Откупот и продажбата на земјоделски производи намалени во однос на лани


Скопје, 16 август, 2018 - 10:27 (META) 

Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од 2018 година, откупот и продажбата на земјоделски производи се намалени за 4,4% во однос на истиот период од претходната година.

Позитивна промена има кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители, каде е забележано зголемување за 14%, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство е забележано намалување за 16,5% во однос на лани.

Зголемувањето на откупот и продажбата на земјоделски производи има кај индустриските растенија, овошјето, добитокот, живината и јајцата и млекото, а намалување е забележано кај житата, градинарските растенија, фуражните растенија, алкохолните пијалаци, млечните производи и рибата.

Вредноста на откупот и продажбата на земјоделски производи покажува намалување во април и мај, во однос на истите два месеци во 2017 година, додека во јуни е забележано зголемување на вредноста на откупот и продажбата на земјоделски производи.


Нова субвенција за решавање на проблемот со откупот на сливите


Скопје, 13 август, 2018 - 13:28 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека поради проблемите со откупот на сливите ќе интервенира Владата, со тоа што ќе доделува субвенции на откупувачите и преработувачите на сливи.

Од министерството велат дека на утрешната седница на Владата на дневен ред ќе бидат и измените на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018 година, односно воведувањето на нова мерка – субвенционирање од два денари за откупувачите и преработувачите на сливи.

Финансиската поддршка ќе стапи на сила со објавување на одлуката во Службен весник  и ќе важи  за откупени количини на сливи до 15 септември 2018 година, по откупна цена не пониска од пет денари за килограм за индустриски сливи. Оваа субвенција ќе важи и за откупувачите кои ќе откупат свежа слива.

Инаку, со Програмата за директни плаќања за 2018 година со мерката за одржување на насади од слива земјоделците имаат право на субвенција во висина од 33.000 денари за хектар и 39.600 денари за површини од еден до пет хектари, како и субвенција од три денари за килограм предадени сливи во преработувачки капацитети.


МЗШВ: Жетвата заврши, пченицата се откупува по цена од 9 до 10,5 денари по килограм


Скопје, 6 август, 2018 - 10:01 (META) 

Жетвата на пченицата заврши на сите засеани 78.000 хектари, а просечениот принос е околу 3.500 килограми по хектар, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од таму додаваат дека лебното зрно од овогодинешната реколата се откупува по цена од 9 до 10,5 денари по килограм, во зависност од квалитетот на пченица.

До 15 август е и рокот за доставување на барање за понуди за Јавна набавка на меркантилна пченица за потребите на Агенцијата за стоковни резерви. На јавниот оглас за прв пат се дозволени и помали лотови, со цел и земјоделците да можат директно да продадат пченица за стоковни резерви.

„Има 10 лота од по 100 тони и 3 лота по 4.000 тони пченица. На овој начин ќе се придонесе за зголемување на откупот на домашна пченица, како и за постигнување повисока откупна цена. Очекуваме сите овие мерки да дадат дополнителен стимул во овој сектор, како и да обезбедиме одржливо и конкурентно производство на полјоделските култури, особено на пченицата како најзначајна“, се вели во соопштението на МЗШВ.


Врнежите и невремето ги намалиле квалитетот и количините на тутунот


Скопје, 16 јули, 2018 - 12:12 (META) 

Стопанска комора на Македонија (СКМ) очекува пониски откупни цени и пониски класи  на тутунот поради намалениот квалитет, информираше денеска Васко Ристовски од СКМ.

Тој додаде дека врнежите и невремето минатата недела предизвикале појава на болести и штетници што влијаеле врз квалитетот, а се одразило и врз количините.

– Поголемата цена и исплатата на субвенциите по класи го зголемија производството на тутун годинава, но неповолните временски услови ги намалија количините и квалитетот – изјави Ристовски

Заклучно со април 2018 склучени се 33.501 договор за откуп што е зголемување за околу десет проценти во однос на 2017. Лани, просечната откупна цена на тутунот достигна 217,60 денари за килограм или 20 отсто повеќе во однос на цената во 2016 година.

СКМ го поздрави изготвувањето на новиот закон за тутун и очекува негово што поскоро донесување, бидејќи како што велат ќе се решат горливите проблеми во тутунската индустрија.


МЗШВ: Откупот на лубеници се одвива непречено, земјоделците се манипулираат


Скопје, 6 јули, 2018 - 14:39 (META) 

Во последните седум дена се откупени 800 тони лубеница, а само за денеска се планира откуп од околу 130 тони лубеница, реагираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на информациите дека земјоделците протестираат и дека лубениците чекаат да бидат откупени.

„Според Подрачната единица во Струмица, во следните денови се планира откуп уште на 200 тони. Откупната цена е задоволителна и се движи од три до четири денари по килограм. Сите земјоделците кои имаат било каков проблем, слободно можат да ги контактираат подрачните единици на МЗШВ или директно МЗШВ“, се вели во соопштението.


Николовски: Нема застој во откупот на лубениците и другите земјоделски производи


Скопје, 4 јули, 2018 - 16:00 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски рече дека дневно се откупуваат по околу 500 тони лубеници, и доколку се процени дека има потреба, Владата ќе преземе соодветни мерки, како што бил случајот со доматите.

Тој потсети дека лани, МЗШВ воведе дополнителна субвенција од два денари за килограм за лубениците и шест денари за килограм праски, дополнителни мерки за пченицата, како и за грозјето.

„Оваа година, се зголеми на субвенцијата за предадени домати од три на седум денари за килограм, и се постигна договор вишокот домати да го откупат преработувачките капацитети, а се со цел стабилизирање на откупот“, изјави Николовски.

На новинарско прашање во врска со годинешната жетва на пченица, тој потенцираше дека пред почетокот на жетвата се одржале неколку состаноци со земјоделците и мелничарите, но и дека во тек е процедурата која што ја започнала Агенцијата за стокови резерви, со која што е планирано откуп на 12.000 тони домашна пченица.


МЗШВ ќе го откупува вишокот на домати, отежнат пласманот на странски пазари


Скопје, 21 јуни, 2018 - 15:12 (META) 

Откупот на македонските домати е отежнат и затоа Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство договара вишокот на домати да го откупат домашните преработувачките капацитети, информираат од таму.

„Почетната откупна цена на доматите беше 25 до 30 денари за килограм, а сега е 10 до 15 денари за килограм. Точно е дека во моментов е отежнат откупот, заради тоа што расте понудата на нашите традиоционални пазари од тамошни домашни производители, што влијае врз отежнување на откупот на македонските домати“, се вели во соопштението на МЗШВ.

Од таму исто така велат дека доколку се увиди дека земјоделците остваруваат загуби од производната и продажната цена, министерството може да излезе со дополнителни мерки за производителите на раниот домат.


Николовски: Деновиве ќе биде исплатена дополнителната субвенција за лозарството


Скопје, 16 април, 2018 - 16:27 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на денешниот состанок со винарските визби, на кој учествуваше и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, порача дека лани се исплатени сите обврски и субвенции за лозарите и винарските визби, а наскоро треба да стартува и исплатата на дополнителната субвенција од по два денари.

– Лани се исплатија сите заостанати обврски и кон лозарите и кон винарските визби. Оваа година сме насочени кон навремена исплата кон лозарите и кон визбите, тогаш кога им се потребни. Овие денови ќе биде исплатена и дополнителната поддршка од 2 денари од минатата година, и тоа се уште 140 милиони денари плус субвенции за лозарите – рече министерот Николовски.

Тој нагласи дека пред почетокот на новата производствена реколта, се исплатени над 600 милиони денари субвенции за одржување на лозови насади за лозарите и за винарниците кои имаат сопствени насади.

Во годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството за 20 отсто се зголемени субвенциите за одржување на лозови насади за оние кои имаат од 1 до 10 хектари , односно наместо 40.000 ќе добијат 48.000 денари по хектар, а дополнителна субвенција од 12.000 денари по хектар ќе добијат оние кои ќе извршат реконструкција на лозовите насади, за промена на асортиментот, што е важно за следење на светските трендови и за зголемување на конкурентноста. Дополнително, 30 отсто повисока субвенција ќе добијат оние земјоделци ќе преминат во попрофитабилна гранка, на пример од полјоделство во лозарство, овоштарство и градинарство.


Тренов: Откупувачите на зелка купуваат само од тие што не протестираа


Скопје, 12 април, 2018 - 14:11 (META) 

Иако претставници на министерството и владата се фалат дека експресно го решиле проблемот со откупувачите и производителите на зелка, и договориле цената да се движи од 20-25 денари по килограм, состојбата е поинаква. Откупот е драстично намален, а воопшто не се откупува од производители што минатата седмица протестираа, обвини Ромео Тренов на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

– Забележано е драстично намалување на количините на откупената зелка, иако откупувачите до вчера декларативно ја држеа цената од 20 денари. Откупните пунктови ги држат повеќе затворени отколку отворени. Истите откупувачи имаат добиено целосни инструкции да не откупуваат зелка од лицата кои протестираа минатата недела заради ниските цени, така што се случува дискриминација на лице место, и производителите се делат на подобни и неподобни согласно правилата на неспособната влада – рече Тренов.

Тој вели дека одредени откупувачи се обидуваат да ја исплаќаат зелката со репроматеријали наместо со пари, и со тоа да ги намалат откупните цени.

– И покрај ветувањата на неспособната влада дека цената ќе се движи од 20-25 денари во моментот на ова обраќање цените на откупот изнесуваат 15 денари по килограм, со тенденција на понатамошен драстичен пад. Во одредени региони на полињата има и до 70 отсто од засеаната зелка, па производителите се соочени истите количини да презреат и да им пропаднат, заради слабиот откуп последниве денови – обвинува Тренов.


Поништен конкурсот за откуп на класични композиции за 2017 година


Скопје, 29 март, 2018 - 16:54 (META) 

Министерството за култура соопшти дека конкурсот за откуп на класични композиции за 2017 година, објавен на 6 април минатата година, се поништува поради административни пропусти во неговото спроведување. Конкурсот ќе биде повторен.

Министерството ќе поведе соодветни дисциплински постапки за службите задолжени за спроведување на конкурсот, за да се утврди одговорноста за направените пропусти.

Според соопштението, објавените резултати на 18 јануари годинава на официјалната веб-страница не биле тоа, туку само предлози на комисијата, кои не биле одобрени од министерот.