Трамп до поддржувачите: Ваша грешка ќе биде ако ме отповикаат


Вашингтон, 7 септември, 2018 - 12:49 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, на предизборен митинг во Билингс, главниот град на државата Монтана, вчера повторно се наврати на кампањата за негово отповикување од функцијата, велејќи дека ако до тоа дојде, виновни ќе бидат неговите поддржувачи што не гласале.

На митингот на Мет Розендејл, кој е противкандидат за место во Сенатот на сегашниот сенатор од Демократите, Џон Тестер, Трамп ги нападна демократите чија суштина на дејствување е кампањата за негово отповикување. Најгласната од нив е Максин Вотерс од Калифорнија, пратеник во Претставничкиот дом на Конгресот.

– Тие сакаат да го користат зборот „отповикување“. Да го отповикаме Трамп. Максин Вотерс: „Ќе го отповикаме“. „Но тој не стори ништо погрешно“. „Ќе го отповикаме“. „Но, зошто да отповикаме некој што одлично си ја работи работата, што ништо не згрешил?. Економијата е добра. Како да се направи тоа“. „Ќе го отповикаме“ – грмеше Трамп рецитирајќи ги „прашањата“ и „одговорите.

„Ако не излезете да гласате, единствено така може да се случи тоа“, им порача Трамп на поддржувачите.


ОМД бара конгресменот Рорабакер да биде отповикан поради изјавата за Македонија


Вашингтон, 8 февруари, 2017 - 10:03 (META) 

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ги повика претседателот на Конгресот на САД, Пол Рајан, и лидерот на мнозинството во Конгресот, Кевин Мекарти, итно да го отповикаат конгресменот Дана Рорабакер (републикански претставник од Калифорнија) од функцијата претседател на Подкомитетот за европски работи, поради неговата изјава во интервју за „Визион плус“ од Тирана.

Од ОМД велат дека Рорабакер „уште еднаш се посрамоти сам себе, своите гласачи и својата партија со крајно неодговорен напад против Република Македонија“ и нагласуваат дека членовите на Конгресот не би требало да бидат иницијатори на конфликти на Балканот и не смеат да се поистоветуваат со етно-националните агенди застапувани од страна на одредени балкански политичари.

– Повикот на постојниот претседател на Подкомитетот за Европа и за Евроазија и потенцијалните закани за поделба на верен сојузник на САД се истовремено смешни и крајно опасни. Македонија работи напорно да ги преброди долготрајните дестабилизирачки ефекти од насилната агресија во 2001 година од страна на терористи од албанска национална припадност. Напредокот кон стабилност во регионот е секогаш заснован на меѓународна гаранција за непроменливост на државните граници. Со ваквата директна изјава на високо позициониран претставник од Републиканската партија за уништување на Македонија, истовремено сериозно се поткопува политиката на САД во Југоисточна Европа и позициите на претседателот Доналд Трамп – вели претседателот на ОМД, Методија Колоски.

Инаку, во текот на интервјуто за телевизијата „Визион плус“ од Албанија, Рорабакер изјави „Македонија не е држава“, дека „Косовците и Албанците од Македонија треба да станат дел од Косово“, а „другиот дел од Македонија треба да стане дел од Бугарија или која било друга држава на која сметаат дека ѝ припаѓаат“.


Изгласано отповикувањето на Дилма Русеф


Бразилија, 12 мај, 2016 - 13:12 (META) 

Бразилскиот сенат изгласа да се продолжи процесот на отповикување на претседателката Дилма Русеф, кој, според првите информации, може да трае шест месеци.

Сепак, по гласањето во сенатот, а имајќи предвид дека горниот дом на парламентот минатиот месец ѝ изгласа недоверба, таа од 12 мај автоматски е суспендирана од должноста.

Русеф е обвинета за нелегално манипулирање со финансиите, за во пресрет на нејзиниот реизбор во 2014 година да го намали буџетскиот дефицит.

Претседателката ја негира одговорноста и истакнува дека станува збор за политички манипулации на нејзините опоненти.

Должноста шеф на државата ја презема потпретседателот Мајкл Темер.