!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

МВР: Пријава за директорот на Клиниката за неврохирургија, зел поткуп од 1.000 евра


Скопје, 5 јуни, 2017 - 16:26 (META) 

Секторот за внатрешни работи Скопје поднел кривична пријава за примање поткуп против А.Ч. (57) од Скопје, лекар и директор на Клиниката за неврохирургија при Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“.

Според скопската полиција, А.Ч. на 26 мај од татко на 13-годишна пациентка директно побарал 1.000 евра за издавање потврда дека Клиниката за неврохирургија не извршува хируршка интервенција на каква што девојчето требало да биде подложено. На 30 мај директорот на клиниката ги зел парите, со образложение дека тие се парична награда за издадената потврда.

Таткото ја барал потврдата оти обезбедил пари за операција и за лекување на неговата ќерка во Германија, која не можело да се изврши без бараната потврда. Девојчето претходно било оперирано од осомничениот лекар.

Директорот на Клиниката за неврохирургија е уапсен, а при претресот во неговата канцеларија пронајдени се и одземени вкупно 24.890 евра, 4.477 американски долари, 2.250 швајцарски франци, 65 австралиски долари, 170 хрватски куни, 60 бугарски лева и 4.700 денари, односно повеќе од 31.000 евра. Бил направен и претрес во домот на А.Ч., каде биле пронајдени вкупно 9.750 евра, 10.000 денари и медицинска документација, за кои пријавениот немал доказ за потеклото.


Изведена првата операција за промена на пол во Македонија


Скопје, 3 јуни, 2017 - 14:14 (META) 

Тим врни лекари, предводен од проф. д-р Мирослав Ѓорѓевиќ од Србија, во клиничката болницата „Аџибадем Систина“ ја изведе првата операција за промена на пол во Македонија.

Хируршкиот зафат, по кој 33-годишен маж доби функционален женски полов орган, траела пет часа.

– Подготовките за оваа интервенција траеја повеќе од една година, во текот на која пациентот помина низ психолошка подготовка и хормонална терапија. По завршувањето на подготовките е направена промена на полот. Интервенцијата помина во најдобар ред, а пациентот моментално закрепнува. Во болницата ќе остане во наредните две недели колку што е потребно за да закрепне – изјави Ѓорѓевиќ.

Тој додаде дека за два-три месеци лицето ќе може да има нормални сексуални односи, но без репродуктивни можности.

Интервенцијата во живо ја следеа учесниците на првиот симпозиум за урогенитална хирургија, кој се одржува во организација на „Аџибадем Систина“ и на Центарот за генитоуринарна реконструктивна хирургија од Белград.

Инаку, станува збор за петти македонски државјанин што го сменил полот од машки во женски.


Во експлозија, повреден поранешниот грчки премиер Пападимос


Атина, 25 мај, 2017 - 19:51 (META) 

Поранешниот грчки премиер Лукас Пападимос е повреден во експлозија на писмо-бомба во неговиот автомобил во центарот на Атина. Поранешниот премиер е надвор од животна опасност. Експлозивниот материјал бил поставен во писмо адресирано до Пападимос и експлодирал при отворање, додека тој се возел низ градот.

Во експлозијата се повредени Пападимос, неговиот возач и еден член на неговото обезбедување од грчката Народна банка, кои биле со него во автомобилот.

Повредите не се сериозни по живот, но тројцата се префрлени во една од поголемите болници во Атина. Според информациите во Грција, Пападимос ќе биде опериран со цел, темелно да му бидат исчистени раните. Поранешниот премиер според информациите е повреден во делот на нозете, градниот кош и стомакот.

Благодарение на тоа што автомобилот бил блиндиран, експлозијата не предизвикала штети надвор од возилото.

Пападимос е поранешен заменик-претседател на Европската централна банка и поранешен технички премиер на Грција, кој за време на оваа функција беше главно воздржан од политички изјави и посветен на спроведување на мерките договорени со кредиторите.

Во Грција последнава година има зачестени напади на функционери, судии и официјални институции, а за поголемиот дел од нив одговорност презема терористичката организација „Огнени јадра“ како реакција против политиката на грчките влади во соработка со меѓународните кредитори. Неодамна писма со експлозивна содржина со грчки печат беа испратени и до неколку европски функционери.


Шестмина милитанти од Северен Кавказ убиени во Санкт Петерсбург и во Москва


Санкт Петерсбург, 17 август, 2016 - 18:21 (META) 

Четворица припадници на исламистичка група од Северен Кавказ денеска биле убиени во голема акција на руските безбедносни служби (ФСБ) во Санкт Петерсбург, јавуваат светските агенции.

Кратко по акцијата во Санкт Петерсбург, како што пренесува „Би-би-си“, во близина на Москва биле убиени уште две вооружени лица, за кои постојат сомневања дека се од Северен Кавказ, а кои претходно повредиле двајца сообраќајни полицајци.

Според информациите, руските безбедносни служби ја почнале акција во јужниот дел на Санкт Петерсбург, за апсење на осомничени кои биле на листата на барани лица поради можна вклученост во илегалните вооружени групи од Северен Кавказ.

Четворицата припадници на групата биле убиени при „размена на оган“ со безбедносните служби, во стан во Санкт Петерсбург, за време на акцијата.

Од ФСБ соопштиле дека операцијата била завршена и дека во неа немало повредени цивили, ниту припадници на полицијата.

Како што јавуваат агенциите, повеќе вооружени групи од Северен Кавказ се приклучиле на Исламска држава и се заканиле со одмазда кон Русија, поради воздушните напади во Сирија.


Вооружен маж се забарикадирал во ресторан во Германија


Сарбрикен, 7 август, 2016 - 13:02 (META) 

Вооружен маж денеска се забарикадирал во ресторанот „Дубровник“ во германскиот град Сарбрикен, јавуваат германските медиумите, додавајќи дека центарот на градот, каде се наоѓа објектот, е затворен поради полициската операција која е во тек.

Според полициски информации, првично се наведува дека лицето најверојатно е со психички проблеми и дека нема индиции дека станува збор за тероризам.

Исто така, полицијата смета дека осомничениот не држи заробеници, односно дека е сам во ресторанот и се обидува да преговара со него.

Вооружениот маж, наводно влегол во ресторанот целиот облеан во крв, но засега нема информации за што точно станува збор.

Според весникот „Билд“, тој втрчал во ресторанот „Дубровник“, кој се наоѓа во центарот на градот Сарбрикен, во југозападниот дел на Германија и почнал да вика сите да го напуштат објектот.


Пресување, балирање, дробење: Како се уништувала опремата за прислушување во МВР


Скопје, 30 март, 2016 - 15:08 (META) 

Незаконско формирање на комисија за попис, уништување на траги, конспиративно носење и уништување на опрема на отпади за старо железо, прикривања, фалсификување на документација, антидатирање на материјали во архивата на Министерството за внатрешни работи (МВР) се дел од работите што осомничените во случајот „Тврдина“ на СЈО ги направиле за да се ослободат од двата системи за прислушување вредни 10 милиони евра.

Целата операција, како што денеска на прес-конференција посочи обвинителката на СЈО, Ленче Ристовска, била поврзана со незаконското следење на комуникациии, а почнала кратко по пресудата на скопскиот Кривичен суд, од 25 февруари 2015 година, со која еден од осомничените во случајот „Пуч“, инаку вработен во Петта управа на УБК (каде што се системите за прислушување), е осуден на 3 години затвор, по претходна спогодба со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Во неа судот напишал дека незаконското следење на комуникациите „е вршено преку искористување на уредите за прислушкување и тонско снимање на техничките капацитети на средствата за следење на комуникации при Министерството за внатрешни работи“.

По ова првоосомничениот во „Тврдина“, началникот на Петтата управа, Горан Грујовски, почнал со спроведување на операцијата за уништување на опремата за прислушување „заради прикривање на други лица кои неовластено ги користеле системите за следење на комуникациите на УБК“ и за прикривање на трагите од криминалната акција. Сето тоа траело една година, односно од март 2015 до истиот месец во 2016 година.

  • Акцијата почнала со усна наредба на Грујовски до раководителите на организационите единици во рамки на Одделот за оперативно техничка поддршка на операции (Петта управа) да му биде доставено известување за состојбата на опремата на УБК. Наредбата, според СЈО, била дадена за да се покаже дека наводно има потреба за уништување на опремата за следење на комуникации, иако според пописот за 2014 година во УБК и МВР, не била утврдена потреба од такво нешто.
  • 11 март 2015 – Врз основа на известувањата кои ги добил, првоосомничениот (Горан Грујовски) до Одделот за координација при Управата доставил предлог за формирање Комисија за попис, расходување, ништење и бришење од евиденцијата и од листата на задолжување заради техничка застареност и нефункционалност на системите. За членови на комисијата предложил лица кои ракуваат со опремата која треба да се попишува, спротивно на член 8 став 2 од упатството за вршење на попис во МВР.
  • 16 март 2015 – Второосомничениот како началник на одделот за координација при УБК до Секторот за правни работи и управување со човечки ресурси во МВР изготвил и доставил предлог за формирање на комисијата за попис без прецизно да наведе и формулира што точно е задачата на комисијата и без да појасни дали барањето за формирање на комисија се однесува на конкретни системи и опрема или пак треба да се направи попис и да се уништат сите системи, средства и опрема во УБК. Од Секторот за правни работи иако укажале дека има недостатоците во предлогот второосомничениот не направил дополнување и појаснување за да го прикрие фактот дека предмет на уништување се системите за следење на комуникации .
  •  23 март 2015 – Поранешната министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, (третоосомничена во „Тврдина“) ја формирала  Комисија  без да ги има предвид одредбите од законските и подзаконските акти кои го регулираат начинот на постапување со класифицирани информации, без да има конкретен законски основ за формирање на комисија за ништење на средства и опрема, без да постои барање од сите организациони единици во Управата за безбедност и контраразузнавање согласно Упатството за вршење попис и без да изврши проверка дали предложените членови на Комисијата смеат да го вршат пописот и уништувањето на опремата.
  •  26 март 2015 – Комисијата почнала со пописот на системите и техничката опрема, но, само во Одделот за оперативно техничка поддршка на операции (Петта управа).
  •  27 март 2015 – Операторите со системот за следење на комуникации го исклучиле системот за следење на комуникации кој тогаш бил во употреба.
  • 28 март 2015 – Почнало товарењето на системите и опремата, меѓу нив и двата системи за следење на комуникации, кои  со камиони на МВР биле однесени во фирма, односно отпад за старо железо, каде покрај лица од фирмата и од комисијата, присуствувале и Грујовски, второосомничениот и четвртоосомничениот. Тој го организирал превозот на опремата и му дал налог на друго лице да го фотографира и снима уништувањето. Опремата била ставена под преса и уништена, а остатоците потоа биле балирани и оставени во отпадот, кој оттогаш до 3 април бил набљудуван од припадници на УБК, чиј идентитет засега е непознат.
  • 3 април 2015 – По налог на Грујовски дел од членовите на комисијата, отишле до отпадот, ги натоварале балираните остатоци од опремата и ги однеле на друг отпад, каде веќе уништените материјали повторно ги ставиле во дробилица за уништување.

За уништувањето на опремата комисијата направила записник, но досега истрагата на СЈО не пронашла докази дека тој извештај бил доставен до директорот на УБК и до министерот за внатрешни работи.

Фотографиите и видео-снимките од уништувањето на опремата, кои биле на ДВД, четвртоосомничениот ги уништил за да ги прикрие трагите.

  • 28 мај 2015 – Второосомничениот до секторот за финансиски прашања на МВР доставил допис за бришење на уништената опрема од листите на задолжување на УБК.

Од втората половина на 2015 година до средината на март оваа година осомничените продолжиле со криминалните активности за кои ги товари СЈО, овојпат со фалсификување на документацијата во МВР, за да го прикријат незаконското уништување на опремата.

Грујовски во овој период дал налог до началниците во УБК да направат известувања дека имало потреба од уништување на опремата и ја наговорил петтоосомничената во случајот, задолжена за документацијата во УБК,  известувањата да ги заведе во службените книги како да се изготвени во 2014 година, иако тие биле направени во 2015 и 2016 година.

Првоосомничениот во меѓувреме направил нов допис со лажни податоци, кои требало да покажат дека уништувањето на системите за прислушување било предвидено и датира порано од март 2015 година.

Овој документ, направен меѓу втората половина на 2015 и месец март, оваа година, петтосомничената го завела на крајот на деловодната книга за 2014 година, фалсификувајќи го датумот на дописот и архивскиот број.

  • 8 март 2016 – Четвртоосомничениот (во својство на заменик на Грујовски) фалсификуваните документи ги презентирал на состанок во УБК меѓу претставници на Управата и претставници на Специјалното јавно обвинителство.

Убиен вториот човек на Исламска држава


Вашингтон, 25 март, 2016 - 18:23 (META) 

Вториот човек во командната хиерархија на Исламска држава (ИД), Абдул Рахман Мустафа ел-Кадули, и уште неколку членови на раководството на милитантната исламистичка организација се убиени во Сирија, соопшти попладнево секретарот за одбрана на САД, Ештон Картер.

Тој, како што пренесува „Би-би-си“, рекол дека со смртта на Кадули, познат уште и како Хаџи Иман, и на другите високи членови на ИД, е нанесен сериозен удар на понатамошните операции на групата.

Картер во изјавата не дал никакви детали за смртта на Кадули.

Претходно „Ен-би-си њуз“, повикувајќи се на извори од одбраната на САД, објави дека Кадули бил убиен во вторникот оваа недела, во операција на американските специјални сили во Сирија.

Според информациите, првичната намера била Кадули да биде фатен жив, но ситуацијата ескалирала, по што тој и уште три лица биле убиени во акцијата.

Американските власти нудеа награда од 7 милиони долари за Кадули.


Детето што мајката го фрли од зграда, оперирано и стабилно


Скопје, 17 ноември, 2015 - 10:38 (META) 

Детето што вчера беше фрлено од балкон четвртиот кат од зграда во Хиподром, од својата мајка, е оперирано и се наоѓа во стабилна состојба, информираат од Клинички центар. Мајката, која подоцна се фрли, сè уште е во тешка состојба и е на интензивно лекување на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).

По падот шетгодишното дете доби скршеници на главата, по што се појавило крварење.

Вчера, по семејна расправија, околу 9.05 часот, 35-годишната мајка од скопската населба Хиподром почнала да се заканува дека ќе се фрли од балкон од четвртиот кат и дека ќе го фрли и своето дете, информираат од МВР.

Таа својот шестгодишен син го фрлила во 9.30 часот. Падот на детето бил ублажен од жиците за сушење алишта од подолните катови. Според полицијата, во 10.20 часот се фрлила и жената.


Чавушоглу: Турција и САД ќе започнат операција против ИД


Истанбул, 24 август, 2015 - 21:06 (META) 

Турција и САД ќе преземат „опширни“ воздушни напади против борците од Исламска држава во северна Сирија, долж границата со Турција, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу.

Разговорите меѓу Вашингтон и Анкара за деталите на планот се завршени во неделата и во операциите можат да учествуваат регионалните сојузници како Саудиска Арабија, Катар и Јордан, Велика Британија и Франција.

– Техничките разговори завршија вчера и наскоро ќе започнеме со опширни операција против ИД – рече Чавушоглу.

САД и Турција планираат да обезбедат воздушна заштита на сириски бунтовници кои се против Башар и кои Вашингтон ги проценува како „умерени“ со цел да ги протераат борците на ИД од пограничната територија во должина од околу 80 километри.

Пресекувањето на пристапот на ИД до турската граница преку која до сега пристигнуваа странски борци и храна би можело да значи пресврт.

Чавушоглу додаде дека со операциите ќе му се испрати порака на сирискиот претседател Башар ал Асад и ќе го зголеми притисокот на неговата администрација да започне преговори за да се пронајде политичко решение за војната во Сирија.


МВР: Разбиен најпопуларниот сајберкриминален форум „Даркод“


Скопје, 16 јули, 2015 - 14:07 (META) 

Во заедничка акција на полициите и на судските власти од повеќе земји од светот, меѓу нив и екипа на македонското Министерство за внатрешни работи (МВР), оваа недела бил разбиен сајберкриминалниот интернет-форум „Даркод“ и биле откриени лицата што стојат зад форумот и според сознанијата се товарат за напади со вируси, бот-мрежи и други спам-активности, информираат од МВР.

Операцијата била спроведена под водство на Федералното истражно биро на САД (ФБИ) со поддршка на Европскиот центар за компјутерски криминал на Европол, а во неа учествувале полициските служби од 20 држави во и надвор од ЕУ. Активностите и приведувањата биле координирани од команден штаб поставен во ФБИ, Питсбург, САД, и во Европол, во Хаг, Холандија, во кој биле и претставниците од Република Српска (БИХ), Кипар, Македонија, Данска, Финска, Германија, Летонија, Романија, Србија, Шведска и од Обединето Кралство.

Акцијата, според МВР, резултирала со 28 приведувања и со 37 претреси и огромен број одземени компјутери и компјутерска опрема.

„На сајберкриминалниот форум кога веб-страницата беше симната се појави завеса и беше поставен банер укажувајќи на тоа дека ФБИ, ЕСЗ и меѓународните партнери имаат контрола врз страницата. Ова го означува крајот на „Даркод“, најпопуларниот форум на англиски јазик од рангираните пет најдобри криминални форуми во светот. Пред повеќе години, 250 до 300 активни корисници на „Даркод“ формираа затворена заедница. Членството се стекнувало само со покана и по извршена проверка од доверлива личност на форумот. Популарниот сајберкриминален центар опфаќал размена и тргување со предмети и со услуги, вклучувајќи малициозни софтвери (malware), сајбер-напади што ги искористуваат маните на софтверот и пристап до компромитирани сервери“, стои во соопштението од МВР.

Во рамките на акцијата, во земјава, екипи на секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика на МВР извршиле претреси во домовите на две лица од Скопје и од Прибиштип, каде биле пронајдени и одземени повеќе компјутери, мобилни телефони и друга компјутерска опрема, која ќе биде дадена за вештачење заради, како што велат од МВР, обезбедување дополнителни докази.

Од МВР информираат дека кривична пријава била поднесена против М.Л. (25) од Штип, кој се товари дека со помош на софтвери дошол до банкарските податоци на странски државјани, од кои дел ги искористил за купување луксузна стока за себе, а дел ги продавал на други лица преку интернет-страници специјално креирани за таа намена.

Полицијата го сомничи штипјанецот дека на овој начин успеал да „заработи“ околу 83.000 американски долари и 71.000 денари.

„Македониските државјани опфатени со меѓународната акција се познати од претходно на македонската полиција и нивните активности биле предмет на истрага на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика“.