АХВ: Запленети повеќе од тон генетски модифицирани соја и ориз


Скопје, 9 август, 2018 - 14:56 (META) 

Вкупно 510 килограми соини шницли и соини трошки произведени во Србија со генетски модифицирана соја и увезени во Македонија, по откривањето се повлечени од продажба, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.

Во мај, пак, се откриени 550 килограми генетски модифициран ориз произведен во Кочанско од увозно семе. Оризот бил пронајден во магацин на операторот, но не се знае кој е  е производителот. Фирмата што го увезла добила казна од 5.000 евра, а одговорното лице во фирмата 1.700 евра, појасни Атанасов.

На барање на увозникот на соините шницли и трошки, во моментов се врши суперанализа во референтна лабораторија.

– Првата анализа покажа дека има присуство на ГМО, но по закон операторот има право да побара суперанализа – потенцира Атанасов.

Тој рече дека АХВ почнува засилени контроли за присуство на генетски модифицирани организми (ГМО) во храната. Сепак, директорот на АХВ вели дека во ЕУ е дозволено пуштање во продажба храна со ГМО, но тоа мора да биде јасно назначено на пакувањето. Тој забраната на ГМО направена со закон во 2015 година, со која се забрани консумирањето на производи со ГМО до влегувањето на земјава во Унијата ја нарече „политичка одлука“.

-Во светот се консумра и се произведува храна со ГМО. Науката треба да го каже последниот збор колку е тоа штетно -рече Атанасов.


Притворен грчки државјанин кој превезувал 300 килограми марихуана


Велес, 30 јануари, 2018 - 10:15 (META) 

Основното јавно обвинителство Велес поведе постапка против едно лице за производство и промет на дрога, информираат од таму.

„Осомничениот, грчки државјанин, на 28 јануари пренесувал наркотична дрога, марихуана во количина од 309,6 килограми што била наменета за продажба. Дрогата ја пренесувал во товарно возило „сканиа“ со грчка регистарска ознака. Во возилото, помеѓу разновидната стока наменета за превоз од Атина до Вупертал, Германија, осомничениот пренесувал и 95 вреќи ориз со крајна дестинација Керкаде, Холандија. Во 75 вреќи, покрај оризот биле најдени алуминиумски вреќи обвиткани со фолија каде се наоѓала наркотичната дрога марихуана“, се вели во соопштението на ОЈО.

Надлежен јавен обвинител донел наредба за спроведување на истражна постапка против осомничениот за сторено кривично дело, неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотопни супстанции и прекурсори.

„Ценејќи дека се исполнети законските околности за определување на мерката притвор, обвинителството до Основниот суд Велес поднесе и предлог за определување на оваа мерка, што беше прифатено од страна на судот и со решение определи притвор за осомничениот во времетраење од триесет дена“, се додава во соопштението.


Министерството за финансии исплатило 13 милиони евра субвенции на земјоделците


Скопје, 18 мај, 2017 - 12:49 (META) 

Министерството за финансии исплатило 463 милиони денари (7.528.455 евра) субвенции за земјоделците за 2015 година и 364 милиони денари (5.918.699 евра), за дел од 2016 година, соопштуваат оттаму.

„Целосно се намирени обврските за субвенции заклучно со 2015 година, односно за фуражни култури, житарици, ориз, градинарство, овошни насади, лозови насади, говеда, несилки, млеко, органзко производство и за рурален развој. Во рамки на исплатената сума се и 364 милиони денари (5.918.699 евра) субвенции за 2016 година за млеко и за оризова арпа“, велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека Министерството почнало со исплатата веднаш по објавување на одлуката на Уставен суд во „Службен весник“ со која ги отстранува законските пречки за исплата.

Претседателот на Сојузот на синдикатот на земјоделците во Струмичкиот Регион, Ристо Велков, вели дека утре ќе знаат дали Министерството ги префрлило парите.

Субвенции на земјоделците не им беа исплатени за цела 2016 година и дел за 2014 и за 2015 година, а станува збор за сума од 100 милиони евра.


Цветков: Во буџетот нема ставка за интервентен откуп на ориз


Штип, 14 јуни, 2016 - 18:40 (META) 

Интервентен откуп на ориз за државните стокови резерви тешко може да се изведе, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков. Како што изјави министерот, проблемот e во тоа што во државниот буџет не била предвидена таква ставка.

Пред само една недела, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски, на производителите на ориз им најави дека Владата ќе дозволи интервентен откуп на ориз за стокови резерви.

Во Кочанско стојат неоткупени дури 70 отсто од ланската реколта. Министерот Цветков рече дека можно е на земјоделците да им се плати надомест за секој предаден килограм ориз на откупувачите и на таков начин да го решат проблемот.

Останува прашањето како Владата планира да ги стимулира откупувачите, кои речиси комплетно го стопираа откупот поради слабата побарувачка на пазарот.


Државата ќе го откупи оризот од земјоделците


Кочани, 9 јуни, 2016 - 17:04 (META) 

Вишокот оризова арпа што стои во амбарите на земјоделците во Кочанско, заминува во стоковите резерви. Иако оризот уште пред 12 години е прогласен за производ кој не треба да биде складиран за државни резерви, Владата донела одлука повторно да го стави на листата.

Со тоа го реши проблемот кој производителите на ориз ги натера да протестираат.

Нема пресметка колку пари ќе чини купувањето мир. Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски, рече дека дури 70 отсто од оризовата арпа од ланската реколта стои неоткупена.

Оризопроизводителите немаат информации по која цена ќе се откупува арпата. На последните протести побараа 50 денари за килограм бел ориз и 25 денари за килограм оризова арпа.

Оризот не го продаваа поради ниската откупна цена, која изнесуваше 38 денари за еден килограм.


Оризопроизводителите од Кочанско денеска повторно на протест


Кочани, 29 март, 2016 - 11:13 (META) 

Производителите на ориз од Кочанско денеска повторно ќе протестираат, незадоволни од откупната цената на оризот. Тие еден час, односно од 11 до 12 часот ќе ја блокираат едната коловозна лента на патот Штип – Кочани, кај селото Облешево.

Производителите на ориз, незадоволни од понудената, бараат цена од 50 денари за бел ориз и 25 денари за оризова арпа, како што претходно ветило Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Јордан Манасиев од Здружението на производителите на ориз „Бело злато“ вели дека во петокот неуспешно завршиле двата одделни состаноци со ресорниот министер, Михаил Цветков.

– Делегација на производителите на ориз беа кај министерот, а таму биле и откупувачите, ама на одделен состанок. Откупувачите понудиле 40 денари за најквалитетниот бел ориз и 15 денари за арпа, што е неприфатливо за нас. Ако не интервенира министерството во откупот, ќе го радикализираме протестот – рече Манасиев.

Истовремено со претходниот протест кој се одржа пред десетина дена во Облешево, имаше и контра -протест на оризопроизводители, кои сметаат дека субвенциите и политиката на актуелната влада се доволно стимулативни. Притоа дојде и до тензии, но сè се заврши со вербални препукувања.

Манасиев вели дека и денеска не е исклучено да се појават контра – демонстранти.

– Очекуваме пак да има контра-протест. Навикнавме на такви работи од власта. Тие оризопроизводители можеби имаат наредба од власта и ние тука не можеме ништо. Ако решиле нека излезат на контра-протест – рече Манасиев.


Протест и контрапротест на оризопроизводителите го блокираа патот Штип – Кочани


Кочани, 15 март, 2016 - 15:28 (META) 

Членовите и приврзаниците на здружението на оризопроизводители „Бело злато“ од Облешево со блокада на едната коловозна лента од патот Штип – Кочани, денеска простетираа поради тоа што нема откуп на оризот.

Наспроти нив, на другата коловозна лента, сообраќајот го попречија нивните колеги, оризопроизводители, кои не се задоволни од откупната цена од 50 денари за еден килограм бел ориз, ама се задоволни од владините субвенции. Стоејќи едни спроти други, почнаа со довикување, но сè се заврши со вербална расправија.

Од „Бело злато“ велат дека пред почетокот на новата сеидба, ланскиот ориз им стои во амбарите. Бараат овие количества веднаш да им се откупат по цена од 50 денари за еден килограм ориз и од 25 денари за оризова арпа.

На ова врати оризопроизводителот од Долни Подлог, Бранко Стојков, според кој за да се подготви еден декар ориз, потребни се 10 литри нафта или 600 денари и плус една вреќа ѓубре, кое чини 1.300 денари.

– Значи со 1.900 денари за еден декар површина, сè е подготвено за сеидба. А, ние добиваме 3.000 денари субвенција по декар. Значи, не само што ги покриваме трошоците за подготовка, туку ни останува и за пиво – рече Стојков.

Од организаторите на протестот кои бараат поголема откупна цена, велат дека не е одржано ниту едно ветување за субвенциите од 2012 година наваму.

– Бараме само да ни се откупи заостанатото ланско производство од амбарите за да може да ја почнеме новата сеидба – велат дел од демонстрантите.

Од ова здружение ѝ дадоа на Владата рок од три дена да одговори на нивното барање за брз откуп по утврдена цена. Побараа и средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков. Доколку немаат одговор, се заканија со радикализација на протестите.


Производителите на ориз тврдат дека редовно добиваат субвенции


Штип, 7 декември, 2015 - 11:42 (META) 

Има или нема субвенции за кочанските земјоделци? По разговорите со кочанските земјоделци, заменскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој е од редовите на СДСМ, побара итна исплата на субвенциите.

– Груевски да не манипулира со дополнителни субвенции бидејќи и тие што им следуваат за 2015 година не им се исплатени. Нема земјоделец што има добиено субвенции и овде. Притоа многу луѓе се пожалија и на неисплатени субвенции за 2012, 2013 и за 2014 година – рече Николовски.

Синдикатот на земјоделците предводен од Ставре Јанев го негираше заменик-министерот. Синдикатот веќе имал средба и договор со актуелниот министер Михаил Цветков и со заменик-министерот Ванчо Костадиновски. Јанев објасни дека со министерството веќе е договорена динамика на исплата на субвенциите.

– Исплатата на субвенциите е почната од минатата недела, дел од луѓето не се информирани, парите можеби веќе се легнати на сметката. Јас лично имам контактирано со десетина кои ги имаат добиено парите и се надевам дека наредната недела основната мерка не само што ќе биде исплатена, туку ќе почне исплатата за дополнителната мерка од 21.000 денари по хектар – изјави Јанев, кој му порача на дополнителниот заменик-министер да се позанимава со откупувачите кои „ја уриваат цената“.

Членови на овој синдикат потврдија дека ги добиле субвенциите. Еден од нив обвини дека се вмеша политиката во откупната цена на оризот и од 58 до 60 денари, колку што се откупувал килограм ориз, цената паднала на 40 денари.

– Тука се крие политика. Сите откупувачи и преработувачи се членови на СДСМ и главни поддржувачи на кампањата на СДСМ. Тоа не е никаква тајна и може да се провери. Секогаш кога има избори, тие ја намалуваат цената и предизвикуваат штрајкови и нереди кај земјоделците – член на Синдикатот на земојделците, кој е произведувач на ориз.


78 лица и пет фирми осомничени за фалсификување документи за добивање субвенции


Штип, 5 декември, 2014 - 13:46 (META) 

Штипската полиција поднела кривични пријави против сопственикот и управител на фабриката БМФ – Зрновци и против уште 77 физички и пет правни лица за фалсификување или за уништување деловни книги, бидејќи внесувале поголеми количества откупена оризова арпа од реалните за да добијат поголеми суми од субвеници.

Меѓу петте фирми, против кои е поднесена кривична пријава е и БМФ – Зрновци.

Како што информираат од полицијата, во истрагата било утврдено дека во периодот од средината на јуни до крајот на август минатата година, сопственикот и управител на БМФ – Зрновци, МА. (41), во име на оваа фирма, повеќепати во потврдите за откупена или за преработена оризова арпа внесувал невистинити податоци, кои ги заверувал со свој потпис и со печат.

Тој, во потврдите внесувал количество за откупена оризова арпа поголема од реално откупената, која е констатирана од приемниците. Таквите потврди ги издавал на коминтентите, со што овозможил истите да аплицираат за поголем износ за субвенции од износот кој реално би го добиле, соопштуваат од МВР.

Останатите осомничени, 77 физички и четири правни лица, со намера да стекнат противправна имотна корист, иако знаеле дека податоците се невистинити, сепак ги искористиле при поднесувањето барања за директни исплати на субвеници од програмата за финасиска подршка во земјоделството за 2013 година во Агенцијата за финансиска подршка и рурален развој при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.