се бори против корупцијата. Како што еден наш претставник рече, таа борба е вечно патување. Очекуваме појаснување од Панама за да знаеме за што точно станува збор – рече шефот на кинеската дипломатија.


Панама ветува соработка со ОЕСР за „Панама пејперс“


Панама Сити, 8 април, 2016 - 10:48 (META) 

Потпретседателката на Панама, Изабел де Сент Мало, соопшти дека Панама ќе ги интензивираат разговорите со Организацијата за економска соработка и развој, за да разменат податоци за даноците по скандалот наречен „Панама пејперс“.

Изабел де Сент Мало вели дека ќе се воспостави дијалог на техничко ниво меѓу Панама и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕСР) во врска со размената на информации.

Во понеделникот почна истрага по повод протекувањето милиони документи кои разоткриваат дека светските богаташи, државници, како и 140 истакнати политичари криеле пари во даночните оази преку панамската адвокатска фирма „Мосак Фонсека“.

„Панама пејперс“, кои ги разоткри Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари, покажуваат дека повеќе од 500 банки, нивни подружници и разграноци регистрирале речиси 15.600 офшор-компании преку фирмата „Мосак Фонсека“, а повеќето се основани во деведесеттите години на минатиот век.

Истрагата се однесува на период од речиси 40 години, од 1977 па сè до декември 2015 година, и покажува дека некои фирми регистрирани во даночните оази се користени за перење сомнителни пари, трговија со оружје и со дрога, како и за затајување данок.


„Зидојче цајтунг“: Нема да ги објавиме сите документи од Панама


Минхен, 7 април, 2016 - 15:08 (META) 

Германскиот весник „Зидојче цајтунг“ кој прв дојде до „Панама пејперс“, денеска соопшти дека нема да ги објави сите досиеја.

Весникот најавува дека целиот комплет од 11,5 милиони документи „нема да ѝ биде достапен на јавноста, ниту на правосудните органи.

„Зидојче цајтунг“ додава дека властите имаат овластувања да добијат такви документи од осомничените, но дека во најголем дел од случаите не постои јавен интерес за објавување на офшор-работењето на компаниите или на поединци.

„Панама пејперс“ покажуват дека повеќе од 500 банки, нивните подружници и разграноци регистрирале речиси 15.600 офшор-компании преку фирмата „Мосак Фонсека“, а најголем дел од нив се основани во 1990 година.


Панама формира комитет за проверка на транспарентноста


Панама Сити, 7 април, 2016 - 10:55 (META) 

Панамската влада ќе формира независен комитет од домашни и од меѓународни експерти за да ја провери транспарентноста во финансиската офшор-индустрија во земјата.

Претседателот на Панама, Хуан Карлос Варела, настојува да ја зајакне довербата во финансиската индустрија откако 11,5 милиони документи протекоа од панамската адвокатска фирма „Мосак Фонсека“, со кои е откриено офшор-дејствувањето на светската елита и кои покажуваат дека компанијата им помогнала на клиентите да избегнат плаќање данок.

Варела синоќа рече дека наодите на комитетот ќе бидат споделени со други земји за да преземат заедничка акција за зајакнување на транспарентноста во правните и во финансиските центри во светот.

Еден од основачите на адвокатската канцеларија, Рамон Фонсека, изјави дека неговата фирма поднела тужба до панамското обвинителство во која се наведува дека податоците се украдени со хакерски напад од странство.