Кого Обвинителството ќе го испитува во врска со бегството на Груевски?


Скопје, 15 ноември, 2018 - 15:57 (META) 

Основното Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) соопшти дека почнало предистражна постапка против одредени „службени лица за злоупотреба на службената положба и овластување“ во врска со бегството на Никола Груевски од Македонија.

Со оглед на фактот што станува збор за предистражна постапка, не се соопштуваат повеќе детали, но одредени членови од Законот за внатрешни работи и Законот за полиција создаваат прилично јасна слика кој би можел да биде предмет на оваа предистражна постапка, како и дека не се преземени соодветни чекори, пред сè од доделеното службено обезбедување, за да се спречи бегство на Груевски. За такво нешто денеска во заедничко соопштение реагираа и голем број граѓански организации.

Според Законот за внатрешни работи, член 33, во Министерството за внатрешни работи (МВР) овластени службени лица се: министерот, заменикот на министерот, државниот секретар, директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање и раководните работници.

Покрај тоа, и дел од вработените во Министерството за внатрешни работи се со статус на овластени службени лица и тоа:

– овластени службени лица за вршење стручни работи;

– овластени службени лица за безбедност и контраразузнавање, и

– полициските службеници.

Согласно Законот за внатрешни работи,посебни должности и овластувања имаат „вработените во Министерството со статус на полициски службеници, кои применуваат полициски овластувања и вработените во Министерството со статус на овластени службени лица за безбедност и контраразузнавање кои ги применуваат полициските овластувања под услови и во обем неопходни за остварување на работите од надлежност на Управата“.

Останува нејасно прашањето за какви овластувања станува збор и дали се работи за: овластени службени лица за вршење стручни работи; овластени службени лица за безбедност и контраразузнавање или полициски службеници.

Според Законот за полиција, пак, член 14, полициски службеник може да презема мерки кога се сомнева дека се подготвува или е во тек или е извршено кривично дело:

„Полицискиот службеник по службена должност или по наредба на јавниот обвинител, суд или друг орган кога е тоа утврдено со закон, презема мерки и применува полициски овластувања што се однесуваат на откривање на казниво дело и гонење на неговиот сторител кога постојат основи за сомневање дека се подготвува, во тек е извршување или е извршено казниво дело“, стои во членот 14 од Законот за полиција.

А „основи на сомневање“ постојат кога се располага со сознанија кои врз основа на криминалистичко знаење и полициско искуство може да се оценат како доказ за сторено казниво дело, што наведува дека веќе псотојат цврсти сознанија и доказен материјал и за злоупотребата на службената положба.


Обвинителство го истражува доделувањето концесија за центрите за дијализа


Скопје, 29 октомври, 2018 - 16:32 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека, по допрен глас, отворило предмет за доделувањето на концесијата за центрите за дијализа.

Обвинителството вели ќе ги истражува сомненијата дека постапката била нетранспарентна и во неа индиректно биле фаворизирани правни и физички лица.

„Следејќи ги реакциите на „Нефрон“ – Здружение за бубрежно болни граѓани и написите на одредени медиуми кои укажуваат на низа недоследности при спроведување на постапката по Огласот за доделување концесии на центрите за вршење дијализа, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оцени дека постои основ на сомнение што треба да се провери. Сомненијата укажуваат дека постапката е спроведена на нетранспарентен начин со индиректно фаворизирање на правни и физички лица при што познати меѓународни провајдери со големо искуство се ставени во подредена положба“, се вели во соопштението.

Дополнително, ќе се истражуваат незаконски дејствија и во врска со Одлуката за утврдување на референтна цена за хемодијализен третман, со која референтната цена за хемодијализа кај хронична бубрежна инсуфициенција е зголемена од 4.855 денари на 5.400 денари.

Јавно-приватното партнерство за центрите за дијализа почна на 15 февруари 2014 година.


Обвинителство бара мерки за претпазливост за Јакимовски


Скопје, 8 август, 2018 - 15:35 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на поранешниот градоначалник Стевче Јакимовски и уште четворица обвинети од Основниот суд бара да им бидат определени за претпазливост по поднесената кривична пријава од Управата за финансиска полиција за злоупотреба на службената положба.

Доколку судијата на претходна постапка го прифати предлогот на Обвинителството, обвинетите ќе имаат обврска повремено да се јавуваат на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено ќе им бидат одземени патните исправи.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против пет лица.

Осомничените се товарат дека ја злоупотребиле својата службена положба и овластување во три постапки за јавни набавки, при што сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување ”.


Обвинителство: Разбиена досега најголема организирана група за криумчарење мигранти


Скопје, 11 јули, 2017 - 13:50 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција извести дека во текот на вчерашниот ден била спроведена координирана акција со МВР против организирана група за криумчарење мигранти, на подрачјето на повеќе населени места.

Притоа, по поднесената кривична пријава од МВР за 23 лица, од кои еден малолетник, а четворица државјани на Албанија, Обвинителството за 22 лица донело наредба за спроведување истражна постапка и до судијата за претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 поднело барања за притвор. За малолетникот е поднесено барање за поведување подготвителна постапка и исто така е побаран притвор.

Тие 12 лица што се вчера приведени добиле 30-дневен притвор, а едно лице куќен притвор. Другите 10 лица се во бегство.


Во истрагата за 27 април се вклучува и Обвинителството за организиран криминал


Скопје, 31 мај, 2017 - 11:50 (META) 

Основното јавно обвинителство – Скопје (ОЈО Скопје) соопшти дека дел од истрагата за насилствата во Собранието на 27 април целосно ја предава на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. ОЈО Скопје утврдило дека постоела соработка на неколку осомничени и затоа заклучило дека истрагата за тие случаи треба да ја водат нивните колеги кои гонат организиран криминал. Скопското обвинителство констатирало и дека во тие случаи не станувало збор само за учество во толпа.

„Станува збор за сплет на инкриминирани дејства, кои значат остварување на законски битија на поголем број кривични дела кои не можат да се припишат само како деликт на масата ниту, пак, на оттаму произлезени конкретни кривични дела на сторители. Потребно е во оваа фаза, во согласност со законските прописи, да се вклучи и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, бидејќи дел од дејствата преземени од лица инволвирани во настанот се во месна и во стварна надлежност на ова обвинителство. Од тие причини списите на предметот се доставени до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое го презема понатамошното постапување“, се вели во соопштението.

Основното јавно обвинителство Скопје продолжува со истрага и со други дејства за лица кои не се опфатени во погоре наведените случаи, се додава во соопштението на ОЈО Скопје.