Денеска започнува фестивалот на улични изведувачи „Баскерфест“


Скопје, 12 јуни, 2018 - 10:09 (META) 

Фестивалот на улични изведувачи „Баскерфест“ ќе започне денеска на градскиот плоштад „Македонија“ во 19 часот.

„Градскиот плоштад „Македонија“, шест дена од 12-17 јуни ќе биде претворен во уличен театар под отворено небо со улични артисти од Јапонија, Индија, Аргентина, Франција, Шпанија, Бразил, како и млади македонски музичари и светски баскер-бендови. За најмладите ќе има и детска едукативна работилница, едукативен корнер за животни, како и неколку интеркативни игри. Во склоп на „Баскерфест“ ќе има и интерактивни инсталации поставени на целиот плоштад, како и натпревар за креативни уметници. За фудбалските фанови, по повод престојното Светско фудбалско првенство, ќе има спортски забавен корнер“, информираат организаторите.

Фестивалот, традиционално е под покровителство на Град Скопје.


Обвинетите во Куманово влегле „да одржат прес за неимплементирањето на Рамковниот“


Скопје, 17 февруари, 2017 - 14:55 (META) 

Политичките проблеми на Албанците и неимплементирањето на Охридскиот рамковен договор била причината поради која кумановската вооружена група дошла во Македонија и во Диво насеље, рече на денешното рочиште првообвинетиот за настаните од 9 и 10 мај 2015 година, Сами Укшини.

На прашање Обвинителството, како групата планирала да помогне во имплементирањето на договорот, Укшини рече дека како што му било кажано од водачите на групата, Мирсад Ндрецај и Бег Ризај (убиени за време на настаните во Диво насеље н.з.) намерата била, да ги повикаат новинарите, односно да свикаат прес-конференција, на која јавно ќе кажат дека ако не се реализира Рамковниот договор работите во Македонија ќе се вратат во 2001 година.

А зошто не ја свикале прес-конференцијата, Укшини рече дека тоа зависело од Ризај и Ндрецај како организатори на групата.

Според неговиот исказ групата, во Македонија од Косово влегла, ноќта меѓу 1 и 2 мај 2015 година, а на 3 дошле во Куманово, односно во населбата Диво насеље, каде што Ризај и Ндрецај му рекле дека ќе останат до 19 мај, но, како што рече Укшини, не му кажале зошто. Тој рече дека Ндрецај и Ризај делувале многу сигурни во она што го прават и не ги послушале неговите совети дека треба да се движат, а не да останат во Куманово, бидејќи се изложуваат на опасност.

На прашањето дали групата имале поддршка од некои политички партии во Македонија, тој рече дека не знае, бидејќи не бил организатор на групата.

Тој пред судот рече да бил тој организатор на групата, работите можело да излезат на полошо или на подобро. Прашан што значи на полошо, тој одговори дека во случај кога 900 полицијаци напаѓаат група од 32 лица, тој да бил командант во Диво насеље бројот на загинати немало да биде 18 туку 200 луѓе.

Со денешниот исказ на Укшини, почна сослушувањето на обвинитите во случајот „Диво насеље“, кои се вкупно 37.


Заврши шестото издание на Неделата на дизајн во Скопје


Скопје, 28 ноември, 2016 - 11:09 (META) 

Шестото издание на Неделата на дизајн во Скопје заврши, а го одбележаа добри презентации, изложби, таргетирани предавања, работилници за професионалци проследени со музичка програма.

Првпат беа доделени и награди за дизајн и тоа во три категории: за најдобар студенски производ/прототип, најдобар млад бренд во подем и за најдобра презентација на компанија.

На завршниот настан во „Јавна соба“ организаторите порачаа дека македонскиот дизајн со сигурност се движи во нагорна линија и дека Неделата на дизајн  ја исполнува својата задача на артикулатор и стимулатор на дизајн-сцената во земјата и во регионот.


Кумановци протестираат и бараат правда за смртта на четиригодишното дете


Куманово, 4 јули, 2016 - 15:52 (META) 

Околу 1.000 граѓани денеска, околу 15 часот, го почнаа протестот на кој бараат правда за четиригодишниот Алмир Алиу, кој пред една недела беше прегазен со автомобил на излезот од болницата во Куманово.

Протестот се одвива во молк, односно демонстрантите не извикуваат никакви пароли, а единствениот транспарент е тој што граѓаните го носат на чело на колоната, а на кој на албански пишува „За правда“.

Демонстрантите бараат осомничениот возач на автомобилот да го добие тоа што го заслужува според законот.

Организаторите, невладината „Зани“ (Глас), побарале од политичарите, кои се присутни на протестот, да се движат во задните редови и да не даваат изјави за медиумите.

Маршот, како што е предвидено, треба да заврши пред зградата на Основниот суд во Куманово.

Четигоришниот Алмир Алиу во саботата почина во Клиничкиот центар во Скопје, како последица од ударот со автомобилот.

Според пишувањата на медиумите, осомничениот удрил во детето намерно, по банална расправија во кумановската амбуланта.

Осомничениот во случајот е уапсен и во моментов се наоѓа на издржување 30-дневен притвор, што му го одреди судот.


Премолчан скандалот со статуетката „Бона Деа“ на затворањето на „Браќа Манаки“


Битола, 28 септември, 2015 - 10:59 (META) 

Полупразна сала, бројни награди и долги говори го одбележаа синоќешното свечено затворање на 36. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола.

Наградата „Златна камера 300“ главното жири на фестивалот одлучи да му ја додели на Маќаш Ердели, кинематографот на филмот „Синот на Саул“, нова приказна за ужасите на холокаустот. „Сребрената камера 300“ отиде во рацете на Адам Аркапо за филмот „Магбет“, додека „Бронзената камера“ ја доби Матео Гусман, за филмот „Земја и сенка“.

Организаторите на фестивалот, и покрај најавите, синоќа се обидоа да го заобиколат скандалот со статуетката „Бона Деа“ за најдобар филм во програмата „Нов европски филм“. Откако дел од медиумите објавија дека статуетката не е римската божица, туку археолошки предмет со машки лик ископан во Хераклеја и се чува во малиот музеј во античкиот локалитет, а не во лондонскиот музеј, организаторите не ја покажаа статуетката на сцената.

За многумина ова беше изненадување бидејќи досегашната практика беше секоја од наградите да се донесе на сцената, без оглед дали некој од наградените е присутен да ја подигне или не.

На сцената излезе директорот на фестивалот, Димитар Николов, и изрази жалење што претставникот од Бугарија што требаше да ја додели оваа награда, починал пред само неколку дена. Инаку наградата за нов европски филм ја доби филмот „Овни“ во режија на Гримур Хаконарсон.

На свеченото затворање и добитниците на наградите и тие што ги доделуваат како да се подзабораваа со говорите, па се случуваше од преведувачката да бараат шанса да кажат по некој збор на големата сцена.

Особено интересен во говорот беше лауреатот Божидар-Бота Николиќ, кому му беше врачена наградата „Златна камера 300“ за животно дело. Признавајќи дека има трема, големиот кинематограф гласно размисли дека најдобро е да запее на сцената.

– Ако режисерот е диригент на оркестарот, тогаш кинематографот е прва виолина – рече Николиќ.

Вториот лауреат, Јаромир Шофр, упати порака до младите кинематографи да ги искористат новите технологии на дигитализација на филмовите затоа што тоа е еден начин тие да се зачуваат.

По церемонијата на доделување на наградите, малкумина останаа на проекцијата на кинеско-тајванскиот филм „Убиец“, кој се прикажуваше во чест на наградените.