Најголем дел од буџетските пари за ОТА ќе се потрошат за плати и надоместоци


Скопје, 2 ноември, 2018 - 11:00 (META) 

Од почетокот на месецов и официјално почна со работа Оперативно-техничката агенција (ОТА), која ќе функционира како самостоен независен државен орган и ќе го надгледува следењето на комуникациите од страна на надлежните државни органи односно ќе обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и овластените органи, без можности за активирање или спроведување на снимањето на следените комуникации.

Со ребалансот на буџетот, кој е во собраниска процедура за новата агенција се одвоени 3,26 милиони денари (околу 53.000 евра).

Од оваа сума, за плати и надоместоци се предвидени 2,2 милиони денари (35.700 евра), а останатата сума од околу милион денари (17.000 евра) се предвидени за набавка на стоки и услуги односно за патни и дневни расходи, комунални услуги, греење, комуникација и транспорт, материјали и ситен инвентар, поправки и тековно одржување, договорни услуги и други тековни расходи.


Директорот на ОТА: „Бомбите“ никогаш нема да се повторат


Скопје, 1 ноември, 2018 - 14:44 (META) 

Директорот на новата Оперативна техничка агенција (ОТА) Зоран Ангеловски, соопшти дека Агенцијата, која ја презема опремата за прислушување од УБК и која ќе ја има контролата врз следењето на комуникациите, денеска официјално почнува со работа во полн капацитет.

На заедничката прес-конференција во Владата со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Ангеловски рече дека контролата врз работата на ОТА ќе биде повеќестепена, од собраниска комисија, од граѓански организации и експерти, со една цел – да не се дозволи никогаш повеќе да се врши незаконско прислушување.

– Ве уверувам дека „бомбите“ никогаш веќе нема да ни се повторат – изјави Ангеловски на прес конференцијата, додавајќи дека во Македонија сега нема незаконско прислушување.

Тој објасни дека ОТА е професионална агенција и целосно независно тело. Сега располага со технички кадар преземени од  МВР односно четири лица од Бирото за јавна безбедност и тројца од Управата за безбедност и контраразузнавање.  Најави дека останатите вработени ќе се изберат преку конкурс. За досега вработените, Ангеловски рече  дека поминале низ проверки дека не биле дел од аферата со прислушувањето, за што било консултирано и СЈО.


Познати имињата на членовите на групата за реформи во УБК


Скопје, 19 октомври, 2018 - 10:21 (META) 

Министерството за внатрешни работи формиралo работна група за реформите во Управата за безбедност и контраразузнавање, чија цел е да создаде професионални, департизирани, транспарентни агенти кои ќе ги штитат граѓаните и државата. Групата се состои од 32 лица, а во неа се вклучени претставници од државни институции и невладини организации, пишува „Порталб.мк“.

Дел од работната група за спроведување реформи во УБК се и Народниот правобранител, Иџет Мемети; претставникот на Оперативно – техничката агенција (ОТА), Зоран Ангеловски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје; Гордан Калајџиев од Хелсиншкиот комитет за човекови права во Република Македонија; претставничката на НВО „Аналитика“, Магдалена Лембовска; како и Александар Стојановски од „Еуротинк“.

Од пратениците, ќе учествуваат тројца – Емилија Александрова од  собраниската Комисија за надзор над работењето на Управата за безбедност и контраразузнавање и Агенцијата за разузнавање, Фросина Ташевска – Ременски од собраниската Комисија за одбрана и безбедност, како и Зоран Илиоски од Комисијата за надзор на спроведувањето на посебната истражна мерка за прислушување на комуникациите од страна на МВР, Управата за финансиска полиција, Царинската Управа и Министерството за одбрана.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе бидат вклучени 12 членови:  Силјан Аврамовски, Славјанка Петровска, Сашо Тасевски, Ариф Асани, Даниела Јаковлевски – Ѓоршоска, Сашо Трајковски, Нухи Незири, Весна Доревска, Снежана Петровиќ – Арсовска, Светлана Влаховиќ – Димановска, Тони Станковски и Виолета Влаховиќ.

Претставник на Министерството за одбрана во Работната група за реформите во Управата за безбедност и контраразузнавање е Горан Василевски, а од Министерството за финансии тројца: Благоја Крстевски од Царинската управа, Блажо Трендафилов од Управата за финансиско разузнавање и Јане Шилев од Управата за финансиска полиција.

По еден член имаат Врховниот суд на Република Македонија – Рахилка Стојковска, од Основното јавно обвинителство – Влатко Георгиевски, од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Вилма Рускоска, од Специјалното јавно обвинителство – Атанас Гинев, од Агенцијата за разузнавање – Зоран Иванов, од Управата за безбедност на класифицирани информации – Стојан Славески, од Управата за заштита на лични податоци – Валентин Ветаџокоски и Игор Кузевски, пренесува Порталб.мк.

Овие 32 членови на работната група за спроведување на реформи во УБК имаат обврска најдоцна до 15 ноември до Владата да го достават предлогот на моделот за реформи во системот за безбедност и разузнавање и планот за развој.

„Цел на оваа работна група е преку еден широк процес на консултации да и го предложи на Владата најдобриот и најсоодветниот модел за реформи“, велат од МВР.

Инаку, поради скандалот со незаконските прислушувања, што предизвика политичка криза, во текот на месец октомври до 15 ноември 2018 година, во Македонија ќе се одвива консултативниот процес за избирање на новиот функционален и реформаторски модел на УБК. Оттука, прислушувањето нема да биде под надлежност на УБК, туку истото ќе биде раководено од Оперативно – техничката агенција (ОТА).

Трите модели за кои се дискутира се дел од анализите на проектот ,,Консолидација на безбедносниот систем“, под покровителство на DCAF ( Женевски центар за демократска контрола на вооружените сили).

Целта на оваа Меѓуресорска работна група е преку широк консултативен процес на Владата да и предложи кој е најсоодветниот модел за реформа.

Засега, во опција се три модели:

1. Да остане досегашниот модел, со кој УБК ќе биде дел на МВР.
2. УБК да се одвои од МВР и да биде независен орган и инститиција.
3. Да се поврзе УБК со Агенција за разузнавање и да се формира посебен орган на државната амдинистрација.


Директорот на Агенцијата за следење на комуникациите (ОТА) ќе го избира Собранието


Скопје, 26 ноември, 2017 - 14:32 (META) 

Со новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) преку која ќе се врши следењето на комуникациите ќе раководи директор што ќе го избира и ќе го разрешува Собранието, стои во предлог-законот за новата агенција, кој наскоро треба да се најде пред пратениците.

Директорот, како што е наведено во законот, ќе се избира преку јавен оглас.

Неговиот мандат ќе трае пет години, без право на повторен избор.

Според членот 8 од законот, „функцијата директор се врши професионално и е неспоива со извршување на друга јавна фунција или функција во политичка партија“.

Директорот ќе доставува до Собранието годишен извештај за работата на ОТА за претходната календарска година, најдоцна до крајот на март во тековната година, а ќе има обврска, на барање на законодавниот дом, да доставува и дополнителни извештаи.

Во агенцијата ќе има три групи на работни места, односно раководители, стручни работници и оперативно-технички работници.

ОТА, која ќе биде независен и самостоен државен орган, ќе има задача да го активира сигналот и да им овозможи на органите овластени за следење на комуникациите пристап до податоците од комуникациско-информациските системи на операторите. Таа ќе ги координира операторите и службите овластени за следењето и ќе врши надзор врз операторите.

„За овозможување на непосредно активирање и техничко управување со мерките за следење на комуникациите, како и овозможување пристап до податоци од комуникациско-информациски систем, се основа Оперативно-техничка агенција како самостоен и независен државен орган“, стои во членот 2.

Како што е наведено во законот, овие одредби ќе почнат да се применуваат најдоцна до 1 ноември 2018 година.