Инспектори по училиштата, наставниците под стрес, децата на готовс


Скопје, 4 февруари, 2019 - 12:35 (META) 

Државни просветни инспектори за основно образование периодов ги посетуваат училиштата и скенираат како тие функционираат. Ова е дел од интегралната евалуација, која во секое училиште во државата се спроведува на секои три години.

Кај некои наставници постои страв од инспекторите, затоа што тие влегуваат во училниците и присуствуваат на час, за да ја оценат нивната работа. Затоа, многумина од нив ги средуваат училниците, ги замолуваат децата пред инспекторот да бидат активни на часот и да покажат знаење, да бидат дисциплинирани, а некои дури бараат од децата ако им се оди во тоалет, да се воздржат додека не ѕвони ѕвончето за крај на часот.

– Инспекторот беше кај мене на час. Побара документација и евиденција, побара увид во моите дневни подготовки за часот, евиденција за слободните ученички активности, месечни/тематски подготовки, годишна програма за работа, соработка со родители, воннаставни активности, следење на постигањата на учениците (чек-листи, евидентни листови), програма за ученици со посебни потреби. Очекувам за околу пет месеци отсега да ги добиеме оценките, забелешките на инспекторите за работата – вели Драгица Поповска, одделенски наставник во „Панајот Гиновски“.

Томе Спировски, директорот на просветниот инспекторат апелира наставниците да не се плашат од инспекторите.

– Ова е процес кој се спроведува години наназад и има цел да покаже како функционира училиштето во целост. Со интегралната евалуација ја согледуваме состојбата во однос на квалитетот на воспитно-образовниот во државата. Се врши вреднување на училиштата со оценки од 1 до 4, при што оценката  1 значи незадоволува, оценката 2 делумно задоволува, оценката 3 добро и оценката 4 многу добро. На крајот се прави извештај во кој е согледана целосната состојба во училиштето, истото е оценето, а се издвојуваат слаби и јаки страни на училиштето – вели Спировски.

Ако некое училиште има слаби страни, тогаш училиштето се задолжува да изготви акционен план за надминување на недостатоците, а шест месеци потоа се врши и контролен надзор.


Наставните програми мора медиуски „да се описменат“


Скопје, 19 декември, 2018 - 12:00 (META) 

Крајно неопходно е да се ревидираат наставните програми и програмите за медиумска писменост во основното образование и да е внесат содржини за критичко оценување и анализирање на медиумските содржини, а посебно оние на коишто учениците се најмногу изложени – социјалните мрежи и медиумите. Основната медиумска писменост мора да биде предмет во сите одделенија – од градинка до завршните одделенија на основното образование, вклучувајќи ги сите три основни елементи на овој концепт – пристап, анализа и создавање медиумски содржини во сите можни форми, пренесува „КриТинг“.

Ваквите заклучоци беа наведени на завршната конференција на Високата школа за новинарство и односи со јавноста „Медиумската писменост во образованието – Предуслов за младинско учество во општествените и политичките процеси во Македонија“, која се одржа на 18 декември во Скопје, во рамките на трогодишната програма на Коалицијата за медиумска писменост.

Заклучоците се совпаѓаат со наодите на истражувањето „Основна медумска писменост во Македонија – Обиди за воспоставување основно образование“, коешто Високата школа го спроведе заедно со Бирото за развој на образованието. Констатацијата е дека во учебниците за  основно образование – на сите јазици на кои се пренесуваат овие лекции, се предава за стари медиумски содржини и тоа мора итно да се корегира.

Потребно е едуцирање на наставниците за основно медиумско образование, како и за современите дидактички алатки и предуслови за медиумска продукција (упатства, дообуки, медиуми), итн.

Бирото за развој на образованието треба да има поголемо учество во набљудувањето на спроведувањето на наставните програми, за да се увиди навреме потребата на наставниците и учениците, посебно за темите за унапредување на медиумската писменост на учениците. Дадена е и препорака за педагошките факултети да ги ревидираат наставните програми со современи содржини за медиумска писменост и за унапредување на способностите на наставниот кадар, како и за вклучување на стручни лица од новинарската фела и комуникациите.

На конференцијата учествуваа Лори Ласо од Хелсиншкиот институт за аудиовизуелни активности, која го презентираше финскиот модел за медиумско образование, како и Александар Кочиќ од единбуршкиот универзитет „Нејпиер“, кој го презентираше шкотското искуство за медиумско образование во средните училишта. Милица Пешиќ од Лондонскиот институт за медиумска разноликост (ИРМ) ја нагласи потребата од основно медиумско образование во граѓанските организации.

Околу 100 ученици, професори, на подлистокот „Медиум“ и на Коалицијата за медиумска писменост, како и преставници на Бирото за развој на образованието и на Министерството за образование и наука учествуваа на завршната конференција.

Трогодишниот проект беше спроведен од Високата Школа за новинарство и односи со јавност, од весникот „Нова Македонија и од ИРМ, со поддршка на ЕУ.


За три месеци од Штип во странство се иселиле 48 основци


Штип, 5 декември, 2018 - 14:56 (META) 

Од почетокот на  учебната година до крајот на ноември, од основните училишта во Штип се испишале 48 ученици. Тоа значи дека секој втор ден во странство заминувал по еден ученик. Во истиот период, 12 ученици од средните училишта се испишале поради заминување во странство.

Податоците се базирани на исписниците од училиштата, во кои прецизно е наведена причината за отпишувањето.

За разлика од минатите години, кога се чекаше да се заврши училишната година, па се повлекуваа децата во земјите каде работат нивните родители, последните две години, децата се отпишуваат од училиште во кој било период од училишната година. Во основните училишта во Општината Штип, настава посетуваат над 4.000 ученици.

За разлика од Штип во Кочани за овие три месеци се испишале 18 ученици. Интересно е дека од кочанските училиштата си заминуваат и наставници. Работата за овие три месеци ја напуштиле четворица наставници.

Од останатите општини во регионот, од  делчевските училишта се отпишале 13 основци, но има и шест новозапишани ученици, додека во Македонска Каменица, каде изминатите години имаше значајно ислелување, од почетокот на учебната година си заминале само двајца ученици.


ОУ „Исмаил Ќемали” e преоптоварено со ученици и со недостиг на простор


Скопје, 21 ноември, 2018 - 11:48 (META) 

Основните училишта „Имри Елези” и „Петар Здравковски-Пенко“ во скопските општини Чаир и Бутел не се единствените што имаат проблем со преголемиот број на ученици.

Уште еден случај на прекршување на законот откри редакцијата на „Порталб“ во основното училиште „Исмаил Ќемали“ во населбата Топанско Поле. Во ова училиште речиси сите паралелки се многу блиску до законски утврдената граница за дозволен број на ученици по паралелка, а тоа е 34, додека неколку од нив дури и го надминуваат овој број.

Директорката на ова училиште, Бурбуќе Имери, вели дека најоптоварени паралелки се тие од петто одделение, каде бројот на ученици во секоја паралелка е над 34.

– Речиси сите паралелки се преполни, но најголемиот проблем е со петтите одделенија и дневниот престој, во кои има по 39 и 40 ученици – изјави Имери за „Порталб“.

Таа рече дека општина Чаир е запознаена со состојбата во ова училиште.

– Разговаравме со општината и ни ветија дека ќе ни помогнат и дека ќе бидеме нивни приоритет. Но дури и да се отворат паралелки и да се вработат наставници, немаме каде да ги носиме, бидејќи имаме недостиг на простории. Ќе треба да се изградат најмалку 7 училници за да се реши еднаш засекогаш нашиот проблем. Или да се изгради ново училиште во овој регион – изјави Имери.

Наставниците велат дека е прилично тешко да се работи со толку голем број ученици во една паралелка.

Дополнително и родителите бараат нов училиштен објект и соодветни услови за образование на нивните деца.

– Како што гледате и самите, ова училиште има премногу ученици, би било добро општината да преземе мерки и да изгради ново училиште и еднаш засекогаш да го реши проблемот во ова училиште – велат некои од родителите.


Министерство за образование: Екстерното тестирање е укинато


Скопје, 2 јуни, 2017 - 11:08 (META) 

Со објавувањето на трите закони за измена на законите за основното образование, за средното образование и за наставниците во основното и во средното образование во „Службен весник на Република Македонија“ бр.67 од 1 јуни 2017 година, екстерното тестирање во Македонија е укинато и нема да се спроведува, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).

„Сите почнати постапки во врска со екстерното проверување на знаењето на учениците запираат“, соопшти МОН.

Собранието на Република Македонија вчера попладне, на четвртата седница, ги донесе Законот за изменување на Законот за основното образование, Законот за изменување на Законот за средното образование и Законот за изменување на Законот за наставници во основните и во средните училишта, со кои се укина екстерното тестирање.


„Карван на парите“ денеска во Велес и во Неготино


Велес, 29 март, 2017 - 10:09 (META) 

Како дел од одбележувањето на Глобалната недела на парите (27 март ‒ 2 април), во Велес и во Неготино денеска ученици – основци и средношколци, ќе слушаат објаснувања за парите, штедењето, тргувањето, банкарскиот сектор, инвестирањето, осигурувањето, пензискиот сектор и за други теми поврзани со функционирањето на финансиските системи.

По денешната посета на „Карванот на парите“ на Велес и на Неготино, на 5 април ќе бидат посетени училишта во Тетово и во Гостивар, а на 7 април – во Охрид и во Струга.

Народната банка на Република Македонија, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, МАПАС и Комисијата за хартии од вредност, во соработка со Бирото за развој на образованието и со Сојузот на микрофинансиски организации, во понеделникот го одбележаа почетокот на Глобалната недела на парите. Се организираа посети од страна на четири основни и средни училишта од Скопје во просториите на сите овие инстируции, како и на Македонската берза, Музејот на пари при Народната банка, еден пензиски фонд, инвестициски фонд, комерцијална банка, штедилница и осигурителна компанија.

Годинашното одбележување на Глобалната недела на парите во Македонија е најголемо досега во поглед на институциите што учествуваат. За време на посетите се изведуваат едукативни предавања на теми од областите на парите, штедењето, тргувањето, банкарскиот сектор, инвестирањето, осигурувањето, пензискиот сектор и други теми поврзани со функционирањето на финансиските системи.

Крајот на овој проект за годинава ќе се означи на 19 април во Градски парк во Скопје.

Глобалната недела на парите, во организација на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и на млади (Child and Youth Finance International), се одржува на светско ниво уште од 2012 година.


Завршува продолжениот зимски распуст, учениците од утре на настава


Скопје, 22 јануари, 2017 - 11:48 (META) 

Завршува зимскиот распуст и од утре почнува второто полугодие од учебната 2016/2017 година за околу 270.000 ученици, од кои 188.000 основци и 80.000 средношколци.

Зимскиот распуст беше продолжен за два дополнителни дена, односно 18 и 20 јануари, со одлука на Министерството за образование и наука, а по препорака на Комисијата за заразни болести и на Министерството за здравство, како превентивна мерка за да се избегне ширењето на грипот. Двата дополнителни дена од распустот, како што претходно соопшти заменик-министерот за образование и наука, Спиро Рсистовски, ќе бидат одработени во сабота, најверојатно во март и во април.

Од наредниот понеделник, на 30 јануари, ќе почне екстерното тестирање на 18.600 матуранти, кое ќе трае до 3 февруари 2017 година.