!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ бара амнестија за насилниците од 27 април


Скопје, 18 октомври, 2017 - 14:56 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара „итно и неодложно“ ослободување и амнестија на сите лица што „извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите во Собранието на Република Македонија од 27 април“.

Според ВМРО-ДПМНЕ, овој чин ќе придонесе за помирување во Македонија и за релаксирање на политичките тензии.

Ваков заклучок, како што информираат од партијата, бил донесен на последната седница на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој бил констатирано дека „во изминатите пет месеци очигледна е политиката на власта за масовно ослободување на криминалци од затворите и притворските одделенија по разни фабрикувани правни основи, чиј заеднички именител е политичка интервенција од власта“.

„Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ информира дека поведува иницијатива за итно и неодложно ослободување и амнестирање на сите лица што извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година. ВМРО-ДПМНЕ иако беше со блиски, а во некои делови и со идентични ставови со ставовите на граѓаните кои мирно протестираа цели 80 дена, беше првата партија што јавно ги осуди законските прекршувања од дел од граѓаните што протестираа и со тоа се наруши мирниот карактер на овие граѓански протести. Сепак, гледајќи од денешна гледна точка, кога пред очите на целата јавност со политичка одлука и интервенција се ослободуваат огромен број сторители на тешки кривични дела, меѓу кои и свирепи убиства на етничка база, што говори дека е ова масовен тренд, добро испланиран, а не случајност, ВМРО-ДПМНЕ смета дека е неправедно какво било понатамошно гонење на лицата учесници во немирите на 27 април. Ние сочувствуваме и жестоко ги осудивме повредувањата на пратениците на 27 април, но не сметаме дека нивните рани повеќе болат од раните на оние лица чии сторители наскоро ќе бидат ослободени со законот за амнестија веднаш по изборите. Уште помалку цениме дека делата за кои се товарат овие лица се поважни од животите на убиените млади лица кај Смиљковско Езеро“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата соопштуваат дека поради ова, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман на Законот за амнестија или ќе предложи посебен закон за прекин на постапката и за ослободување на лицата учесници во настаните од 27 април.


ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ со законот за амнестија прави изборна корупција


Скопје, 20 септември, 2017 - 9:34 (META) 

Одлуката на Владата на СДС за носење на амнестија е неиздржана и дневно политичка, стои во реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предлог-законот за амнестија усвоен вчера на владина седница.

„Заев, иако ветува, нема да донесе амнестија пред изборите, но на овој начин сака да ги излаже и затворениците да гласаат за нив на изборите. Ова се вика и изборна корупција. Ваквите дворски криминално-коруптивни игри нема да им успеат. Тие ќе бидат казнети од граѓаните на изборите на 15 октомври“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата реагираат на привременото пуштање од затвор на Бајруш Сејдиу, осуден за 12-годишна затворска казна за перење пари, насилство, злосторничко здружување и за фалсификување.

„Заев пушта на слобода криминалци во пресрет на локалните избори. Со ова Владата на СДС станува синоним за бандитизам и за криминал. Овие луѓе со кривични дела зад себе ќе бидат ставени во функција во изборниот период. Заев знае дека ќе загуби и сега се ориентира кон недемократски методи кои значат корупција и уривање на демократскиот амбиент за избори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


Ирачката војска почна офанзива против ИД во близина на границата со Сирија


Багдад, 16 септември, 2017 - 14:48 (META) 

Ирачката војска почна офанзива за ослободување на градот Акашат од џихадистите на Исламска држава, изјавил денеска генералот Абдул-Амир Рашид Јар Алах, јавуваат агенциите.

Според генералот, целта на операцијата е обезбедување на границата со Сирија во подрајчето северно од важниот автопат кој го поврзува Багдад со Сирија и со Јордан.

Портпаролот на здружената воена команда, Јахја Расул, рекол дека меѓународната коалиција предводена од САД пружа поддршка од воздух во операцијата.

Акашат е мал град во западниот дел на Ирак, јужно од стратешки важните градови Каим, Рава и Ана, кои и понатаму се под контрола на џихадистите.

Инаку, Исламска држава загуби најголем дел од териториите што ги зазеде во 2014 година.


Што препорачува Прибе за медиумите: Ослободување од ДДВ, намалени даноци…


Скопје, 15 септември, 2017 - 16:40 (META) 

Констатирајќи дека состојбата на медиумите во Македонија е поприлично лоша, вториот извештај на Рајнхард Прибе објавен вчера, дава низа препораки за подобрување на медиумската сфера.

„Спроведувањето на сите препораки, вклучувајќи ги и главните препораки од 2015 година, е неопходно за справување со системските проблеми на медиумите“, се вели во извештајот.

  • Владата мора да стори сè за сите медиумски реформи да се вклопат во сеопфатна стратегија, да бидат добро испланирани и засновани на истражувања, како и на веродостојни, навремени и транспарентни консултации со сите учесници, и од јавниот и од приватниот сектор, без дискриминација и да вложи напор нивните забелешки да бидат сфатени сериозно;
  • Земајќи ги предвид специфичните предизвици со кои се соочени печатените медиуми, треба да се усвојат мерки како ослободување од ДДВ или од други даноци, за да има плурален медиумски склоп;
  • Секој медиум мора да усвои кодекс на однесување и да го објави на својата веб-страница. Треба да се создаде механизам за забелешки за случаите за обвинување за прекршување на кодексот;
  • Мора да се дава приоритет на истрагите на нападите врз кој било новинар и тие да завршуваат бргу;
  • За да се засили улогата на медиумите во барање отчет од власта, треба да се поттикнува истражувачкото новинарство и јавните институции и медиумите треба да ја овозможат неговата работа.

Неколку препораки се дадени и за подобрување на работењето на јавната радиодифузна куќа МРТ:

  • Мора итно да се обезбедат соодветни средства за да се засили нејзината независност и за да се овозможи ефикасно работење и управување. Законските измени или одредбите мора да овозможат МРТ да биде целосно транспарентна и отчетна пред сите засегнати страни, активно да соработува со сите релевантни засегнати страни и да се погрижи сите граѓани, без разлика на политичката ориентираност, пол, возраст, попреченост, итн., да бидат со уверување дека МРТ е нивен радиодифузер, а не инструмент на политичките партии или на други играчи. Менаџментот на МРТ мора активно да соработува со сите засегнати страни. За да се смени јавното мислење за МРТ би помогнало усвојувањето стратегија за комуницирањето и за вклучувањето на различни чинители, која би била создадена заедно со сите засегнати страни;
  • Мора да се разјасни ситуацијата со финансирањето на Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумси услуги и во целост да се гарантира независноста на Агенцијата, вклучувајќи го тука и нејзиниот Совет.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Челси Менинг ќе биде ослободена на 17 мај


Вашингтон, 10 мај, 2017 - 10:46 (META) 

Челси Менинг, трансродната личност што беше осудена на затворска казна од 35 години поради објавување доверливи информации, ќе биде ослободена на 17 мај.

Менинг одлежа речиси седум години во воениот затвор „Форт Левенворт“ откако беше осудена дека објавила повеќе од 700.000 доверливи информации, видеоснимки, дипломатски преписи, што е најголема објава на такви податоци во историјата на САД.

Белата куќа соопшти дека нејзината казна ќе биде укината на 17 мај, откако Обама ја помилува во јануари оваа година, велејќи дека таа презела одговорност за делото што го направила и дека казната е преголема во споредба со другите кои се осудени за слични дела.
Републиканците го опишаа помилувањето како опасен преседан.

Менинг е родена како маж и била дел од американската војска како Бредли Менинг, а по судењето за шпионажа, Менинг првпат се изјасни како жена.

Менинг досега двапати се обиде да се самоубие поради тоа што како трансродова лично била затворена во затвор за мажи.


Тачи: Ослободувањето на Харадинај е добра вест за Косово


Приштина, 27 април, 2017 - 12:11 (META) 

Косовскиот претседател Хашим Тачи оцени дека одлуката на францускиот суд за ослободување на лидерот на Алијансата за иднина на Косово, Рамуш Харадинај, е добра вест за Косово.

Во рекацијата на својот фејсбук-профил, тој напиша дека оваа одлука е доказ за неправедни обвинувања на Србија спрема припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

„Пресудата на судот во Колмар, господинот Харадинај да се врати на Косово, е добра вест за неговото семејство, соработниците и за сите граѓани на Косово. Уште еднаш се докажа дека обвиненијата на Србија против ОВК се неправедни и спротивни на демократските принципи“, напиша Тачи.

Косовските медиуми јавуваат дека во Приштина почнало славење со многу пукотници. Рамуш Харадинај се очекува да пристигне во 19.30 часот.


Одлуката на Грција да ги ослободи војниците е политички мотивирана, реагира турското МНР


Анкара, 26 јануари, 2017 - 17:55 (META) 

Министерството за надворешни работи на Турција денеска остро реагираше на одлуката на грчкиот Врховен суд да го отфрли барањето на Анкара за екстрадиција на осумте турски војници кои во јули, по обидот за пуч, со хеликоптер пребегаа во Грција и побараа азил и заштита, јавуваат медиумите.

Од турското МНР соопштиле дека Грција ги штити заговорниците и не придонесува во борбата против тероризмот.

Во сооопштението се наведува дека сите околности укажуваат на тоа дека одлуката на судот во Грција била политички мотивирана и спротивна со меѓународното право и дека со неа се кршат правата на жртвите од неуспешниот воен удар од 15 јули минатата година.

„Протестираме поради одлуката на судот, кој спречува овие лица да се појават пред турското правосудство. Грција, која е сојузник и сосед, не успеа во борбата против тероризмот“, било наведено во соопштението на турското министерство за надворешни работи, од каде додаваат дека Анкара ќе продолжи да вложува напори војниците да бидат екстрадирани и кривично гонети.


Грција го одби барањето на Анкара за екстрадиција на пребеганите турски војници


Атина, 26 јануари, 2017 - 14:57 (META) 

Грција го отфрли барањето на Турција за екстрадиција на осумте турски војници. Грчкиот Врховен суд денеска одлучи да ги ослободи војниците кои во јули, по обидот за пуч во Турција, со хеликоптер пребегаа во Грција и побараа азил и заштита.

Одлуката на Врховниот суд да се одбие барањето на Анкара и војниците да не се екстрадираат назад во Турција е конечна и неотповиклива.

Со ова, грчкиот суд ги прифати аргументите на војниците дека ако се вратат назад во Турција, нема да имаат право на фер судење и нивниот живот ќе биде загрозен.

Војниците ќе бидат пуштени на слобода, откако речиси шест месеци беа во притвор, прво во Александруполи, а потоа во Атина. Војниците слетаа во Александруполи веднаш по обидот за воен удар против претседателот Реџеп Таип Ердоган и побараа азил во Грција.

Се бранеа дека не знаеле дека се работи за воен удар и само извршувале наредби за пренесување повредени кога се нашле на мета на турската полиција. Нивните барања за азил сè уште се разгледуваат.

Случајот предизвика голема вознемиреност во Грција, бидејќи владата се најде растргната меѓу желбата да не дојде до нови тензии со турските власти, од една страна, и стравувањето за кршење на човековите права и заканите по живот за војниците доколку бидат вратени назад во Турција.

Грчката влада изрази солидарност со Турција и со Ердоган, но се обиде да се огради од ситуацијата со објаснување дека конечниот збор ќе го има грчкиот правен систем.


Градската власт и годинава не го одбележа Денот на ослободување на Тетово 


Тетово, 19 ноември, 2016 - 14:45 (META) 

Чествувањето на празникот 19 ноември, Денот на ослободувањето на Тетово од фашистичкиот окупатор, почна со интонирање на македонската химна пред Споменикот на револуцијата во центарот на Тетово, каде бројни делегации, преставници на политички партии и повеќе здруженија положија букети цвеќиња.

Говор пред пристутните одржа престедателот на Сојузот на борци на Тетово, Стојан Петрушевски. Тој искажа разочарување што на одбележувањето на овој значаен датум, не се појави ниту еден преставник на општинските власти.

– Светлите датуми од македонската историја во Тетово секогаш ги организира Сојузот на борци од Тетово. Но, за жал, одбележувањето на ваквите датуми се во обврска на локалната самоуправа, која ниту ги одбележува ниту, пак, испраќа свои претставници на ваквите настани, како што не дојдоа и денеска на одбележувањето на 19 ноември – изјави Петрушевски.


Почна операција за ослободување на ирачкиот град Мосул


Багдад, 17 октомври, 2016 - 10:20 (META) 

Ирачкиот премиер Хајдер ал Абади објави дека ноќеска почнала операција за ослободување на Мосул.

– Дојде време за победа, а операцијата за ослободување на Мосул почна. Денеска го прогласувам почетокот на операцијата што ќе ве ослободи од насилствата и од тероризмот на Исламска држава – порача Абади во обраќањето на државната телевизиска станица „Иракија“.

Мосул е последното големо упориште на ИД во Ирак, во кој пред судирите живееја околу два милиони жители.

Ирачките претставници претходно најавија дека операцијата ќе биде спроведена со поддршка на САД од воздух, курдските безбедносни сили, како и од сунитските и од шиитските нерегулирани единици.
Мосул е во „самото срце“ на самопрогласениот калифат на ИД.