!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Речиси две третини од општинскиот буџет на Аеродром за плати и за дотации


Скопје, 7 декември, 2016 - 13:30 (META) 

На вчерашната 59. седница на Советот на Општина Аеродром, беше донесен буџетот за 2017 година, кој изнесува околу 18 милиони евра и е сличен на годинешниот, се вели во соопштението на Општината.

Од него, 11 милиони евра се предвидени за дотации и за плати во основните училишта и во градинките и за општинската администрација. Остатокот, односно седум милиони евра, се планира за реализација на проекти и тоа едната половина за довршување на почнатите проекти во 2016 година, а другата половина на средствата за нови проекти предвидени за 2017 година.

„Буџетот за 2017 година се базира врз реалните приходи што ги очекува Општината. Ние сме една од ретките општини во Република Македонија што не се задолжени ниту денар и што ги сервисира редовно своите обврски врз основа на своите приходи, а не на кредити за реализација на проекти“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски.

Меѓу покрупните проекти опфатени во буџетот за реализација во 2017 година се изградба на нова детска градинка во Ново Лисиче, како и реализација на инфраструктурни објекти како изградба на комунална инфраструктура и асфалтирање на улици.


ЕЛЕМ го поништи тендерот за „Рајска градина“ во општина Аеродром


Скопје, 27 октомври, 2016 - 18:14 (META) 

Државната компанија „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) го поништи тендерот за избор на фирма за изградба на проектот „Рајска градина“ во општината Аеродром.

Денеска на интернет-страницата на електронскиот систем за јавни набавки беше објавено известување дека јавната набавка е поништена, а во образложението како прачина за нејзиното поништување е наведено дека „се поднесени прифатливи понуди кои не можат да се споредат поради различниот пристап во техничките или финансиските понуди“.

Засега нема информации дали и кога ќе се објави нов тендер за реализација на проектот „Рајска градина“.

„Јавната постапка за избор на изведувач за изградба на Рајски парк е поништена поради процедурални причини. АД „Електрани на Македонија“ нема финансиски импликации кон други субјекти повразни со овој предмет, а низ органите на компанијата дополнително ќе се одлучува за понатамошните активности и за идниот статус на проектот“, велат од ЕЛЕМ, пренесува „Телма“.

Идејата за изградба на рајска градина во општината Аеродром, која треба да се простира на површина од 15 хектари и ќе чини 14 милиони евра, во 2012 година ја најави тогашниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Идејното решение, кое го изработи фирмата „Архитектоника“, беше избрано од Општина Аеродром, а ЕЛЕМ во март годинава доби задача да го спроведе тендерот за избор на фирма што ќе го гради паркот.

Рајската градина, според проектот, треба да има декоративни елементи во стилот неокласицизам, павилјон, летниковец, статуи и скулптури во фонтани.

Проектот „Рајска градина“ предизвика реакции кај опозицијата и граѓанските организации кои бараа тој веднаш да биде запрен.


Мали „мајки терези“ собирале пари за децата од поплавените подрачја!


Скопје, 16 септември, 2016 - 16:53 (META) 

Мали деца од општината Аеродром облечени како Мајка Тереза собирале пари за училишен прибор за децата од поплавените подрачја во Скопје.

Настанот се одржал пред Спомен куќата на Мајка Тереза, по повод нејзиното прогласување за светица, како и по повод Светскиот ден на милосрдието.

На фотографиите кои Општината Аеродром денеска ги објави на својата интернет страница се гледа дека децата и воспитувачките се облечени како Мајка Тереза, наредени во круг, а пред нив бела лента на која граѓаните оставале ситни пари.

Овие фотографии на социјалните мрежи предизвикаа низа реакции.


„Скопје 2014“ продолжува со „Рајска градина“


Скопје, 1 јуни, 2016 - 16:26 (META) 

Реплика на Милоска Венера, антички ликови, лавови и грифони ќе ја красат „Рајската градина“ во општина Аеродром. Зад идејното решение е фирмата „Архитектоника“ која заедно со главниот проектант, Жарко Чаушевски, стои зад повеќе „барокни“ зданија во Скопје, објави „Призма“.

Декоративни елементи во стилот на неокласицизам, павилјон, летниковец, статуи и скулптури во фонтани се предвидени да го красат најавениот парк во општина Аеродром, илустративно именуван како „Рајска градина“.

Управител на „Архитектоника“ и главен проектант е Жарко Чаушевски кој освен објектите на архитектонското биро, потпишува и голем број фасади во централно градско подрачје. Зад идејното решение на паркот, освен Чаушевски, се потпишува и Филип Богатинов и Македонка Чаушевска, сите дипломирани архитекти.

Паркот ќе се гради со пари на Општина Аеродром, која предвидела дека цената на проектот ќе се движи околу 14 милиони евра, колку што е проценетата вредност на тендерот, и дека „Рајската градина“ треба да биде готова во рок од две години.


Скопје: Наши пари за нивни скапи проекти и за политички поени


Скопје, 26 декември, 2015 - 9:00 (META) 

Три проекти на три скопски општини ги обединува едно –  сите имаат првенствено декоративна функција.

Паркот на езерата во Аеродром, Боемската улица во Центар и плоштадот Делфина, иако во различни општини, имаат заеднички именител – висока цена и постојано фалење со тоа зошто и колку многу наши пари потрошиле нивните ментори.

Општините во Скопје во последниве години вложија многу пари во разубавување на јавните простори, па се трошат стотици илјади, па дури и милиони евра за тоа кој ќе направи поубав, но и поскап плоштад, парк или пешачка зона.

Но, дали ако се има пари, тие мора да се потрошат?


Протест пред Општина Аеродром поради загадувањето


Скопје, 22 ноември, 2015 - 11:39 (META) 

Педесетина граѓани денеска се собраа пред седиштето на Општина Аеродром да протестираат против големото загадување и да побараат локалната самоуправа да преземе соодветни мерки за да се заштити здравјето на граѓаните.

Игор Новески, координаторот на граѓанската иницијатива „Стоп за смрдеата во Аеродром и Ново Лисиче“, рече дека се загрижени за состојбата во целата земја и бараат властите на централно и на локално ниво повеќе да се заангажираат и да го решат овој проблем.

– Тука сме да го изразиме нашиот револт и да побараме од Општината сите да вложиме напори за да се најде решение за ова ситуација. На средбата повикавме и претставници од Општина Аеродром, но како што можам да забележам, тука нивни претставници сè уште нема – Новески.

Тој додаде дека граѓанската иницијатива побарала средба со општинската администрација, но сè уште немаат добиено никаков одговор. Од иницијативата најавуваат дека ќе продолжат да се собираат пред Општината и дека наскоро ќе почнат да дејствуваат и на други начини.