Советот на Општина Битола референдумот за мигрантите го закажа за 15 октомври


Битола, 4 септември, 2017 - 17:47 (META) 

Со 15 гласа „за“ и со 9 „против“, Советот на Општина Битола денеска ја изгласа одлуката за распишување референдум на кој битолчани ќе го искажат својот став околу нацрт-стратегијата за мигранти.

Жестока дебата се отвори за датумот на одржување на референдумот. Опозицијата имаше предлог референдумот да се одржи на 1 октомври, меѓутоа владејачкото мнозинство во битолскиот совет не го прифати предлогот и реферндумот ќе се одржи на 15 октомври, на денот на локалните избори.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, ненајавено се појави во Советот на Општина Битола за време на дебатата за референдумот.

Таа во изјава за медиуми рече дека ВМРО-ДПМНЕ лаже и шири ксенофобија.

– ВМРО-ДПМНЕ лаже, шири ксенофобија и лажни вести. Ниту ќе се населуваат бегалци во Македонија, ниту се градат станови во Македонија. Нека кажат со кој документ владата се обврзала да потроши финансиски средства или направила проектни документи за изградба на станови. Референдум на истиот ден на локалните избори не смее да ни се случува зашто тоа е нарушување на процесот на избор на градоначалник или градоначалничка на Битола – рече Царовска.


Да не дозволиме фашизмот да се повтори, порача Шчербак од Битола


Битола, 7 мај, 2017 - 21:51 (META) 

„Цела Русија го слави Денот на победата над фашизмот (9 мај), кој го нарекуваме „празникот со солзи на очите“, истакна амбасадорот на Русија во Македонија, Олег Шчербак, вечерва на плоштадот Магнолија во Битола.

Високи претставници на Руската Федерација во Македонија, гости и граѓани на Битола присуствуваа на свеченоста по повод одбележување на 9 мај.

„Нашата задача е на фашизмот да не му дозволиме да се повтори, да ги памтиме горчливите лекции од Втората светска војна, да не дозволиме ревизија на нејзините резултати и подмолните обиди да се изедначат освојувачите и ослободителите, џелатите и жртвите“, изјави Шчербак.

Во првите редови на свеченоста беше рускиот бизнисмен, почесниот конзул на Руската Федерација во Битола, Сергеј Самсоненко, почесниот конзул Велимир Стојковски, а од градот домаќин руските пријатели единствено ги пречека митрополитот Петар.

На свеченоста не беше присутен битолскиот градоначалник, Владимир Талески, а немаше ниту еден претставник од Општината, иако на самиот крај од својот говор амбасадорот Шчербак не заборави да ги поздрави сите вработени во Општина Битола.


Овоштарите од Битолско имаат и до сто проценти штети


Битола, 25 април, 2017 - 15:19 (META) 

Од 50 до 100 проценти се штетите во Битолско-пелагонискиот Регион што ги предизвика мразот врз овошките и врз лозовите насади, потврдуваат од подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Битола.

Од неделата до сега, екипи на подрачното министерство извршиле увид во Битолско, Могила и во Кукуречани, при што утврдиле дека земјоделците се соочуваат со големи штети по родот. Веќе се формирани пет комисии во овој регион за постапување по пријавите на земјоделците.

– Најголеми се штетите кај јаболката, крушите, лозјата и кај вишните. Им кажавме на земјоделците да ги пријават штетите кај комисиите, бидејќи има големи последици по родот, и на индивидуалните земјоделци и кај насадите на ЗК „Пелагонија“ – вели Илија Србиновски, подрачен раководител на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Битола.

Битолската опозиција, пак, денеска побара вонредна седница на Советот на Општина Битола, на која ќе се расправа за штетите што ги претрпеа земјоделците од студот и од мразот.


Каменоломот кај Битола не доби Б-интегрирана еколошка дозвола за работа


Битола, 28 март, 2017 - 11:11 (META) 

Новиот рудник за гранит на Билбил Камен над Битола не успеа да ја добие Б-интегрираната еколошка дозвола за работа. Од Општината Битола за „Мета“ потврдуваат дека каменоломот сè уште ја нема оваа дозвола за ископ на руда.

Вчера бил последниот ден кога требало да се издаде потребната дозвола. Рудникот е во близина на магистралниот пат од Ресен за Прилеп, кој минува преку Битола и е на 800 метри оддалеченост од најблиската населба. Битолчани беа загрижени дека со отворањето на новиот рудник дополнително ќе се зголеми загадувањето на градот, во чија близина се наоѓа РЕК Битола.

– Каменоломот сè уште нема Б-интегрирана дозвола за работа. До нас пристигна допис од Комисијата за животна средина, да се преиспита дозволата за работа на коменоломот и да не се издава еколошката дозвола сè додека не се изјаснат Министерствата за животна средина, Министерство за економија и Министерството за транспорт и врски – изјави Љубо Атанасовски, советник за животна средина во Општина Битола.

Членовите на Комисијата за заштита на животна средина во Советот на Општината, и од власта и од опозицијата, овојпат, како ретко досега, застанаа на иста страна и побраа да се преиспита целата работа со ископот на руда во каменоломот.

– Ние, како комисија, едногласно, и членовите од власта и од опозицијата, побаравме објаснување од одредени министерства за понатамошната работа на каменоломот. Дали концесијата ќе се обнови или не, не знам, но мора да ни се даде појаснување за работите – вели претседатката на Совет на Општина Битола, Силвана Ангелевска.

Уште со отворањето на каменоломот, опозицијата обвинуваше дека целата постапка за добивање на концесијата е целосно нетранспарентна и недостигаат голем број одговори за неа.

– Задоволни сме со дел од одлуката на Комисијата за животна средина, затоа што ова овозможува почиста животна средина за битолчани, но сме несреќни што оваа работа се одолжуваше две-три години, бидејќи тогаш истата оваа власт беше глува на проблемот со загадувањето, за нив не постоеше каменоломот над Битола и опосноста од загадувањето. Сега сакаат да се додворуваат на битолчани и да кажат дека се грижат за нив и за нивното здравје, наспроти бизнис-интересите на поединци од власта – рече Горан Козаров, советник на СДСМ.

Рудникот е во сопственост на „Стентон градба“, од каде, по критиките на јавноста за последиците од загадувањето, минатата година, преку писмено соопштение одговорија дека се запазени сите законски процедури за отворање на рудникот и дека ископот на руда нема да ја загади околината.


Битолските советници се скараа за тоа кој прв предложил мерки за загадувањето


Битола, 27 декември, 2016 - 12:10 (META) 

Денешната расправа во Советот на Општина Битола за справување со загадувањето, од самиот почеток наликува на пародија. Власта и опозицијата се впуштија во дуел за тоа кој прв предложил мерки против аерозагадувањето.

Откако советничката на ВМРО-ДПМНЕ, Олга Лозановска, излезе да ги образложи краткорочните и долгорочните мерки, нејзината колешка од опозицијата, Наташа Петровска од СДСМ, веднаш се побуни.

– Кој беше предлагач за оваа точка на дневен ред? Јас бев таа што ја побара оваа точка. Коректно е јас прва да ја образложам – рече Петровска од СДСМ.

За реплика се јави советничката Лозановска, која на говорницата излезе со тефтер и рече дека таа прва ги подготвила мерките.

– Тврдам дека се јавив кај претседателката дека и јас подготвував мерки за загадувањето, ги спремив, ама таа беше во Белград. Потоа јас бев дежурна на работа – се правдаше Лозановска.

Претседателката на Советот, Силвана Ангелевска, се обиде да ја смири ситуацијата, убедувајќи ги советниците дека „тука се сите за иста цел“.

– Сигурно дека нема некој помалку или повеќе загрижен. Сите сме загрижени за загадувањето – рече Ангелевска.

Инаку советниците од власта предложија речиси исти мерки против аерозагадувањето во Битола како тие од опозицијата, со дополнување дека ќе се субвенционираат возачите да стават плин во автомобилите, а домаќинствата, наместо на дрва, да се греат на пелети, за што предлагаат со анкета по домовите да се истражи кој како се грее.

Од вчера во Битола почна акцијата за прскање калциум магнезиум ацетат по сообраќајниците, како една од превентивните мерки за намалување на загадувањето на воздухот.


Битолскиот Совет ја одложи расправата за мерките против загадувањето


Битола, 23 декември, 2016 - 12:58 (META) 

Советниците во Советот на Општина Битола денеска се откажаа од расправата за донесување краткорочни мерки против загадувањето во Битола, иако градот со денови е меѓу најзагадените во земјата. Опозицијата предложи неколку конкретни мерки, но советниците од власта инсистираа да се повикаат стручњаци и подетално да се подготват материјалите за расправа во вторник, за кога е закажано продолжението на седницата.

Опозицијата предложи итни мерки за регулирање на режимот на сообраќај во центарот на градот во денови кога загадувањето е најголемо, организиран транспорт на учениците, дури и за оние кои не се опфатени со бесплатниот школски превоз, потоа ослободување од работа на бремените и на хронично болните лица, како и скратено работно време за работниците што работат на отворено.

На седницата на Советот освен краткорочни, беа предложени и долгорочни мерки.

– Од буџетот за 2017 година, да се издвојат 20 милиони денари за почнување постапка за инфрастуктурно уредување на градска гасоводна мрежа и за изработување проектна документација за гасификација на градот. Ако сте биле искрени во вашите намери и политички ветувања за гасификација, мора да почнеме со решавање на овој горлив проблем – рече Нашата Петровска од СДСМ.

Советниците од власта сметаа дека загадувањето е глобален проблем и дека битолската локална власт презела сè што е потребно за подобрување на квалитетот на воздухот.

– И ние не сме имуни на тоа, и ние сакаме да дишеме чист воздух и затоа сè што било во наш домен сме направиле. Затоа бараме в понеделник да се состане комисијата за екологија и да ги разгледа краткорочните мерки што може да се преземат, така што оваа точка да остане за наредниот вторник- рече Соња Трпезановска, советничка од ВМРО-ДПМНЕ .

Со денови наназад мерните станици во Битола покажуваат високо ниво на загаденост на воздухот, воздухот мириса на сулфур, а сè повеќе битолчани надвор излегуваат со маски на лицето.


Општина Центар не се откажува од прославата поради склучените договори со изведувачите


Скопје, 22 декември, 2016 - 16:40 (META) 

Општина Центар нема да ја откаже прославата за дочек на Нова година на Сквер Јадран, поради веќе склучените договори со артистите, информираше градоначалникот на општината, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека покрај забавниот дел, настанот ќе има и хуманитарен карактер, со тоа што секој граѓанин и фирма ќе можат да донираат за граѓаните од најранливите категории.

Жерновски истакна дека правниот тим на Општината ги разгледал договорите со изведувачите што треба да настапат на прославата и заклучил дека нивното раскинување ќе предизвика сериозни финансиски последици.

– Заради откажувањето на настапите, ќе треба да ги исплатиме парите во целост, без разлика што изведувачите нема да го одржат новогодишниот настан. Ова е нелогично и нема да донесе никаква придобивка. Можноста да се пренаменат тие средства за идејата што постои и која ја разбирам апсолутно, сега е исклучително тешка. Дел од граѓаните се за тоа да се откаже концертот поради иницијативата, а дел се за тоа да се одржи новогодишниот концерт. Од тие причини, успеавме да најдеме едно компромисно решение. Од денеска, тој новогодишен настан нема да има само забавен, туку ќе има и хуманитарен карактер, затоа што тоа ќе се претвори во донаторски проект, каде што сите граѓани и фирми ќе можат да донираат за оние категории граѓани кои се најранливи – рече Жерновски.

Тој додаде дека први што потврдиле дека ќе донираат биле самите изведувачи, кои, како што рече Жерновски, ќе издвојат 600.000 денари (околу 10.000 евра, н.з.) од својот хонорар за настапот.

– Очекувам овој пример да го следат и граѓаните. На самиот настан ќе може секој да донира пари, а активностите и можностите за донирање ќе ги објавиме во следните денови. Верувам дека на крајот ќе дојдеме до висока сума средства, која би била блиску до таа што Општината ја издвојува за организација на самиот настан – рече Жерновски.

Инаку, Град Скопје и Оштина Битола веќе ги откажа прославите за Нова година на централните градски плоштади, а парите наменети за нив ќе ги пренаменат за хуманитарни цели.

По најавата дека Град Скопје ќе ја откаже новогодишната забава на плоштадот и дека средствата ќе ги донира во хуманитарни цели, првиот човек на „Авалон продукција“, Бобан Милошески, на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека ќе го тужат Град Скопје и ќе бараат целосно да бидат исплатени сите трошоци. По ова од „Авалон продукција“ испратија и официјално соопштение, во кое се вели дека нема да го тужат Град Скопје ако сите инволвирани во проектот кои требаше да настапат за новогодишната ноќ сметаат дека не треба да бидат обесштетени.


И Битола ја откажа новогодишната прослава


Битола, 22 декември, 2016 - 14:23 (META) 

Општина Битола донесе одлука да ја откаже новогодишната прослава на плоштадот Магнолија и парите да ги пренасочи за хуманитарни цели.

Како што извести на денешната прес-конференција градоначалникот Владимир Талески, дваесетина дена размислувале како да постапат, по што денеска одлучиле прослава да има само за децата за кои ќе бидат одиграни четири детски театарски претстави, како и музичка забава.

– Парите наменети за новогодишната ноќ, најголем дел, ќе бидат насочени за Заводот за рехабилитација за деца со оштетен слух, како и за социјално погодени семејства – рече Талески.

Иако не прецизираше, тој напомена дека сумата што оваа година требаше да се потроши за прославата од општинскиот буџет изнесувала околу 1 милион денари.

На социјалните мрежи деновиве се појавија многу твитови за откажувањето на новогодишните прослави организирани од општините, меѓу кои и овој за Општина Битола.

Талески е еден од осомничените во случајот „Транспортер“, што го отвори СЈО и кој се однесува на злоупотреба на средства од општинскиот буџет за превоз на ученици.


Талески како во притвор да го кроел општинскиот буџет, обвинува битолската опозиција


Битола, 10 октомври, 2016 - 17:04 (META) 

Дали градоначалникот Владимир Талески три месеци во куќен притвор го кроеше ребалансот на буџетот? Каде е ветениот стадион, затворениот базен, фонтаните…? Ова беа само дел од низата прашања што советниците од опозицијата ги упатија до колегите од власта откако на седница на Советот на Општина Битола се најде ребалансот на општинскиот буџет.

Советничката во Советот на Општна Битола од ВМРО-Народна партија, Габриела Илиевска, денеска од говорницата му порача на Талески дека го чека нов притвор и дека тесна ќе му биде улицата Широка, алудирајќи на единственото појавување на битолскиот градоначалник по излегувањето од притвор, токму на асфалтирањето на оваа улица.

– Додека градоначалникот одмораше, дома го осмислуваше ребалансот? Сè што е напишано во него нема врска со реалноста. Еден капитален прокет не е направен, ниту стадион, ниту затворен базен, ниту фонтана, ниту асфалтирани улици. Талески е најголемиот срам за Битола и не можам да сфатам зошто од петни жили го браните. За жал, Битола ќе биде запаметена како град што имал само еден капитален прокет, а тоа е притворот на Талески – рече советничката Илиевска.

На нејзината изјава не останаа рамнодушни советниците од власта, кои возвратија со народни поговорки.

– Храброст е, а и не е храброст, туку лудост, она што е видливо да се оспорува, да се негира или, како што народот рекол, да се прави при очи слеп. Ете, токму тоа денеска опозицијата се обидува да го направи. Резултатите се видливи – рече советничката на ВМРО-ДПМНЕ, Виолета Ковачевиќ.

Советниците од опозицијата, пак, побараа Талески сам да дојде на седница и да каже како ги трошел и како мисли да ги дотроши народните пари.


Талески не се откажува: Техничкото училиште ќе го распише тендерот за школскиот превоз


Битола, 19 септември, 2016 - 11:06 (META) 

Притворениот градоначалник Владимир Талески не се откажува од тоа тендерот за бесплатниот школски превоз во Битола, наместо од Општината, да биде организиран од средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ од Битола.

Тендерот најверојатно ќе го распише училиштето, а парите на превозниците повторно ќе им ги исплаќа Општината, од дотациите на Министерството за образование.

Денеска попладне училишниот одбор на техничкото училиште дефинитивно ќе одлучи дали ќе го прифати предлогот на Општината и ќе го отвори тендерот за бесплатниот школски превоз за 13 училишта во градот. Членови од училишниот одбор велат дека исто како и пред еден месец, нема расположение за прифаќање на овој предлог бидејќи Општината е таа што треба да прави јавни набавки за училиштата.

Директорот на средното техничко училиште, Драган Стојановиќ, за „Мета“ денеска изјави дека училиштето само ќе го распише тендерот, додека исплатата на парите ќе оди преку Општината.

– Исто како и досега, Општината ќе им плаќа на превозниците – рече Стојановиќ.

„Мета“ дојде до договорот што треба да го потпишат основните и средните училишта во Битола за организирање на бесплатниот школски превоз за учебната 2016-2017 година.

Во договорот се наведено дека врз основа на записникот од состанокот на директорите од основните и од средните училишта, формирана е комисија за јавна набавка и дека носителот на групната набавка, техничкото училиште, се обврзува технички, односно електронски да ја спроведе постапката на групната набавка, со помош на стручната служба за јавни набавки на Општина Битола.

Ако некое од училиштата се премисли и не го потпише договорот, тој ќе се смета за раскинат, за што ќе бидат известени градоначалникот Талески и Министерството за образование.

Градоначалникот Талески три месеци е во куќен притвор поради истрагата на Специјалното јавно обвинителство за сомнежи за криминал од 360.000 евра со тендерите за превозот на ученици.