!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Македонија 2025“: Потребна е добра економска клима за да продолжат инвестициите


Скопје, 19 мај, 2017 - 11:12 (META) 

Платформата „Македонија 2025“ се надева дека со постигнувањето на последното политичко решение ќе дојде до  конечно решавање на долгата политичка криза во Македонија.

Оттаму повикуваат на создавање добар економски амбиент за да продолжат инвестициите.

„Ги повикуваме сите релевантни партии, групи и организации што беа опфатени од политичката криза да ги стават настрана своите партиски интереси и да се фокусираат на градење добра економска средина, во која странските и локалните компании и претприемачи ќе бидат стимулирани да ги продолжат своите инвестиции во Македонија. Важно е да се нагласи дека во мошне компетитивната глобална арена, земјите овозможуваат позитивна економска клима и политичка стабилност, што резултира со враќање на придобивките кон граѓаните по пат на економски пораст. Ова е наша заложба како организација и кон таа цел продолжуваме да даваме поддршка на Република Македонија и на нејзините граѓани,“ велат од „Македонија 2025“.


Стотина средношколци од Охрид отворено застанаа зад „За заедничка Македонија“


Охрид, 20 март, 2017 - 12:37 (META) 

Средношколци од Охрид од утринава застанаа зад протестите на движењето „За заедничка Македонија“.

Околу стотина ученици од средното техничко училиште „Св. Наум Охридскки“, средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ и од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“, се собраа на градскиот плоштад.

Носејќи го државното знаме, скандираа дека се за зачувување на унитарниот карактер на државата и за поддршка на политиката на претседателот Ѓорге Иванов.

Тие тврдат дека никој не ги организирал, туку спонтано ги напуштиле училиштата за да се приклучат кон барањата да не се воведе двојазичност во земјава и да се зачува унитарноста на државата.

Некои од учениците рекоа дека имале поддршка од директорите и најавија ново собирање в среда.


Македонскиот бањски туризам претставен на саемот за туризам во Солун


Солун, 20 ноември, 2016 - 10:32 (META) 

Грчките туристички работници и грчката јавност имаа можност да се запознаат со македонските центри и можности за бањски и здравствен туризам на големиот Меѓународен саем за туризам „Филоксенија“ во Солун, каде што има 621 излагачи и делегации од 34 држави.

По иницијатива на македонскиот конзулат во Солун, Македонија е претставена на саемот со штанд со фокус за центрите за бањски туризам, а на саемот беа присутни и голем број туристички агенции и компании за автобуски превоз од Македонија кои имаа можност да се запознаат и воспостават контакти за потенцијална соработка со учесници од други држави на саемот.

Најпознатиот македонски туристички центар Охрид годинава беше во фокусот од балканските држави заедно со Белград, Пловдив и со Едрене на конференцијата на тема „Ребрендирање дестинации“ (Rebranding destinations).

Клучни прашања кои се дискутираа на конференцијата беа важноста една туристичка дестинација да има свој посебен идентитет и како тој се гради преку конкретна туристичка стратегија. За искуствата и стратегиите на Охрид, Белград, Пловдив и на Едрене на оваа тема говореа претставници на туристички сојузи и локални власти од Македонија, Србија, Турција и од Бугарија.

Од Грција, пак, говореше Јанис Михаилидис, менаџер на консултантска фирма на угостителство и туризам кој потенцираше дека најважната работа за да се развие и промовира добро брендот на една туристичка дестинација потребен е колективен напор односно поддршка од локалната заедница и локалните власти.

Покрај важноста за идентитетот на туристичката дестинација, се разговараше и за можностите за понудување регионални туристички пакети за странски туристи на Балканот.

Претставувањето на туристичките можности на Македонија, контактите меѓу туристичките организации и конкретниот фокус на бањскиот туризам во Солун отвора можности за привлекување поголем број и грчки, балкански, но и туристи од трети држави во Македонија.

Охрид е популарна дестинација меѓу грчките туристи и често и се нуди во аранжманите главно на туристичките агенции во Солун, па овие нови контакти може да помогнат да се зголеми грчкиот туристички прилив и во Охрид, но и останатите езерски, планински и бањски туристички центри во државата.


Книги од македонски автори промовирани во Корча


Охрид, 3 октомври, 2016 - 12:04 (META) 

Македонскиот културен центар „Сонце“ од Корча организираше промовирање на две книги од македонски автори.

Ицо Најдовски, кој живее во Австралија, историчар и новинар, ја промовираше својата книга „Македонско -австралиски народен сојуз 1946-1958“.

Книгата го опишува формирањето на една македонска културно-патриотска организација во Австралија, од македонски емигранти кој доаѓале од Пустец, Костур, Лерин, Битола, Прилеп и од други места.

-Целта на овој сојуз беше заштита на културата и на традицијата, но и нивна презантација кај другитете заедници – истакна авторот Најдовски, кој води радиопрограма на македонски јазик во Австралија.

Втората книга од авторот Спасе Мазенковски е со наслов „Кратка историја на македонскиот народ“.

– Книгата во кратки црти ја содржи историјата на македонскиот народ врз основа на факти и на историски студии – нагласи Мазенковски.


Мароко по 40 години повторно сака членство во Африканската унија


Рабат, 23 септември, 2016 - 20:00 (META) 

Мароко поднесе официјално барање за приклучување кон Африканската унија (АУ) по 40 години, соопшија денеска од таа организација.

Мароко е единствената африканска земја која не е членка на таа организација, која ја сочинуваат 54 држави.

Властите во Рабат ја напуштија организацијата во 1975 година поради спорот околу Западна Сахара, која АУ ја смета за независна држава, а Мароко за своја јужна провинција.

Членките на оваа АУ ќе бидат известени за барањето на Мароко, а потоа кралот на оваа држава ќе биде известен за одлуката.


Организацијата „Црна моќ“ ја презеде одговорноста за нападот во Далас


Далас, 8 јули, 2016 - 18:18 (META) 

Одговорноста за нападот врз полицијата во Далас ја презеде политичката организација „Црна моќ“, која на својот профил на „Твитер“ напиша дека ќе следуваат уште убиства на полицајци.

– Нашите снајперисти убија петмина полицајци. Во наредните денови ќе има уште убиства. Набавете пушки и придружете им се на нашите снајперисти во борбата против полициската репресија – пишува на профилот на „Твитер“ на таа организација.

 

Едночасовната престрелка во Далас денеска заврши со апсење на тројца од четворицата осомничени напаѓачи, додека последниот беше убиен од полицијата.

Неговото тело е идентификувано и станува збор за Мајкл Хавиер Џонсон (25), кој немал криминално досие, но бил војник во американската војска во Авганистан една година.

Пукањето почна за време на протестот против полициската бруталност кон црнечката заедница, откако најмалку двајца снајперисти отвориле оган врз полицијата.

 

 


Општината и црквата ја презедоа организацијата на Водици


Охрид, 6 јануари, 2016 - 10:36 (META) 

Откако граѓанското здружение „Богојавление“, по една деценија, ја откажа организацијата на големиот православен празник Богојавление – Водици, обврската за организација на манфестацијата ја презедоа Општината заедно со Дебарско-кичевската епархија.

Градоначалникот Никола Бакрачески формираше посебно координативно тело, во кое има и претставник на
црквата. До 19 јануари, има доволно време за да се спроведат сите подготовки.

– Традиционалните духовни и верски обичаи во Охрид сè понагласено стануваат туристички атракции, пред сè, благодарение на заложбите на локалната самоуправа и на добрата соработка со хотелско-угостителскиот еснаф и со бизнис-заедницата во Охрид – велат од Општината.

Креираните понуди на претставниците на туристичко-угостителскиот сектор ќе бидат објавени на официјалната веб-страница на Општина Охрид, со што ќе достапни за сите граѓани, потенцијални посетители и за домашните и за странски агенции.


Организацијата на работодавци одбележа една деценија постоење


Скопје, 10 декември, 2015 - 13:01 (META) 

Водечката организација што ги застапува интересите на работодавците и се грижи за нивните права и слободи во економската и во социјалната сфера во земјата, одбележа една деценија од своето основање.

– Како најголема и единствена репрезентативна организација на работодавци во земјава, Организацијата на работодавци на Македонија, како и во изминатите 10 години, така и во иднина, ќе продолжи посветено и енергично да ги промовира и да ги застапува интересите на своите членки во општеството, особено преку социјалниот дијалог со Владата и со синдикатите – истакна претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.

Во Организацијата на работодавци на Македонија членуваат повеќе од 1.000 компании од 15 сектори, со повеќе од 70.000 вработени.


Здружението „Богојавление“ ја откажа организацијата на манифестацијата Богојавление – Водици


Охрид, 4 декември, 2015 - 9:49 (META) 

Здружението „Богојавление“ се откажа од организацијата на свеченостите и на манифестациите поврзани со верскиот празник Водици – Богојавление. Иако ваквата одлука на здружението, на некој начин, беше очекувана, јавноста ја прими веста со големо изненадување бидејќи станува збор за манифестација што привлекува илјадници гости надвор од туристичката сезона и придонесува за афирмацијата на градот.

– Сакаме да ја информираме пошироката јавност за одлуката на здружението „Богојавление“ дека организацијата на манифестацијата за збогатување на верскиот празник Водици ѝ ја препуштаме на МПЦ, за што ја известивме Дебарско-кичевската епархија – соопштија од здружението.

Оттаму образложуваат дека манифестацијата и организациски и финансиски ги надминува можностите на здруженито, бидејќи истата од локален, прерасна најпрвин во национален, а потоа и во интернационален настан. Водици е голем православен празник кој припаѓа на црквата и на градот.

Од митрополијата на Дебарско-кичевската епархија во Охрид, велат дека не им придавале особено значење ниту на претходните шпекулации, ниту на конечната одлука на здружението.

– Дали oд „Богојавление“ ќе бидат организатори или не, тоа зависи од нив самите. Тие и така работат на своја рака. Во митрополијата не прашаа ниту кога се формираа – велат оттаму.

Според митрополијата, претставници на здружението кај надлежниот архиереј, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, владиката г. Тимотеј, доаѓале два-три дена пред самата манифестација, колку да информираат и формално да поканат.

Дека владиката Тимотеј и поединци од Здужението „Богојављение“ не се во добри односи, не е непозната работа. Самиот митрополит јавно го искажа своето незадоволство, обвинувајќи ги челниците од здружението дека го приватизирале настанот, а самиот чин на осветувањето на водите го комерцијализирале.

Верскиот празник Богојавление – Водици се одбележува на 19 јануари.


Пекинг ја доби организацијата на ЗОИ 2022


Пекинг, 31 јули, 2015 - 16:34 (META) 

Главниот град на Кина, Пекинг, ќе биде домаќин на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2022 година, одлучи Меѓународниот олимписки комитет (МОК) со денешното гласање, јавуваат светските агенции.

Со тоа, Пекинг е единствената светска метропола што била домаќин и на летни и на зимски олимписки игри.

На денешното гласање, Пекинг со тесен резултат, 44-40, го победи Алмату, во Казахстан, кој беше кандидат и до последен момент се надеваше дека ќе ја добие организацијата на ЗОИ 2022.

Кинеската престолнина, која беше организатор на Летните олимписки игри во 2008 година, во изборот влезе како фаворит и покрај недостигот од природен снег.

Конечната одлука беше донесена со тајно гласање со гласачки ливчиња, откако се појави проблеми со таблетите во текот на електронското гласање.