Истрагата „Империја“ на СЈО ја сопре градбата на Клиничката болница во Штип


Штип, 6 декември, 2018 - 16:32 (META) 

Штипски „Бетон“, кој ја гради Клиничката болница во Штип, е дел од фирмите, каде удел до пред некој месец имаше и бизнисменот Орце Камчев и фирмата „Ексико“. Истрагата на Специјалното јавно обвинителство под името „Империја“,  ја стопираше работaта на болницата. И пред истрагата на СЈО, работите на Клиничката болница се одвива со забавено темпо, по информациите дека „Бетон – Штип“ има ненаплатени обврски за завршени работи за проектот „Скопје 2014“. Неодамна во фирмата влегоа извршители, кои во име на неколку македонски банки треба да наплатат долг од близу еден милион евра.

За да се увери во текот на градежните работи на Клиничката болница, кои ги изведува „Бетон“ денеска во Штип дојде министерот за здравство, Венко Филипче. При тоа, министерот уверуваше дека министерството добило потврда од грчката компанија, носител на тендерот и која го ангажирала „Бетон – Штип“, дека првичните проблеми со градбата се надминати.

– Во секојдневен контакт сме со луѓето со кои имаме потпишано договор, фирмата „Интеркат“ од Грција, кои што имаат одредени проблеми во соработката со подизведувачот „Бетон – Штип“. Меѓутоа, според последните информации, нашле соодветно решение и токму затоа, сега сакаме да се увериме на терен како е, кои работници се тука и во текот на следната недела ги синхронизираме работите согласно новиот динамички план – рече министерот Филипче.

Најавите на министерот се дека болницата комплетно би требало да биде завршена кон средината на 2020-та година. На поставувањето на камен темелникот, тогашниот премиер Никола Груевски, најави дека болницата ќе биде предадена во употреба во 2018 година. Вредноста на овој проект, на почетокот изнесуваше 30 милиони евра. Пред два месеци имаше реструктуирање на буџетот, но, за тоа колкави се пресметките и колку ќе чини изградбата на болницата, засега никој не кажува.

„Бетон – Штип“ работеше на седум објекти од „Скопје 2014“. Според податоците, има ненаплатени обврски од 14 милиони евра. Фирмата беше преземена од четири други компании, кои влегоа со удели и освен „Ексико“ удел има и фирмата „Пелистерка“, чиј сопственик е исто така предмет на истрагата за „Империја“. На оваа листа е и актуелниот директор на „Бетон “ Ванче Мијалчев. Осомничени се за сторени кривични дела „злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело“.


Кривичниот совет ги потврди притворите за петмината од „Империја“


Скопје, 14 ноември, 2018 - 17:01 (META) 

Кривичниот совет на Основен суд Скопје 1 ги одби жалбите на адвокатите на петмината притворени во случајот „Империја” што неодамна го отвори Специјалното јавно обвинителство. Во притвор се Орце Камчев, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Тодор Мирчевски и Зорица Арсовска.

Според судот, на јавна седница Кривичниот совет ценејќи ги фактите и доказите во предлогот од СЈО за притвор и во изјавените жалби од адвокатите, донел решение за одбивање на жалбите и потврда на решенијата за притвор донесени од судијата на претходна постапка.


Судот привремено го замрзна имотот на обвинетите во „Империја“


Скопје, 12 ноември, 2018 - 16:07 (META) 

Специјалното јавно обвинителство побарало привремено одземање на имотот заради обезбедување, а судот определил привремени мерки и забрани за отуѓување и располагање со уделите на фирмите за кои постои основано сомнение дека била прибавена имотна корист со кривичните дела за кои се води постапката за случајот „Империја“.

„Воедно судија на претходна постапка, постапувајќи и по два предлога на надлежното обвинителство за привремено запирање на извршување на финансиски трансакции на правните лица за кои постои основано сомнение дека со кривичните дела, лицата опфатени во конкретниот предмет, прибавиле имотна корист, судијата ги прифати предлозите и со решенија наложи на повеќе банки да го запрат одливот на парични средства од сметките на предметните правни лица“, соопштуваат од судот.

Од судот информираат дека одбраната на обвинетите доставила жалби за решенијата на судијата на претходна постапка за определување мерки за обезбедување присуство и дека Кривичниот совет дополнително ќе одлучува по нив.


Марин: Ќе бараме одговарност за градежната мафија во Аеродром


Скопје, 8 април, 2017 - 15:00 (META) 

Ќе има преиспитување и одговорност за спорниот ДУП И10 во Општина Аеродром, порача денеска на прес-конференција Златко Марин, претседател на општинската организација на СДСМ од Аеродром.

Тој вели дека во Општина Аеродром деталниот урбанистички план бил изгласан тајно и без дебата „и со него за криминални бизнис-интереси, Ивица Коневски и ВМРО-ДПМНЕ го уништуваат воздухот и здравјето на граѓаните“. Марин презентираше документи за тоа дека паркот кај Мајчин дом ќе биде уништен за да може фирма на Орце Камчев да гради деветкатница.

– Ова е доказот дека Орце Камчев стои зад „Масив констракшн“, фирмата што ќе гради објекти кај Мајчин дом. Како што може да се види во овие документи, „Масив констракшн“ е во сопственост на „Европа комерц ДООЕЛ Кочани“ и „Архи ДОО“, која, пак, е сопственост на „Ексико“ и на „Орка холдинг АД Скопје“. „Ексико“, пак, е фирмата чиј управител е Тодор Мирчевски, човек кој управува со сите фирми на Камчев. Фирми кои преку „Ексико“ изнесуваат милиони евра од македонскиот буџет преку тендери и субвенции во приватни оф-шор сметки. Криминалните шеми на Коневски, ВМРО-ДПМНЕ и на градежната мафија се заплеткани и сложени, но нивната цел е јасна – полнење на приватни џебови и сметки и туркање на Аеродром во еколошка катастрофа, со ДУП кој ќе го спречи струењето на воздухот од Вардар, ќе го уништи зеленилото и уште повеќе ќе го загади воздухот. Здравјето и животот на граѓаните мора да биде поважно од неброените фирми и банкарски оф-шор сметки! – рече Марин.


СДСМ: Изгласано уништување на зеленилото во Аеродром за профит на Орце Камчев


Скопје, 6 април, 2017 - 16:19 (META) 

Ненајавено, кукавички, без дебата, градоначалникот на општина Аеродром, Ивица Коневски, и ВМРО-ДПМНЕ изгласаа нов детален урбанистички план (ДУП), со кој ќе се доуништи зеленилото и природното струење на воздухот, а се зголемува богатството на Орце Камчев, реагираше денеска Златко Марин, претседател на општинската организација на СДСМ во Аеродром.

На прес-конференција тој појасни дека е изгласан ДУП, со кој на местото на тамошниот парк ќе се гради нова деветкатница, како и нови згради покрај Вардар.

– Овие нови градби ќе го сопрат струењето на воздухот и директно ќе придонесат за загадувањето на воздухот. Овде е јасно дека станува збор за нов удар на градежната мафија во Аеродром. Го повикуваме Ивица Коневски да одговори на следните прашања: Прво, дали е точно дека зад градбата кај Мајчин дом стои Орце Камчев, кој неодамна преку фирмата „Масив контракшн“ ја купил парцелата? Јавно го прашувам Коневски, дали тој има бизнис-интерес тука? – рече Марин.

СДСМ побара итно повлекување на спорниот ДУП.


Камчев излезе од СЈО и побегна од новинарите


Скопје, 29 август, 2016 - 11:17 (META) 

Претпладнево, околу 11 часот, од зградата на Специјалното јавно обвинителство излезе бизнисменот Орце Камчев. Тој зградата ја напушти брзо, без даде изјава на новинарските екипи, кои од утрово се пред зградата на СЈО во исчекување кој следен ќе се појави на распит во обвинителството.

Засега нема официјални информации дали Камчев бил на распит во СЈО и доколку бил, во кое својство.

Камчев е еден од сопствениците на „Медиа принт Македонија“, на болницата „Аџибадем Сиситина“, „Орка холдинг“, „Стопанска банка – Битола“, ЗИГ „Пелагонија“ и на други фирми. Според последната листа на „Форбс“, Камчев, кој важи за близок до власта, е најбогатиот човек во Македонија.


„Форбс“: Орце Камчев е најбогатиот Македонец


Њујорк, 27 мај, 2016 - 19:38 (META) 

Кралот на челикот, Минчо Јорданов, повеќе не е најбогат човек во Македонија, покажа најновата листа на угледниот економски магазин „Форбс“. По три години на тронот него го замени, Јордан (Орце) Камчев.

 Камчев е на првото место со 22, 8 милиони евра вредност на компаниите „Кара“, „Орка“, „Стопанска банка Битола“, „Бетон Штип“. Мината година Камчев успеал да го зголеми капиталот за повеќе од три милиони евра. На второ место е Минчо Јорданов со богатство вредно 22, 5 милиони евра колку што чинат „Макстил“, „Бетон“ и „Факом“.

За најстариот бизнисмен во најбогатата петорка минатата година се покажа тешка. За само една година од 2014 година, па се до крајот на 2015 година „Макстил“ изгуби од својата вредност 5, 6 милиони евра и минатата година ја заврши со пад на приходите од 20 проценти.

Со вкупната вредност на акциите на „Макпетрол“ и „Олико“ од 20 милиони евра „Форбс“ го рангираше Андреа Јосифовски на третото место.

На четврто место, со богатство вредно 13, 3 милиони евра, од сопственост на контролниот пакет акции од 74 проценти во „Прилепска пивара“ е Сашо Самарџиски.

На пето, последно место со 9, 8 милиони евра колку што чини „Алкалоид“, според вредноста на акциите, се најде Живко Мукаетов. Тој успеа во 2015 година да ја зголеми пазарната вредност на „Алкалоид“ за 127 милиони евра или за 20 проценти повеќе во споредба со 2013 година.

Според висината на остварените приходи во 2014 година во топ 10 се најдоа „Џонсон Мети“ со приход од 936 милиони евра, ЕВН со 394 милиони евра, потоа „Окта“, „Макпетрол“, ЕЛЕМ, „Фени индустри“, „Македонски Телеком“, „Лукоил“, „Т- мобиле“ и „Алкалоид“.


Документите од Панама: Орце Камчев е сопственик на офшор-фирма


Скопје, 9 мај, 2016 - 16:59 (META) 

Јордан (Орце) Камчев е сопственик на фирмата „Десимарг лимитед“, која е основана на Бахамите. Документи од Панама првпат овозможуваат доказ за тоа дека тој е директен сопственик на таква компанија, објави истражувачкиот тим на „Нова ТВ“.

Компанијата е основана на 3 јануари 2014 година, од фирмата „Консулко“, а во јули 2015 година веќе е почната ликвидациска постапка за неа.

„Тоа е воедно и првиот пат како Јордан Камчев се идентификува како сопственик.  Агентите од „Консулко“ им пишуваат на „Мосак Фонсека“ дека ќе почнат ликвидација на компанијата, но прво го менуваат директорот. Нов директор на 9 јули станува Ненад Јосифовиќ, личност која во моментов е член на надзорниот одбор на „Стопанска банка – Битола“, член на управниот одбор на ГТЦ, како и човек кој со години врши менаџерски функции во компаниите што се дел од „Орка холдинг“, компанија на семејството Камчеви. Во истиот ден кога Јосифовиќ е назначен за директор на компанијата „Десимарг лимитед“ од Бахами, тој го именува Јордан Камчев за ликвидатор на фирмата“, пишува „Нова ТВ“.

Како што пишува истражувачката редакција на медиумот, во документ од 9 јули, во изјава која Камчев ја дава лично како ликвидатор, пишува: „Јас, како единствен сопственик на „Десимарг лимитед…“.

„Не е познато за какви цели е користена компанијата „Десимарг лимитед“, но во еден дел од електронската преписка со „Монсак Фонсека“, тие ја споменуваат Македонија. Од „Консалко“ бараат низа документи што се неопходни за да се ликвидира „Десимарг лимитед“, а кои ги бара бахамскиот регистер и меѓу кои е и листата со активности што компанијата ги вршела во Македонија. Од истиот меил дознаваме дека сметководствените податоци за „Десимарг лимитед“ се чуваат во Никозија, Кипар“, пишува „Нова ТВ“.


Николовски: Нови 4 милиони евра завршиле кај фирмата „Трансмет“, чиј сопственик е Сеад Кочан


Скопје, 5 февруари, 2016 - 15:10 (META) 

Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, објави дека „нови 4 милиони евра завршиле кај фирмата „Трансмет“, чиј сопственик е Сеад Кочан.“

– Ова е договорот од 16 јули 2014 година, со кој фирмата „Трансмет“ добива тендер од повеќе од 184 милиони денари за изградба на пристапен пат за брана „Речани“ на Оризарска Река, Кочани. Ова е уште еден договор на дополнителни близу 57 милиони денари, склучен на 27 август 2015 година за санација на брана Пишица, Пробиштип, за потребите на Управата за водостопанство. Тоа се вкупно 4 милиони евра, пари на граѓаните, преку Министерството за земјоделство за сопственикот на телевизија „Нова“, за кого од политичките „бомби“ слушнавме како Груевски, зборувајќи во шифри, го нарекува „оној што има сеат ибица“ – вели Николовски.

Според Николовски, сопственикот на медиуми Орце Камчев „благодарение на Груевски е во врвот по користење на земјоделските субвенции“.

– Само за последниве четири години, ЗК „Пелагонија“ на Камчев добива повеќе од 4,5 милиони евра.Преку Министерството за земјоделство, наместо за земјоделците, милиони евра, пари на граѓаните, завршуваат во медиумите на Никола Груевски, кои шират невистини и ги лажат граѓаните. Само во „Сител“, „Канал 5“ и во „Алфа“, во последните три години завршиле 13 милиони евра пари од граѓаните – вели Николовски.