!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Неисправна водата за пиење од јавните чешми во Лениште и на Плетвар


Прилеп, 30 ноември, 2017 - 16:08 (META) 

Одделот за хигиена на Центарот за јавно здравје информира дека јавните чешми во Лениште и кај ресторанот „Че“ на Плетвар немаат исправна вода за пиење, соопшти денеска Општина Прилеп.

Според препораките на медицинските стручњаци од одделот за хигиена, пред употреба водата задолжително треба да се преврива 10 минути.

„Овие чешми се во надлежност на Општина Прилеп, а не на Јавното претрпријатие „Водовод и канализација“. Општината ги известува месните заедници на овие населени места да ги информираат жителите да ги следат препораките на Центарот за јавно здравје“, стои во соопштението.


Кривични пријави за вработени во Општина Прилеп за незаконско легализирање деловен простор


Прилеп, 24 октомври, 2017 - 15:49 (META) 

Кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување поднела полициската станица од Прилеп, против раководителот на секторот за урбанизам во Општина Прилеп, како и против уште четворица вработени во Општината, еден геометар и директорот на „Пелагонија турс“ од Прилеп, поради незаконска легализација на деловен објект, соопшти МВР.

Пријави добиле И.К. (61), раководител на сектор за урбанизам во Општина Прилеп, И.Ч. (66), раководител во одделение за урбанизам во Општина Прилеп, како и К.Б. (60), член на комисија за утврдување на фактичка состојба на лице место во постапки за легализација и Б.В. (62), исто така член на комисијата. Пријавен е и С.К. (61), управител на ДОО ,,Пелагонија турс“ Прилеп, како и П.И. (50), геодет, вработен во ГПС ,,Премер“ ДООЕЛ Прилеп.

Според полицискиот билтен, првопријавениот И.К., од 25 август 2011 година до 22 ноември 2013 година, во договор со другите пријавени, презел дејства за легализација на деловен објект кој не можел да биде предмет на постапување во согласност со Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти. Со тоа пријавените овозможиле „Пелагонија турс“ ДОО Прилеп да стане сопственик на деловен  простор на приземјето од станбено-деловна зграда на улицата Маршал Тито во Прилеп, со што го оштетиле буџетот на Република Македонија за 7.995.000 денари (130.000 евра).


ДИК отфрли еден приговор на ВМРО-ДПМНЕ, друг предизвика жестока дискусија


Скопје, 19 октомври, 2017 - 13:39 (META) 

Државната изборна комисија денеска едногласно го офрли приговорот на ВМРО-ДПМНЕ, со кој партијата бараше да се поништи гласањето на две избирачки места во Прилеп, поради тоа што копиите од записниците не одговарале на оригиналот.

ВМРО-ДПМНЕ ги достави копиите со приговорот, а ДИК откако го провери ориганалот од општинската изборна комисија, заклучи дека копиите и оригиналите не се еднакви, но процени дека тоа не е причина за поништување на гласањето на двете избирачки места во Прилеп.

Остри дискусии се одвиваа помеѓу членовоите на ДИК за вториот притвор од ВМРО-ДПМНЕ, кој се однесува на гласачкото место 2806/1, во скопската општина Центар, каде според партијата, гласањето терба да се поништи затоа што во кутија биле најдени 352 ливчиња, а во избирачкиот список има 351 потпис.

Членовите на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева и Сашо Срцев, тврдеа дека станува збор за нерегуларност и дека гласањето мора да се поништи, додека членовите на ДИК од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев, сметаа дека станува збор за ситен пропуст кој не влијае на регуларноста.

Како што беше кажано на седницата, гласач во општина Центар не ги зел гласачките ливчиња за совет и за градоначалник на општината, туку ги зел само ливчињата за совет и за градоначалник на Град Скопје, поради што одбил да се потпише.

За да се расчисти ситуацијата, на барање на членовите на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, но и на членовите од експертскиот дел, Комисијата го побара целиот гласачки материјал од тоа избирачко место, за да направи увид и да донесе заклучок за состојбата.

Главна забелешка за приговорот за избирачкото место 2806/1 од Дума и од Милев беше дека приговорот е и технички и суштински несоодветен, оти ВМРО-ДПМНЕ прво направила техничка грешка и од партијата навеле дека се работи за приговор за општина Прилеп, а не за општина Центар, а потоа и дека не е напишано во кои кутии е најдено ливчето што е вишок и за тоа побараа да се отфрли приговорот. На ова реагираше Невенка Стаменковска, претставник на подносителот на приговорот – ВМРО-ДПМНЕ, која рече дека станува збор за нерегуларност и дека ДИК и по службена должност би морала да решава за оваа ситуација.

Неа ја поддржа Бонева, по што следуваше полемика меѓу Бонева и Милев, во која се уфрлаа и другите членови.

По паузата, којата беше дадена за да се донесе гласачкиот материјал од избирачкото место во општина Центар, ДИК продолжи со седницата, на која се разгледуваат и се одлучува по приговорите за изборниот процес на локланите избори што се одржаа во неделата на 15 октомври.


Судот го отфрли обвинението против адвокатот Стеваноски и за графитот „Кај ви е хилтата?“


Прилеп, 3 февруари, 2017 - 12:46 (META) 

Основниот суд Прилеп го отфрлил и второто обвинение против адвокатот и еден од водачите на „Шарената револуција“ во градот, Жарко Стеваноски, поради испишувањето на графитот „Кај ви е хилтата?“ на асфалтот пред старата зграда на Општина Прилеп на 18 мај минатата година, пренесува порталот „Публикум“.

Прилепската полиција го товареше Стеваноски дека графитот што го испишал на асфалтот имитирал, односно личел на сообраќаен знак и со тоа ги збунувал и им го одвраќал вниманието на учесниците во сообраќајот.

Пред еден месец прилепскиот суд го ослободи Стеваноски од прекршочна одговорност и за графитот „Че си лежите“, испишан, исто така, за време на протестите на „Шарената револуција“ во Прилеп.

Прилепската полиција против Стеваноски има поднесено уште четири пријави, кои, како и претходните две, се поради наводно сторен прекршок по член 191 од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.


Вработените на „Гентерм“ на протест во Прилеп


Скопје, 26 декември, 2015 - 10:24 (META) 

Во знак на револт, поради тоа што не им ги продолжиле договорите за работа, вработените во „Гентерм“ ќе протестираат денеска во 14 часот пред зградата на Општина Прилеп.

По тврдење на една од вработените, која добила такво решение, се огласија повеќе вработени во оваа фабрика, инаку американска инвестиција, која наводно треба да почне со работа напролет.

Според официјалното објаснување од менаџментот на „Гентерм“, тоа што не им се продолжени договорите на вработените се должи на фактот што сè уште не биле создадени услови за работа.

Компанија, според најавите, требаше да отвори вкупно 2.000 работни места.


Прилеп: Дом за стари лица како дом за казненици


Прилеп, 21 декември, 2015 - 11:11 (META) 

Замрзнатата и блокирана сметка ги остави без греење, без доволно храна и грижа 128 станари во Домот за стари лица во Прилеп.

На штитениците, кои и самите плаќаат за услугите, им се закануваат извршни решенија за наплата на долгови.

Анализите покажуваат дека, всушност, Домот за стари лица и последните две години трошел многу повеќе отколку што приходувал, а при тоа бројот на лица ангажирани и од самофинансирачки активности останал ист!

Штитениците, семејствата и граѓаните не знаат каде исчезнуваат народните пари што се влеваат на сметката на домот?


И пред Општина Прилеп засадени палми


Прилеп, 22 мај, 2015 - 20:15 (META) 

Освен во Охрид, попладнево беа засадени пет од вкупно 10 палми, во паркот на Методија Андонов – Ченто, во Прилеп, покрај општинската зграда на Општина Прилеп.

Поголем број граѓани на Прилеп љубопитно застануваа пред зградата на Општина Прилеп изненадени од глетката, меѓусебно коментирајќи го новитетот.

– Не можам да се изначудам што гледам. Не знам кому му требаше ваква глупост? Улиците во градот се раскопани со „кратери“, пешки не се поминува по нив, камоли, пак, со автомобил. Онде на плоштадот ја туркаат фонтаната за која до пред некој месец се фалеа дека била една од најубавите во државата. Народот живее во страшна сиромаштија, а нив ги фатил бесот и се расфрлаат со наши пари. Навистина не знам што повеќе да речам освен да прашам дали некогаш на ова лудило ќе му дојде крајот – ни изјави пензионерот Блаже Стојаноски.

Во обид да дознаеме нешто повеќе за палмите кои утринава пристигнаа во Прилеп, контактиравме со директорот на Јавното претпријатие за урбанистичко и просторно планирање, Бане Нешкоски, кој во одговорот ни посочи дека палмите стигнале во Прилеп како донација на Општината од Министерството за шумарство и водостопанство, во рамките на нивниот проект кој опфаќа засадување по 10 палми во секој град во Македонија.

Останатите пет палми ќе бидат засадени во текот на утрешниот ден.

Б.Б.