Несоодветното депонирање на градежниот шут, проблем за хигиената во Охрид


Охрид, 15 февруари, 2019 - 13:47 (META) 

Деновиве во Охрид, дежурните служби на ЈП „Охридски Комуналец“ евидентираа уште еден во низата примери на кршење на Законот за јавна чистота во централното градско подрачје и тоа на сред бел ден. Депониран е градежен шут од камион на приватен субјект директно во контејнерите за комунален отпад.

„Овој проблем станува се поголем од отприлика две години, откако е донесена одлука за забрана за депонирање на градежен шут на депонијата Мауцкер, без да се даде соодветна алтернатива на граѓаните каде истиот би го депонирале, затоа што градот и граѓаните секојдневно создаваат секаков вид на отпад“, вели Љупчо Грданоски в.д. директор на ЈП „Охридски комуналец“.

Според Законот за јавна чистота, не е дозволено градежниот шут што настанува при градење или реновирање на домовите, граѓаните и правните субјекти да го исфрлаат во контејнерите за комунален отпад.

Од јавното претпријатие „Охридски комуналец“ велат дека до крајот на годината ќе продолжат со акциите за подигање на кабаст и зелен отпад и тоа секоја сабота, но исклучиво со дојава од граѓаните.


Бизнис-заедницата со идеи за намалување на загадувањето


Скопје, 7 февруари, 2019 - 12:12 (META) 

Здружена акција на приватниот и јавниот сектор за побрза транзиција и замена на старите возила со електричини чија мисија на јаглерод диоксид е нула проценти, итно справување со нелегалните бизниси за отпад, како и промовирање на стандардот за пасивни куќи кој претставува највисок енергетски стандард и ја намалува потрошувачката на енергија за греење до неверојатни 90 проценти, се трите аспекти кои, согласно анализите ќе влијаат долгорочно на намалување на  загаденоста на воздухот, беше истакнато на денешната прес конференција на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК).

Потпретседателот на Сојузот, Александар Милошевски изјави дека согласно податоците на Меѓународната агенција за енергетика објавени лани, за една година бројот на електрични превозни средства на светско ниво пораснал рекордно на 3,1 милиони возила, а се предвидува до 2030 година да има раст од 125 до 220 милиони електрични возила во светот.

„Во нашата земја, интересот за ваков тип на автомобили е мал. Согласно податоците на Министерството за внатрешни работи до октомври 2018, на подрачјето на Скопје се регистрирани вкупно 48 електрични возила.Причините се повeќе но генерално, се цените на автомобилите кои не секој граѓанин може да си го дозволи, но и не доволно развиена инфраструктура и инсталирани полначи за овој тип автомобили, кои без станици за полнење можат да издржат околу 100 километри. За таа цел, потребна е заедничка акција на приватниот и јавниот сектор за стимулирање на набавка на ваков тип автомобили“, изјави Милошевски.

Тој додаде дека со новите измени во Законот за возила предвидено е воведување на субвенции за електрични и хибридни возила, дополнително се предлага по примерот на западно европските земји каде е зголемена нивната употреба, да се имплементира поддршка во субвенционирани батерии и делови за електричните возила како и да се разгледа можноста за бесплатна регистрација, бесплатни патарини и паркинзи кои би биле дпоплнителен стимул и поволност за секој оној кој ке се одлучи за ваква опција.

Дополнително направена е студија за оваа намена во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во која се предвидува до 2035 година, 40 проценти од возилата да бидат електрични и за 35 отсто да се намали емисијата на јаглероден двооксид од транспортот, преку стимулирање на ваквиот тип автомобили.

Според Милошовски, вториот аспект кој во голема мера ќе го намали загадувањето е итно справување со нелеганите бизниси за отпад, каде без дозвола се гори, не се следат никакви стандарди и не се знае каде се испуштаат непознати материи во воздухот и во почвата.

„Со употребата на новите технолигии особено со снимањето на теренот со помош на дронови институционално треба точно да се лоцираат можните диви отпади кои се големи загадувачи и кои на отворено неконтролирано палат отпад за понатаму да се превземат радикални чекори за нивно спречување. На тој начин лесно ќе се снимаат критичните точки и ќе се лоцира од каде доаѓа енормното загадување на воздухот. Дополнително потребно е итно постапување по дојави, бидејќи сето ова е и резултат на горење неразградливи и опасни материи по здравјето на граѓаните. Диви депонии и горење на штетни материи е заедничко за петте најзагадени градови во целиот свет, меѓу кои е и Скопје“, изјави Милошевки.


На протестот пред „Дрисла“, екологистите побараа одговори дали се увезува опасен отпад


Скопје, 1 февруари, 2019 - 16:27 (META) 

Организаторите на протестот „Движење за чист воздух“ денеска го блокираа приодот кон депонијата „Дрисла“ како предупредување до надлежните и побараа одговори на прашањата, што се гори во печките, каков отпад се складира и каков е третманот на овој отпад, дали се запазуваат законите и стандардите согласно европските регулативи и дали се увезува отпад од други земји.

Тие побараа смена на Правилникот за извршување инспекциски надзор и негово усогласување со ЕУ-нормативата за емисии на диоксини, формалдехиди и фурани. Беше побарано и да се раскине договорот со италијанската фирма-концесионер „ФЦЛ Амбиенте“, поради неисполнување на договореното за „Дрисла“.

„Најголемиот проблем е што најопасниот отпад од целата држава завршува во оваа депонија. „Дрисла“ нема добиено акредитација од Министерството за животна средина за депонирање на таков отпад“, изјави Тони Никушевски, според кого, депонијата Дрисла е една од најкритични точки во Скопје и Македонија кога станува збор за загадувањето.

Според Никушевски, во светот нема легален увоз на опасен отпад. Поради ова, стоката која тргнува од европски центри, или од големи градови кон трети земји каква што е Македонија, не се декларира според Базелската конвенција дека се работи за отпад туку, нагласува активистот, е декларирана како репроматеријал или суровина.

„На тој начин, се одбегнува регулациската рамка и на тој начин опасната стока стигнува до вакви трети земји. Ние не може да знаеме дали  понатаму во државата ќе се увезува таков тип на отпад, се додека не покаже дека има функционални контролни механизми“, додаде Никушевски.

Директорот на детската амбасада „Меѓаши“, Драги Змијанац побара одговор зошто печките на „Дрисла“ се дупло оптоварени од нивниот капацитет и праша што превземаат државните органи, посебно инспекторите, колку често се контролира работата на Дрисла и на печката за согорување на медицински отпад, дали има ноќни ненајавени смени, и дали филтрите се соодветни за фурани и диоксини?

Ариајнит Џафери од тетовската организација „Еко-герила“ го повика премиерот Зоран Заев и Владата итно да го сменат Законот за увоз на отпад, со образложение дека забраната за отпад значително ќе придонесе во намалување на загадувањето, особено во Скопје.

„Има сериозни сомневања за согорување на отпад во „Дрисла“, без соодветни стандарди што е една од причините за аерозагадувањето. Постои лавиринт на нетранспарентност околу тоа, каков отпад навистина се увезува од странство и се согорува во Македонија. Иако во Скопје беа преземени неколку мерки за загадувањето, очигледно е дека не се намали. Сите мерки ќе бидат козметички, доколку не се забрани овој отпад. Македонија нема капацитет да се справува со сопствената количина на отпад. Увозот на отпадот од држави од ЕУ останува сомнеж за корумпираните врски и импликации на интересите на мафијата. Бараме и од Јавното обвинителство да ја испита оваа активност, без влијание на бизнис интересите и политиката“, рече Џафери.

Организаторите на протестот, „Движење за чист воздух“ најавија дека доколку не се решат овие прашања за 15 дена, ќе организираат помасовен протест, со вклучување и на граѓаните.

„Сакаме да им пратиме јасна порака на политичарите – дека не им веруваме. Се повеќе веруваме дека постои нивна вмешаност во овој бизнис, затоа што загадувањето е бизнис, а се помалку веруваме во нивната неспособност да го решат ова. Господа политичари, исчистете си го вашето ѓубре, затоа што пред избори ќе ве поклопи“, изјави Марјан Ненов, претставник на движењето.

Извршниот директор на „Дрисла“ Горан Ангелов пак, по завршување на протестот изјави дека „Дрисла“ не влијае на загадувањето на Скопје, кое е на 11 километри одовде. Тој, исто така се осврна и на сомнежите дека на депонијата се согорува опасен отпад.

„Нашата мерна станица се наоѓа на 100 метри од депонијата и таа не покажува зголемени вредности“, рече Ангелов и додаде дека на Дрисла се согорува само медицински отпад од Скопје и дел од здравствените установи кои вршат дијализа низ државата, лекови со поминат рок и одреден неопасен отпад како кредитни картички и документи, наркотици и слично.

Според Ангелов нема преоптоварување на печката, бидејќи нејзиниот капацитет е 1.400 тони.


Шилегов: До крајот на годинава нов концесионер и модернизација на Дрисла


Скопје, 24 јануари, 2019 - 9:57 (META) 

Град Скопје формирал нова комисија која треба да изврши повторна евалуација на понудите на компаниите и во склад со неа да се направи нов избор на концесионер на Дрисла. Ова за „Мета“ го потврди градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Тој очекува за многу скоро време комисијата да си ја заврши работата и на Советот на Град Скопје да му понуди да изврши избор на концесионер со што до крајот на годината би требало да заврши целиот процес и да почне имплементацијата на современа технологија која од Дрисла конечно би направила модерна депонија.

Според скопскиот градоначалник, не се работи за нов конкурс за давање на Дрисла под концесија туку за повторна евалуација на веќе постојните понуди на компаниите кои учествувале на конкурсот во 2011 година.

Тогаш со одлука на претходните градски власти беше одбрана италијанската фирма „ФЦЛ Амбиенте“ за концесионер на Дрисла која ја доби депонијата на 35 години и според договорот во неа требаше да инвестираат 73 милиони евра. Второрангираниот, германската компанија „Шолц“ двапати го обжалуваше решението за доделување на концесијата на италијанската фирма. Но Град Скопје, додека градоначалник беше Коце Трајановски, повторно во двапати склучуваше договор со „ФЦЛ Амбиенте“.

-Кога јас дојдов постапката веќе беше до таа мерка заплеткана што не можев ништо да направам, но штом заврши целата управна постапка од новоизбраниот концесионер ќе биде побарана банкарска гаранција дека ќе си ги изврши превземените обврски – вели Шилегов.

Тој вели дека селекција на отпадот, отплинување, согорување на отпадот и производство на електрична енергија на Дрисла треба да го спроведе идниот концесионер и додава дека „секаде во светот ѓубрето е пред се доходовен бизнис освен во Скопје“.

Според скопскиот градоначалник, кога ќе се заокружи целиот процес, би требало на депонијата да завршуваат најмногу по околу 5 проценти од сегашниот депониран отпад, што ќе биде значителен исчекор кон почиста животна средина во Скопје.


Општина Тетово сокрива податоци за Општинскиот инспекторат


Тетово, 4 декември, 2018 - 14:05 (META) 

Општина Тетово одбива да разоткрие детали за работата, структурата и за вработените во Општинскиот инспекторат, непочитувајќи го своето ветување дека ќе биде транспарентна, пишува „Порталб“, посочувајќи дека овие податоци треба да бидат јавни, бидејќи вработените се плаќаат од народни пари.

Редакцијата пред повеќе од еден месец, врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, поднела барање од Општина Тетово за доставување информации за работата и вработените на Општинскиот инспекторат.

„Но, она што ги добивме како одговор не е воопшто задоволително“, пишува „Порталб“.

Од Општина Тетово било побарано да достави информации за:
• Бројот на вработени во инспекцискиот оддел на Општинскиот инспекторат во Тетово.
• Бројот на вработени кои ја имаат позицијата „инспектор“ (со име, презиме и телефон за контакт).
• Бројот на други вработени, освен инспектори, и описот на нивните работни места.
• Бројот на возила што се на располагање на Општинскиот инспекторат.
• Платите на вработените и дали им се исплаќа надоместок за прекувремена работа.
• Распоредот на работа на инспекторите (во часови).
• Дали има некој вработен којшто постојано работи вон работното време, односно има ли дежурен во вечерните часови?

На тие прашања, од Општина Тетово одговориле со куса информација за вкупниот број вработени и бројот на инспектори.

„Врз основа на табеларната контрола на работните места во општинската администрација се вработени 42 лица, од кои 24 се општински инспектори; 19 се референти или или професионални официјални административни асистенти“, одговориле од општината.

„Порталб“, незадоволен што најголемиот дел од прашањата не се одговорени, поднел жалба до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Нашата редакција никако нема да престане да бара одговори и транспарентност од општина Тетово за нашите граѓани, а ние ќе ја вршиме нашата работа. Потсетуваме дека во последното интервју за „Порталб.мк“ и „Вистиномер.мк“, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи вети дека ќе биде транспарентна и нејзиниот тим за односи со јавноста ќе го стори истото.
Истото го вети и претходно во дебатата Животот во Македонија, како и во претходниот. Оваа општина не е на листата на најтранспарентни општини во Македонија“, порачуваат од  „Порталб“.

Во Тетово постојано се случува палење на ѓубрето, но сторителите ретко или никогаш не се откриваат.

„Ова се должи на ненавременото делување на органите на редот и Општинскиот инспекторат. Последниот случај беше на 11 октомври оваа година, кога некои луѓе запалија отпад на неформална депонија во ромската населба, односно во коритото на реката Пена. Порталб.мк, го пријави случајот до општинските власти, но сторителите не беа фатени. На 20 септември оваа година, за време на утринските часови жителите во некои тетовски населби пријавиле дека чувствуваат лош мирис, што веројатно потекнувал од горењето отпадоци.  Сепак, инспекторите задоцниле премногу и не успеале да ги фатат загадувачите. Случај што треба да се спомене е и случајот на масовно горење на депонијата на влезот на Тетово – и по една година, органите на редот и прогонот сè уште не успеале да ги најдат сторителите и да ги изнесат пред лицето на правдата“, пишува „Порталб“.


Првата депонија целосно изградена по ЕУ-стандарди, подготвена за употреба во Гевгелија


Гевгелија, 24 октомври, 2018 - 15:26 (META) 

Депонијата во Ново Коњско, Гевгелија, прва во земјата изградена комплетно по стандарди на Европската унија денеска беше предадена во употреба на општина Гевгелија. Изградбата на депонијата, вредна еден милион американски долари е финансирана од јапонската влада, а проектот е имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Со пуштање во употреба на оваа депонија ќе се затвори сегашната нелегална депонија, која се протега по брегот на Сува Река, чиј капацитет е одамна надминат и претставува сериозна закана за животната средина и здравјето.

„Современата депонија е од клучна важност за нашата општина. Со нејзиното отворање, конечно ќе ги решиме проблемите со цврстиот комунален отпад, а наскоро ќе почнеме да ги гледаме и еколошките придобивки“, изјави градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков и додаде дека штом ќе почне да работи депонијата, од граѓаните ќе се побара да го сортираат отпадот.

Депонијата е дел од поголем проект од 2,2 милиони американски долари, поддржан од јапонската влада, а спроведуван од УНДП како поддршка за општините кои беа најмногу погодени во бегалската криза во 2015-2016 година.


Користењето на алтернативните горива ќе го намали загадувањето


Скопје, 18 јуни, 2018 - 12:13 (META) 

Употребата на алтернативните горива во индустријата ќе донесе видливи придобивки за животната средина, за општеството и за економијата на земјата и затоа нивната употреба во Македонија треба да се охрабри и стимулира, по примерот на развиените земји и членките на Европската Унија.

Ова е еден од заклучоците и препораките на учесниците на панел-дискусијата посветена на темата за употребата на алтернативните горива во Македонија, во организација на Центарот за почисто производство при Машинскиот факултет во Скопје и УНИДО – Агенцијата за индустриски развој на Обединетите Нации.

„Во науката е постигнат прилично јасен консензус околу употребата на отпадот како гориво во индустријата, а особено за придобивките од тоа. Дефинитивно се работи за еколошко решение на проблемот со акумулирање и депонирање на отпадот и намалување на употребата на необновливите фосилни горива“, смета раководителот на Центарот за чисто производство при Машинскиот факултет во Скопје, Атанас Кочов.

Алтернативните горива се употребуваат во развиените индустриски земји и членките на Европската унија повеќе од 15 години. За овој временски период развиени се современи технолошки решенија кои овозможуваат нивна ефикасна употреба во индустријата, со што значително се намали потрошувачката на фосилни горива.

Во овoј сегмент лидер е Германија каде употребата на алтернативни горива заменува и до 65 отсто од фосилните горива во индустријата. Тоа влијаеше на намалување на емисиите на штетните „стакленички“ гасови во атмосферата, како и на загадувањето на водата и почвата.

Покрај ова, користењето на отпадот како гориво им овозможи на развиените земји да го сопрат ширењето на депониите и да создадат нови работни места во индустриските капацитети за подготовка и употреба на ваквиот вид горива.


Бејли, Герет, Пломп, Османи и граѓани собираа ѓубре на кејот на Вардар


Скопје, 26 април, 2018 - 16:17 (META) 

Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп, амбасадорот на Велика Британија Чарлс Герет и американскиот амбасадор Џес Бејли, заедно со вицепремиерот Бујар Османи денеска на кејот на Вардар зад Луна паркот го чистеа расфрланиот смет во еко акцијата, која трета година по ред ја организира амбасадата на Кралството Холандија заедно со „Пивара“ и „Пакомак“.

Ова е трета по ред волонтерска еко-акција што ја организираат „Пивара“, „Пакомак“ и Амбасадата на Холандија. Во претходните две акции беа исчистени брегот и водите на езерото Матка, како и кејот на реката Вардар, на кој и годинава се собираше целокупниот сув отпад. Годинешната акција е воедно и дел од активностите за одбележување на Денот на Кралот – националниот празник на Холандија.

– Се радувам што оваа година имавме можност да го одбележиме нашиот голем национален празник и со ваква акција. Го споивме убавото со корисното и уште еднаш се обидовме да го дадеме својот придонес за намалување на загадувањето кое е голем проблем за луѓето и за природата. Единствен ефикасен начин за трајно надминување на овој проблем е повеќе работа, посветеност и соработка меѓу јавниот сектор, компаниите и граѓаните. Со нашиот денешен ангажман сакаме да покажеме дека секој од нас може да даде личен пример за другите и да го поттикне решавањето на кој било проблем – истакна холандскиот амбасадор.

Целокупната логистичка поддршка за соодветен транспорт, селектирање и рециклирање на собраниот отпад ја обезбеди „Пакомак“.


Секој жител на Македонија лани создал по 379 килограми отпад


Скопје, 23 април, 2018 - 10:30 (META) 

Лани во Македонија е собран комунален отпад од 635.875 тони, а количеството на вкупно создаден комунален отпад изнесува 786.881 тони, објави Државниот завод за статистика. Годишното количество, пак, на создаден комунален отпад по жител во 2017 година изнесува 379 килограми, што е за 1,3 отсто помалку од истото количество во 2016 година.

Споредено со 2016 година, вкупното количество на собран комунален отпад во 2017 година бележи зголемување од 4,2 отсто.

Најголемо количество на собран комунален отпад е забележано во скопскиот регион – 164.246 тони или 25,8 отсто од вкупното собрано количество во Македонија.

Од вкупното количество на собран комунален отпад, 527.700 тони или 83 проценти се собрани од домаќинствата, а останатите 17 проценти од правни и физички лица (комерцијален отпад).

Според видовите на отпад, најголемо количество на собран отпад е измешан комунален отпад, 554.280 тони или 87,2 отсто, а најмало количество отпад од гума, 1.007 тони или 0,2 отсто од вкупното количество собран комунален отпад.

Најголемото количество на собран комунален отпад, односно 99,4 проценти се отстранува на депонија.


Анѓушев: Ќе се отворат четири регионални депонии за собирање и преработка на отпад


Скопје, 23 март, 2018 - 12:11 (META) 

Владата ќе има регионален пристап кон еколошкиот проблем и затоа ќе отвориме четири регионални депонии за собирање и преработка на отпад, најави денеска вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на обраќањето на конференцијата „Загаденоста на воздухот и нерегулирани депонии“, во организација на Балканската асоцијација за животна средина (БЕНА).

„Треба да се определиме за похрабри чекори кон решавање на проблемите со животната средина.Прв ваков чекор е да се реши проблемот со дивите, но и со организираните депонии на смет во државата.Втор чекор е решавање на проблемот со отпадните води кои треба да се соберат во организиран канализационен систем и да бидат прочистени пред да се пуштат во природните води.Средствата кои беа планирани за изградба на карго-аеродром во близина на Штип, околу 40 милиони евра, за кој нема финаниска исплатливост, ќе гледаме да ги пренамениме токму за овој проект“, рече Анѓушев.