Јанушев: Партиското СЈО и клиентелистичкиот суд незаконски го замрзнуваат имотот на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 1 ноември, 2018 - 14:56 (META) 

Заев одлучи да го направи и последниот чекор и да го впрегне неговиот последен адут, партиското специјално јавно обвинителство и клиентелистички расположениот суд и да го замрзне имотот на ВМРО-ДПМНЕ, обвини на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, откако денеска по барање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Основен суд Скопје 1 донесе решение со кое е изречена привремена мерка за обезбедување на имотот на најголемата опозициска партија.

– За прв пат во историјата на Република Македонија, но и за прв пат на европско тло се бара замрзнување на имот на политичка партија која што е во опозиција. Ова е демократијата и демократските принципи за кои што се залагаат Заев и СДСМ! Принципи со кои што однародената власт се обидува да го умртви секое поинакво размислување и да забрани секакво политичко делување кое се разликува и кое не се согласува со антидржавните политики на Заев и СДСМ. Барањето на СЈО и Одлуката на судиите Димишкова и Реџепагиќ се целосно неосновани и без никаква правна аргументација. Барањето на СЈО и одлуката на судиите се исклучиво, и исклучиво политички мотивирани. Повредени се и протоколите и праксата на Европската конвенција за човекови права и Европскиот суд за заштита на човекови права – рече Јанушев.

Тој нагласи дека замрзнувањето на имотот се направило иако партијата ВМРО-ДПМНЕ како правно лице воопшто не е осомничена во постапката. Тој потсети и дека на вакво барање Апелацискиот суд Скопје веќе еднаш решавал и го отфрлил барањето за замрзнување на партискиот имот.


Продолжува судењето против „Република“ за жигосување и злоупотреба на лични податоци на активистите


Скопје, 25 октомври, 2018 - 10:33 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 денеска со почеток во 13 часот ќе продолжи судењето против Доне Доневски и Друштвото за новинско издавачка дејност Прва Република – ДООЕЛ, односно издавачот на магазинот и веб-страницата „Република“.

Тужителите, истакнати професори, новинари, аналитичари и граѓански активисти, ја обвинуваат „Република“ и непознати лица вработени во Управата за јавни приходи дека на 27 мај 2016 година во неделникот и на веб-страницата објави напис насловен „Има пари, нема мир – 6.000.000 евра за платеничката војска на Сорос“ со списоци на новинари и граѓански активисти кои содржеа законски заштитени лични податоци.

„Преку искривоколчено прикажување на податоци од даночни пријави во тек на повеќе години како приход за организирање на протестите од Шарена револуција, „Република“ креираше лажна слика во јавноста за нивната работа како противдржавна. Објавувањето на списоците овозможи понатамошен политички прогон на неистомисленици на тогашната власт, преку објавување бројни копии на клеветничкиот напис во други медиуми. Списоците беа читани и на јавни настани и споделувани преку социјалните мрежи со цел поттикнување омраза и насилство против луѓето на нив“, посочуваат тужителите.

Во февруари годинава, „Република“ и „Нетпрес“ објавија лажна вест дека пресудата во ова судење е веќе донесена, заедно со нивна реакција дека се работи за политички притисок врз медиум од страна на судот.


Груевски наскоро ќе добие упат за затвор, пресудата од Апелација стаса во Кривичен суд


Скопје, 19 октомври, 2018 - 14:43 (META) 

Основен суд Скопје 1, познат како Кривичен суд, денеска соопшти дека ја добиле второстепената пресуда од Апелациски суд Скопје за случајот „Тенк“, односно за набавката на „мерцедесот“ вреден речиси 600.000 евра.

Од судот велат дека пресудата од Апелација ќе биде распределена на понатамошно постапување кај судија за извршување санкции кој во следниот период треба да изготви упатен акт и да го испрати до странките во постапката.

Со оваа пресуда, Апелација ги отфрли жалбите на Никола Груевски и ја потврди двегодишната затворска казна, а ја намали казната на првообвинетиот, поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски и му ја намали затворската казна од шест и пол години на четири и пол години.

 


Кривичен суд одговори на обвинувањата од адвокатите и Катица Јанева


Скопје, 30 август, 2018 - 17:08 (META) 

Основниот суд Скопје 1, познат и како Кривичен суд, денеска одговори на обвинувањата од адвокатите на обвинетите во судските процеси во кои обвинението го застапува Специјалното јавно обвинителство (СЈО), но и на вчера кажаната критика од специјалната обвинителка Катица Јанева дека не се закажуваат доволно рочишта за овие предмети.

Адвокатите се бунеа дека многу често се закажуваат рочишта, а некои и се поклопуваат, па не може да учествуваат на сите судења. Така, на денешното судење на Гордана Јанкулоска во случајот „Тенк“, и двајцата нејзини адвокати, Боро Тасевски и Сања Алексиќ, не беа на почетокот на рочиштето, бидејќи биле на судењето за „Насилство во Општина Центар“.

– Или да се јави еден адвокат, или ќе ги казнам и двајцата со висока парична казна и ќе ви назначам бранител по службена должност – и рече судијката Добрила Кацарска на Јанкулоска.

Дваесетина минути подоцна адвокатите дојдоа во судницата.

И поранешниот премиер Никола Груевски не се појави во Апелацискиот суд, каде требаше да се разгледува неговата пресуда во случајот „Тенк“, оти и тој и адвокатите биле на судењето за „Насилство во Општина Центар“.

Од судот порачаа дека судиите ги почитуваат правата на странките, а распоредите се прават со многу напор, за да бидат усогласени јавните расправи.

„Ја информираме јавноста дека судиите при Основниот суд Скопје 1 – Скопје во целост ги почитуваат првата на странките како во овие така и во сите други предмети и со крајни напори се прават прецизни и усогласени распореди на закажаување на главните расправи се со цел да се овозможи доволно време на обвинетите и нивните бранители квалитетно да ја подготват својата одбрана, доследно да се почитува принципот на еднаквост на оружјата и правото на судење во разумен рок“, порачаа од судот.

Велат и дека е проблем тоа што обвинетите во случаите на СЈО им се суди во неколку процеси, па не може да се закажува јавна расправа во ист ден.

„Дополнителен проблем е што поголем дел од обвинетите имаат по двајца или повеќе бранители, па затоа при насрочување на расправите се внимава на судењето да биде присутен барем еден од бранителите кои ги застапуваат обвинетите“, велат од Судот.

Во однос на критиките од Јанева дека за одредени предмети на СЈО не се насрочуваат доволно расправи, од Кривичниот суд напоменуваат дека само во текот на септември 2018 година, од 20 работни дена, во 19 од нив се насрочени расправи за 16 различни предмети по кои постапува Специјалното јавно обвинителство, а воедно термините се усогласени како би се овозможиле доволно време на одбраната да се подготви.

Во соопштението се напоменува и дека во моментов во судот се постапува по 1.633 други предмети во одделението кривично – полнолетни, како  и 126 други предмети во одделот за организиран криминал и корупција, меѓу кои и предмети со над 30 обвинети од кои дел се во притвор, „и овие предмети не може да се занемарат за сметка на други“.


Во судовите функционирал двоен АКМИС – рачен и компјутерски


Скопје, 13 јули, 2018 - 10:33 (META) 

Извештајот за користењето на информатичкиот систем за автоматска прераспределба на предмети (АКМИС) открива дека тој во голема мерка не функционирал, како и дека повторно во движењето на предметите решавал човечкиот фактор, открива извештајот на Работната група формирана од Министерството за правда.

Актуелната министерка Рената Дескоска го објави извештајот на групата вчера и од него се гледа дека во Основен суд Скопје 1 (Кривичен суд), освен во 2013 година, не се правел годишен план за управување со движењето на предметите во судовите и спречување на создавање и намалување на нерешени предмети. Поради тоа дури 860 предмети не биле завршени, се констатира во извештајот за увидот извршен на 26 октомври минатата година, кој јавноста го дознава дури сега.

Во овој суд, инаку, завршија речиси сите случаи на Специјалното јавно обвинителство и тамошните судски совети решаваа за прифаќање на обвиненијата од СЈО.

При средбата со работната група, тогашниот в.д. претседател Стојанче Рибарев кажал дека во огромен дел распределбата на предметите се вршела рачно, односно како што тој го нарекол тоа „дупли АКМИС“. Тој на 3 јули минатата година формирал работно тело за управување со движење на предметите во Судот. Претходно немало такво нешто, но и откако Рибарев формирал своевидна комисија, не бил формиран Годишен план за управување со движењето на судот, ниту се донесени внатрешни процедури.

Работната група формирана од министерот за правда утврдила дека грубо била повредена и процедурата за донесување на Годишниот распоред за работа на Судот и тој бил често менуван.

Така, често одредени предмети се префрлале од еден на друг судија, а поради честото менување на годишниот распоред за работа, бил ограничен изборот на судии на кои автоматски ќе им се прераспредели предмет. Но честопати, како што се напоменува на повеќе места во извештајот, распределувањето сепак не било компјутерски, туку рачно.

АКМИСОТ не се користел за распределба на предмети на судиите на претходна постапка и на кривичните совети во одделите Кривично полнолетни и организиран криминал, каде што беа предметите од СЈО. АКМИС-от немал дури ни внесени  параметри за автоматска распределба според уписниците. Уписничарот вршел избор на стручен соработник кој треба да го направи изборот на кривичниот совет пред кој го изнесувал предметот.

Како што утврдила работната група, некои судии биле исклучувани од автоматската распределба на предмети по основа на известувања за отсуство по различни основи, најчесто во времетраење пократко од пет дена. Но и во овие случаие немало писмена одлука со наредба и образложение, туку само со параф на претседателот на судот и со телефонско јавување.

Уписниците најчесто се правеле на хартија, а електронските се речиси празни.

Работната група препорачува веднаш да се почне со целосна примена на АКМИС-от во Кривичен суд.

Исклучувањето на судии од автоматската распределба се вршела со наредба на претседателот на судот, заедно со наведени причини за исклучувањето и со барање итните предмети да бидат прераспределени на друг судија преку АКМИС.

Во 2017 година имало 200 случаи на изземање на судија, но тоа се правело на законска основа, се вели во извештајот на работната група. Причините биле блиски роднински врски со судија од првостепената постапка или со адвокат од првостепената постапка или кога судијата постапувал во првостепената постапка.

Работната група препорачува, поради бројот на изземања, предметите од основните судови да се распределуваат по случаен избор во сите апелациски судови.

И во Врховниот суд, слично како во скопска Апелација, имало изземања на судии поради истите причини како во второстепениот суд. Исто така, спротивно на правилата, автоматската прераспределба на предмети се одвивала повеќе пати во денот, наместо еднаш.

Работната група формирана од Правда препорачува веднаш да се преземат мерки за целосно да профункционира АКМИС-системот и да се зајакнат контролите.


Судењето за „Монструм“ одложено поради немање технички услови


Скопје, 5 јули, 2018 - 11:46 (META) 

Денешното рочиште за случајот „Монструм“, за убиството на четирите момчиња од Радишани и рибарот од Црешево на Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, денеска беше одложено. Како што кажа судијата Огнен Ставрев, нема технички услови да биде сослушан загрозениот сведок Е1, па следното рочиште го закажа за 11 јули.

Ако има соодветни услови сведочењето на Е1 во овој термин ќе се одвива преку монитор во судницата, при што гласот на сведокот, кој ќе биде надвор од судницата, ќе биде изменет а неговиот лик заматен.

Овој случај е во повторено судење, откако во декември лани Врховниот суд ја укина првичната пресуда и наложи повторување на судењето.


ВМРО-ДПМНЕ: Заев го „приватизира“ правосудството


Скопје, 9 мај, 2018 - 10:33 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта ја продолжува партизацијата на судството, што, како што вели, го признал и премиерот Зоран Заев.

„Судот е заробен, а Специјалното јавно обвинителство работи по политичка нарачка на Зоран Заев. Цената на послушноста ја откри самиот Заев. Шефот за човечки ресурси во Основен суд Скопје 1, кој е и десна рака на претседателот на судот Иван Џолев, Горан Стаменковски е назначен за советник на Заев. Ќе зема пари кабинетот на премиерот за да биде линк помеѓу Заев и Џолев. Изгледа не беше доволно тоа што претседателот на судот стоеше во став мирно пред Заев кој е обвинет за тежок криминал и му се суди во Кривичниот суд“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата обвинува и дека Специјалното јавно обвинителство е под контрола на власта, како и дека институциите се користат за враќање на долговите на Зоран Заев кон поединци и групи.

„Заев ја држи државата во грч. Непотизмот и вработувањето по партиски клуч се начинот на кој функционира картелот. Веднаш по доаѓањето на власт видовме како градоначалниците на Битола, Неготино и Берово си ги вработија своите сопружници. АД ЕЛЕМ го претворија во место за згрижување на децата на функционерите, на државна плата во ова претпријатие картелот ги вдоми децата на Мирослав Грчев и Талат Џафери, како и сопругот на Магдалена Несторовска. Функција доби и синот на Љубомир Фрчкоски, кој беше именуван за раководител во АД за Стопанисување со станбен и деловен простор. Зарем ова е професионализацијата која ја ветуваше СДСМ? Ова не е професионализација ова е непотизам и партизација“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.


Врховен и Апелација одлучија да не се изземат судиите во „ТНТ“ и „Насилство“


Скопје, 27 април, 2018 - 13:09 (META) 

Врховниот суд постапувајќи по барање на одбраната во предметот на Специјалното јавно обвинителство „ТНТ“ за изземање на в.д. претседателот на Апелациски суд Скопје, Лидија Димчевска и нејзиниот заменик, на 16 овој месец донел решение со кое барањето за иземање се одбива како неосновано.

Решението преку Апелациски суд Скопје е доставено до Основниот суд Скопје 1.

Како што соопшти овој суд, врз основа на ова решение, а постапувајќи по барање на одбраната во предметот „ТНТ“ за изземање на претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев и неговиот заменик, Апелациски суд Скопје на 20 април 2018 година донел решение со кое барањето на одбраната се отфрла како недозволено. Решението е доставено до Основен суд Скопје 1.

По добиена надлежност за постапување, претседателот на овој суд, постапувајќи по барање на одбраната за изземање на судечкиот совет кој постапува во предметот „ТНТ“ на 23 овој месец донел со кое барањето за изземање се одбива како неосновано.

По барање на одбраната во предметот од обвинителството „Насилство општина Центар“ за изземање на претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев и неговиот заменик, како и в.д. претседателот на Апелацискиот суд и неговиот заменик, претседателот на судот донел решение со кое барањето се отфрла како недозволено.

За барањето на одбраната во истиот предмет за изземање на судијата поединец кој постапува по предметот, судот исто така донесе решение со кое барањето се одбива како неосновано.


Судење за „Тенк“ денеска, Јанкулоска поради ризичната бременост издвоена


Скопје, 20 април, 2018 - 8:56 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 за денеска е закажано ново рочиште за предметот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) наречен „Тенк“, во кој за малверзации околу набавката на близу до 600.000 евра скапиот блиндиран „мерцедес“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.

На претходното рочиште, во средата, судот донесе одлука да ја раздвои постапката за Јанкулоска поради „ризична бременост“.

Обвинителите на СЈО побараа раздвојување на постапката за Јанкулоска, односно да и се суди одвоено.

На нивното барање се противеше одбраната на Груевски и Поповски, бидејќи според нив Јанкулоска е важна за нивната одбрана.


Одбраната побара изземање на судиите во „Траекторијa“


Скопје, 17 април, 2018 - 14:28 (META) 

Одбраната на обвинетите во судењето „Траекторија“, по обвинение на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на денешното рочиште побара изземање на Судечкиот совет, како и на претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев, и на судии од Апелацискиот суд.

Адвокатот Еленко Миланов рече дека изземањето го бараат поради информации и изнесени од специјалната обвинителка Катица Јанева на една телевизија дека во снимените аудио материјали кои се во СЈО има и судии и обвинители.

Со истото образложение, адвокатите на обвинетите, поранешни високи државни функционери, бараше изземање на судиите и во други случаи на СЈО.

Претседателот на Судечкиот совет Горан Бошевски рече дека барањето за изземање на Џолев и на судии од Апелација е неосновано и се отфрла. Барањето, пак, за изземање на членовите на Судечкиот совет ќе биде доставено на одлучување до претседателот на Кривичен суд Иван Џолев. Тој треба да се произнесе најмногу за три дена.

Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Тие денеска дојдоа во Кривичниот суд.

Обвинети се дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.