Крим-техничари ја обија бравата на „опелот“ од „Монструм“ за да се направи увид


Скопје, 11 септември, 2018 - 13:57 (META) 

Во депото на Агенцијата за управување со одземен имот денеска беше извршен увид во црвениот „опел омега“ кој беше посочен како автомобилот со кој се превезувале сторителите на петкратниот масакр кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година.

Судиите од скопскиот Кривичен суд, Огнен Ставрев и Осман Шабани, заедно со обвинителите од СЈО, Фатиме Фетами и Гаврил Бубевски првин, заедно со новинарите,  чекаа да се најде клучот од автомобилот, а потоа луѓе од Крим-техника на МВР мораа да ја обијат бравата. Потоа се утврди дека бројот на шасијата е ист со оној од вештачењето. На задното седиште имаше оставена црвена торба и две монети.

„Опелот” бил донесен во ова депо на 1 ноември 2012 година, а сега ќе биде преместен во депо на МВР. Судењето за „Монструм“ продолжува на 19 октомври.


Судењето за „Монструм“ одложено, се разболел судијата


Скопје, 11 јули, 2018 - 11:28 (META) 

Поради болест на судијата Осман Шабани, денешното рочиште на случајот на СЈО „Монструм“, на кое требаше преку видеоврска, со затемнет лик и изменет глас, да се сослуша загрозениот сведок Е1, е одложено, јави „Порталб“.

Родителите и роднините на убиените четири момчиња од Радишани и на рибарот од Црешево, реагираа на одложувањето на судењето, кое треба да продолжи на 22 и 24 август. Тие обвинија дека центар на моќ влијае на судскиот процес, оти во случајот со масакрот биле вмешани шестмина функционери на ДУИ, како и дека судијата Шабани намерно избегнал да дојде поради инструкции од ДУИ, извести „Порталб“.

Случајот е за убиството на Александар Наќевски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Кире Тричковски, на возраст од 18 до 21 година, сите од Радишани, и на Борче Стевковски од Црешево, на Смилковско Езеро на 12 април 2012 година.


Јанкулоска е на боледување, „Титаник“ одложен за 2 мај


Скопје, 26 април, 2018 - 11:09 (META) 

Судот денеска го одложи рочиштето за случајот „Титаник“ во кој се обвинети 21 лице за изборни измами, поради фактот што сè уште нема донесено одлука за изземање на судиите во овој предмет, јави Макфакс.

На денешното судско рочиште во Основен суд Скопје 1 не се појави обвинетата екс-министерка Гордана Јанкулоска, нејзината адвокатка Сања Алексиќ рече дека Јанкулоска има отворено боледување поради нарушена здравствена состојба, кое ѝ истекува утре, по што ќе биде познато дали боледувањето ќе ѝ биде продолжено или прекинато.

Судијата Осман Шабани следното рочиште го закажа за 2 мај.


Одложена расправата за „Титаник“, адвокатите бараат време за увид во доказите


Скопје, 2 април, 2018 - 12:16 (META) 

По речиси два часа изнесување на приговори од адвокатите на обвинитетите, пред почетокот на главната расправа за случајот „Титаник“, судијата Осман Шабани го одложи рочиштето за 12 април, за да им даде на бранителите дополнтелно време за увид во доказниот материјал од Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Четворица од адвокатите приговорија на листите на доказите доставени со цедињата заедно со обвинителниот акт. Тие приговараа дека во тие цедиња имало нови докази или пак недостасувале докази кои им биле приложени во текот на истражната постапка.

На таквите наводи реагираше обвинителката Лиле Стефанова од СЈО која кажа дека поголем дел од адвокатите веќе ги добиле уредно доказите и дека новите приговори се неосновани.

Дополнително, Боро Тасевски, адвокат на дел од обвинитите, меѓу кои и на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, побара јавно објавените прислушувани разговори да бидат изземени од доказите, а во прилог на тоа го наведе решението на Кривичниот совет за оценка на обвинителен акт при Основен суд Скопје 1, од ноември 2015 година.

Тој рече дека неговиот клиент Темелко кој за судењата патува од домашен притвор во Ресен, не може да издржи долго време да седи во судницата, поради неговата здравствена состојба.

Судијата Осман Шабани рече дека Судскиот совет тоа го има предвид, и дека секогаш кога на обвинетиот ќе му биде лошо, соодветно ќе реагира.


Одбраната на Јанакиески бара изземање на вештакот во „Топлик“, оти имал ќерка во СЈО


Скопје, 30 јануари, 2018 - 11:18 (META) 

Одбраната на обвинетите во случајот „Топлик“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во кој е осомничен и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, бара да се изземе вештачењето на СЈО од доказите, бидејќи ќерката на вештакот работела во СЈО. Адвокатот, Јаким Наумов, рече дека поради оваа околност, постои конфликт на интереси помеѓу вештакот и СЈО.

Одбраната тврди дека вештачењето е пристрасно и необјективно и содржи „правно невистинити податоци“. Инаку, геодетското вештачење го изготвил сега актуелниот директор на агенција за катастар, Борис Тунџев. Судијата Осман Шабани, барањето за изземање го внесе во записникот.

Обвинителот на СЈО, Бурим Рустеми истакна дека приговорот на одбраната е неоснован, бидејќи според законот, изземање може да се бара ако вештакот е во работен однос со обвинетиот или оштетениот.

– Фактот дека ќерката на вештакот е вработена во СЈО нема основ – рече Рустеми.

Судијата соопшти дека Судечкиот совет ќе одлучи за барањето дополнително со решение на кое ќе биде дозволено право на жалба. Поради ова денешното рочиште се одложи за 8 март во 10 часот.

Инаку, одбраната бараше судот да одлучи за нивниот приговор, пред почетокот на главната расправа. Тие се повикаа на одлуката на судот во случајот на Зоран Заев, „Поткуп“ каде одбраната на премиерот бараше првин да се одлучи за изземањето на посебните истражни мерки, односно снимките што се објавени на „Јутјуб“, па потоа да почне главната расправа.

– Ако важи во случајот на Заев, треба да важи и овде – рече адвокатот Наумов, кој патем е еден од адвокатите на Заев во „Поткуп“.

Денеска се одложи и рочиштето „Труст“, бидејќи судијката Лидија Зимбовска била болна.