Кривична пријава за Тодоров поради несовесно работење при реконструкција на болници


Скопје, 3 април, 2018 - 11:01 (META) 

Управата за финансиска полиција (УФП) поднела кривична пријава за несовесно работење во службата против поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, и против П.В., раководител на Единицата за спроведување на Проектот за реконструкција и доградба на објекти на јавните здравствени установи при Министерството за здравство.

Во пријавата до Основно јавно обвинителство – Скопје (ОЈО), УФП вели дека во врска со договор склучен во 2010 година со изведувачот Конструктор Инженеринг АД – Сплит, за градежни и градежно-занаетчиски работи за Општа болница Куманово, Општа болница Кочани и Општа болница Крива Паланка, дозволиле ненавремено и неквалитетно изведување на работите.

Според УФП, тие во 2011 година не се обиделе да ја наплатат банкарската гаранција од 3,81 милиони денари (речиси 62.000 евра), ниту пак побарале да се продолжи нејзината важност.

Потоа во 2012 година е раскинат договорот со хрватскиот изведувач и биле ангажирани нови изведувачи, кои ги довршиле почнатите работи и вршеле поправки.


Обвинителството ги истражува причините за смртта на родилката од Крива Паланка


Куманово, 16 јуни, 2016 - 13:38 (META) 

Основното јавно обвинителство Куманово почнало предистражна постапка за причините за смртта на 37-годишната родилка од Крива Паланка, која вчера починала откако ѝ се влошила состојбата по породувањето во кумановската општа болница, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Како што информираат оттаму, родилката вчера била донесена на одделението за гинекологија и акушерство во кумановската болница, каде по неуспешниот обид за спонтано породување, било одлучено породувањето да биде со царски рез.

„Изведувањето на царскиот рез течело нормално и на свет било донесено здраво машко дете. По будењето од анестезија, на родилката ѝ се влошила состојбата, по што итно е испратена во придружба на анестезиолог, анестетичар и медицинска сестра од интензивно лекување на скопските клиники. На Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) била примена и покажувала знаци на живот. Откако починала, била вратена во кумановската болница, по што бил известен јавен обвинител“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Телото на починатата родилка утрово е однесено на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, за обдукција.

На родилката ова ѝ била седма бременост, додаваат од обвинителството.