Бочварски најави стадион во Штип според стандардите на ФИФА


Штип, 6 ноември, 2018 - 16:44 (META) 

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски понуди нов проект за граѓаните, на отчетот за неговата едногодишна работа. Станува збор за проектот за стадион со хотелски комплекс и две трибини со капацитет за 5.900 гледачи според стандардите на ФИФА, каде би можела да игра и репрезентацијата.

Стадионот не беше во позначајните проекти од неговата програма, но синоќа, на отчетот, градоначалникот рече дека стадионот каде игра фудбалскиот клуб „Брегалница“ е во многу лоша состојба, а Штип заслужува да има стадион со кој ќе се гордее.

– Се работи на проектот, кој е 800.000 денари, инаку, знаете, претходниот градоначалник направи проект, кој не можеше да помине никаде, ни во општината. Не можело да се издаде дозвола на тој проект – рече Бочварски.

Пред присутните беше понудена анимација за тоа како ќе изгледа новиот стадион, во кој општината и ФФМ во 2016 година, веќе вложија половина милион евра. Сепак, градоначалникот не појасни од каде пари за новата реконструкција.

На отчетот на Бочварски, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ одговори дека „она што го сработил градоначалникот не е поврзано со неговата изборна програма, туку е дел од неговата секојдневна работа, нешто што секој градоначалник треба да го извршува“.

Неодамна, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов, го повика Бочварски на дуел на медиум, кој градоначалникот би го избрал, каде би зборувале за тоа што се смени во градот една година откако ги презеде СДСМ. На ова Бочварски одговори дека неговиот отчет ќе биде одговор на сите дилеми на Јорданов.


Димитров ќе дава отчет за надворешната политика пред пратениците


Скопје, 25 јули, 2018 - 10:11 (META) 

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика ќе го презентира извештајот за остварувањето на надворешната политика и меѓународната положба на Република Македонија, а ќе бидат претставени платформите за дипломатските активности на вонредните и ополномоштени амбасадори на Република Македонија во Осло, Кралството Норвешка Серџим Мухамед, во Република Полска Васил Пановски, во Црна Гора Михајло Трпкоски и во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Александра Миовска.

На дневен ред на седницата е и завршниот извештај на Пајо Авировиќ вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Израел, за време на извршување на мандатот (3 март 2014 година – 28 февруари 2018).

Во Собранието на Република Македонија денеска ќе заседава и комисијата за транспорт, врски и екологија која ќе ги разгледа измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и измените и дополнување на Законот за основање на Јавно претпријатие Македонска радиодифузија, двата во второ читање.


Проблемот со загадениот воздух, еден од приоритетите на Шилегов за 100 дена мандат


Скопје, 3 февруари, 2018 - 13:19 (META) 

Заштита на животната средина и подобрување на состојбата со загадениот воздух, биле приоритетите на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов во првите 100 дена од мандатот. Тој денеска даде отчет за сработеното.

„Тројно го зголемивме буџетот за заштита на животната средина, кој за 2018 година изнесува 141 милиони денари, што претставува речиси трипати повеќе од ребалансот на буџетот од 2017 година, кој што, за овој сектор предвиде само 48 милиони денари. Ја организиравме најголемата акција за чистење на Скопје, што беше дел од краткорочните мерки против загадувањето, со која беа отстранети околу 3.000 кубни метри смет од улиците и јавните површини во градот. Во оваа акција, освен јавните градски претпријатија беа ангажирани неколку стотици лица, баратели на работа преку Агенцијата за вработување“, рече Шилегов.

Со есенска акција за зазеленување на Скопје, како што информираше, биле засадени 615 нови дрвја низ различни локации во градот. Акцијата за зазеленување на Скопје ќе продолжи и на пролет, кога е планирано да се засадат повеќе од 4.000 садници.

Градот Скопје обезбедил и субвенции за набавка на печки на пелети во висина до 70 отсто од вредноста на печката, трипати се вовел бесплатен јавен автобуски превоз, а се ограничил периодот во кој е дозволен дотур на стока во централното градско подрачје.

Шилегов ја стопирал и изградбата на 95 фасади, кои требаше да добијат нов барокен лик.

– Со пренамена на средствата кои беа предвидени за „Скопје 2014“, започнаа интензивни активности и подготовки за реконструкција на сите средни училишта, истите да добијат енергетски ефикасни фасади, во согласност со современите стандарди за рационализација и заштеда на електричната и топлинската енергија – рече Шилегов.

Тој додаде дека, веднаш по преземањето на градската власт се вовело двосменско работење на службите што непосредно работат со граѓаните.


Таравари: Советот за јавни набавки е виновен за доцнење на испораката на лекови


Скопје, 23 септември, 2017 - 13:05 (META) 

Министерот за здравство, Арбен Таравари, вината за доцнење на испораката на некои лекови ја лоцира во Советот за јавни набавки, а не во Министерството за здравство.

Тој појасни дека кога пред шест месеци една фирма конкурирала за испорака на лекови, немало проблем, а сега, кога истата фирма конкурира со истите стандарди, има проблем пред Советот за јавни набавки.

– Има еден Совет за јавни набавки кој е комплетно политизиран. Фирми кои поминувале низ тој Совет пред шест месеци, сега, кога конкурираат, се спречени и затоа се јавуваат проблеми со лековите – рече Таравари.

Тој нагласи дека секаде каде што требало направиле интервентен увоз, но тоа чинело многу. Таравари информираше дека е побарано од премиерот да најде решение.

Министерот за здравство денеска информираше за сработеното во првите 100 дена и во оваа пригода исто така кажа дека до крајот на ноември ќе се знае дали во Клиничкиот центар ќе се гради новата зграда за интерни клиники за која претходната влада потпиша договор.

Тој рече дека експерти ќе спроведат анализа и ќе одговорат дали може да се изгради клиниката или нејзината изградба ќе го попречува функционирањето на Клиничкиот центар. Според него, доколку нивната одлука е дека може да се организира работата ќе се изгради, но доколку нивната одлука е дека ќе спречи функционирање на Клиничкиот центар тогаш ќе се бара ново решение.

Во однос на неговата кандидатура за градоначалник на Гостивар, додаде дека во Министерството за здравство работи екипа од 15 лица кои се компетентни и кои ја вратија довербата во ова министерство.

– Додека сум јас кандидат за градоначалник нема никакви законски пречки за мојот заменик министер да ја врши мојата функција. Инаку екипата си функционира беспрекорно – рече Таравари.


Алаѓозовски: „Скопје 2014“ е како вирус што прво треба да се стави во карантин


Скопје, 18 септември, 2017 - 16:21 (META) 

Проектот „Скопје 2014“ го сметаме како еден вид вирус што прво треба да го ставиме во карантин, да го третираме изолирано, па откако ќе направиме одлуки што понатаму со овој проект, може, евентуално, да го планираме во идниот развој, изјави денеска министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, на прес-конференција за првите 100 дена од мандатот на Владата.

Тој информираше дека петчлена работна група во Министерството за култура го анализира проектот и ќе му пристапи во фази и по приоритети. За некои споменици и објекти кои се најспорни и за кои има реакции и од јавноста, веќе има првични предлози како да се решат, но ќе ги разгледа и за нив ќе одлучи Владата.

– Тоа е споменикот на Андон Јанев Ќосето, како и на проектите кои се во различни фази на изградба, со што сè уште се создаваат финансиски импликации врз државниот буџет. Поради комплексноста на какви било интервенции на дел од објектите, се договоривме работната група да изготви повеќе можни сценарија за некои од нив, а Владата да донесе одлука што конкретно и поединечно со овие проекти – рече Алаѓозовски.

На новинарско прашање за Музејот на вода во Охрид, кој е во надлежност на Завод и музеј – Охрид, Алаѓозовски одговори дека новиот состав на Национална комисија на УНЕСКО ќе го разгледа и проблемот со состојбата на овој музеј, во рамки на решавањето на севкупниот проблем со загрозеноста на статусот на Охрид, како дел од листата на УНЕСКО.


ВМРО-ДПМНЕ: Барањето алиби за увоз на струја е погрешен потег


Скопје, 17 септември, 2017 - 19:33 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагира на прес-конференцијата на генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски, за која од партијата велат дека е обид на Владата да се „испере за скандалозните тендери во ЕЛЕМ, кои ги добиваат фирмите на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев“.

„Барањето алиби за увоз на електрична енергија со однапред познат увозник е погрешен потег. Доколку новото раководство на ЕЛЕМ предводено од СДС не успева да се снајде со менаџирање на компанијата, им стоиме на располагање за сè што е во интерес на компанијата и на граѓаните, се разбира бесплатно“, велат од опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа и на отчетот на министерот за финансии, Драган Тевдовски, оценувајќи го како неуспешен обид за манипулација на јавноста.

„За 100 дена Тевдовски успеа да направи пустош од македонската економија. Тевдовски вели дека економијата ќе оди напред, а ние прашуваме како, кога индустријата паѓа, платите се намалуваат, а задолжувањето се зголемува. Сите макроекономски показатели се негативни. Македонија има пад на индустриското производство за 2,2 проценти. Просечната плата која ветуваа дека ќе биде 500 евра се намали за 0,7 проценти, а извозот се намали за 12 отсто или за 52 милиони евра“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


Тевдовски: Економијата се придвижува, очекувам порастот на БДП да остане на 2,2 отсто


Скопје, 17 септември, 2017 - 16:49 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, денеска изјави оти очекува дека нема да има потреба од ревидирање на предвидениот пораст на домашниот бруто-производ (БДП) од 2,2 отсто.

Според министерот, негативните показатели за порастот на економијата се привремени, а одговорноста за минусното салдо на домашниот бруто-производ вели дека е кај претходната влада, односно во проблемите кои произлегоа со автопатиштата.

– Последните податоци за полнење на буџетот укажуваат дека во земјава почнува придвижување на економијата и очекувам дека нема има потреба од ревидирање, а Министерството успева да обезбеди стабилен пораст и финансии до крајот на оваа година – рече Тевдовски, кој денеска го презентираше отчетот за работата на Министерството за финансии во првите 100 дена.

До крајот на оваа година, рече Тевдовски, не е планирано издавање на еврообврзница, а Буџетот ќе се финансира од домашното задолжување.

Во врска со сработеното во изминатите 100 дена од новата Влада, тој рече дека негова цел била да стави ред во јавните трошења, а реформите во системот на јавните финансии да бидат во насока на најдобрите европски стандарди и практики.

– Во изминатите сто дена се сработени десет големи промени. Направен е ребаланс на буџетот во кој се скратени непродуктивните трошоци на носителите на власта, силно е подигнато нивото на фискална транспрентност, направена е анализа за распределба на доходи, добро се управува со наследениот јавен долг и намален е бројот на аукции на
домашниот пазар, вратени се кредити со просечни каматни стапки од 6 проценти. Има неселективен и забрзан поврат на ДДВ, подготвено е решение за зголемување на минималната плата на 12.000 денари, финализирана е стратегијата за управување со јавните финансии во периодот 2018-2021 година и зајакната е соработката со релевантните меѓународни финансиски институции – рече Тевдовски.


ВМРО-ДПМНЕ: Луѓе како Спасовски не заслужуваат да го водат МВР


Скопје, 12 септември, 2017 - 16:47 (META) 

МВР е во хаос, а единствени кои се задоволни од неговото работење се криминалните банди низ Скопје и низ државата, кои излегоа од подземје и почнаа да владеат со државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на прес-конференцијата на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за неговиот отчет за стоте дена на фукнцијата.

„Граѓаните со право стравуваат за својата безбедност. Криминалците слободно се шетаат на улица и ги загрозуваат мирот и стабилноста на нашите улици и во нашите населби. Вакви луѓе и ваков министер како Спасовски не заслужуваат да го водат најкомплексниот ресор во Република Македонија. Наместо да се занимава со партиска пропагандна и со неисчистени возила, Спасовски треба да се грижи за безбедноста на сите граѓани во Македонија“, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат Спасовски и Заев наместо да ја користат полицијата во партиски цели, да се занимаваат со тоа како МВР повторно да стане симбол на доверба и на професионализам.


Заев: Стоте дена ги посветивме на граѓаните, на економијата и на пријателство кон соседите


Скопје, 5 септември, 2017 - 16:26 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција даде отчет за сработеното во првите 100 дена од формирањето на Владата – под мотото „Зборот е збор“.

Заев подвлече дека активностите и мерките на Владата во првите сто дена биле насочени кон пет сектори: враќање на парите кај граѓаните, економијата, враќање на институциите во служба на граѓаните, пријателство со соседните земји и отвореност на Владата.

Премиерот го посочи донесениот ребаланс на буџетот, со кој, како што рече, се направени големи кратења на непродуктивните трошоци, а парите се пренасочени кон „потребите на граѓаните“. Во овој контекст, тој ги спомена законите за стечајците, за минимална плата и укинувањето на радиодифузната такса, кои се во собраниска процедура, како и враќањето на евтината тарифа на струјата. Заев нагласи дека во изминатите 100 дена се обезбедени пари за мали и средни претпријатија и за домашни гринфилд-инвестиции, а во овој период се издвоени повеќе од 110 милиони евра помош за земјоделците.

Во однос на надворешната политика, како особено значајно Заев го посочи потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, кој, како што истакна, е доказ дека „таму каде што има волја, проблемите можат лесно да се решаваат“.

– Овој наш став е водечки и во процесот на реафирмирање на односите со Грција – рече Заев.

Планот „3-6-9“, рече премиерот, ја враќа Македонија на брзата патека на евроатлантските интеграции, а со воената вежба на полигонот Криволак воспоставено е ново ниво на соработка меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави.

Заев соопшти дека во текот на оваа недела треба да биде донесена и стратегијата за реформите во правосудниот систем, што е еден од приоритетите на Владата за враќање на владеењето на правото и на довербата во правосудството.

Премиерот го спомена и Законот за употребата на јазиците, со кој, како што рече, се затвора и последното отворено прашање од Охридскиот рамковен договор.

Одговарајќи на новинарско прашање, Заев изјави дека овој закон е поднесен со европско знаменце во Собранието бидејќи е дел од националната програма за усогласување на македонското со европското законодавство.

– Ова е последното легислативно прашање од Охрдискиот рамковен договор. Овој договор, освен законите, кои во најголем дел се донесени, има и свој дух. Тој постои за граѓаните и тие се тие што на крајот кажуваат дали некое прашање е навистина затворено или не – рече Заев.

Во врска со одлуката на министерот за здравство, Арбен Таравари, да се кандидира за градоначалник на Гостивар, Заев рече дека ги почитува политичките и партиските одлуки на коалициските партнери, но додаде дека секој избран функционер има морална и етичка одговорност пред граѓаните.


Џафери: Утре ќе закажам седница за разрешување на Зврлевски


Скопје, 27 јули, 2017 - 13:08 (META) 

Продолжениетo на седницата за разрешување на Марко Зврлевски од функцијата републички јавен обвинител, ќе биде закажано утре, соопшти денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери, на прес-конференција на која даваше отчет за првите 100 дена од неговиот мандат.

– Според деловникот, кога заседава Комисијата за финансирање и буџет, не може да има пленарна седница затоа што седниците од Комисијата се емитуваат во живо на собранискиот канал. Откако ќе завршат десетте дена дебата за ребалансот на буџетот, а во овој случај завршуваат утре, може да има пленарна седница и да се работи на заостанатите седници. За разрешувањето на Зврлевски ќе закажам седница утре иако петок е ден за средби на пратениците со граѓаните. Тоа значи дека ако треба, седница ќе закажам и в сабота и в недела – рече Џафери.

Прашан дали тој ќе ја отвори манифестацијата по повод Илинден на 2 Август во Крушево, Џафери нагласи дека постои систем на ротација и дека оваа година редот да се обрати во Крушево му се паѓа на претседателот на Собранието.

Џафери рече дека пратениците ќе го користат одморот од 8 до 25 август, наместо од 6 август, односно откако ќе поминат пет дена дебата на пленарна седница за ребалансот на буџетот, која треба да почне в понеделник. Локалните избори, пак, ќе ги распише на 6 август за тие да може да се одржат на 15 октомври.

– Одморот на пратениците не е моја волја, туку е законска обврска пратениците да имаат одмор во август, но тоа не значи дека ќе им биде дозволено да ги користат сите 31 ден од месецот – додаде Џафери.

За насилниот упад на група граѓани во Собранието на 27 април, Џафери вели дека бил повикан во Обвинителството и како оштетен и како сведок, но бидејќи истрагата сè уште трае, тој не сакаше да даде повеќе детали.

Џафери прес-конференцијата ја држеше прво на албански јазик, а потоа на македонски јазик, и како одговор на прашањето дали е тоа провокација, рече дека има уставно право да се обрати на двата јазика и дека е несоодветно тоа да се третира како провокација. За Законот за употреба на јазиците, Џафери рече дека најдобро е да се почекаат 100 дена од работата на Владата.

За повикот на една од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ да се закаже итна седница за договорот со Бугарија, Џафери рече дека итноста на седницата е надмината по јавното објавување на договорот.

Условите за работа во првите 100 дена од неговиот мандат, Џафери ги опиша како драстично попозитивни отколку денот кога беше избран, пред три месеци, на 27 април. Во отчетот за првите 100 дена, претседателот на Собранието рече дека имало девет седници од кои четири целосно завршени, дека се донеле пет закони, дека имало редовни координации секој понеделник, но дека ВМРО-ДПМНЕ не учествувала на сите и дека се одржале 32 меѓународни активности.

Откако ќе заврши годишниот одмор, Џафери најави дека Собранието ќе има нова алатка „е-прозорец“, преку која граѓаните ќе може да се пријават доколку сакаат да присуствуваат на некоја од пленарните седници.