„Њујорк тајмс“ објави непотпишана колумна против Трамп од функционер на Белата куќа


Њујорк, 6 септември, 2018 - 11:09 (META) 

Во редок преседан за најголемите американски весници, „Њујорк тајмс“ објави анонимна колумна од висок функционер во администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој вели дека заедно со многумина други, тој потајно работи за да спречи многу штетни политики на Трамп.

Колумната има наслов „Јас сум дел од движењето на отпорот внатре во администрацијата на Трамп“.

Анонимниот колумнист вели дека „Трамп е аморален и не следи основни принципи“.

„Тоа што претседателот Трамп не го сфаќа целосно е дека многумина високи функционери во неговата администрација посветено работат од внатре за да попречат делови од неговата агенда и неговите најлоши намери. Добро го знам тоа, јас сум еден од нив“, вели авторот за кој „Њујорк тајмс“ тврди дека му го знае, но не го открива идентитетот.

Во колумната, членот на администрацијата на Трамп вели дека не станува збор за „левичарски“ отпор, туку за искрена намера на заговорниците да успее вистинската администрација, чии политики досега ја направиле Америка побезбедна и попросперитетна.

„Затоа, многумина именувани од Трамп дадоа завет да направат што можат за да се заштитат демократските институции и за да осуетат многу од лошите импулси што ги прави, се додека не си замине од функцијата“, вели колумнистот.


ВМРО-ДПМНЕ: Вандализмот и анархијата на Сорос наидуваат на отпор низ целиот свет


Скопје, 3 февруари, 2017 - 9:39 (META) 

„Вандализмот и анархијата што ја промовираат платениците на Сорос, наидуваат на сè поголем отпор и во Македонија и низ светот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека „веќе никој не верува во продавањето лаги спакувани како некаква борба за отворено општество“.

„Станува јасно како бел ден дека скапо платените вандали на Сорос уништуваат сè пред себе за дебели пари. СДСМ и Сорос во нивното дивеење низ улиците на Скопје повредија десетици полициски службеници, палеа, кршеа и предизвикаа штети тешки стотици илјади евра. Сега се спушта маглата. Се гледаат нивните ниски мотиви за насилствата и за дивеењето. Стануваат вест и во САД. Почнуваат да ги нарекуваат бандите на Сорос. Народот избра на 11 декември. Нема Сорос, има мир“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


Црвенковски: Подготвен сум, како и на 24 декември, да бидам во првите редови!


Скопје, 20 април, 2015 - 13:55 (META) 

„Подготвен сум на ист начин, како на 24 декември 2012 година, заедно со син ми да бидам во првите редови! И искрено се надевам дека сите „душегрижници“ кои во изминатиов период ме прозиваа „каде е Бранко“, ќе бидат заедно со своите најблиски во мојата близина. „Ладата“, симболот на „отпорот“, е во одлична состојба, редовно одржувана и навреме регистрирана“, пишува поранешниот претседател и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, во своето обраќање до јавноста.

Црвенковски во своето писмо вели дека му честита и го поддржува сегашниот лидер на опозцијата, Зоран Заев, за тоа што преку „Вистината за Македонија“ на најдиректен начин ги соочил сите со катастрофалната реалност во која живееме.

Според Црвенковски, прес-конференциите не се доволни за режимот да падне.

„Јасно е дека тие се подготвени да направат сè за да ја задржат власта. Клучното прашање е што сме подготвени да направиме ние?“, прашува Црвенковски во обраќањето.

„Да се ослободиме од илузијата дека по обелоденување на „бомбите“, Груевски и камарилата самите ќе си поднесат оставки и со наведнати глави ќе си заминат. Детски наивно е да се очекува од вакви луѓе, по сè што направија, да покажат какво било чувство на одговорност. Ваква тоталитарна власт, која ги контролира сите институции, ги злоупотребува народните пари и ги уредува најмоќните медиуми во земјата, не може да  биде поразена ниту од поединци ниту од опозициски партии. Ваква диктатура може да биде поразена само од народ и со народ“, пишува во обраќањето на поранешниот лидер на најголемата опозициска партија.

Црвенковски смета дека на Македонија во битката против овој злосторнички и тоталитарен режим ѝ е потребно едно широко народно движење, сеопфатен опозициски демократски фронт, кој во севе ќе ги вклучи буквално сите што можат и сакаат да дадат свој придонес.

„Со Република Македонија владее еден тоталитарен, криминоген и корумпиран режим, за кој не постои ниту устав ниту закон. Режим кој целосно, прво ги партизираше, а потоа и  приватизираше сите институции на државата. Режим кој ги злоупотребува сите финансиски ресурси на земјата, не за доброто на народот туку за една единствена цел – како да се задржи власта и да се полнат приватните сметки во странските банки. Тоа е една структура од исфрустрирани ликови, за кои човечкиот живот не вреди ниту пет пари, кои зацрнија цели семејства и кои од Македонија направија земја на политички затвореници. Кој живее на кредит умира на рати, а оваа власт неколкукратно ја задолжи земјата и тоа за забегани и коруптивни проекти, со што ја уништи перспективата на овој народ. Со овој и ваков режим, Македонија нема никаква, а камоли европска иднина“, пишува во писмотото на Црвенковски.

Тој во своето обраќање вели дека ниту бил болен или уценуван, од политичката сцена се повлекол поради тоа што не сакал на каков било начин да ѝ даде можност на власта да ја продолжи повеќегодишната, примитивна и црна кампања поврзана со него и против новото раководство на СДСМ.

Целото писмо можете да го прочитате на овој линк.

Реакциите на социјалните мрежи прочитајте ги овде.