Закажување термин за лични документи од денеска и преку мобилен број


Скопје, 5 јуни, 2018 - 10:51 (META) 

Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска пушта во употреба мобилен број на кој ќе може дасе закажува термин за аплицирање за биометриски лични документи.

Заинтересираните закажувањето ќе го прават преку мобилниот број 072929292.

Инаку, другите можности за закажување се преку веб-страницата на МВР и преку фиксниот телефонски број 0800 192 92.

Од МВР велат дека на закажување термини работат 30 оператори.


Правата за реемитување програма судрија дел од кабелските оператори и телевизиите


Скопје, 11 април, 2018 - 9:32 (META) 

Правата за емитување и реемитување програма во земјата се уште се толкуваат на различни начини од различни центри, во зависност од тоа на која интересна група им припаѓаат. Најголеми се разликите меѓу националните телевизии на една и операторот „Телекабел“ на друга страна. Едните бараат затемнети телевизиски екрани и казни во случај кога операторот нема регулирано права за реемитување, другите ја префрлаат топката кај странските канали.

Пишува: Кристина Озимец – ПИНА

Авторските права за реемитување на програма скараа дел од кабелските оператори и националните телевизии. Проблемот го актуелизираа измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а дебатата започна да се води со јавни препукување преку медиумите. Познавачите велат дека прашањата за целиот корпус на авторско право и сродни права и емитувањето односно реемитувањето преку кабел или сателит е веќе регулирано во Законот за авторското право и сродните права. Овој закон е усогласен со две европски директиви во таа област, па затоа дел од експертите кои ги консултиравме сметаат дека предложените измени претставуваат непотребно дуплирање на законодавството и е одвишен.

Токму во пресрет на измените, Македонската Медиумска Асоцијација во која членуваат националните телевизии „Телма“, „Канал 5“, „Сител“, „Алсат-М“ и „Алфа“  неодамна го обвини кабелскиот оператор „Телекабел“ и телевизијата „24“ за недозволена медиумска концентрација, како и за ставање на страна на интересите на кабелските оператори, а не на страната на медиумите. Според нив, во актуелниот закон кабелските оператори немаат речиси никаква одговорност за содржината која ја реемитуваат. Велат дека за сите повреди на авторските права, операторите се прогласуваат за ненадлежни и бараат одговорноста да се бара кај каналот, наместо кај нив.

Тие сметаат дека кабелските оператори треба да бараат потврда од сите канали кои ги реемитуваат за тоа дека ги регулирале правата за Македонија, да ги уредат односите со странските канали и секој вид на содржина за која немаат авторско право во Македонија да биде затемнета или да не се емитува. Ваквите промени директно би ги почуствувале и гледачите кои ги користат услугите на кабелската телевизија.

Директорот на телевизија „Телма“, Атанас Кировски, за ПИНА вели дека телевизиите одговараат за програмата што ја емитуваат, а нивните управители сносат кривична одговорност, за било каква повреда на авторско право.

Кабелските се загрижени дека ако се регулираат авторските права, дел од каналите кои ги реемитуваат ќе треба или да ги укинат, или одредени содржини да ги емитуваат со затемнета слика. Нема смисла да се бара домашните телевизии да ги почитуваат авторските права и за евентуално прекршување на сносат кривична одговорност, а странските канали и оние што ги реемитуваат, да немаат никаква одговорност. Македонските телевизии бараат да не бидат дискриминирани во сопствената држава и правилата на игра што важат за нив да важат и за другите – вели Кировски.

Според него, кабелските оператори постојано реемитуваат серии, филмови и спортски настани за кои националните телевизии ги имаат откупено правата и заради недореченоста во законската регулатива, операторите досега немаат изгубено ниту еден судски спор.

atanasПоследен пример се скапо платените авторски права за ракометното првенство во Хрватска, за што Телма ги откупи ексклузивните права за територијата на Македонија. Операторите и за време на првенството ги пренесуваа РТРС, РТЛ и други канали без авторски права за тоа. Македонските телевизии не реемитуваат пиратски контент во Хрватска или Србија, природно е и ние истото да го бараме од нивните канали и од оние што го реемитуваат контентот – вели Кировски.

Принципот на затемнување функционира и сега, и тоа не само во Македонија, вели Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиумите. Доволно е носителот на правата за соодветната територија да побара такво затемнување во случаите кога за ист, на пример спортски  настан, правата за пренесување во различни држави ги имаат различни радиодифузери.

Прашањето е кој ќе ја има одговорноста да следи кој ги има обезбедено правата за емитување за различни територии? За заштитата на авторското право и сродните права начелно треба да се грижи носителот на соодветното право, или оној што ги обезбедил – откупил или изнајмил правата за одредена територија. Најдобар извор на таквите информации се носителите на правата, кои сигурно знаат кому се ги продале и за која територија. Од друга страна, не може да се бара затемнување на оние програми за кои не се откупени правата за емитување во Македонија. И двете директиви на ЕУ, всушност, како една од основните цели го имаат збогатувањето на понудата на програмски содржини на територијата на целата ЕУ (а во случајот на државите кандидати како што е Македонија, и кај нас) токму преку такво реемитување на програмски сервиси од странство преку кабелски/ИПТВ платформи или преку сателит. Инаку, ако, на пример Телма ТВ, ги обезбедила правата за Македонија за некаков голем настан како што е Европското првенство во ракомет, таа може да побара од надлежното регулаторно тело да им наложи на оператерите на кабелски или ИПТВ мрежи да ги затемнат оние странски канали во нивните каталози што ги имаат обезбедено правата за соодветните земји, во времето додека трае, во нашиот случај, ракометниот натпревар – вели Георгиевски.

„Телекабел“: Не можеме да одговараме за странски канали Од друга страна, од операторот„Телекабел“ имаат сосема спротивен став. Оттаму сметаат дека не постои никаков спор, туку се работи за наметната состојба од страна на петте национални телевизии. Нивниот став е дека тие како кабелски оператори не може да гарантираат за регулирани авторски права, за странски телевизии.

Во истиот став од законот стои дека доколку операторот реемитува странски канал, операторот под морална, материјална и кривична одговорност ќе гарантира дека странскиот канал ги има регулирано авторските права?! Како може ние да гарантираме за тоа дали Eurosport, CNN или Discovery регулирани авторски права? И кој фактор сме ние да бараме од нив такво нешто? Пративме иницијатива и забелешка за овој член, одржавме и една работна средба кај Министерот, и се надеваме дека правните служби ќе увидат дека се работи за неприменлив став“, вели Зоран Ристов од „Телекабел“.

Според него, за кабелски оператор да пушти еден канал било странски било домашен, мора да има договор за регулирани авторски права.

Тој договор потоа се доставува до АВМУ од каде ако се е во ред ни даваат Одобрение за реемитување. Па дури тогаш каналот можеме да го пуштиме. Затоа ни беше чудно што сака предлагачот на измените да постигне и која е целта на барање измени во член 143 од Законот за АВМУ. Телекабел во досегашното работење нема ни една пријава за нерегулирани авторски права, а такво нешто немаат ни поголемиот број од нашите колеги – додава Ристов.

Острината на изјавите и од двете страни говори дека сепак постои спор и несогласувања. Според адвокатот Валентин Пепељугоски, не се толку проблем предложените измени на законот, туку проблем е неговата примена бидејќи надлежните органи не вршат контрола туку се задоволуваат само со добивање на потврда од операторите дека ги регулирале авторските права.

Тие можеби склучиле договор со некој ТВ канал да го реемитираат, но тоа не значи дека ТВ каналот кој се реемитира ги поседува сите авторски права за сите настани. Ова особено го мислам за спортските и музичките настани, па дури и за некои филмови кои се блок бастери. Оваа појава масовно се случува а не е санкционирана. Исто така, телевизии со национална концесија си дозволуваат да емитираат програма за која немаат платено авторски права. И тука доаѓаме до проблемот што тие секогаш ќе ви покажат договор со некоја трета фирма од која наводно ја купиле програмата, но не од вистинскиот носител на авторските права. Заради тоа, мислам дека санкциите мора да бидат поостри – вели Пепељугоски.

Според познавачите, кабелските оператори, освен ако немаат свои „on demand“ услуги, не се јавуваат како страни во бизнисот со правата на емитување и реемитување на авторски дела. Институциите велат: Не сме судии Од Министерството за информатичко општество и администрација за несогласувањата меѓу дел од телевизиите и Телекабел велат дека нивната позиција не е да биде судија, или да бидат ставени на средина . „Тоа е несогласување помеѓу двете страни кои тие треба да го надминат. За ова прашање постои надлежен регулатор кој постапува согласно позитивната законска регулатива“, велат од министерството. Тие сметаат дека со измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ќе бидат целосно и доследно испочитувани  принципите за заштита на авторските права. Агенцијата за медиумите пак вели дека тие го уредуваат само прашањето во врска со регистрацијата на програмските пакети на операторите. Тие упатуваат на регулирање на правата согласно Законот за авторското право и сродните права, каде е уредена постапката и начинот на којшто се регулираат правата за реемитување. „Станува збор за комерцијален однос, уреден со договор помеѓу операторите и комерцијалните телевизии, а во кој однос Агенцијата нема никаква законска основа да се меша, туку тоа е слободна волја на субјектите кои склучуваат договор. Агенцијата само треба да констатира дека се уредени правата помеѓу двата субјекти, за што законодавецот утврдил дека ќе се спроведува преку доставување изјава заверена на нотар од страна на одговорното лице кај операторот, а со која се потврдува дека правата за реемитување се уредени.“, велат од АВМУ. Според Георгиевски од ЦРМ, Агенцијата има право дека се работи за комерцијален однос, во кој кабелските оператори ја имаат позицијата на моќ и можат да ги диктираат условите. Тоа се должи највеќе на високата (една од највисоките во светот) пенетрација на кабелската телевизија која, според податоците, изнесува можеби и цели 80 отсто (односно 80 отсто од околу 560 илјади домаќинства се поврзани и претпатени на услугите на некој од кабелските оператери.

Во таква ситуација, националните терестријални телевизии – телевизиите што емитуваат во етер, преку дигиталните терестријални мултиплекси – тешко можат да ја искористат инаку привилегираната позиција да имаат пристап до сите 100 отсто (или блиску до таа бројка) домаќинства, што би можеле да го валоризираат преку продажба на рекламен простор. Изгледа дека во моментов постои нерамнотежа на моќ во полза на кабелските оператори, и тие ги диктираат условите за реемитување на телевизиските канали на своите мрежи, понекогаш барајќи навистина високи суми за македонски услови за таквата услуга, често блиски до годишните надоместоци што емитерите веќе ги плаќаат за добивање на дозволите за емитување – вели Георгиевски.

Постапка за утврдување недозволена медиумска концентрација кај ТВ „24“

Покрај препукувањата за правата за програма, националните телевизии неодамна го обвинија „Телекабел“ и за недозволена медиумска концентрација. АВМУ неодамна покрена постапка за утврдување недозволена медиумска концентрација кај ТВ 24 Вести откако до Агенцијата биле доставени снимка од интервју на Роберт Димитров, сопственик на „Телекабел“, објавено на интернет порталот „Мактел“.

„Одредени негови изјави дадени во интервјуто укажуваат на можно постоење недозволена конентрација помеѓу оваа телевизија и Телекабел. Во тек е испитување на веќе обезбедените податоци и пробирање на дополнителни, за да се утврди дали постојат материјални докази за постоење недозволена медиумска концентрација“, велат од АВМУ. Се очекува институцијата деновиве да ги објави резултатите од постапката.

Во разговорот за овој портал, Димитров вели дека имал австриски партнер, познаник, кој ја има телевизијата на негово име, но признава дека Телевизијата за сите овие години е финансиски помагана од Телекабел.

„24 вести“, не е тајна, „Телекабел“ ја поддржува сите овие шест години иако работеше со минус, многу сум среќен што направивме бренд, пред се на кој граѓаните му веруваат и докажано е дека е под број 1 по доверба. Претходната власт можеби и правеше некои притисоци, не е тајна дека инспекцијата нон стоп доаѓаше и прашањата беа зошто се даваат позајмици. „Телекабел“ ја помагаше таа телевизија, со цел дека еден ден ќе работи позитивно и тие пари ќе ни се вратат – вели Димитров.

Од оваа компанија за ПИНА велат дека изјавите на Роберт Димитров биле извадени од контекст.

„Помеѓу „ТВ 24“ и „Телекабел“ не постои медиумска концентрација. Имаше една претставка од „Канал 77“ дека имало медиумска концентрација и по истата АВМУ од како изврши испитување, утврди дека нема медиумска концентрација. По одговорот, пак „Канал 77“ доставил претставка дека имало позајмици од „Телекабел“ кон „ТВ 24“ па АВМУ повторно отвори постапка за испитување на медиумска концентрација која е во тек. Очекуваме и овој пат АВМУ да утврди дека нема медиумска концентрација, имајќи ги во предвид нашите податоци кои се секогаш во рамките на законот“, велат оттаму.

Пред неколку дена „Телекабел“ имаше јавно препукување и со телевизијата „Канал 5“, откако ја известија јавноста дека ја исклучиле телевизијата од нивните пакети, бидејќи Договорот за реемитување кој го имале со „Канал 5“ бил истечен. Од „Канал 5“ пак тврдеа дека не е точно дека тие не го потпишувале договорот, туку дека операторот одбивал да го потпише договорот.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.


ААВМУ не може да избегне одговорност за медиумскиот хаос, велат од Владата


Скопје, 5 март, 2018 - 16:09 (META) 

Владата и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) вчера и денеска разменија остри забелешки за проблемите во медиумската сфера во изминатиот период, по обвинувањето од министерот Роберт Поповски во петокот дека Агенцијата со години не функционирала и не си ги вршела надлежностите, во контекст на реемитување странски програмски сервиси без авторски права.

ААВМУ вчера реагираше дека станува збор за „неаргументирани, паушални изјави чија намера е да се дискредитира работата на Агенцијата, а особено изненадува што тие се дадени од министер чија примарна задача треба да биде точно и аргументирано информирање на јавноста“.

Од ААВМУ велат дека операторите што реемитуваат програми мора да ги регистрираат во Агенцијата, а притоа доставуваат изјава под полна одговорност дека за реемитување на програмските пакети има уредено авторски и сродни права.

„Агенцијата редовно врши мониторинг врз кабелските оператори и доколку констатира дека некој оператор реемитува нерегистрирани програмски сервиси, на истиот му изрекува мерка и му наложува веднаш да ги исклучи програмските сервиси. Истовремено, Агенцијата ги известува имателите на правата, за да можат да покренат соодветна постапка против операторот, имајќи предвид дека Агенцијата нема можност да покренува судска постапка во нивно име“, стои во реакцијата од ААВМУ.

Во 2015 по таа основа агенцијата изрекла 62 мерки и покренала 23 прекршочни постапки, а пак во 2016 година изрекла 13 мерки без ниту една прекршочна постапка. Минатата година изрекла само шест мерки, повторно, без ниту една прекршочна постапка.

„Со оглед на фактот што обемот и бројот на спроведени надзори се на исто ниво во посочените години, значителното намалување на прекршувањата покажува само едно – дека Агенцијата обезбедува доследна имплементација на законот“, стои во реакцијата.

Владата на Република Македонија пак, денеска реагираше до АВМУ велејќи дека Агенцијата не може да избегне одговорност за медиумскиот хаос во изминативе години.

„Како регулаторно тело за медиумите во Македонија, АВМУ е директно одговорна за со години непречениот политички и финансиски диктат врз медиумите, нејасните и нерегулирани односи помеѓу операторите и медиумите, кршење на авторски права, итн. Агенцијата залудно се обидува да се скрие зад нафрлени бројки и статистики кои не дале никаков ефект за спречување на таквото безредие во медиумската сфера во земјава. Медиумското безредие беше константно премолчувано од надлежните институции, меѓу кои првоповикана да стави ред е АВМУ. Оттаму произлезе и потребата за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, стои во реакцијата од Владата.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Поевтин роаминг кон ЕУ не значи целосно бесплатен роаминг, вели Манчевски


Скопје, 23 февруари, 2018 - 15:50 (META) 

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на Саемот за мобилна технологија во Барселона ќе има средби поврзани со Дигиталниот самит во Скопје во април.

На Дигиталниот самит, една од најавените теми ќе биде и дискусијата за поевтин роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и земјите од Европската унија.

„Во Брисел сите европски оператори работат на оваа тема. Не знам дали конкретната телекомуникациска сообраќајна мапа ќе биде презентирана во Скопје или пак тоа ќе се случи еден месец подоцна во Софија. Планот со конкретни рокови и задачи, кој и што треба да направи за да се намалат трошоците за роаминг за сите граѓани на Западен Балкан спрема ЕУ, ќе произлезе од оваа мапа. Но, тоа не значи целосно бесплатен роаминг. Договорот за асоцијација и стабилизација што го имаме потпишано сите шест земји со Европска Унија тоа го забранува. Ќе има некаков трошок, но ќе биде симболичен“, рече Манчевски.

Тој додаде дека на овој начин ќе биде олеснета работата, односно државата нема да се убедува со операторите туку тоа ќе биде завршено преку Брисел.


Директорот на Агенцијата за следење на комуникациите (ОТА) ќе го избира Собранието


Скопје, 26 ноември, 2017 - 14:32 (META) 

Со новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) преку која ќе се врши следењето на комуникациите ќе раководи директор што ќе го избира и ќе го разрешува Собранието, стои во предлог-законот за новата агенција, кој наскоро треба да се најде пред пратениците.

Директорот, како што е наведено во законот, ќе се избира преку јавен оглас.

Неговиот мандат ќе трае пет години, без право на повторен избор.

Според членот 8 од законот, „функцијата директор се врши професионално и е неспоива со извршување на друга јавна фунција или функција во политичка партија“.

Директорот ќе доставува до Собранието годишен извештај за работата на ОТА за претходната календарска година, најдоцна до крајот на март во тековната година, а ќе има обврска, на барање на законодавниот дом, да доставува и дополнителни извештаи.

Во агенцијата ќе има три групи на работни места, односно раководители, стручни работници и оперативно-технички работници.

ОТА, која ќе биде независен и самостоен државен орган, ќе има задача да го активира сигналот и да им овозможи на органите овластени за следење на комуникациите пристап до податоците од комуникациско-информациските системи на операторите. Таа ќе ги координира операторите и службите овластени за следењето и ќе врши надзор врз операторите.

„За овозможување на непосредно активирање и техничко управување со мерките за следење на комуникациите, како и овозможување пристап до податоци од комуникациско-информациски систем, се основа Оперативно-техничка агенција како самостоен и независен државен орган“, стои во членот 2.

Како што е наведено во законот, овие одредби ќе почнат да се применуваат најдоцна до 1 ноември 2018 година.


Македонските тур-оператори продолжуваат со организација на аранжмани за Турција


Скопје, 22 јули, 2016 - 15:20 (META) 

Тур-операторите и туристичките агенции, членки на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, кои имаат веќе договорени туристички аранжмани за Турција, продолжуваат да ги организираат патувањата до понудените дестинации.

Ваква одлука синоќа донеле тур-операторите и туристичките агенции членки на Здружението при Комората, откако во Турција на 21 јули беше прогласена вонредна состојба која ќе трае три месеци.

Во дописот било наведено дека мерките за безбедност кои ќе се применуваат нема да влијаат на меѓународниот туризам и на воздушниот сообраќај.

– Потврдено е и дека сите странски гости што се наоѓаат и ги поминуваат своите летни одмори во туристички дестинации во Турција се сигурни. Во таа насока, по долги разговори и анализирање на состојбата, а во согласност со интересот на македонските граѓани за туристичките аранжмани, македонските тур-оператори донесоа одлука да продолжи организацијата на туристички аранжмани со авионски чартер-летови и пакет-аранжмани, во екот на летната туристичка сезона за Турција – се вели во соопштението на Стопанска комора.


Апсурд: Законски е да се прислушува преку мобилните оператори!


Скопје, 12 февруари, 2015 - 12:57 (META) 

Државата, со Законот за комуникации, а преку операторите, создаде можност за нелегално прислушување, тврди универзитетскиот професорор по безбедност и поранешен директор на Агенцијата за разузнавање, Владимир Пивоваров.

Според него, оваа можност произлегува од член од Законот кој вели: „Операторите се должни да ги обезбедат техничките услови за следење на комуникациите во нивните мрежи“.

Пивоваров тврди дека веднаш откако е донесен законот, операторите набавле опрема, а можност за прислушување имаат преку своите софтвери.

– Кога се носеше законот, јас бев против. Но, операторите се изземени од можноста за кривично гонење. За прислушувањето да биде легално, мора да има налог од јавен обвинител, прифатен од судот. Сè друго би било во рамките на недозволеното. Овие снимки што ги објави лидерот на опозицијата е можно да се снимаат само од нашите служби затоа што странец не би прислушувал толкава група луѓе. Како и да е, сепак, без операторите во Македонија, тоа не би било можно – изјави професорот Пивоваров за новинската агенција „Мета“.

Членот 175 од Законот за електронски комуникации (го користиме примерокот од Законот поставен на интеренет-страницата на Министерството за информатичко оштество и администрација, објавен во Службен весник на 25 февруари 2014 година, со лично убедување дека законите објавени на нивната страница се важечки и на сила), вели дека операторите се должни да ги обезбедат техничките услови за следење на комуникациите во нивните мрежи, во согласност со Законот за следење на комнукациите.

Опремата, според ставот 2 од членот 175, наложува операторите сами, на сопствен трошок, да ја обезбедат и одржуваат опремата, соодветниот интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до надлежната институција (орган) овластен за следење. За опремата, операторите се должни да побараат техничка спецификација од надлежниот орган, кој ги утврдува и мерките и стандардите за информациска безбедност, кои треба да ги примени операторот.

Грижа на операторите е да водат сметка лицата чии комунакции се следат да не забележат дека се следени, што значи квалитетот на комуникацијата да биде на ниво, дури „операторите треба да обезбедат иста или поголема сигурност и квалитет на следената комуникациска услуга од сигурноста и од квалитетот на комуникациските услуги кои му се овозможени на лицето чии комуникации се следат.“

Законот за следење на комунакции (поставен на страницата на Министерството за информатичко општество и администрација) јасно пропишува дека „никој не смее без наредба на надлежен суд да врши следење на комуникациите, освен ако му се наменети или постои согласност на лицето или лицата што се вклучени во комуникацијата“.

Барање за следење на комуникацијата до надлежниот суд поднесува јавен обивнител, а судот може да издаде наредба и по предлог на овластено лице од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Барањето мора да ги содржи сите детали за лицето, потребата и целите заради кои се следат комуникациите, кои можат, според законот, да траат ограничено време.

Освен снимките кои досега ги објави лидерот на опозицијата, а тврди дека има уште многу, во оваа категорија влегуваат и снимките од средбата на Зоран  Заев и на Никола Груевски, во кабинетот на премиерот, кои сè уште собираат гледачи на „Јутјуб“, и покрај наредбата на Обвинителството, МВР да побара од мрежата да ги отстрани снимките.

Разговорот меѓу првиот опозиционер и Груевски е снимен во службените простории на премиерот. На прашањето, кој и зошто снимал сè уште нема одговор од ниту една надлежна иституција.

Во врска со ова, членот 12 од Законот за следење на комукации вели дека „истражниот судија (судија на претходна постапка-според новиот закон за кривична постапка, н.з.) ќе го одбие барањето за следење на комуникациите ако тоа се однесува на комуникациите на адвокатот определен за бранител со лицето чии комуникации се предмет на следење, на комуникациите што се вршат во службените простории на претседателот на Собранието на Република Македонија, претседателот на Република Македонија, претседателот на Владата на Република Македонија и на комуникациите што се вршат во службените простории на пратениците во Собранието на Република Македонија“.

Дали, според овој член од Законот, снимките во кабинетот на премиерот биле нелегално направени?

Од сите три компании што работат со мобилна и со фиксна телефонија „Ти-хоум“, „Оне“ и „Вип“, новинската агенција „Мета“ побара одговор на прашањето, а во врска со обвинувањето од Заев, дали тие навистина нелегално прислушувале граѓани. Одговор добивме само од „Вип“, од каде се категорични дека работат во согласност со законите во Реублика Македонија.

„Не поседуваме опрема за слушање, следење, чување, снимање, задржување или секој друг облик на пресретнување или надзор на комуникациите. Операторите се должни, во согласност со член 175 од Законот за електронски комуникации, да обезбедат соодветен интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до овластениот орган за следење на комуникации, за да се овозможи следењето на комуникациите во нивната мрежа, а во согласност со Законот за следење на комуникациите“, стои во одговорот што го добивме од „Вип“.

Од „Оне“ и „Ти-хоум“ и три дена откако им беше испратено прашањето по електронска пошта, не одговараат, а телефоните на лицата задолжени за медиумите ги исклучуваа нашите повици.

Покрај мобилната и фиксната телефонија, граѓаните на Македонија сè повеќе разговараат и на бесплатната мрежа „Вајбер“, чиј сопственик е „Фејсбук“. На 19 јануари, премиерот Никола Груевски се сретна со извршниот директор на компанијата „Вајбер“, Талмон Марко, директорот за технолошки развој на компанијата, Игал Магазник и Хирато Шинатро од компанијата за интернет-трговија „Ракутен“.

 


Охрид во аранжманите на најексклузивни светски туристички оператори


Охрид, 4 декември, 2014 - 14:48 (META) 

Македонската туристичка и летна културна мека, Охрид, се најде во туристичките аранжмани што ги нудат најексклузивни туристички оператори од светот, за 2015 година. Најчесто, тој е дел од понудата за балкански тури, во кои Македонија се нуди во туристички пакет со Косово и со Албанија, објави порталот „Охрид њуз“.

Еден од најстарите американски туристички оператори, „Кутрубс травел“ (Кutrubes travel) од Бостон, го нуди Охрид во рамки на балканските тури, но и во посебно креирана понуда „Македонска гурманска тура“ (Macedonia culinary tour). Тоа е 12-дневен аранжман, чија основа се македонската традиционална храна и вино, а освен Охрид вклучува и неколку други македонски градови.

Еден од најстарите туристички оператори од Велика Британија, „Експлор“ (Еxsplore), ја нуди Македонија преку 14-дневен аранжман, заедно со Албанија. Овој аранжман на веб-страницата на операторот стои со предзнакот „најпродавани“ (Best seller).

Познатиот туристички оператор „Перегрин“ (Peregrine), кој има седишта и во Европа и во Австралија, го нуди Охрид со 10-дневниот аранжман „Открите ги Албанија и Македонија“.

Застапеноста на Охрид кај ексклузивните туристички оператори, дава надеж за зголемување на бројот на странски туристи. Особено е добро што се нуди како дел од балканските тури. Зголемувањето на понудите за балкански тури во кои е застапен и Охрид, ќе значи многу за промоција на градот како туристичко место што ќе резултира и со зголемување на бројот на туристи.

Охрид е дел од балканските тури за сè побројните гости од Турција, како и од Далечниот Исток – Јапонија и Јужна Кореја.