Останките на Амелија Ерхарт идентификувани на мал пацифички остров


Вашингтон, 9 март, 2018 - 11:58 (META) 

Коските пронајдени во 1940 година на островот Никумароро во Тихиот Океан најверојатно се од познатата пилотка и авантуристка Амелија Ерхарт, се вели во нова форензичка студија објавена во едно од научните списанија во САД.

Ерхарт, нејзиниот навигатор и авионот во којшто биле, исчезнале без трага во 1937 година некаде над Тихиот Океан, а во новата студија објавена во списанието „Forensic Аnthropology“, со наслов „Амелија Ерхарт и коските од Никумароро“, која била спроведена од професорот Ричард Јанц од Универзитетот на Тенеси, се вели оти со 99 отсто може да се каже оти тие коски се од Ерхарт и се отфрла мислењето на еден истражувач од 1941 година дека коските се од маж.

Коските се пронајдени во 1940 година, три години од исчезнувањето на Ерхарт. Покрај нив биле пронајдени женски обувки, кутија за секстант каков што користел навигаторот Френ Нунан, кој во 1937 година исчезнал заедно со Ерхарт, како и шише слично на тоа што авијатичарката често го носела.

Кога остатоците биле првпат пронајдени, се сметало дека ѝ припаѓаат на Амелија. Но во 1941 година доктор Дејвид В. Хадлс од Фиџи заклучил дека коските му припаѓаат на маж и таа теорија важеше сè досега.

Островот Никумароро се наоѓа на околу 2.900 километри југозападно од Хаваи, а со голема сигурност може да се каже дека Ерхарт била многу блиску до островот пред да исчезне во текот на нејзиниот обид да го прелета светот.


По шест години, погребана малата Ангела од прилепското село Дуње


Прилеп, 7 април, 2015 - 20:19 (META) 

Посмртните останки на шестгодишната Ангела Ѓорѓиоска од прилепското село Дуње, вчера беа погребани на градските гробишта Песјобрдце во Прилеп, речиси шест години по нејзиното исчезнување на 23 јули 2009 година од родното село.

Бидејќи, како што велат од Обвинителството, семејството на девојчето одбило да го изврши погребот, а посмртните останки со години се чувани во Институтот за судска медицина во Скопје, Јавното обвинителство побарало од прилепското обвинителство да се изврши погреб во согласност со законот.

Од „Комуналец“ велат дека известиле еден од операторите, во случајот „Дипеко“, кој со погребално возило од Институтот од Скопје ги подигнал посмртните останки на девојчето, а погребот е извршен истиот ден на сметка на јавното претпријатие, пишува „Утрински весник“.

Малата Ангела последен пат беше видена во селото со својата 20-годишна братучетка, со која биле на гости на друга страна од селото. Полициската истрага потврди дека трагите на Ангела се губат кај селската црква, која се наоѓа речиси на крајот од селото. Коски од девојчето се откриени по неколку месеци во висок рид во близина на соседното село Пештани.

Таму и според жителите тешко може да се искачи возрасен човек, а не мало девојче, на пеколна жештина. Местото е оддалечено од родното село на Ангела шест-седум километри и се наоѓа во непристапен терен.