Тренов: Откупувачите на зелка купуваат само од тие што не протестираа


Скопје, 12 април, 2018 - 14:11 (META) 

Иако претставници на министерството и владата се фалат дека експресно го решиле проблемот со откупувачите и производителите на зелка, и договориле цената да се движи од 20-25 денари по килограм, состојбата е поинаква. Откупот е драстично намален, а воопшто не се откупува од производители што минатата седмица протестираа, обвини Ромео Тренов на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

– Забележано е драстично намалување на количините на откупената зелка, иако откупувачите до вчера декларативно ја држеа цената од 20 денари. Откупните пунктови ги држат повеќе затворени отколку отворени. Истите откупувачи имаат добиено целосни инструкции да не откупуваат зелка од лицата кои протестираа минатата недела заради ниските цени, така што се случува дискриминација на лице место, и производителите се делат на подобни и неподобни согласно правилата на неспособната влада – рече Тренов.

Тој вели дека одредени откупувачи се обидуваат да ја исплаќаат зелката со репроматеријали наместо со пари, и со тоа да ги намалат откупните цени.

– И покрај ветувањата на неспособната влада дека цената ќе се движи од 20-25 денари во моментот на ова обраќање цените на откупот изнесуваат 15 денари по килограм, со тенденција на понатамошен драстичен пад. Во одредени региони на полињата има и до 70 отсто од засеаната зелка, па производителите се соочени истите количини да презреат и да им пропаднат, заради слабиот откуп последниве денови – обвинува Тренов.


Николовски: Ќе се зголемат субвенциите за лозарите кои имаат насади до 10 хектари


Кавадарци, 14 февруари, 2018 - 16:50 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на одбележувањето на денешниот празник на лозарите и винарите, ги информираше лозарите за новите мерки во програмата за поддршка на земјоделството и руралниот развој.

– Оваа година со програмата предвидуваме зголемување на субвенциите за сите лозари кои имаат  лозови насади до 10 хектари. Нашата интенција како политика ќе биде, да ги стимулираме лозарите да го модернизираат производството, и да даваме уште поголема поддршка на категоријата на земјоделци кои што навистина може да го донесат развојот – рече Николовски.

Премиерот Зоран Заев кој исто така денеска беше во Кавадарци, изјави дека Владата почнала разговори со винарниците и откупувачите, за да може да се обезбеди поповолна цена за производителите.

– Убеден сум дека со новите мерки што ги прави Владата, посебно за стимулирање на нови насади, отварањето на нови пласмани и со освојувањето нови пазари, цените на грозјето ќе растат – рече Заев.


СДСМ: Покрај субвенции, договорен е и поголем откуп на лубеници


Скопје, 19 јули, 2017 - 17:56 (META) 

Владата предводена од СДСМ активно работи на надминување на проблемите, преку мерки што ќе ја стабилизираат цената на лубениците и ќе ги санираат штетите на производителите на бостан, се вели во реакцијата на СДСМ, на прес-конференцијата на Ванчо Костадиновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се додава дека ВМРО-ДПМНЕ 11 години манипулирала со земјоделците, а субвенциите и другите мерки за помош ги злоупотребувала за да врши притисок, поткуп и уцени врз вистинските земјоделци.

„Проблемот со откупот на лубеници, како и другите напластени проблеми, се решава интензивно и во содејство со земјоделците и со откупувачите. Покрај дополнителните субвенции од два денари за секој продаден килограм, договорен е и поголем откуп на лубеници, кој веќе се остварува“, велат од СДСМ.


Пемова: Да престане увозот на праски и да се зголемат субвенциите


Скопје, 20 јуни, 2017 - 16:32 (META) 

Доделувањето 6 денари за еден килограм праски предадени кај откупувачите во суштина значи никаква поддршка зашто откуп воопшто нема, а кога нема откуп, тоа значи дека земјоделците не предаваат праски за да добијат дополнителна поддршка, порача на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ пратеничката Весна Пемова.

Таа реагираше на денешната најава на министерот за земјоделство Љупчо Николовски, кој посочи дека се размислува за воведување поддршка од 6 денари за еден килограм предадени праски, за да се помогне на производителите на кои не им се откупува родот.

Пемова побара Владата веднаш да спроведе четири мерки.

Според неа, неопходно е зголемување за 50 отсто на субвенциите за одржување на овошните насади за годинава, но и државата да се вклучи во пронаоѓањето нови пазари, како и да се заштити македонското производство од нелојалната конкуренција.

– Додека македонските праски скапуваат, имаме информации дека се увезуваат преку 1.200 тони евтини праски од соседството. Државата итно да се вклучи во заштита на македонските земјоделски производи – рече Пемова.

Таа побара Владата итно да спроведе и мерки за целосно обесштетување на овоштарите.