!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Светот да го признае Ерусалим за престолнина на Палестина, порача Ердоган


Истанбул, 13 декември, 2017 - 11:25 (META) 

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска на вонредниот самит на Организацијата за исламска соработка (ОИС) во Истанбул ги повика сите земји во светот да го признаат Ерусалим за престолнина на Палестина.

– Ерусалим е нашата црвена линија. Израел е окупаторска и терористичка држава – изјави Ердоган на почетокот на самитот посветен на прашањето за Ерусалим.

Ердоган, покажувајќи фотографија од палестинско момче со затворени очи и опколено од израелски војници, рече дека израелската Влада ги малтретирала беспомошните луѓе. Тој ги повика САД да се откажат од „незаконската и провокативна одлука “ за Ерусалим, додавајќи дека со ваквиот потег САД ги наградува „терористичките активности“ на Израел.


Хамас испука ракети, Израел бомбардираше од воздух, двајца Палестинци загинаа


Ерусалим, 9 декември, 2017 - 17:21 (META) 

Двајца Палестинци се убиени во судирите со израелската војска во Газа, а од почетокот на судирите биле повредени 1.100 луѓе, соопшти палестинското Министерство за здравство. Судирите продолжија вчера и денеска, како ескалации на муслиманското востание по признавањето на американскиот претседател Доналд Трамп на Ерусалим за главен град на Израел.

Израелските војници застрелале 30-годишен маж близу Кан Јунес, додека учествувал во протест на оградата со која израелските територии се одделени од палестинските. Друг 54-годишен Палестинец бил, исто така, убиен во судирите вчера. Израелската војска рече дека стотици Палестинци тркалале запалени гуми и фрлале камења на војниците кои биле од другата страна на границата.

Израелските одбранбени сили соопштија дека израелските авиони нападнале четири објекти кои припаѓаат на Хамас – палестинската исламистичка група која ја контролира Газа, како одговор на ракетите кои беа испукани во Јужен Израел од Газа.

Палестински извори тврдат дека при воздушните напади биле ранети најмалку 15 лица.

Според израелските власти, бомбардирани се  две локации за производство на оружје, складиште за оружје и воено соединение.

Претходно израелската армија соопшти дека ракета лансирана од Појасот Газа синоќа го погодила израелскиот град Здерот, без да наведат каква материјална штета е нанесена и дали има жртви.


Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел


Вашингтон, 6 декември, 2017 - 21:39 (META) 

Американскиот претседател, Доналд Трамп, објави дека дошол моментот кога Ерусалим треба официјално да биде признат како претстолнина на Израел.

„Одлучен сум дека дојде време официјално да се признае Ерусалим како претстолнина на Израел. Тоа е најдобро и е во интерес на САД во процесот на решавање на ситуацијата на Блискиот Исток“, изјави Трамп.

Тој рече дека САД се решителни во определбата да помогнат да се постигне мировен договор, прифатлив за Израелците и за Палестинците.

„Ќе направам сè за да помогнам да се испочитува тој договор. Не можеме да оствариме напредок ако постојано ги повторуваме истите грешки и неуспеси од минатото. Новите предизвици бараат нови пристапи“, рече Трамп и нагласи дека ова е нов пристап во решавање на судирите на Блискиот Исток.

Американскиот претседател додаде дека досегашното непризнавање на Ерусалим како главен град на Израел, не придонесе за тоа да се постигне мир. Тој го задолжи Стејт департментот да направи план за релокација на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја поздрави оваа, како што рече, историска одлука на американскиот претседател и ги повика и другите држави да ја следат постапката на САД, односно да ги преместат своите амбасади во Ерусалим.

Стотина Палестинци, пак, протестираа денеска во Појасот Газа, против одлуката на Трамп, при што ги запалија американското и израелското знаме.

Франција не ја поддржува одлуката на САД да го признае Ерусалим за претстолнина на Израел, а францускиот претседател Емануел Макрон повика на мир во целиот регион.

„Оваа одлука Франција не ја одобрува, бидејќи е против меѓународните права и сите резолуции на Советот за безбедност на ОН“, изјави Макрон.


Папата повика на дијалог поради насилство во Ерусалим


Ватикан, 23 јули, 2017 - 15:47 (META) 

Папата Франциск изјави дека е вознемирен поради неодамнешните насилства во Ерусалим и повика на дијалог и на умереност за да се воспостави мир.

– Вознемирен ги следам тешките тензии и насилството во последните денови во Ерусалим. Чувствувам потреба да изразам повик на умереност и на дијалог – изјави папата, обраќајќи им се на верниците собрани на плоштадот Свети Петар.

Тој повика на молитва и надеж дека двете страни ќе излезат во пресрет со предлог за помирување.

Во судирот помеѓу Палестинците и израелската полиција во петокот во Ерусалим загинаа тројца Палестинци, а на Западното крајбрежје 19-годишен Палестинец со нож избодел тројца Израелци, по што бил убиен.

Израелската војска соопшти дека извршила големо апсење на Западниот Брег при што биле уапсени 29 лица, вклучувајќи и девет членови на екстремистичката група Хамас.


Утре состанок на Советот за безбедност на ОН поради конфликтот во Ерусалим


Њујорк, 23 јули, 2017 - 13:32 (META) 

Советот за безбедност на Обединетите нации ќе се состане в понеделник за да разговара за порастот на насилството помеѓу Израелците и Пакистанците.

Шведска, Франција и Египет побараа итен состанок на Советот за безбедност на ОН по конфликтот помеѓу Израелците и Палестинците во Ерусалим.

Заменик-амбасадорот на Шведска во ОН, Карл Скау, на „Твитер“ наведе дека целта на состанокот е „итен разговор за тоа како може да се поддржат повиците за спречување на ескалација во Ерусалим“. Во судирот помеѓу Палестинците и израелската полиција во петокот во Ерусалим загинаа тројца Палестинци, а на Западното крајбрежје 19-годишен Палестинец со нож избодел тројца Израелци, по што бил убиен.

Израелската полиција во саботата во Ерусалим се судри со Палестинците кои во знак на протест, организирале муслиманска молитва пред големото светилиште на Храмовна гора, кое го посетуваат и Евреи и муслимани.


Абас: Подготвен сум да соработувам со Трамп


Ерусалим, 2 јануари, 2017 - 17:10 (META) 

Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека е подготвен да соработува со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, за решението на „две држави“ во конфликтот со Израел.

– Сакам да ја нагласам нашата волја да соработуваме со новоизбраната американска администрација. Да постигнеме мир, заснован на решението на две држави, како и на арапската мировната иницијатива и на меѓународните резолуции – рече Абас за време на одбележувањето на годишната на својата партија Фатах.

Абас им се заблагодари на САД што се воздржаа од гласање во Советот на безбедност при Обединетите нации и што со тоа отвориле пат за усвојување на резолуција против еврејското население на палестинска територија.

Абас 2017 година ја означи како година на меѓународно признавање на државата Палестина и рече дека едвај ја чека меѓународната мировна конференција во Париз закажана за 15 јануари.

Решението за две држави беше основа за директните мировни преговори помеѓу двата народи за време на неколкуте минати администрации на САД.


Израел веќе нема да ги враќа телата на убиените Палестинци


Тел Авив, 2 јануари, 2017 - 16:10 (META) 

Израел најави дека веќе нема да ги враќа посмртните останки на палестинските екстремисти, туку дека ќе ги погребува.

Одлуката е донесена како настојување на Израел да изврши притисок на Хамас да ги врати двајцата Израелци кои, како што се верува, се држат како заложници.

– Политичко-безбедносниот кабиент расправаше за политиката на третман на телата на терористите од Хамас убиени за време на терористички напади и одлучи дека нема да бидат враќани, туку ќе бидат погребани – наведе израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Израелскиот безбедносни кабинет едногласно ја изгласа одлуката да престане враќањето на посмртните останки на екстремистите на Хамас.

Израел понуди размена на десетина жители на Газа за двајцата Израелци, но Хамас тоа не го прифати.


Концептот на две држави е единствениот пат за мир меѓу Израел и Палестина, порача Кери


Вашингтон, 28 декември, 2016 - 21:01 (META) 

Успехот на израeлско-палестинскиот мировен договор, базиран на концептот на две држави, е доведен во голема опасност, истакна денеска државниот секретар на САД, Џон Кери. Тој нагласи дека резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, со која се осудува изградбата на еврејски населби на окупираните палестински територии, е во линија со американските вредности.

Минатиот петок, САД решија да не стават вето и беа воздржани при донесувањето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, што предизвика жестоки реакции од Израел.

„Концептот на две држави е единствениот пат за постигнување на праведен и долгорочен мир меѓу Израелците и Палестинците. Тоа е единствениот пат да се осигури иднината на Израел како еврејска и демократска држава. Оваа иднина сега е доведена во опасност. Пријателите треба да си ја кажуваат вистината едни на други и пријателството бара заемна почит. Соединетите Држави гласаа во согласност со своите вредности, како што тоа го правеа и претходните администрации на САД во Советот за безбедност на ОН“, рече Кери, пренесува „Би-би-си“.

Американскиот државен секретар истакна дека САД нема да можат да го заштитуваат Израел ако биде дозволено концептот на две држави да биде уништен „пред нивни очи“.

„Израелскиот премиер (Бенјамин Нетанјаху, н.з.) во јавноста го поддржува концептот на две држави, но неговата актуелна владина коалиција има најдесна политичка ориентација во целата историја на Израел, со агенда која е водена од најекстремни елементи. Резултатот од ваквите политики на владата води во спротивен правец, води кон една држава“, посочи американскиот државен секретар.

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, денеска, во пресрет на говорот на државниот секретар Џон Кери за израелско-палестинскиот судир, на својот официјален твитер-профил напиша дека не смее да се дозволи Израел да биде „третиран со таков презир и со непочитување“, алудирајќи, меѓу другото, на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН. Тој му порача на Израел „да остане силен“, бидејќи се ближи 20 јануари, денот кога Трамп и официјално треба да ја преземе функцијата претседател на САД.


Трамп: Израел не смее да биде третиран со презир и со непочитување


Вашингтон, 28 декември, 2016 - 18:46 (META) 

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, денеска, во пресрет на говорот на државниот секретар Џон Кери за израелско-палестинскиот судир, порача дека не смее да се дозволи Израел да биде „третиран со таков презир и непочитување“.

„Имаа (Израел, н.з) голем пријател во САД, но не повеќе. Почетокот на крајот беше ужасниот договор со Иран и сега ова (Обединетите нации)! Остани силен Израел, 20 јануари се приближува“, напиша Трамп на својот официјален твитер-профил.

Избраниот американски претседател во својата порака алудира на договорот околу нуклеарната програма на Иран, на кој жестоко се спротиставуваше израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, како и на неодамнешната резолуција на Советот за безбедност на ОН против еврејските населби на окупираните палестински територии.

Трамп наведува дека прави сè што може да ги „занемари“, како што ги нарекува, „запаливите“ изјави и препреки на претседателот на САД, Барак Обама.

„Мислев дека транзицијата ќе оди лесно, но нема“, вели Трамп.

Државниот секретар на САД, Џон Кери, денеска треба да го претстави планот на администрацијата на Обама во врска со судирот меѓу Израел и Палестина.


Хоспитализиран палестинскиот лидер Махмуд Абас


Рамала, 6 октомври, 2016 - 15:00 (META) 

Палестинскиот лидер Махмуд Абас (81) денеска е хоспитализиран во Рамала, каде му се вршат тестирања поради можни проблеми со срцето.

Претставник на болницата на Западниот Брег изјави дека на Абас му се врши катетеризирање на срцето, процедура при која катетер се уфра во крвниот сад за да се испита силата на срцето.

Палестински претставник соопшти дека Абас бил хоспитализиран бидејќи се почувствувал „заморен“.