!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Телеком Словенија се повлече од „ВИП“


Скопје, 10 ноември, 2017 - 19:35 (META) 

Телеком Словенија ја прифати понудата на Телеком Австрија и го отстапи својот удел во македонскиот телекомуникациски оператор „ВИП“ за сума од 120 милиони евра, објави словенечката берза.

Со купувањето на преостанатите 45 отсто од досега заедничката компанија „Оне.ВИП“, австрискиот телеком станува стопроцентен сопственик на операторот.

Компанијата беше формирана на 1 октомври 2015 година, кога беше напоменато дека останува можност Телеком Словенија да се повлече од заедничката зделка.

Доминантен сопственик на Телеком Австрија е Америка Мовил, компанија на Мексиканецот Карлос Слим, еден од најбогатите луѓе на светот.


АЕК ќе избира оператор што ќе обезбеди интернет во руралните места


Скопје, 14 јули, 2016 - 12:51 (META) 

Околу 10.000 домаќинства од рурални и најмалку населени места првпат ќе добијат пристап до интернет во рамки на универзалната услуга од оператор што Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) планира да го избере на тендер до крајот на годинава.

Директорот на АЕК, Сашо Димитријоски, појасни дека станува збор за домаќинства во населени еста за кои операторите немаа комерцијален интерес да инвестираат и да обезбедат пристап и пренос на податоци за да се обезбеди ефикасен пристап до интернет.

– Сега треба да добијат можност да се поврзат на интернет преку некоја фиксна или мобилна технологија во зависност од пристапноста и од конфигурацијата на теренот. Најчесто, тоа се области лоцирани далеку од урбаните средини и според теренските услови и густината на населението, не се атрактивни за инвестиции во некоја од безжичните или кабелските технологии за пристап до интернет – изјави Димитријоски.

АЕК планира да ги распише тендерот по завршување на јавната расправа во тек на која до 12 следниот месец може да се достават мислења, забелешки и предлози, а до крај на годинава да ги избере давателите на универзалната услуга.


Подметнат пожар во кабелски оператор во Виница


Виница, 31 мај, 2016 - 14:54 (META) 

Ноќеска изгоре целата опрема на кабелскиот оператор „ВИН САТ“, од Виница. Пожарот без интернет и телефон ги остави општината Виница, банките, училиштата и други институции, чиј провајдер е оваа компанија.

Во лимената барака, која се наоѓа во индустрискиот дел на Виница, пронајдено е пластично шише со траги од запаллива течност и црево во него, што според СВР Штип, упатува на тоа дека пожарот наверојатно бил подметнат.

Подигнати се траги за натмошна крим-техничка анализа. За време на пожарот била опожарена дел од опремата на кабелската телевизија. Шишето со бензинот најверојатно бил фрлен преку отворот за вентилација, велат од телевизијата.

Случаен минувач рано изутрината околу 5 часот пријавил во Пожарната во Виница дека забележал чад. Огнот само тлеел и не избувнал благодарение на тоа што веројатно немало доволно воздух, бидејќи просторијата била полна со опрема.

-Ако некој сакал да наштети, знаел како, бидејќи во бараката се наоѓаше централната опрема со која речиси целиот град се обезбедува со интернет, телефонија и кабелска телевизија. Сега се е парализирано – вели Ивана Тасевска од „ВИН САТ“.

Штетата се проценува, но првично се работи за огромна загуба, со оглед на тоа дека изгорен е целиот систем на провајдерот. Од компанијата оставаат на органите да утврдат кој го подметнал пожарот.

„ВИН САТ“ е прва и најголема кабелска телевизија во Виница и околните села. Има двајца сопственици. Едниот од сопствениците е во затвор повеќе време, како дел од случајотт „Детонатор“.