!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Македонска филхармонија ќе соработува со црногорскиот симфониски оркестар


Скопје, 4 декември, 2017 - 12:34 (META) 

Македонската филхармонија и Симфонискиот оркестар на Црна Гора потпишаа меморандум за зајакнување на соработкaтa на двата национални оркестри.

Со овој меморандум за соработка, оркестрите се обврзуваат на квалитетна соработка и размена во период од две години. Соработката ќе се одвива на полето на размена на солисти и на диригенти, музички материјали, како и преку гостување на оркестрите во Скопје и во Подгорица.

Синоќа, во салата на Македонската филхармонија, концерт одржа црногорскиот симфониски оркестар под диригентство на Григориј Краско, што воедно претставува и прво гостување на симфониски ансамбл во новата концертна сала на Македонската филхармонија.


Свечена академија по повод 1.100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски


Охрид, 10 август, 2016 - 16:56 (META) 

Вчера, со Свечена академија посветена на Св. Климент, беше одбележана 1 .100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски – патрон на градот.

– Вашето учество на оваа свеченост е израз на свеста дека сите ние кои сме дел од Словенството како јазична заедница сме рамноправни Климентови наследници. И како наследници имаме споделени права, но и должности. Должности да се грижиме за она што ни е оставено, меѓусебно да го споделуваме и да го пренесуваме на идните поколенија. Нешто за што очигледно не се трудиме доволно. Слободите и правата ги одвоивме од должностите и одговорностите. Свети Климент го фалиме, без да го послушаме. Се повикуваме на него, без да видиме на што не повикува тој нас. Последиците од ова скршнување ги чувствуваме сите ние, а особено нашите млади – потенцираше претседателот Ѓорге Иванов, кој се обрати пред насобраните граѓани.

На Свечената Академија концерт одржа Симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија и солистите Ана и Игор Дурловски.


Ави Авитал со концерт во Македонија


Скопје, 23 март, 2016 - 10:59 (META) 

На 24 март во Домот на АРМ, во 20 часот, ќе настапи светската музичка сензација Ави Авитал од Израел, како солист на мандолина, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија на концертот насловен „Алхемија“. Под диригентска палка на Михал Нестерович од Полска, Авитал ќе изведе два концерти за мандолина и за оркестар од Јохан Хумел и од Антонио Вивалди.

Ави Авитал (1978) е роден во Израел, а мандолина почнува да учи на осум години, за наскоро да се приклучи на мандолинскиот младински оркестар основан од неговиот учител, рускиот виолинист Симка Натансон. Се запишува на Академијата за музика во Ерусалим, а потоа заминува во Италија, каде студира на Конзерваториумот „Чезаре Полини“ во Падова со Уго Орланди, за кого вели дека е вистинскиот професор по мандолина, од кого го научил оригиналниот репертоар за овој инструмент, наместо транскрипциите што дотогаш ги изведувал.