!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Јордан Манасиевски, единствен од Македонија на Биеналето за современа уметност во Палермо


Охрид, 13 март, 2017 - 9:40 (META) 

Познатиот ликовен уметник Јордан Манасиевски, кој живее и создава во Охрид, беше единствениот македонскиот учесник на Биеналето за современа уметност, кое од 9 до 12 март се одржа во италијанскиот град во Палермо.

На Биеналето беа претставени 60 избрани дела од европски и од американски автори кои го одбележуваат современото сликарство во почетокот на 21 век, а го организираа познатите италијански куратори за современа уметност, Паоло Леви и Сандро Серадифалко.

Манасиевски  на Биеналето беше застапен со делото „Ти благодариме Мајко за твојот дар“, слика масло на платно изработена во 2017 година.

Критика го претстави сликарството на Јордан Манасиевски, како современик чии дела имаат висока естетска и креативна вредност со музејски критериум.

Во ексклузивната печатена монографија од Биеналето ќе бидат презентирани селектираните автори, меѓу кои и Манасиевски.

Јордан Манасиевски сè повеќе ја зацврстува својата позиција на големо уметничко име на светската ликовна мапа. Носител е на светски бројни признанија, како тоа од  „Кембриџ“, светскиот храм на знаењата и на постигнувањата, од каде му е доделен медалот „Личност на годината“ за 2013 година, единствен од областа на уметничката дејност .

Интернационалниот биографски центар од овој британски град, го забележа во книгата на најзначајни личности од светот.

Во последниве пет години, тој ги освои Париз, Токио, Њујорк и Фиренца и други светските уметнички метрополи и салони, од каде се врати со ласкави признанија и награди.

На парискиот „Есенски салон“ во 2009 година, со делото „Пред величествената порта“, беше официјален кандидат за главната награда на манифестацијата. За своето дело „Молитва за радоста“, Манасиевски ја доби специјалната награда на Јапонската асоцијација за современа уметност. Изложуваше во Токио, Њујорк и во Фиренца и на други места. Во 2009 година, Манасиевски ја доби и специјалната награда на Светската галерија за цртеж на „Остен“ во Скопје.

Владимир Величковски, професор по историја на уметноста, за  Манасиевски ќе забележи: „Во најновата серија слики, авторот ја отфрла стварноста како директен предизвик, во интерес на создавањето слики од имагинацијата“.


Најавите дека Брегалница ќе игра со калчолигаши, засега само теорија


Штип, 24 јуни, 2015 - 16:59 (META) 

Веста дека штипскиот фудбалски прволигаш Брегалница ќе игра со италијанските клубови Рома и Палермо, излезе дека е обична шпекуација.

Во објавената вест, која ги обиколи македонските медиуми изминатиот викенд, пишуваше дека менаџерска агенција ги договорила натпреварите со калчолигашите Рома и Палермо, кои, наводно, треба да се одиграат во јули кога Брегалница ќе замине на подготовки во северниот дел на Италија.

Веста беше изненадување и за управата на ФК Брегалница. Кој ги договорил средбите, каде и за кога, никој не знаеше да одговори.

Од штипскиот прволигаш велат дека е прерано да се зборува за контролни натпревари, во ситуација кога подготовките за есенскиот дел сè уште не се почнати.

Информацијата ја израдува фудбалската публика, иако во коментарите по социјалните мрежи почесто можеше да се прочита поголема доза резерва отколку радост.

ФК Брегалница во пролетниот дел од сезоната се бореше за опстанок во Првата фудбалска лига и под водство на новиот тренер, Влатко Костов, заврши на седмата позиција. Во новата сезона, клубот влегува без голманот Филип Гачевски, кој е новиот македонски рекодер со најголема минутажа без примен гол, кој заминува во екипата на првакот Вардар.

В.К.


Милан падна во Палермо


Палермо, 3 ноември, 2014 - 11:04 (META) 

Екипата на Милан, иако важеше за голем фаворит на синоќашниот дуел со Палермо, сепак беше поразена на домашен терен со 2:0. Стрелци на головите беа Кристијан Запата (автогол во 23.минута) и Пауло Дибала (26.минута).

По овој пораз Милан заостанува девет бода зад лидерот Јувентус и се наоѓа на 7.место со 16 бодови, додека Палермо избега од опасната зона на испаѓање и сега е на 13. позиција со 12 бода.

Резултати од другите натпревари од 10.коло во Серија А:

Наполи – Рома 2:0

Емполи – Јувентус 0:2

Парма – Интер 2:0

Киево – Сасуло 0:0

Сампдорија – Фиорентина 3:1

Торино – Аталанта 0:0

Удинезе – Џенова 2:4

Вечерва играат Чезена – Верона и Лацио – Каљари.

Табела:

Јувентус – 25 бода

Рома – 22 бода

Сампдорија – 19 бода

Наполи – 18 бода

Џенова – 18 бода

Лацио – 16 бода (натпревар помалку)