Во Обвинителство стасало вештачењето за смртта на Никола Саздовски


Скопје, 16 јули, 2018 - 16:40 (META) 

Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицинскиот факултет во Скопје по наредба од Основното јавно обвинителство Скопје, денеска до обвинителството го доставил вештачењето за причинско-последичната врска на нанесените повреди кај 21-годишниот Никола Саздовски, од претепувањето на автобуска постојка во Автокоманда со неговата смрт пред една седмица.

​Наодот од вештачењето е кај надлежниот јавен обвинител, кој, заедно со другите досега прибрани материјални и вербални докази, ќе биде решавачки фактор каква ќе биде правната квалификација, односно за какво кривично дело ќе бидат обвинети тројцата насилници.

Како што известија од Јавното обвинителство на Република Македонија, претходно во скопското обвинителство бил доставен обдукцискиот протокол, а бил сослушан и законскиот застапник на покојното момче.


Скопското Обвинителство почна истрага за давењето на 13-годишното девојче


Скопје, 4 јули, 2018 - 14:07 (META) 

Основното јавно обвинителство – Скопје соопшти дека почнало истрага за расветлување на причините за давењето на 13-годишното девојче во дупка од ископ полна со вода во општина Илинден и за евентуална кривична одговорност.

Надлежен јавен обвинител издал наредби за обдукција на телото, како и инструкции се прибирање дополнителни податоци за фирмата која ги изведувала градежните работи.
Истовремено, се прибираат податоци од инспекциските служби и од други надлежни органи за да се утврди евентуална кривична одговорност и во тие тела.


Обвинителството ги отфрли кривичните пријави на Тодор Петров против уставни судии


Скопје, 2 јули, 2018 - 15:54 (META) 

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје ги отфрлило кривичните пријави поднесени против судии од Уставниот суд од страна на Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес (СМК). Петров ги товари судиите дека ја злоупотребиле службената положба и направиле самовластие со тоа што не постапиле по трите иницијативи што гој ги поднел, со кои барал поништување на законот за Специјалното јавно обвинителство, поништување на изборот на претседателот на Собранието Талат Џафери и поништување на Одлуката за стапување на Македонија во членство на Северноатланската Алијанса – НАТО.

„Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје утврди дека нема основано сомнение дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои беа пријавени, по што донесе Решение за отфрлање на кривичните пријави. Утврдено дека во Уставниот суд веднаш по приемот на иницијативите, а согласно на Деловникот за работа на Уставниот суд, се оформени предмети по кои во континуитет се преземани дејствија од судско-аналитички карактер, барани се податоци потребни за одлучување по предметот и вршено е споредбено истражување на нормативните решенија и  уставно судски одлуки. Проверена е и уставно-судската практика како елемент кој се зема предвид при одлучувањето на Уставниот суд“, соопштија од ОЈО Скопје.

Постапката по две иницијативи е во тек во Уставниот суд, додека за иницијативата за поништување на Одлуката за стапување на Република Македонија во членство на Северноатланската Алијанса – НАТО е одлучувано на седница на уставниот суд, при што е донесено Решение за неповедување на постапка за оценување на уставноста и законитоста.


Обвинителството почнува со расветлување на вчерашните немири пред Собранието


Скопје, 18 јуни, 2018 - 14:10 (META) 

Основното јавно обвинителство – Скопје соопшти дека по работниот состанок со претставници од МВР, кој се одржал утрово, почнува со расветлување на вчерашните немири пред Собранието. Според обвинителството, уапсени биле 26 лица, од кои пет малолетници. Децата по утврдување на идентитетот и возраста, согласно Законот за правда на децата, се пуштени на слобода.

Повредени биле десетмина полицајци, од кои еден задобил тешки повреди, а, како што велат од обвинителството, повреди задобиле седуммина граѓани.

Обвинителите на МВР им дале насоки за доставување докази за сите уапсени лица, вклучително и малолетниците, и биле побарани снимки од безбедносните камери. Тој материјал заедно со другите обезбедени докази, ќе се користи за утврдување на вината на уапсените, како и за утврдување на идентитетот на други лица кои учествувале во настанот и можеби сториле кривични дела.

Основното јавно обвинителство – Скопје, исто така, во врска со заканувачките пораки и слики на социјалните мрежи, побарало од МВР да ги евидентира заканите кон функционерите и да обезбеди релевантни докази.


Притвор од 30 дена за советникот на градоначалникот на Шуто Оризари


Скопје, 1 март, 2018 - 11:19 (META) 

Oсновното јавно обвинителство (OJO) Скопје соопшти дека јавен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против советникот на градоначалникот на Општина Шуто Оризари поради примање мито и побарал да му се изрече притвор.

Како што објавија медиумите, станува збор за Суад Мемеди. Според ОЈО Скопје осомничениот завчера во простории на општината примил претходно договорена награда во висина од 1.000 евра.

„Имено, тој ги побарал парите за да се донесе решение за утврдување правен статус на бесправно изграден објект“, соопшти обвинителството.

Јавниот обвинител кој работи на случајот до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за притвор. Барањето е удоволено и судијата изрекол притвор од 30 дена.


МВР идентификувало уште четири учесници во упадот во Собранието


Скопје, 5 мај, 2017 - 15:18 (META) 

СВР Скопје вчера повикало на службени разговори уште лица за кои имало сомневање дека биле вклучени во упадот и во дивеењата во Собранието на 27 април, од кои за четворица ќе поднесе известување до Основното јавно обвинителство – Скопје.

Поради основан сомнеж дека учествувале во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство, СВР Скопје на јавното обвинителство ќе му ги предаде Д.Т. (42), Ѓ.М. (52) и Т.О. (52), сите од Скопје. Поради сомневање дека учествувал во толпа што ќе изврши кривично дело, известување до ОЈО Скопје ќе биде поднесено за Н.П. (39) од Скопје.

СВР Скопје вели и дека и понатаму работи на расчистување на случајот и на утврдување одговорност на други учесници.


ОЈО: Притвор за едно лице, а мерки на претпазливост за двајца насилници


Скопје, 3 мај, 2017 - 22:08 (META) 

Обвинител од Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Скопје до судија на претходна постапка поднел предлог за притвор за едно лице, а за мерки за претпазливост за две лица, осомничени за кривични дела при упадот и насилствата во Собранието во четвртокот, 27 април, соопшти вечерва ОЈО Скопје.

За други две лица за кои МВР исто така доставило известување до ОЈО Скопје, Обвинителството проценува дека нема основано сомневање дека сториле кривични дела.

„Во однос на другите две лица, во тек е понатамошно преземање активности за утврдување на фактите, за да може да се донесе јавно-обвинителска одлука“, стои во соопштението од ОЈО Скопје.