Обвинителство бара условна казна за стражарот што го сликаше Чавков во Шутка


Скопје, 4 јули, 2018 - 14:04 (META) 

Основното јавно обвинителство од Основниот суд бара условни казни затвор за стражарите од истражниот затвор Шутка кои го фотографираа и ја споделија фотографијата од поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност додека беше во притвор.

Од ОЈО велат тие сториле казнено дело „неовластено снимање“ и бара од Судот да им изрече условна осуда и да им утврди казна затвор во траење од три месеци, што нема да се изврши доколку обвинетите не сторат ново кривично дело во траење од две години

Според обвинението на 30 ноември минатата година, првообвинетиот го забележал Чавков и преку прозорското стакло без негова согласност го фотографирал, притоа повредувајќи му ја приватноста.

Фотографиите во приватна порака, преку социјалните мрежи ги проследил на тројца колеги, меѓу кои и на второобвинетиот кој понатаму фотографијата ја проследил на уште двајца униформирани полициски службеници.


Куќен притвор за Александар Јаневски – Тошта


Скопје, 8 јуни, 2018 - 16:14 (META) 

По барање на Основното јавно обвинителство Скопје судот ја замени мерката притвор за Aлександар Јаневски – Тошта кој е обвинет во случајот за обид за убиство на Зијадин Села.

Во соопштението од Основното јавно обвинителство се вели дека мерката притвор се заменува со поблага мерка куќен притвор.

„Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за замена на мерката притвор со поблага мерка куќен притвор за обвинетиот А.Ј.-Т. Надлежниот обвинител по вторпат пред судот укажува дека со оглед на здравствената состојба кај обвинетиот и поодминатата фаза на постапката и со поблага мерка ќе се постигнат целите и нема да се загрози понатамошниот тек на постапката по однос на овој обвинет”, се вели во соопштението од Основното јавно обвинителство.

На последното судско рочиште на Јаневски му се слоши, по што беше пренесен во болница. Тој се товари за сторено кривично дело – Убиство од член 123 ст.1 во врска со чл.19 во врска со чл.22 од Кривичниот законик заедно со уште шест лица.


Кривична пријава од Левица за Заев „затоа што прифатил промена на уставното име“


Скопје, 21 мај, 2018 - 11:45 (META) 

Во Основно јавно обвинителство Скопје денеска партијата Левица поднесе кривична пријава против премиерот Зоран Заев, кого го обвинува за нарушување на уставниот поредок на државата „затоа што прифатил промена на уставното име“.

Како што рече Димитар Апасиев, со изјавите во четвртокот, 17 мај, со кои прифаќа решение ерга омнес со Грција, Заев како премиер ги загрозил преговарачките позиции на Македонија и ја довел државата во зависна положба од друга држава.

– Со јавното ветување на Заев пред грчкиот премиер Ципрас, за прифаќање промена на уставното име за севкупна употреба – „ ерга омнес“ и ветувањето дека тој ќе се заложи да се промени името на државата за внатрешна и надворешна употреба, Заев го загрози уставниот поредок на Македонија – рече Апасиев.

Левица размислува да ја прошири кривичната пријава и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, за кого велат дека со јавното признавање дека стои зад предлогот на Заев, станува соучесник.


ОЈО ќе го истражува трошењето пари во Антикорупциска


Скопје, 1 март, 2018 - 13:45 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека, по допрен глас, оформило предмет за трошењето на буџетски средства од страна на членовите на Државната комисија за спречување на корупција.

„По објавите во медиумите, обвинителството презема дејствија за утврдување на фактите во предметот, за прибирање на податоци и на потребната документација од Управата за јавни приходи и други релевантни институции“, велат од ОЈО.


Кривичен решава за продолжување на притворите на осомничените од 27 април


Скопје, 26 јануари, 2018 - 13:12 (META) 

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 денеска ќе одлучува по барањата на ОЈО за организиран криминал и корупција за продолжување на притворите за осомничените за минатогодишните насилства во Собранието на 27 април, беше потврдено на денешниот брифинг на претседателот на Судот, Иван Џолев со новинарите.

Барањата на обвинителството се доставени до Кривичниот совет и се очекува до крајот на денешниот ден да бидат донесени и одлуки.

Обвинителството, како што денеска соопштија оттаму, бара продолжување на притворот на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, Богдан Илиевски – Бетмен, актерот Владо Јовановски, режисерот Борис Дамовски, пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и куќните притвори на Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски и на уште дваесетина осомничени.

Единствено промени има кај пратеничката Жаклина Пешевска, поранешниот директор на Македонска опера и балет, Игор Дуловски и за службеничката од Собрание, Елена Доцевска-Божиновска за кои Обвинителството бара поблаги мерки.


ЗНМ и ОЈО се договориле пак да се разгледаат пријавите за говор на омраза против новинари


Скопје, 23 јануари, 2018 - 16:36 (META) 

Претставници на Здружението на новинарите на Македонија денеска имаа средба со Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, на која се разговарало за подобрување на меѓусебната соработка за прашања од заеднички интерес.

Од Обвинителството информираат дека претседателот на ЗНМ Насер Селмани изразил загриженост дека во Македонија постои политика на неказнивост на насилството на новинари. Селмани побарал од Јовески обвинителството побрзо да ги процесира овие предмети со цел насилниците да се изведат пред лицето на правдата.

Тој се пожалил дека во изминатиот период, Обвинителството ги има одбиено пријавите за говор на омраза против новинари, без сериозна аргументација. Селмани побарал Обвинителството повторно да ги разгледаат овие пријави и да види дали обвинителите постапиле одговорно.

„Беше договорено да се организираат заеднички обуки за новинари и обвинители со цел да се подобри известувањето на новинарите и постапувањето на обвинителите за случаи поврзани со слобода на говорот. Јавниот обвинител Јовески вети дека ќе даде динамика на предметите за насилство против новинари и ќе ги разгледа одбиените пријави за говор на омраза против новинари. Според него соработката на обвинителството и Здружението на новинари на Македонија е од взаемен интерес“, стои во соопштението од ОЈО.

Вчера ЗНМ го презенитраше Извештајот за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија за 2017 година во кој се вели дека минатата година во Македонија вкупно се регистрирани 18 напади на новинари, од кои 13 физички и вербални напади, додека другите се навреди, попречување во работа и уништување на имотот.

Според вчерашното соопштение на ЗНМ загрижува што и по промената на власта обвинителство не покажува поголем интерес за процесуирање на овие напади.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


OJO идентификувало еден од убиените напаѓачи во менувачницата во Кисела Вода


Скопје, 27 ноември, 2017 - 22:47 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје извршило увид во менувачницата во Кисела Вода каде попладнево при обид за разбојништво две лица беа убиени. Од ОЈО информираат дека познат е идентитетот на едно од починатите лица.

Надлежен јавен обвинител издал наредба за обдукција на починатите и за вештачење на прибраниот доказен материјал.

„Обезбедени се траги од местото на настанот, како и видеонадзорот од менувачницата. Идентитетот на едно од починатите лица е утврден. Во моментов се преземат дејства за идентификација на второто починато лице“, велат од ОЈО.

Двојното убиство се случи попладнево кога две вооружени лица се обиделе да ограбат менувачница на улицата Борис Трајковски во скопската населба Кисела Вода. Сопственикот на менувачницата по физичка пресметка со напаѓачите, пукал во нив и ги убил. Од ОЈО информираат дека му е укажана медицинска помош, поради добиени телесни повреди.


Јакимовски го повика ОЈО да го гони лицето што синоќа се закануваше пред штабот на ГРОМ


Скопје, 16 октомври, 2017 - 16:14 (META) 

Лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, бара кривично да биде гонет напаѓачот што синоќа во штабот на партијата, на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, извадил лисици и нож и им се заканувал на присутните.

Јакимовски вели дека тоа што полицијата поднела прекршочна, а не кривична пријава против напаѓачот, покажува дека СДСМ го штити криминалот.

– Тие што дојдоа да се тепаат се хулигани, бивши затвореници и членови на подземјето. Како може СДСМ да не се огради и да не го осуди ваквиот настан? Уште помага делото да биде прекршочно, а не кривично. Ова кажува дека политиката и криминалот се заедно, дека СДСМ и криминалот се заедно и дека и понатаму ќе продолжат да вршат насилство – изјави Јакимовски, кој го повика Основното јавно обвинителство да реагира.

Тој потсети дека уште во 21.30 часот, по преброени 48 проценти од гласовите, излегол и го признал поразот и му го честитал изборот на новиот градоначалник на општина Карпош, додавајќи дека политичарите треба да се носат и со победата и со поразот.

Настанот е забележан и во денешниот полициски билтен, во кој се вели дека возило „мерцедес“ застанало пред штабот на ГРОМ, по што од автомобилот излегол С.Р. кој извадил нож и лисици, упатил закани на присутните и заминал со возилото.


Комисијата на ОЈО за следење изборни нерегуларности добила неколку пријави


Скопје, 15 октомври, 2017 - 14:49 (META) 

Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности при Јавното обвинителство на Република Македонија преку писмено соопштение информираше дека ги следи сите случувања за време на изборниот процес и за време на гласањето.

Во сите јавни обвинителства во Република Македонија, покрај редовните дежурства, организирани се и дополнителни дежурства од јавни обвинители за приоритетно, итно да се постапува по предмети поврзани со изборниот процес.

„До овој момент, во основните јавни обвинителства има неколку пријави за изборни нерегуларности, за кои надлежните основни јавни обвинителства преземаат дејства во насока на утврдување на фактите за постоење елементи на сторени кривични дела предвидени во глава 16 од Кривичниот законик – кривични дела против изборите и гласањето. Комисијата за следење на изборни нерегуларности продолжува да ја координира работата на јавните обвинителства во врска со откривање и гонење на сторители на кривични дела поврзани со изборите, за што во континуитет јавноста ќе биде известувана“, се вели во соопштението од Комисијата.


ОЈО утврдува кривична одговорност за смртта на двегодишното дете од Охрид


Охрид, 10 октомври, 2017 - 15:42 (META) 

Основното јавно обвинителство Охрид го доби наодот од обдукција и од токсиколошката анализа на двегодишното дете кое почина во август годинава на детското одделение во Медицинскиот центар Охрид.

„Патолошко-хистолошката дијагноза и резултатите од токсилошките анализи укажуваат дека смртта кај детето настанала поради воспаление на двете белодробни крила, по што инфекцијата, навлегувајќи во крвта, предизвикала сепса. Детето првпат било примено на 25 август и по препишана терапија било пуштено дома. Поради влошување на состојбата, тоа двати било донесено во охридската болница, но последниот пат без знаци на живот“, информираат од ОЈО.