Меѓународна потерница за Груевски откако судот ќе потврди дека е во Будимпешта


Скопје, 13 ноември, 2018 - 15:51 (META) 

Од Кривичниот суд чекаат да се потврди информацијата дека осудениот пратеник Никола Груевски е во Будимпешта, па потоа ќе издадат наредба за распишување на меѓународна потерница.

„Во однос на евентуално распишување меѓународна потерница, во оној момент кога надлежните органи ќе утврдат дека обвинетиот не се наоѓа во земјата, или ја потврдат автентичноста на информацијата дека истиот се наоѓа во Будимпешта, и за тоа го извести судијата за извршување санкции, судијата веднаш ќе издаде наредба за распишување на меѓународна потерница“, велат од судот.

Од таму велат дека на Груевски му се одземени и личниот и дипломатскиот пасош кои сè уште се наоѓаат во судот, а сите определени мерки против него биле потврдени и од Апелациониот суд.

Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев денеска изјави дека не може судот самоиницијативно да определува мерка притвор, туку дека тоа секогаш е по барање на Обвинителството.

– Во случајот „Тенк“ од самиот почеток на подигање на обвинението до соопштување на одлуката од страна на Обвинителството во ниеден момент не е побарана мерка притвор за обвинетиот Никола Груевски – рече Џолев.

Тој посочи дека двата пасоши на Никола Груевски – и дипломатскиот и неговиот личен пасош – се одземени и определена е мерката јавување во предметот „Титаник“, додека во предметот „Тенк“ нема никаков предлог ниту за обезбедување на некаков имот, ниту предлог за мерка за обезбедување на присуство.

Доколку биде официјално потврдено дека поранешниот премиер Никола Груевски избегал во Унгарија, Министерството за правда ќе достави барање за екстрадиција откако ќе добие известување од МВР каде е лоциран и дека за него има распишана меѓународна потерница.

Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за незаконска набавка на луксузен „мерцедес“ кој против него го водеше Специјалното јавно обвинителство.


Распишана потерница по Груевски


Скопје, 12 ноември, 2018 - 17:34 (META) 

Откако неколку дена не можеше да го најде и да му врачи решение сам да се упати во затвор, Основниот суд побара од МВР да издаде потерница по екс премиерот Никола Груевски.

Од МВР соопштија дека „постапуваат по наредбата“, што би требало да значи дека издале наредба за приведување.

„Ве известуваме дека Основниот суд Скопје 1 издаде наредба за приведување на лицето за кое прашувате и на 12.11.2018 во 16.30 часот ја достави до СВР Скопје и побара издавање на потерница. Министерството за внатрешни работи веднаш откако му беше доставена, постапува по наредбата“ се вели во соопштението.

Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“ за незаконска набавка на луксузен „мерцедес“ кој против него го водеше Специјалното јавно обвинителство.


Укинат домашниот притвор на пратеникот Крсто Мукоски


Скопје, 19 октомври, 2018 - 14:02 (META) 

Апелациониот суд до Основниот суд, денеска доставил решение со кое ја уважил жалбата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсте Мукоски, обвинет за настаните од 27 април 2018 година во Собранието и го преиначи решението на советот со што ја укина мерката куќен притвор.

На Мукоски му се определени мерки за претпазливост – Одземање на патна исправа, односно забрана за издавање нова и Обврска обвинетиот повремено да се јавува на овластено службено лице во судот во Струга.


Судот го прифати обвинението за настаните во Собранието од 27 април


Скопје, 22 јуни, 2018 - 14:48 (META) 

Кривичниот суд соопшти дека е прифатен обвинителниот акт поднесен од Јавното обвинителство за настаните во Собранието на 27 април минатата година.

„Советот за оценка на обвинителен акт при одделението за гонење организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи во оценка на обвинителниот акт со КОК ООА 10/18 повезан со настаните од 27 април 2017 год. кои се случија во Собранието на Р.Македонија, одржа не јавна седница за оценка. По детелно разгледување на сите приговори поднесени од одбраната и обвинетите како и ценење на фактите и доказите приложени во обвинителниот акт донесе решение со кое го одобри обвинителниот акт во целост“, се вели во соопштението од Кривичниот суд.

Откако ќе биде формиран кривичен предмет по обвинителниот акт и согласно АКМИС системот распределен на понатамошно постапување, ќе биде закажан термин за главна расправа.

Јавното обвинителство на РМ на 27 март поднесе поднесен обвинителен акт против 30 лица во врска со настаните во Собранието од 27 април 2017 година. Дваесет и осум лица се обвинети за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а две за помагање при вршење на истото кривично дело.


Давидовиќ: Повторното апсење на обвинетите од 27 април е непочитување на Врховниот суд


Скопје, 28 март, 2018 - 11:05 (META) 

Основниот суд се прави попаметен од Врховниот кога е во прашање повторениот притвор за дел од учесниците во насилниот упад во Собранието, смета адвокатот на еден од обвинетите Ѕвонко Давидовиќ. Според него, Обвинителството е привилегирано во постапката, бидејќи додека бранителите спијат, судот преку ноќ, во црни темници заседава и носи нови решенија и не остава можност за одбрана на обвинетите.

-Синоќешната акција покажува конфузија и хаос, не се знае чија одлука треба да се почитува. Евидентно е непочитување на одлуката од Врховниот суд, која е сменета за еден ден. Тука имаме и селективна примена на законот. Обвинителството побарало притвор за сите лица на кои мерката притвор им е заменета за куќен притвор, а од Судот одобрено е во повторен притвор да заминат само припадниците на МВР. Ние правниците учиме дека треба да се почитува одлуката на Врховен суд, кој ја проценил состојбата и утврдил дека треба куќен притвор. Трипати понизок суд вели Врховниот суд нема поим, ние знаеме повеќе- рече адвокатот Давидовиќ.

Според адвокатот, судот си игра со човечките судбини постапувајќи со двојни аршини.

-Обвинителството е една од странките. Имате ситуација во која судот постапува по барање на Обвинителството, а бранителите спијат. Тука немаме правен механизам. Што ако сакавме да дадеме гаранција или, пак, некој човек е смртно болен? Немате еднакви права. ОЈО e привилегирано во конкретниот случај, но и во сите постапки – додава Давидовиќ.


Пратениците Тарчуловски и Пешевска дојдоа на распит во Кривичниот суд


Скопје, 5 декември, 2017 - 11:01 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1 утрово на распит пред судија на претходна постапка пристигнуваат шесте пратеници кои се осомничени за учество во насилствата во Собранието на 27 април годинава.

Досега пристигнаа пратеникот Јохан Тарчуловски и пратеничката Жаклина Пешевска.

Пред Кривичниот суд се и дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и Крсто Јовановски и Зоран Илиевски, како и роднини на осомничените пратеници.

Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Сашо Василевски, Крсто Муковски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски денеска треба да имаат распит во судот откако во петокот Собранието на Република Македонија им го одзеде имунитетот.

Основното обвинителство за организиран криминал и за корупција ги гони пратениците за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста.


ВМРО-ДПМНЕ ќе блокира три крстосници и ќе протестира пред Кривичен суд


Скопје, 30 ноември, 2017 - 10:49 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ и денеска ги повика членовите и симпатизерите од 15 до 17 часот да ги блокираат крстосниците кај ТЦ „Мавровка“, кај Рампа во Кисела Вода и крстосницата помеѓу Васил Чакаларов и Ангел Динев во Карпош.

Во 18 часот, ВМРО-ДПМНЕ закажа протест пред Основниот суд Скопје 1 бидејќи, според партијата, СДСМ спроведува класичен партиски реваншизам и брутален политички притисок.

„СДС го злоупотребува судството за креирање неосновани обвиненија за наводен тероризам против искрени патриоти. Сите институции се ставени под партиската чизма, а во функција на реваншизмот кој се спроведува, институциите наместо да го спроведуваат законот, ги спроведуваат партиските наредби. Законите се деградирани, а правната држава не постои“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


Почна судењето за „Транспортер“, Талески тврди дека не работел криминално


Скопје, 28 септември, 2017 - 12:11 (META) 

„Постапката ќе ја истераме докрај и ќе докажеме дека во нашето работење нема криминал. Ако сме грешеле ние, тогаш грешеле сите општини во Македонија“, изјави градоначалникот на Битола, Владимир Талески, по денешното прво рочиште за случајот на СЈО, „Транспортер“, кое беше одложено бидејќи во судницата не беа присутни сите обвинети.

Како што соопшти одбраната, обвинетата Јасмина Никиќ-Десановска имала сообраќајна несреќа на пат кон Скопје и не можела да дојде во Судот.

Сите други 20 обвинети и нивните адвокати беа во судницата. На рочиштето судијката Лидија Петровска кажа дека дел од адвокатите, меѓу кои и одбраната на Талески, доставиле дополнителни листи на докази кои дел се, а дел треба да бидат внесени во доказниот материјал за судењето.

Обвинението за „Транспортер“ го застапуваат обвинителите на СЈО, Трајче Пеливанов и Стевчо Донев. Следното рочиште Петровска го закажа за 6 ноември.

Талески по завршувањето на рочиштето, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека уште стои на ставот дека станува збор за политички мотивиран случај, а во врска со цените на превозот на ученици, тој рече дека во изминатите години, Општина Битола имала поевтин превоз од ученици од Струмица и од Куманово.


Судот на 17 октомври ќе донесе пресуда за „Диво Насеље“


Скопје, 28 септември, 2017 - 11:57 (META) 

Основниот суд Скопје 1 за 17 октомври го закажа соопштувањето на пресудата за случајот „Диво Насеље“ за кумановските настани од 9 и 10 мај 2015 година, во кои загинаа осуммина припадници на македонската полиција.

Денеска се одржа последното рочиште на кое беа изнесени завршните зборови на обвинетите и на нивните адвокати. Обвинетите останаа на барањето дека во судница треба да се повикаат организаторите, а адвокатите побараа ослободителни пресуди.

Во претходните рочишта, дел од обвинетите признаа дека биле дел од групата, додека други негираа дека се терористи, а одбраната тврдеше дека нема цврсти докази за делото за кое се обвинети.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, најави и меѓународна истрага за кумановските случувања.


Рочиштето за „Поткуп“ oдложено, судот одби да ги изземе снимките објавени на „Јутјуб“


Скопје, 27 септември, 2017 - 10:58 (META) 

Рочиштето за случајот „Поткуп“, во кој првообвинет е премиерот Зоран Заев, денеска беше одложено поради боледување на судијката Дијана Груевска-Илиевска. Следното рочиште е закажано за 20 ноември.

Судијката Ленка Давиткова на одбраната ѝ го врачи решението од Основниот суд Скопје 1 дека одбиено им е барањето од предметот да бидат изземени доказите од посебните истражни мерки (ПИМ), односно снимките што беа објавени на „Јутјуб“ пред две години.

Адвокатот на Заев, Филип Медарски, најави жалба на ова решение.

Според обвинението, Заев се товари дека во својство на службено лице, како градоначалник на Струмица, од бизнисменот Иван Николов побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден квадратен метар, за градежно земјиште во Струмица кое бизнисменот бил заинтересиран да го приватизира.