!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Груевски: Не се повлекувам од лидерската позиција, граѓаните очекуваат оставка од Заев


Охрид, 24 мај, 2017 - 17:25 (META) 

Не планирам да се повлечам од лидерската позиција затоа што на последните избори победивме и освоивме најмногу гласови и имам долг кон сите граѓани што не поддржаа и што гласаа за нас да продолжиме да се бориме за една добра иднина за Македонија, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Институтот за филм во Охрид.

Груевски вели дека ова прашање го отвориле опонентските партии и медиуми блиски до нив поради нивната желба да дојде до смена на раководството во ВМРО-ДПМНЕ, затоа што според Груевски, тие имаат страв од раководство на ВМРО-ДПМНЕ и знаат дека ќе ги изгубат наредните избори.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека оставка треба да си даде лидерот на СДСМ Зоран Заев кој, како што рече, ги изгубил последните два изборни циклуси.

– Последните два изборни порази се на чело со Заев, и во 2014 и во 2016. Тој и во двата наврата вети пред граѓаните дека ако ги изгуби изборите ќе си даде оставка. Се уште веројатно многумина ја очекуваат или оставката или објаснување зошто и во 2014 кога вети дека ќе се повлече ако ги изгуби изборите не се повлече и зошто во 2016 кога јавно кажа дека ако ги изгуби изборите ќе се повлече се уште не го прави тоа – додаде Груевски.


Дурловски поднесе оставка во МОБ и на ФМУ


Скопје, 17 мај, 2017 - 13:21 (META) 

Директорот на Македонската опера и балет и оперски пејач Игор Дурловски денеска на својот фејсбук-профил објави дека поднесува оставка од местото директор на МОБ и од позицијата професор на Факултетот за музичка уметност.

„Жалам што сите овие општествени превирања се случуваат во година кога одбележуваме два значајни јубилеи и со кои требаше да создадеме нова страница со врвни уметнички достигнувања. За жал, а можеби некому за среќа, ниту МОБ не беше поштедена од негативните ефекти од наметнатите општествени услови, кои се одразија врз целокупната работна атмосфера, расположението на нашата публика, безбедносниот скептицизам на дел од нашите гости – уметници и на ред други помалку значајни нешта. Во таа насока, сметам дека лично ќе придонесам со поднесување оставка од позицијата директор за да не се поистоветува МОБ со моите лични дејства надвор од куќата и за да се овозможи надлежните институции бргу да изберат ново раководство кое, се надевам, ќе донесе нова позитивна енергија и нови успеси на оваа куќа. 25 мај ќе биде мој последен работен ден на позицијата директор на МОБ, а воедно ќе поднесам оставка од позицијата професор на Факултетот за музичка уметност по завршувањето на испитната сесија“, напиша Дурловски на својот фејсбук-профил.

Дурловски изминатите два месеци беше еден од организаторите на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ и беше присутен во Собранието за време на насилниот упад на граѓани на 27 април, при што беа повредени неколку пратеници, новинари и граѓани.


Спасовски: Извесно е само дека Заев ќе биде мандатар за новата влада


Скопје, 8 мај, 2017 - 15:49 (META) 

Ништо не е извесено освен дека мандатар за состав на новата влада ќе биде Зоран Заев, изјави денеска пратеникот во Собранието и генерален секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање дали преговорите за новата влада се водат помеѓу Али Ахмети и Заев и дали е извесна неговата позиција (на Спасовски, н.з.) во владата.

– Во однос на преговорите за влада, прво очекуваме Иванов да го додели мандатот, а понатаму ќе продолжат преговорите помеѓу политичките партии што го сочинуваат парламентарното мнозинство и дури потоа може да разговараме за позиции – рече Спасовски.

Во однос на тоа дали ќе има средба меѓу Заев и претседателот Ѓорге Иванов околу гаранциите за унитарниот карактер на државата, Спасовски рече дека очекуваат одлуката за избор на претседателот на Собранието, Талат Џафери, да излезе во „Службен весник“, а потоа и Заев и СДСМ се подготвени да разговарат со Иванов за доделувањето на мандатот.

Прашан дали одолжувањето на објавувањето на одлуката во „Службен весник“ е обид за опструкција од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Спасовски истакна дека е „сигурен во тоа дека некои од директорите сè уште настојуваат да бидат слуги на режимот“ и повика дека одлуката за изборот на Џафери мора да биде објавена уште денеска.

Одговарајќи на прашањето дали очекува оставка од јавниот обвинител Марко Зврлевски во врска со насилствата во Собранието од 27 април, генералниот секретар на СДСМ изјави дека секој што учествувал директно или индиректно – на она што следуваше по насилствата, треба да се повлече од позицијата, да ги ослободи инстутуциите и да овозможи вистинска истрага.

Спасовски истакна дека новата влада ќе спроведе нова истрага, за расчистување на сите дилеми околу настаните во Диво Насеље, Куманово од 9 и 10 мај 2015 година.

– На неколку дена пред годишнината од случувањата во Куманово, сакам да изразам сочувство и вистинско жалење за загубите што ги имаше Министерството за внатрешни работи и Република Македонија. Овој крвав четврток ги покажа сите слабости на системот, пред сè на безбедноста на Македонија, на безбедносните служби, на Министерството за внатрешни работи и ако добро ја гледате програмата на идната влада на Социјалдемократскиот сојуз, таму стои и тоа дека мора да има нова детална истрага што ќе укаже на сите апекти од настаните во Куманово. Тоа мора да биде на еден транспарентен начин, да се расчистат сите можни дилеми – рече Спасовски.


Оставки во Авганистан поради нападот на талибанците


Кабул, 24 април, 2017 - 11:12 (META) 

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани денеска ги прифати оставките на министерот за одбрана и на началникот на Генерал-штабот, откако повеќе од 140 војници загинаа во минатонеделниот напад на талибанците на воена база, соопштија од кабинетот на претседателот.

„Министерот за одбрана, Абдулах Хабиби, и началникот на Генерал-штабот, Кадам шах Шахим, се повлекоа од функциите и тоа веднаш стапува на сила“, стои во соопштението.

Портпаролот на претседателот, шах Хусеин Муртезави, наведе дека оставките се поднесени поради нападот на северниот град Мазар и Шариф, извршен во петокот.

Најмалку 140 војници загинаа, а голем број се ранети, соопштија во саботата властите, додавајќи дека бројот на жртвите веројатно ќе се зголеми.


Српското собрание ја констатираше оставката на Јанковиќ


Белград, 21 април, 2017 - 11:20 (META) 

Собранието на Србија денеска ја констатираше оставката на народниот правобранител Саша Јанковиќ.

За оставката гласаа 142 пратеници, а никој не беше против.

Јанковиќ поднесе оставка на функцијата на 7 февруари затоа што одлучи да се кандидира да претседател на Србија.

Тој на претседателските избори беше кандидат на групата граѓани „За Србија без страв“.


Во годишниот распоред на Рибарев имало место само за желбите на некои судии


Скопје, 29 март, 2017 - 13:06 (META) 

Новиот в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1, Стојанче Рибарев, вчера на судиите им го доставил годишниот распоред за работа за 2017 година, соопштија денеска од судот.

При подготвувањето на распоредот, како што стои во соопштението на судот, предвид биле земени мислењата на судиите, од седницата што тие ја одржаа со Рибарев, кон средината на овој месец, кратко по неговиот избор за в.д. претседател на судот, но немало можност да им бидат уважени желбите на сите.

„Некои од желбите на судиите имаше можност да бидат уважени, а за некои ќе се создаде можност во текот на годината. При подготвувањето на распоредот се имаше предвид состојбата со движењето на предметите од сите области, заостатокот во одредени области и потребата од итност во постапувањето по некои видови предмети утврдена со законските рокови. Исто така, се имаше предвид и оптовареноста на секој судија поединечно со предмети, како и досегашните забелешки и мислења од повисоките судски инстанци во врска со работата на судот“, се вели во соопштението.

Распоредот, во писмена форма, бил доставен до секој судија, кој може да достави приговор за неговото распоредување до Врховниот суд.

Од судот додаваат дека во моментот се применува досегашниот распоред на работа и закажаните судења се одвиваат според тој распоред, а новиот распоред ќе се применува кога ќе стапи на сила.

Дел од медиумите вчера објавија дека и во годишниот распоред што го донел Рибарев, имало контроверзии, како во оној што пред еден месец го донесе неговата претходничка на функцијата, в.д. претседателката Татјана Михајлова. Како што објави „Телма“, годишниот распоред на Рибарев бил спорен бидејќи млади судии со неколкугодишен стаж биле унапредени, а искусни судии кои долги години работеле во кривичниот оддел, биле префрлени да работат на стари предмети или во одделот за прекршоци.

Кон крајот на февруари, претходната в.д. претседателка на судот, Татјана Михајлова, донесе нов годишен распоред за работа на судиите, кој наиде на жестоки реакции кај експертската јавност, но и кај дел од судиите во Основниот суд Скопје 1, кои беа прераспоредени од кривичниот во прекршочниот и во други оддели во судот. Распоредот на Михајлова беше толкуван и како обид за чистка во судот поради предметите на Специјалното јавно обвинителство.

На почетокот на март, Врховниот суд поништи седум од прераспоредувањата. По неколку дена Михајлова си поднесе неотповиклива оставка од функцијата в.д. претседател на судот, а на нејзино место беше избран Стојанче Рибарев.


ЛДП побара оставка од Владимир Талески


Скопје, 24 март, 2017 - 18:39 (META) 

Што ли уште треба да се случи за градоначалникот на Битола, Владимир Талески, да си поднесе оставка од функцијата и да го ослободи градот од криминалот, корупцијата и од скандалите со кои ја разнебити Битола, праша денеска на прес-конференција претседателот на Либерално-демократската партија, Горан Милевски.

– Талески, за кого Специјалното јавно обвинителство најави и обвинителен акт за коруптивни тендери, со кој се проневериле 360.000 евра народни пари, и понатаму упорно си седи на градоначалничката фотелја. Актерот Талески се покажа како раритет, посебен примерок од политичарите на ВМРО-ДПМНЕ, кој остана единствениот споменат во „бомбите“ на опозицијата кој не си поднесе оставка. Дури и неговите ментори Груевски, Јанкулоска, Јанакиески си заминаа, но Талески сè уште се бори и не се дава – вели Милевски.

Милевски побара Талески да си поднесе оставка, да ја ослободи општината, бидејќи, според него, Битола и битолчани заслужуваат иднина, економски напредок, почист воздух и домаќинско управување.


Францускиот министер за внатрешни работи си поднесе оставка


Париз, 21 март, 2017 - 19:46 (META) 

Францускиот министер за внатрешни работи, Бруно ле Ру, си поднесе оставка поради скандалот со привремените вработувања на неговите ќерки во собранието на земјата, за што се води и истрага, јавуваат светските агенции.

Бруно ле Ру својата одлука ја соопшти денеска. Тој изјавил дека не сторил ништо погрешно со вработувањето на своите ќерки, но навел дека поднесува оставка од почитување кон владата и за да му овозможи на министерството за внатрешни работи на Франција да се бори против тероризмот и другите безбедносни закани.

Ле Ру тврди дека договорите за вработување биле „во склад со правилата на Народното собрание“ и „дека сите работи биле извршени ефективно“.

Оставката на Бруно ле Ру следува еден ден по телевизискиот извештај за 24 привремени ангажирања на неговите ќерки во парламентот. Пред два месеци, слична истрага, заради вработувања, сериозно ѝ наштети на предизборната кампања на кандидатот за претседател на конзервативците, Франсоа Филон.


Караџовски: Нова „Михајлова“ ќе бараме меѓу постојните кандидати или на нов конкурс


Скопје, 8 март, 2017 - 16:01 (META) 

Судијката Татјана Михајлова, неотповикливата оставка на функцијата в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1, ја даде без конкретно образложение за причините, изјави денеска претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски.

– За причините секој може да нагаѓа и да шпекулира кои се, како јас, така и вие – изјави Караџовски.

Претседателот на Судскиот совет рече дека се бара најсоодветното решение по оставката на Михајлова и дека сè додека Советот формално не ја прифати оставката на седница, судијката ќе го има статусот „в.д. претседател во оставка“.

Караџовски рече дека за евентуалното решение можни се три опции.

– Во моментов немаме конкретно решение, но има неколку опции: именување на нов в.д. претседател или спроведување на изборот на претседател од веќе постоечките кандидати, но и можност да се распише нов оглас за избор на претседател на Кривичниот суд – изјави Караџовски.

Судијката Михајлова ја поднесе оставката откако Врховниот суд поништи седум од прераспоредувањата што таа ги направи со новиот годишен распоред. Поради прераспоредувањата на судии од еден оддел во друг, голем број предмети на кои работеле овие судии се одложуваат.

– Знам дека дел од предметите се одложуваат, директно Судскиот совет не може да влијае и да закажува судење и слично, и затоа постојано, уште од добивањето на писмениот поднесок со оставката на колешката Михајлова, бараме најсоодветно решение, кое ќе биде и во интерес на Кривичниот суд, на судиите од тој суд и на граѓаните – рече денеска Караџовски.


Која е судијката Татјана „2.000 евра казна за Јанева и за Фетаи“ Михајлова?


Скопје, 8 март, 2017 - 11:19 (META) 

Судијката Татјана Михајлова вчера си поднесе оставка од функцијата в.д. претседател на најголемиот и најважниот суд во државата, Основниот суд Скопје 1. Причините за ненадејната одлука на Михајлова сè уште не се познати, иако една од шпекулациите е дека тоа го сторила затоа што Врховниот суд поништи седум од осумте прераспоредувања што таа ги потпиша. Молчи и претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, Зоран Караџовски, институцијата која е надлежна за избор на судиите и на претседателите на судовите, а до кого, според досегашните информации, Михајлова вчера ја поднела оставката.

Михајлова се најде во фокусот на јавноста со донесувањето на новиот годишен распоред на судиите во Основниот суд Скопје 1 и по контроверзните одлуки како судијка во случајот на Специјалното јавно обвинителство за настаните пред Општина Центар, во јавноста познат како „Шамари“, а во кој обвинет е поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Од штурата биографија на Михајлова, објавена на официјалната интернет-страница на судот, може да се види само дека е родена во 1961 година и дека работи на кривична материја (ова е според стариот распоред на судот).

Михајлова беше истражна судијка во случајот „Ликвидација“, во кој меѓу обвинетите, а потоа и осуден на четири и пол години затвор беше и новинарот Томислав Кежаровски.

Еве кои се последните значајни датуми од минатата и оваа година поврзани со работата на Михајлова:

20 септември – Обвинението на СЈО за насилствата пред Општина Центар беше распоредено кај судијката Михајлова;

5 декември – Михајлова е избрана за в.д. претседател на Кривичниот суд Скопје 1 на седница на Судскиот совет. Нејзиниот избор го поддржаа девет членови на Советот, а четворица беа против;

16 декември – Михајлова на подготвителното рочиште за случајот „Шамари“ донесе решение со кое забрани дел од „бомбите“ и заштитен сведок да бидат користени како докази во судењето против Груевски и другите 13 обвинети;

3 февруари – СЈО поднесе жалба на решението на Михајлова. Апелацискиот суд Скопје сè уште нема донесено одлука по жалбата;

21 февруари – медиумите објавија дека в.д. претседателката на Основниот суд Скопје 1 донела нов годишен распоред, со кој дел од судиите од кривичниот беа префрлени во прекршочниот или други оддели во судот. Дел од експертите новиот распоред го оценија како чистка во судот поради предметите на СЈО. Судот ги демантираше ваквите тврдења;

22 февруари – Михајлова ги казни специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, по 2.000 евра бидејќи на рочиште ја нарекоа „фалсификатор“ (Обвинителката Фетаи, откако не ѝ беше даден збор од Михајлова, стана и ѝ рече дека не е дојдена во судот за да види колку е убава, а потоа ја обвини Михајлова дека направила фалсификат со записникот од претходното рочиште);

27 февруари – Јанева и Фетаи до Основниот суд Скопје 1 поднесоа жалби за паричните казни од Михајлова, а Јанева претходно најави и кривична пријава против судијката, поради записникот;

2 март – Врховниот суд прифати седум од вкупно осумте приговори на прераспоредени судии и го поништи нивното прераспоредување;

7 март – Михајлова си поднесе оставка на функцијата в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1.