!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Реакција на Општина Велес: Вложуваме напори да ги исполниме барањата на жителите


Велес, 28 декември, 2015 - 15:54 (META) 

Агенцијата „Мета“ објави видеосторија со наслов „Велес: Десет села отсечени од цивилизацијата и од буџетот“ за проблемите и за тешките услови за живеење на жителите од околните села поради лошата патна инфраструктура.

Во сторијата прашавме каде се трошат парите на жителите и зошто локалната власт секоја година ги ветува, но не ги гради патиштата до нивните села.

Во времето на подготовката на прилогот, од Општината не одговорија на поставените прашања.

По објавувањето на сторијата, реагираа од Општината Велес.

Во реакцијата, испратена до локалните медиуми, се вели дека сторијата претставува „обид за презентирање на локалната самоуправа во негативно светло, игнорирајќи го сето она што е направено во досегашниот период за споменатите населени места“.

Од Општината велат дека „во село Сливник досега биле реализирани неколку крупни проекти, како што се изградбата на новото училиште и поставување на водоводната мрежа, реконструкција на улично осветлување и редовно тампонирање на патот до селото“.

Што се однесува до селото Рлевци, пак, во реакцијата стои дека „Општината вложува напори да ги исполнува барањата на жителите“.

Сепак, нема одговор на клучните прашања и за проблемите што беа третирани во сторијата.

Градоначалникот Славчо Чадиев не одговори на прашањата зошто патиштата до овие села не се изградени, иако со години се ветуваа и беа предвидени во програмите и во буџетите за реализација на Општината и каде се парите за нивната изградба.


Велес: Десет села отсечени од цивилизацијата и од буџетот


Велес, 25 декември, 2015 - 9:20 (META) 

Илјада жители од десетина велешки села и во 21 век живеат отсечени од цивилизацијата. Со години бараат да им се асфалтираат полските патишта што се планираат во буџетите на Општината.

Тие беа планирани и во годинешниот буџет.

Наместо 16.800.000 денари за изградба и за реконструкција на локални патишта и на улици, локалните власти, за деветте месеци од годинава, за тоа потрошиле само четири милиони денари.

Зошто не ги исполниле ветувањата што им ги дале на граѓаните и каде се парите предвидени за изградба на овие патишта?