!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

СЗО: Загаденоста секоја година убива 540 деца во Македонија, а 1,7 милиони во светот


Скопје, 6 март, 2017 - 11:22 (META) 

Загадената животната средина убива 1,7 милиони деца на возраст под пет години, покажува извештајот на Светската здравствена организација (СЗО).

Во Македонија на 100.000 жители, 27 деца на возраст под пет години починале како резултат на загадената околина.

Пресметано на вкупниот број жители на земјава (околу 2 милиони), тоа значи дека кај нас годишно 540 деца под пет години го губат животот поради за загадувањето.

Во извештајот на СЗО се додава дека повеќе од еден во четири смртни случаи кај деца на возраст под пет години се припишува на загадените вода и воздух и на лошите санитарни услови. Најчестите причини за смрт кај децата се дијареа, маларија и пневмонија.

Според СЗО, секоја година 570.000 деца на возраст под пет години умираат од респираторни инфекции поврзани со загадувањето на воздухот.

Секоја година 361.000 деца умираат  од дијареа, поради лошата хигиена и ограничен пристап до безбедна вода за пиење.

„Загадената животна средина е смртоносна, особено за децата. Нивниот развој на органите и имуниот систем, како и помалиот волумен на дишните патишта, ги прави особено ранливи на валканите воздухот и водата“, изјави генералниот директор на СЗО, Маргарет Чан.


Создадени првите ембриони од човечки и од животински клетки


Ла Џола, 27 јануари, 2017 - 19:43 (META) 

Научниците успеале да создадат ембриони кои се комбинација од човечки и од свински матични клетки, што е првиот чекор кон развојот на човечки органи за трансплантација во телата на животните. Набргу ембрионите биле уништени, објави институтот од САД што го спровел експериментот.

Истражувањето уште во првата фаза течело многу потешко отколку што се претпоставувало, се вели во статијата во научното списание „Сел“.

– Крајната цела е да се одгледаат функционални човечки органи за трансплантација на срце, бели дробови, бубрези, но ние сме многу далеку од тоа – објаснува водечкиот автор на истражувањето, Хуан Карлос Исписуа Белмонте, професор на Институтот за биолошки студии „Салк“ од Калифорнија, САД.

Ембрионите се уништени пред да може да се роди комбинација на човек и на животно, што во научните кругови се нарекува „химера“, според митолошкото суштество. Сè почнало така што научниците всадиле матични клетки на возрасни луѓе во свински ембриони и дозволиле тие да се развиваат четири седмици. Пред уништувањето на ембрионите, во нивните мускулни ткива почнале да се создаваат човечки клетки.

Истражувањето траело четири години, а биле употребени 1.500 свински ембриони.